September 20, 2018

Првата сезона на Castle Rock

Се токмев да пишувам за Castle Rock уште од денот кога излегоа првите три епизоди наеднаш. Не мислев дека толку ќе се навлечам на серија потпишана од Стивен Кинг и Џ.Џ. Абрамс. Двајцата имаат историја со тензични мистериозни материјали, па иако не сè што допреле допрело и до мене, бев љубопитен да проверам каков ќе биде плодот на нивната соработка во таков контекст. Барем во името на она што мене лично ми значат некои од нивните претходни дела.

Не сум најголемиот обожавател на Стивен Кинг, уживател е можеби поадекватен опис. Сум прочитал неколку негови книги, ми се свиѓаат и некои од адаптациите на истите, го почитувам како автор, ама не сум доволно упатен за да тврдам дека сум запознаен со обемната митологија која ја создава и служи како осонова за Castle Rock. Серијата има оригинална приказна сместена во истоименото градче кое доаѓа од страниците на многу од неговите книги. Иако е наводно преполна со ситни референци од светот на Стивен Кинг, јас успеав да ги препознаам само "најголемите".


Затворот Шошенк е очигледно сместен во Кесл Рок и токму таму почнува дејствието. Бев малку скептичен околу изборот баш таква култна локација да биде централна фигура во сосема различен жанр, но ете сепак соодветно е вметната со функционална автономност. Другата работа што можд да ја спомнам без да ја расипам целата приказна е дека во подрумските некористени простории на Шошенк ќе најдат млад дечко затворен во кафез со енигматичен идентитет и потенцијал дополнително да го наруши спокојот на и онака непријатната вукојебина. 

Затоа ќе мора да си помуабетиме за другите аспекти. Мало запуштено градче кое изгледа како во секој момент дека ќе биде завиено од олуја не е нов елемент во наративи кои мистеријата е главното ткиво. Сме го виделе многу пати. Жители со сомнително минато, непознати странци, невообичаени матни ситуации... тема многу пати цедена што некогаш ќе го свртиш погледот на друга страна. Но, Castle Rock не ти дозволува да се одлепиш уште од првите сцени кога ќе те соочи со прекрасната кинематографија и пејсажи. Дури отпосле те запознава со мистеријата што дополнително ќе оневозможи да трепнеш и ќе те држи на штрек од недела за недела.

Castle Rock се отплеткува споро низ секоја ситуација и лик и успева да направи многу работи во прилично стегнат простор. Иако тонот го држи константен низ целата сезона, приказната ја разгранува во бројни насоки што ќе ти овозможат часови во шпекулирање, теоретизирање и размислување. Сакам кога серија останува со мене и откако ќе заврши епизодата и Castle Rock е баш една од тие. Доколку сите десет епизоди излезеа во еден ден, верувам дека немаше да направам пауза од гледање. 

Како и со секој сличен материјал, финалето на првава сезона не успеа да ги задоволи сите. Кога држиш нешто завиено до крај, а претходно често пати си нудел неочекувнаи пресврти и несигурни насоки за публиката, нормално е дека "големото откритие" нема да ти се поклопи со сечија замисла. Јас лично сум задоволен и од откритието и од исходот, но пред сè од начинот на кој беше презентиран и завиен под пласт специфичен за рамките во кои се одвива сето ова. Ништо директно и ништо на тацна, ама тука е присутно кога ќе погледнеш добро.

Покрај феноменалната музика, низ Castle Rock шетаат и исклучително квалитетни актери. Од кај се појави овој Бил Скарсгард, сериозно? Уште го немам гледано новиот It, и таму ли е вака добар? Успева секоја сцена да ја украде дури и во моментите кога присуството му е минимално. Секако и самиот лик што го глуми е очигледно така осмислен, ама перформансот му е извонреден и кога едвај зборува нешто. Веројатно е само прашање на време кога продуцентиве ќе почнат да го експлоатираат низ секакви филмови и серии како Бенедикт Камбрмбрмбеч.

Серијата е планирана да биде во антологиски формат и ова го дознав откако се понадевав дека втората сезона ќе го насочи фокусот на некои прашања чии одговори ми останаа малку матни. Има една сцена на крај која можеби најавува како би продолжила серијата во втората сезона, меѓутоа во моментов не е ништо официјално. Изненадувачки е што ова испадна таа серија што не сум ни мислел дека ми е потребна во животот. Дефинитивно е една од поквалитетните во последниве неколку години. Се надевам дека и следната ќе биде вака стегната, слоевита и интригантна.

No comments: