December 12, 2015

Толку од Alien: Isolation

Ја завршив Alien: Isolation. 20 саати, десетина кутии цигари, два дијазепама, многу пропуштени повици, неколку литри кафе и еден пар измочани гаќи. Умирав повеќе пати од што можам да избројам, и во играта и во себе, малку од возбуда, малку повеќе од страв кога останав без оружја некаде на средина поради тоа што сценариото е такво зошто SEGA мислат дека ситуацијата не ти е доволно деликатна. Но, Аманда Рипли е на безбедно место, барем побезбедно од гнездо на Ксеноморфи, а после постов и ти ќе си на сигурно од моите муабети за играта. Да, ова е најдобрата Alien игра што моментално постои и веројатно ќе биде така додека не се најде јунак што ќе финансира продолжение. Со само два милиони продадени копии, не верувам дека SEGA ќе се осмелат да обезбедат нов солен буџет.


Од минатиот пат кога пишував за Isolation, до конечното комплетирање, ми се одговорија сите прашања, бев на најгрозното место во игра, ја чув пораката на Елен Рипли и имам каков-таков тренинг за преживување ако некогаш се најдам во реална ситуација која инволвира слепи, лигави чудовишта со бодликави опашки. Еве ти бесплатен совет, не трпат оган. Не можам да гарантирам дека успешно убив Ксеноморф, но понатаму играта ти нуди неколку опции за ги избркаш од тебе во некоја тесна вентилација на краток период. Бегаат и ако им фрлиш молотов директно во глупавата фалусоидната глава. Нормално, после се враќаат за да ти приредат нови кошмари, ама барем ќе си купиш некоја минута раат, колку да рестартираш некој генератор за струја што ќе ти обезбеди влез во просторија кај што ќе те демне некаков друг неспокој.


Isolation до крајот повторно се врзува со филмовите, нудејќи слично искуство и ситуации. Мислам, Alien игра е, очекувано е сосема, но не мислев дека ќе имам мисија каде што треба уништам гнездо со јајца и да трошам куршуми и бензин на Фејсхагери и да ги затекнам жителите на вселенската станица Севастопол заробени како во Aliens. А, во една од мисиите Аманда комуницира со вештачката интелигенција на Севастопол, APOLLO во слична сцена со онаа со Елен и MOTHER. Тука дознаваш зошто андроидите се обидуваат да те убијат тебе и останатите несреќници. Изненадување, имаат наредба да заробат жив Ксеноморф. Не знам како уште од самиот почеток помислив на ова, тоа е речиси секогаш главната алчна мотивација на проклетата Weyland-Yutani компанија. 


Да не ја расипувам приказната со детали (хех, веќе ја расипа, клетнику), ама ова би било одлично за на филм, иако е јасно дека никој не би го правел баш истово два пати. Го содржи сето она што ги прави првите два тоа што се, а во исто време служи и како мостот измеѓу. Најдобар третман на универзумот на медиум што е различен од филмска лента. Можеби тајмингот за очекуваниот финансиски успех беше промашен, меѓутоа Alien: Isolation нема ниту една маана. Апсолутно ремек-дело. Совршениот организам. 

Играта нуди и survivor mode каде што истото можеш да го правиш на изолирани делови од Севастопол додека се тркаш со времето, како и неколку DLC-a кои ги пропуштив за смешна цена на попустот пред некоја недела, но сега и онака планирам асално да седнам на The Witcher 3: Wild Hunt, така што ќе се одморам од авантурите во клаустрофобични станици забутани во некое непријателско вселенско ќоше.

December 10, 2015

Уште Желки

Продолжението на ланскиот Teenage Mutant Ninja Turtle филм си ја покажа главата од оклопот со првиот трејлер. Баш деновиве ми текна на ребутираниот кец додека листав некои филмови за трезнење, ама тотално имав заборавено дека ќе има нов. И, тоа во јуни 2016, една недела пред Warcraft. Само да ми ја видеше фацата кога се појавија Рокстеди и Бибоп во трејлеров, онака скроз неочекувано. Од Кренг нема никаква трага и покрај гласините што се одамна во оптег, ама затоа конечно ќе ги има Шредер, Кејси Џонс и Бакстер Стокмен. Очигледно е дека продолжението се обидува да флертува со постарата генерација фанови (фала, фала), иако во суштина пак ќе биде наивен филм за деца и тинејџери напалени на Меган Фокс (фала, фала). 


