Showing posts with label Skyrim. Show all posts
Showing posts with label Skyrim. Show all posts

October 8, 2023

Секогаш Скајрим

Уште не можам да најдам време за опуштено да седнам на Baldur's Gate 3. Не сакам само пет саати неделно да играм игри што бараат да си прва смена во школо. Ваквите од типот на Baldur's Gate си сакаат полудневна сесија или долг викенд. Не дека не можам да ја штракам и сега наместо да играм било што друго, ама имам посебен однос со серијалот што бара поспецифични услови за да ми се направи ќефот согласно. А, издробив и солиден дел од Pillars of Eternity летово, чисто да го растеретам списокот на ваквите наслови што сум сакал, ама не сум ги играл "доволно".

Знам дека долго после Baldur's Gate 3 нема да можам да играм такви RPG игри, па сакам да прошалтам и некои други пред. Каква е есенва, да не знаеш што да играш попрво. Одамна немало волкава гужва од игри. Уште Hogwarts Legacy не ја пазарев, излегоа Star Wars Jedi: Survivor, Diablo IV, римејк на Resident Evil 4, нови Tekken и Mortal Kombat, Assassins Creed: Mirage, експанзија на Shredder's Revenge, експанзија на Cyberpunk 2077. Покрај тие има едно купче инди наслови, тековна World of Warcraft за која исто ми е криво што ја пропуштам и конечно на списоков - Starfield.

Starfield е конкретната причина што денешново "слободно поглавје" се претвори во пет страни фалење на Skyrim. Не ја чекав и очекував Starfield како други луѓе, ама знаев дека ќе ја пробам. Бетезда игра е, некако не сакаш да ја заобиколиш, ама ете после неколку изиграни саати не ми даде причина да ја купам и да продолжам да ја играм. Идејата на хартија звучи супер, малтене Skyrim во вселена, само што испадна да не ми биде ни минута забавна и покрај тоа што тематиката ми е општо привлечна.

Сигурно ќе дадам шанса некогаш кога ќе биде пет пари на попуст или нешто. Малку ја чепнав за да можам да навлегувам детално што не штима, ама ни отприлика не ме заведе како другите Бетезда игри. Интрото е празно и досадно, не успеа да ме втурне во светот и дополнително ме разочара кога сконтав дека не можеш да патуваш низ вселената во реално време, туку практично се телепортираш од планета до планета. Толку не го следев развојот на играва што не ни знаев дека е ваква. После три саати играње не ми стана поинтересна. 

Спореди со Skyrim и Fallout 4 ете како последни игри од истата компанија и види како успеваат инстантно да те запознаат со светот во кој се случуваат. За пола саат веќе имаш некаков осет што се случува и си буцнат да одиш да истражуваш наоколу. Во Fallout 4 си сведок на нулеарна експлозија и бегаш во скривница со семејството, а во Skyrim си спасен од егзекуција со тоа што напаѓа змеј додека замавнува џелатот.

Ниеден од ликовите што ги играш не ги очекува тие дешавки тој ден и самата нивна природа ти дава дополнителен мотив со прашањата кои сакаш да си ги одговориш играјќи. Starfield го нема тој ефективен штос. Единствено што искусив е посовремена графика и ново опкружување. Технолошки напреден сетинг наместо снегови, шуми, тундри или пост-апокалиптични американски градови. Доколку пропуштам нешто револуционерно и невидено, тоа е поради што играта не ми го понуди во моментите кога треба да се избори за моето внимание, а не ми створи ни желба да дознаам. Не можам да кажам дали е лоша, само ми беше досадна и неинтересна.

Седнав на Skyrim после не знам колку години. Специјалната едиција, таква каква што е обична без модови и со некој стар забатален сејв. Денес можеш да згазиш во Скајрим од повеќе генерации на уреди, можеш да ја играш и VR верзијата, можеш да ја скоцкаш измодирана за да изгледа современо или како сосема друга игра, па дури и да играш друга игра како што е Enderal. Толку е големо општото влијание.

Баш додека играм периодов налетав на едно видео со наслов "It Doesn't Get Better Than Skyrim" во кое ликот раскажува за неговото искуство и ме инспирираше да размислам за моите, а и истовремено од друг агол да погледнам во елементите што ја прават Skyrim толку феноменална. Мене ми беше прва The Elder Scrolls игра, можеби тоа беше само по себе доволно за толку да ме импресионира на прв поглед, покрај удобно совршениот сплет на околности во кои имав прилика да ја доживеам.

Првиот ден во Скајрим ми е еден од тие ретки моменти кои можам вака од подолго временско растојание да ги посочам како дефинирачки за мојот понатамошен однос не само со игри, туку и со општо фиктивни дела од било кој медиум или формат. Не сум ни бил свесен за тоа колку тој прв ден ми бил трасиран вкусот и кренати стандардите. Упорно ми е симпатично кога ќе фатам некој тривилијален животен момент и ќе сконтам дека е некако изврзан со Скајрим.

Иако сите имавме прво различно искуство со играта, беше од оние игри што ги играат сите во исто време, па некои работи се доживуваа колективно. Затоа и памтам кој од друштво со какви оружја преферира да игра, знам кој колку време бркал елени, каков избор направил во која приказна, а знам и кој точно ја батали играта кога требаше да ја одлучи судбината на Paarthurnax. Може ќе го прочита ова и ќе се сети. Сме се собирале во живо да си ги раскажуваме тековните авантури и секој носел сопствени приказни. Некои уште ми се во сеќавање, а никогаш до сега не сум ги сретнал во самата игра. Колку е ова бизарно и јако?

Никогаш не го доживав ова пак со ниедна друга игра. Го немам ни со World of Warcraft. Веројатно зошто цело време ми е некако присутна во животот и немам прилика да ја погледнам од толкава дистанца. Скајрим ми случуваше во неколку конкретни години, ама секое стапнување назад во тој свет ми е фасцинантно како тоа првото во 2011 кога наместо да спремам дипломска се шуњав таму на колеџот во Винтерхолд (дипломирав после некоја недела и на двете места, секако).

Не знам како успева да ми е толку интересна и во 2023. Може зошто уште ја играм како глуп и ден денес, па упорно имам работи за откривање. Никогаш не сум имал никаков "билд", никогаш не сум се потрудил да прочитам некаков водич за било кој аспект од играта. Уште не знам кое оружје е "најјако", уште пробувам од три тревки да направам напиток. Млатам непријатели со тоа што ми е интересно, иако најмногу поени имам ставено нешто што дефинитивно не ми ги прави лакот и стрелата појаки. Некогаш користам мраз и оган, некогаш ќе збрцам некого со ноже кое ми е поклон некое злобно божество. Не се знае кој што ќе го снајде. 

Како сакаш играј ја играта, упорно и упорно е интересна. Ако не си ефикасен, можеш да најдеш начин да бидеш и без да гуглаш - цела авантура и да си направиш подобар меч, на пример. Ретко која игра од тогаш навака успеа да ти овоможи вакво слободно искуство. Без разлика кој и што сакаш да бидеш, никогаш нема да се осетиш дека правиш нешто погрешно или обратно од дизајнот на играта. Уште секаде одам пешки низ Скајрим, без разлика дали во тие два слободни саати ќе го завршам квестот или не. Не е битна дестинацијата ако играта ти приреди незаборавни моменти при патувањето, а ниедна друга не го прави подобро од оваа.

Никогаш ја немам комплетно завршено и уште наоѓам некои помали квестови што ми се нови. Не се сеќавам дека некогаш имав сретнато Аргонијанец што побара од мене да изгаснам светилник за да може да ограбат брод и на крај да проба да ме намести мене. Ниту памтам приказна што се поклопува со оваа и ме носи на истото место каде што двете завршуваат. Такви некои "секојдневни" дешавки за свет како што е Скајрим кои немаат врска со тие главните се посебно благце.

Некои и ги имав заборавено дека постојат, како групата Каџити што ја среќаваш наоколу и можеш да тргуваш со нив, а ако им завршиш некоја работа можеш едниот да го "најмиш" да се ашка со тебе. Кога сме кај тоа, некаде ја имам забаталено Лидија. Качи се, па види ја. Не можам да се сетам каде и што се има случено. Ја нема во куќата во Вајтран, ни Драгонсрич, ни на гробиштата доколку негде ми погинала, а да не се сеќавам. Тоа се стандардните места кај што ја бараш кога ќе ја снема. Со оглед на тоа што верзијава што ја играм ги има и истите багови од претходно, ништо чудно да е некаде заглавена во некоја пештера и да трча во ѕид. Најјако ќе биде ако се појави од негде кога пак ќе го пуштам сејвов во 2034.