Претходниот ми се свиѓаше, беше баш како што си ги сакам Желките. Не сум налетал на Нинџа Желки варијанта што ми била досадна, па не гледам како може уживањето да ми биде скратено во Out of the Shadows. Да, напумпаната акција, сцените милион пати видени до сега (камион се превртува со предниот дел), клишеата во дијалозите ("Кое копче, има милион копчиња?") и недораснатиот хумор се пристуни и во две-минутниот трејлер, но кога се работи за факинг хуманоидни желки можеш да си го одмориш цинизмот малку. Сигурно не очекуваш сериозни, темни претензии како во Dawn of Justice? Ако новиот трејлер кај што го раскажаа цел филм не те убеди за пропорциите на срањето што лета кон твојата генерална насока, не знам што повеќе на таа тема. И Нинџа Желки е можеби со слична количина на квалитет, со тоа што од тука истекува чиста забава. За разлика од Вондер Воман.

Се израдував до тој степен што во моментов ми се симнува Turtles Forever што најверојатно нема ни да го гледам деновиве, ама нека си стои. Одличен цртан, еве ти препорака, опфаќа неколку универзуми/периоди од постоењето на Нинџа Желките, создаден по повод 25 години од франшизата. Ако стигнам да го изгледам, ќе се потрудам и да пишам нешто додека не ми изветреала возбудава.

December 6, 2015

Ајде пак за Prometheus

Пак го гледав Prometheus, после три години. Мислев дека ќе можам да напишам нешто без да се повторувам, но не. Филмот не само што не успеа да ме предомисли на оваа втора средба, туку вака застанат до свежо изгледан Alien, фрлa појако светло кон старите пукнатини. Пред неколку години, одбрав да верувам дека ова ќе биде најдоброто научно-фантастично остварување во поновата историја на жанрот, па завршив во неколкудневна агонија од очајот кој што беше. Мотивот за оваа нова шанса ми дојде од актуелниот период на возбуда околу Alien франшизата и обликувањето на новата трилогија за која овојпат сум подготвен со повнимателен пречек. Или ако сакаш попрецизно и едноставно, да го одржам свеж хејтот кон филмот.

Инженерот, накурчен од глупите ликови, ја напушта сцената

Главниот проблем на Prometheus се ликовите преку сценариото на Линделоф, кој замисли, уште е вработен и покрај бруталното силување на дијалози. Единствениот хорор во Prometheus е баш ова. Иако и Ридли Скот ја дели вината, или кој и да одлучил на важна вселенска мисија да испрати екипаж кој очигледно не се познава меѓусебе, ниту со работодавците, онака прост џган собран од улица, пишувањето на Линделоф е еквивалент на болката што ја чувствуваш кога ти избива малечок Осми Путник од градниот кош.

Вториот проблем е што филмот претендира да отстапи од Alien универзумот, меѓутоа упорно гравитира околу истиот, а по некое време сите тие референци стануваат напорни и ја прават наводно поинаквата перспектива крајно досадна. Се сопнува на стварите од кои се обидува да побегне. Можеби некаков посуптилен пристап би бил поефективен, но тогаш на што би се потпрел филмот? На "големите идеи" кои ги уфрла од воздух без никаква поткрепа? Ликовите доаѓаат на ист начин до секакви заклучоци, мотивите се смешни и неиздржани, а реакциите им се бизарно нелогични. Истите тие се средството кое треба да го пренесе концептот и тука се случува тој колапс, на помалку од пола саат од почетокот на филмот, па не ти остава простор да најдеш цврст искупувачки фактор. Визуелните ефекти се убави и пристојни. но со нив Скот не успева да покрие многу. 

Prometheus постојано гради нешто во позадина и никогаш не достигнува никаков климакс. Тензијата е комплетно отсутна, а погоди зошто - зошто во ниеден момент не ти е битен ниту еден лик и не навиваш за баш никој. Дури ни тие неколку пресврти не се доволни да ја разиграат целата негова линеарност. Единственото ново што се труди да ти го продаде се само излитени егзистенцијални мастурбации. Останатото е разводенета формула, дериват создаден од првите минути на Alien

Ако некогаш постоела намера да се одговорат сите прашања што филмот ги поставува, мислам дека и самиот Ридли Скот е свесен дека на никој веќе не му е гајле. Ниту пак Prometheus успеа да создаде публика што нетрпеливо ќе ги очекува. Метата е промашена, па сега лебедовата песна ќе ја понуди како друг приквел, со амбиции за трилогија. Простор има, но дали има и интерес?

December 3, 2015

Преживување во Alien: Isolation

По два-три месеци натегање и ребалансирање на сопствениот џеб, конечно склопив нова гејмерска машина на која ќе може да си ги дозволам задоволствата од насловите што излегоа оваа и кон крајот на минатата година. Верувам дека одлуката ќе ми ги овозможи и тие што доаѓаат во следните неколку. Alien: Isolation ја купив пролетоска и бев како тажното дете што има дискети, ама нема Нинтендо. Чекањето ми се исплатеше. После десетина саати играње, впечатокот е дека ова е една од најдобрите што некогаш сум ги играл, сè што се надевав дека ќе биде.


Играш со ќерката на Рипли, Аманда, петнаесет години по настаните од првиот филм. Логовите на Ностромо се пронајдени и се чуваат на вселенската станица Севастопол каде што Аманда со нејзиниот екипаж заминува да ги земе за да открие што се случува. Ја затекнуваат вселенската станица на раб на колапс, со едвај неколку преживеани и неидентификувано суштество кое е главниот осомничен за хаосот. Твое е да најдеш начин да останеш жив покрај опасноста која демне од секое темно ќоше на ладниот Севастопол. Не е проблем само Ксеноморфот, кој патем не можеш да го оштетиш, можеш само да бегаш, да се криеш и повремено да ја мокриш столицата на која седиш додека играш, туку и андроидите кои се репрограмирани да те убијат тебе и останатите живи луѓе, кои замисли, исто така ќе посегнат по тебе кога ќе те забележат. Андроидите се посебен кошмар, верувај.


Гејмплејот се базира на тоа. Остани жив. На располагање имаш места кај што можеш да чекаш додека го држиш здивот, некогаш и предолго, во зависност од тоа што те ставило во таква ситуација, да користиш слаби оружја колку за да најдеш друго место за криење зошто секоја бука ќе го навлече ебаниот Ксеноморф кон тебе и да правиш разни бомби и срања што ќе ти го продолжат мизерниот опстанок. Атмосферата е феноменална, од дизајнот на Севастопол, музиката, осветлувањето, сè наликува на евентуалното дете помеѓу Alien и Aliens, нешто што ниту едно филмско продолжение во франшизата не успеа да го постигне.  Во ниту еден момент не си мирен, еден погрешен чекор може да биде фатален, а исто така секоја следна акција мораш добро да ја промислиш зошто ресурсите кои те одржуваат во игра ти се многу лимитирани. Практично, ова е најблиското нешто до симулација за преживување на Ксеноморфи што ќе го добиеш. 


На почетокот ми изгледаше дека играта ќе ме држи за рака додека играм, сценариото е скриптирано, слободата низ мрачните ходници на Севастопол ти е прилично ограничена, но набргу ќе сконташ дека си оставен сам на себе, сопствената брзина, рефлекси, вештините се прикрадување и повремено колегите од бродот кои само ти создаваат дополнителни проблеми. Нема апсолутно никаква милост. На еден дел од мисија, потрошив два саати додека стигнам од точка А до точка Б без ништо да ме грабне од таванот или дa ме распарчи од зад грб. 


Некаде сум до пола. Барем според бројот на мисии што ги изиграв. Временски, немам претстава уште колку, зошто некогаш ќе заглавиш долго. Играта е вистински предизвик, тешка е, но баш тука е забавното. Искуството е прекрасно, не сум бил вака вознемиран од игра до сега. Ниту од амбиентот, ниту од фрустрациите што ги предизвикува гејмплејот. Еден од најмоќните моменти до сега беше флешбек мисијата на LV-426 каде што играш со член на екипажот кој оди по чекорите на Ностромо. На истото место си како во филмот, доаѓаш до Инженерот и доаѓаш до сигналот што всушност го носи Ностромо на таа проклета месечина. Незаборавно доживување. 

Можеби пристрасно пристапив кон Alien: Isolation, чекањето веројатно придонесе за искуството да ми биде поинтензивно, меѓутоа е една од оние игри за кои имаш желба да ги почнеш одма отпочеток во моментот кога ќе ти завршат. А, не сакаш да завршат.

November 27, 2015

Skyrim е најдобрата RPG игра на сите времиња

Во секој момент го очекувам повикот што ќе го замени ова античко РС во собава со многу, многу помоќно, кое ќе ја комплетира мојата следна трансцеденција во Господарската раса. Конечно ќе можам да ги играм игрите од годинава што оваа древна правосмукалка нема капацитет да ги издржи. Океј, да не сум престрог, ме служеше добри пет години, но дојде време за конечна пензија. Неделава имам неколку слободни денови измеѓу старата и новата работа, па имав време да се поздравам со старава машина со игри што уште може да ги вози со целата нејзина сила. 


Играм Skyrim. Пред точно четири години го правев истото, многу поопсесивно и посветено зошто очигледно имав далеку повеќе слободно време. Последниве две години откако ја купив Legendary Edition знам да потрошам неколку саати на бркање елени и собирање пеперутки, ама никогаш до сега не ја видов содржината на Dawnguard иако на секое ќоше низ Скајрим некој загрижен тип се обидуваше да ме информира за некаква вампирска закана. Океј ајде, херој сум или што ли сум, имам и онака испоубиено сè е сешто низ игриве, решив да бидам корисен. 


И, станав вампир. Не по своја волја додуша, зошто не сакам да сум ебен вампир во Скајрим! Зошто би сакал да сум вампир, зошто? Доволен товар ми е што сум Довакин, не можам бидам и вампир. Притисокот беше преголем, па тргнав да го барам лекот. Патот ме однесе до Мортал каде што сомнителен лик ми вети дека ќе ми помогне и ми продаде некој црн скапоцен камен каде што треба да соберам нечија душа за конечно да ми ја тргне клетвата што сосема непланирано ме снајде. Но, во меѓувреме... Во меѓувреме ми проработеа вампирските сетила и неконтролираната жед за крв, а во Мортал беше тотален мрак. И, се нагостив. Ги начекав кутрите граѓани на спиење и се хранев. Се хранев како дебела девојка на диета со ќебапи. Во моментов уште сум крвоцицачки вампир со црниот камен во џеб и криза на идентитет. Не сакам да сум вакво суштество на Ноќта, ама добро си пројдов онаа бурна вечер во Мортал. 


Dawnguard има супер приказна, бар од тоа што малку успеав да го ѕирнам. Уште сум на почеток, спасив некоја вампирка што ме однесе во некој култ кај што пробаа да ме регрутираат, ама се заблагодарив и отидов да ги предадам, зошто кај ме најдовте мене за вампир... Сега треба да соберам неколку луѓе и веројатно ќе одиме да ги ловиме. Додека шетав низ Скајрим, завршив неколку квестови што очигледно ги немав завршено второво играње и се присетив како ме оставија со вилицата на тепих првиот пат. Квестот со насочувањето светлина во подземната руина Мзлуфт е еден од најдобрите што сум ги видел во игра.


Сигурно во моментов има триста дискусии зошто Wild Hunt е подобра од Skyrim, ама уште чекам да ја играм. Немам некој валиден аргумент против, ама еве тоа што Skyrim не ми нуди предефиниран лик во трето лице може да смета како било каков аргумент? Ќе зборам наскоро за ова што ми е на листа за играње. До тогаш Skyrim останувва најдобрата сингл-плеер RPG игра што ми поминала на раце. Целата таа слобода, насоките што можеш да ги избереш, начинот на кој ќе ја играш, деталите на светот, нарацијата на приказната, бркањето на елени, бегањето од змејови, саатите поминати во читањето на книгите што си ги наоѓал низ светот.

Искуството е незаборавно. Цело време имаш чувство дека светот живее и кога не си таму, дека се развива и напредува.  Нивото на имерзија е ненадминливо. Барем јас не сум осетил слично во друга игра. Се надевам ако не The Witcher 3, дека барем Fallout 4 ќе ми приреди нешто вакво деновиве.

November 26, 2015

Сivil Wаr на Марк Милар

Кога пред седум години првпат читав Civil War најоптимистичката желба ми беше да ја видам приказната во некаква анимирана адаптација. Ни на крај памет дека суперхеројскиот тренд ќе земе таков замав после години и дека конечно ќе дочекам филмска варијанта на мојот омилен Marvel ивент. Трејлерот за Captain America: Civil War е тука, и иако различен од она што е на хартија, изгледа како да се поклопува со суштината и идеите на Марк Милар. Стрипот е пообемен, таму се сите популарни тимови и херои, а за жал Marvel Studios ги имаат филмските права за само дел од нив. Но, некако сакам да верувам дека ова сепак ќе е тој дефинитивниот филм, што ќе удри печат на сè што правеа последниве години. На крајот, доволно сум пристрасен да уживам во еден од последните суперхеројски филмови за кои ми остана ќеф да ги изгледам. 


Немав време за да ги поминам сите стотина броеви кои ја надополнуваат Civil War приказната, па ги пројдов само главните неколку. Искуството не е исто без деталите околку, меѓутоа содржината е сосема доволна да го покрие примарното - војната која избива помеѓу оние кои се обидуваат да го одржат редот, криејќи ги своите идентитети со маска. Откако аматерска позерска група суперхерои ќе проба да го превземе законот во свои раце ловејќи негативци кои се преголем залак за нивните способности, се случува инцидент со стотици недолжни жртви по што јавноста бара официјално регулирање на суперхероите. Старк смета дека ова е логичен чекор во насоката на функционирање, но Кеп ја брани тезата дека тоа би било напад врз нивниот интегритет и слобода. Актот за регистрација поминува и сите оние кои одбиваат да се приклучат завршуваат на спротивната страна на законот. 

Бруталната војна ги вкрстува групите кои ги предводат Кеп и Старк, наведувајќи ја публиката да одбере страна за која ќе навива, но реално не постои вистински избор бидејќи Милар има еднаков третман за двете. Двајцата се во право и се обидуваат да го одбранат тоа до крај, а сепак сивата теоријата некогаш е невозможно да ја забележиш. Додека играат "кој прв ќе попушти", има жртви и од двете страни. По тие седум броеви, кои претежно се сконцентрирани на самата војна, па приказната се одвива брзо и тензично, има уште една голема жртва која ако добро разбрав ќе ја видиме и во филмот. Не може таква војна без последици, а според филмскиот план на Marvel сосема има смисла. Но, да не се расфрлам со спојлери. 

Civil War е феноменален. Ако имаш време одбери и други наслови од ивентот (не мора сите, има некои што не се толку интересни) освен главниот, и фрли се на читање. Вистинско уживање е да видиш како изгледаат Авенџерс, Икс-Мен, Фантастик Фор и Панишер кога се закрвени. Се надевам дека не е предоцна Панишер и Дердевил да имаат мало камео во филмот доколку дозволи приказната, зошто и онака се дел од тој универзум. Не барам затвор во Негативната Зона, тоа сигурно нема да се случи, но една сцена со нив би била совршена.

Види такоѓе:

November 24, 2015

Девет години Crapwerk

Имам 27 години, една третина оставив овде. Не знам како дојдов до ваква симбиоза со Crapwerk. Ова е мојот тоалет каде што вршам нужда со ширум отворена врата за сите да видат. Така било од првиот ден и ќе остане така до денот кога ќе се изгасне светлото. Никогаш претходно не сум бил инспириран како овие месеци, ја гледам бројката на постовите од последнава година и сфаќам дека сум се распукал по тастатурата посилно од полуреализиран новинар што преведува бајати статии за забавен македонски портал.


Од крајно субјективна перспектива, Crapwerk ми е интересен документ за личниот развој низ годините, макар и преку поп културата. Сакам некогаш да разлистам назад, да се посмеам на некоја стара верзија на мене, да се потапшам гордо по рамо ако сум заслужил, а некогаш и просто да си носталгичарам. Кога почнав да пишувам, ми требаше само виртуелниот простор кој ми исчезна со последните форуми, никогаш не помислував дека ќе се претвори во дневник што не сум успеал да го скријам под кревет.

Девет години подоцна, разликата е и бројот на луѓето што доаѓаат да ѕирнат што се случува. Беа двајца во раните години, сега групата е повеќецифрена и присутна секојдневно. Фала ви на сите што се затекнавте и останавте тука, дозволувајќи моите често несмасни зборови да допрат до вас. Се надевам дека ќе се читаме и понатаму.

Од последниот роденден на Crapwerk до денес, напишав околу 150 постови. Следуваат петнаесет кои добија најмногу кликови и внимание.


November 23, 2015

The Маn From U.N.С.L.Е. (2015)

Има еден неофицијален жанр на филмови, се вика "за во недела". Не дека не се за било кој друг ден, меѓутоа во недела се многу поефективни зошто полесно можеш да си ги спуштиш критериумите во име на два саата лежење и зјапање во слики што мрдаат. The Man From U.N.C.L.E. е баш таков. Нуклеарки, нацисти, американски, британски и руски тајни служби за време на Студената војна, во акциона комедија која е свесна за тоа што е, а недостатоците симпатично ги маскира со фин визуелен стил и финти што можеби ќе ги памтиш и следните три дена. Не успева да пробие над просекот, ама барем нема да си го бараш назад потрошеното време. 


Филмот е адаптација на истоимената серија од 60-ти, каде што врвни агенти на неколку тајни служби работат заедно во интернационалната приватна агенција U.N.C.L.E. Бонд влијанието е премногу очигледно, серијата била прикажувана во времето кога баба ти воздивнувала на Шон Конери, но Гај Ричи за филмот се потрудил да му даде поинаков тон од денешниот Бонд, па претпоставувам оттаму е и тој благ noir, кој за жал е недоволно искористен. Исто како и самите ликови. Некогаш нивните карактери си ги склопуваш по сопствена претпоставка зошто филмот ги нуди во резервирана доза, но за среќа дејствието е брзо и интензивно, па ќе ти го одвлече вниманието. Покрај тоа, недела е, и онака те мрзи да го изгасиш за да пуштиш друго со сличен квалитет. 

Хенри Кавил не знае да глуми. Изгледа одлично на слики како Супермен, но напорот што го прави не е поголем од оној на манекен во реклама за парфем или долна облека. Не знам каков филм му е потребен за да му го потенцира евентуалниот актерски квалитет, но дефинитивно не се снаоѓа со суперхерои и тајни агенти. А, бил на аудиција и за Бонд. Арми Хамер го гледам првпат. Има ужасен руски акцент, дискутабилна харизма и изгледа како да му се смешни сериозните реплики што Гај Ричи му ги дал да ги научи и пак успева да е подобар од Кавил. Единствената светла точка во целата екипа е Алисија Викандер од Ex-Machina. Сите ограничувања што тој филм ѝ ги постави, тука ги нема и најпосле доаѓа до израз нејзиниот талент. Браво. Можеби само изгледаше подобро во однос на другите околу, но успеа да ми остави добар впечаток.

The Man from U.N.C.L.E. не е ни меѓу најдобрите филмови од оваа година, не е филмот што не се пропушта, ама ако имаш избор помеѓу ова и Ant-Man, не се мисли понатаму. Гледај го U.N.C.L.E. два пати ако треба, само држи се настрана од Ant-Man. Симнати ти се двата, знам, веројатно во ист ден.

November 19, 2015

Четвртата сезона на Ноmeland

По одличната трета сезона и првата епизода од четвртата, воопшто не се сомневав дека Homeland ќе успее да изгради идентитет без Броди. Да, Броди беше клучен лик во првите две сезони, суштински аспект на кој се темелеше серијата, меѓутоа продуцентите решиле дека сепак главниот фокус е националната безбедност, без разлика од каде доаѓа заканата. Уште не проверив зошто се случи тој исчекор, но после толку години, веќе е небитно. Додека Homeland успева да го одржи задоволителното ниво на квалитет, немам проблем. Предизивикот за приказна во која Броди е комплетно отсутен е секако голем, но кога успешно ќе се справиш со тоа, доаѓаш до мирна пловидба. Која некогаш e општ хаос во Исламабад. Ајде, ќе пробам без спојлери...


Постерот за четвртата сезона ми створи малку погрешни очекувања. Немав апсолутно никаква претстава за тоа што ме очекува, па мислев дека има нешто поочигледно во постерот, дека Кери ќе се инфилтрира во некакви џихадистички ќелии, но промашените сугестии ми приредија уште позабавни моменти. Трудот за да се даде некаква цврста причина на сезоната е очигледен, па провокативниот фактор и целата контроверзија се вклопуваат природно и покрај тоа што во неколку наврати осетив дека можеби ќе стапнат во некоја евтино исфорсирана територија, чисто за да се задржи шокирачката вредност. Но, Homeland не се служи со такви проѕирни трикови, туку сите делчиња совршено се вклопуваат.

Самиот почеток директно го разнишува американскиот столб на полу-непријателската територија, со воздушен напад на свадба каде што мета е озогласен терорист кој можеби не ни бил воопшто таму, а е причината за огромна колатерална штета и заебан автогол. Пресвртите демнат од секое ќоше на тензичната приказна, интригите се забиени во секоја пора од размрданите структури на ЦИА и ИСИ, па буквално не можеш мирно да издишиш. Пламенот е многу поинтензивен него претходно, па сите мерки се целосно оправдани. Можам да замислам колку добро телевизиско искуство било ова за сите што чекале по една недела за нова епизода.

Клер Дејнс е моментално најдобрата актерка во серија. Ликот што го глуми е премногу комплексен и бара само посветен талент што ќе може да го пренесе толку језиво реално. Дејнс е феноменална и брилијатно се носи со сите потресни пластови од биполарната, често нестабилна Кери. Квин (Руперт Френд) е потребната рамнотежа во критични моменти, лик што осуството на Броди го прави неприметно и ја зацврстува траекторијата по која сега шиба Homeland. Не дека не беше битен и пред тоа, меѓутоа го доживував повеќе како позадински лик, без оглед на тоа што беше во фокусот на некои клучни случувања. Овде е целосно искористен и прописно истретиран. Се надевам дека и во следната сезона го добива истото внимание.

Некои ликови беа жртвувани за атер на приказната, ефектот е секако постигнат, особено ако си успеал доволно да се приврзеш. Други висеа на работ повеќе пати, да не ми беше познато кој продолжува понатаму, веројатно ќе фрлав со чевли кон телевизорот. Сè на сè, одлично. Многу подобро од што можев некогаш да замислам.

November 18, 2015

Иднината на Alien

Официјално е. Ридли Скот сосема го изгуби умот. Чекај, чекај, не ме гаси, ислушај ме. Пред неколку месеци, Нил Бломкемп имаше убава замисла за продолжение на Alien, која требаше да ги игнорира третиот и четвртиот дел, да ја врати Рипли и малку да ја живне франшизата. Ридли Скот требаше паралелно да си работи на Prometheus продолжението, носејќи го во сосема друга насока. Нешто подоцна, Бломкемп ја разниша довербата со просечниот Chappie, а Скот понесен од успехот на The Martian, реши дека Prometheus 2 сепак ќе биде Alien филм што ќе се вика Alien: Paradise Lost. Бломкепм е моментално надвор од сликата, истиснат од Скот кој делува како мало дете што откако дало играчка на друго кое повеќе се забавува со неа, инаетчиски му ја граба назад. 


Новиот Alien на Ридли Скот ќе се вика Alien: Covenant, ако ова му е воопшто конечното име, и го најавува за октомври 2017. Приказната наводно конечно ќе се врзе со првиот Alien, а ќе го следи екипажот на колонијалниот брод "Covenant" кој во неоткриен дел од вселената мисли дека нашол некаков рај, за да испадне дека сè што затекнале е мрачен, опасен свет со Мајкл Фасбендер како единствен преживеан. Веќе задремав од преџваканите идеи што Скот ги имал за вториот Prometheus и тоа што му дошло на памет додека ги разгледувал оние на Бломкемп. Премногу алчно и арогатно делува целото ова за да успее како што треба. Од каде таа самодоверба дека ќе направи пак ваков добар филм, од успехот на The Martian? Филм што студиото му го има протнато додека гребел по тепих борејќи се со пистелската блокада за ова што сега планира да го прави? Факт е дека уште има цврст кредибилитет за влечење конци, но тоа не е никаква гаранција за успешно достигнување.

Штета ако ова ги уништи шансите за филмот на Бломкемп. Не можеше да му ја промашиш возбудата што ја имаше околу филмот, и баш поради тоа мислам дека неговиот Alien ќе испаднеше подобро отколку исфорсираниве обиди на изгубениот повозрасен господин, дури и ако го оставиш квалитетот на Chappie во пресметката. Види, никој не бара Alien и Aliens, тие филмови веќе се направени. Но, попрво пак би гледал како Рипли бега од Ксеноморфи со уште неколку несреќници, отколку Ридли Скот да ми го објаснува нивното потекло. Луѓе, човеков прави Blade Runner 2 со Рајан Гослинг, побогу...