Веројатно и тогаш ќе биде како жив свет, тоа е една од најфасцинантните страни на играта. Ниедна друга слична игра не се осеќа како да се одвива и без тебе во неа. Не знам како никој не се доближи до ова, иако формулата е веќе јасно позната. До сега ќе се најдеше некој да ја надгради и усоврши во нешто "поголемо", ама чим Starfield не успева да го има истиот глобален ефект. Ако го има - супер, јас до сега не успеав да го видам. Skyrim инстантно распали насекаде. Уште во првата недела почна да се обликува во културолошки феномен. 

А, јас таа прва недела не сконтав дека немам досимнато некакво пакетче за звучни ефекти на тогашната пиратска верзија, па мислев дека спеловите ми немаат звук поради реализам. Зашто оган што ти излегува од раце би имал звук, нели. Требаше да ми дојдат другари на играчка сесија за да ми кажат дека не е намерно тоа пола игра да е толку нема и тивка.

Мислам дека секогаш ќе е Skyrim. Таа едната најдобра сингл-плеер RPG игра што ќе го држи местото и после сите нови Бетезда наслови, Вичери и Сајберпанкови. Немам веќе време за друг ваков опширен свет од игра да ми станува омилен, ниту ќе се повтори таа ера на куроболие за да ги создаде условите за такво нешто. Затоа еве решив да ја прифатам оваа дестинација како дефинитивна. Освен тоа уште го имам истиот адреналин кога ќе нападне змеј, иако сум собрал десетици змејски души, па ако ова не е некој доказ дека Довакин е засекогаш, тогаш не знам што е.

October 31, 2016

Специјалната Скајрим

Обично ова е периодот од годината кога Скајрим ме повикува назад. Да берам цвеќиња, да бркам елени, да талкам низ пештери, повремено да јунакувам и секако, осумнаесет пати да се враќам од последниот сејв откако ќе ме опожари обичен Blood Dragon со сè што имам на мене. Толку многу направив за овој свет последниве години, го спасив речиси од цело зло, па некако не ми е баш прифатливо како упорно змејови се осмелуваат да се заебаваат со моето постоење и статус? Последниот пат кога проверив, уште бев Довакин, океј? Олабавете ме.

Баш кога си замислував како деновиве ќе талкам низ тоа снеговите во Скајрим, драгите Bethesda ја објавија специјалната едиција под очигледениот наслов, The Elder Scrolls V: Skyrim Special Edition. Тие што веќе ја имавме обичната со сите DLC-а, ја добивме бесплатно. Не би можел да сум поблагодарен за овој прецизен тајминг, така што еве правам мала пауза за еден аплауз. Специјалната едиција на Skyrim доаѓа со значителни подобрувања во графиката, но и нови квестови, дијалози, оружја и детали што веројатно никогаш нема да ги приметам, но ете тука се. 


Јас сум сосема океј и со Skyrim како што си е, да не го добиев ова за џабе, немаше да ми направи никаква разлика. Дури и по пет години, играта не изгледа воопшто остарено, иако официјалните нови HD текстури од пред некоја година беа фино освежување. Исполираниов изглед во специјалнава едиција ми е само бонус, кој ете почнав да го ценам откако претходно го пуштив оргиналот. Фино е да видиш вода што повеќе изгледа како да извира од The Witcher 3: Wild Hunt отколку пиксели што "течат" во некоја неопределена насока. 

Има и некои видливи подобрувања на осветлувањето и општо целата природа што е исто така кул, особено ако си миленијалец навикнат на "џам графика, брааат" кој сепак пишува лоши рецензии за Special Edition зошто му ги упропастиле модовите. Никогаш не сум користел посебни модови за Skyrim, стварно не сум во тек, верувам дека тоа што оргиналните се кршат во новата верзија е логично, ама исто така верувам дека Bethesda прават сè што можат да ја смират разбеснетата заедница. Така? Не знам, искрено повеќе се надевам дека работат на следна The Elder Scrolls игра отколку што се замараат со рецензиите натопени во горки солзи.


Поиграв малку колку да си потврдам дека е најимерзивното RPG искуство. Wild Hunt, колку и да е брилијантна, не верувам дека ќе ме влече назад со истата сила како ова. Тука тегнев светлина низ руиниран храм. Тоа го нема во The Witcher. Една година сум вампир во Skyrim и уште не сум го однел црниот, или каков и да беше, камен кај сомнителниот волшебник во рана зора за да се излечам. Тоа исто го нема во The Witcher. Може нема курварници низ Скајрим како во Новиград, ама можеш да си направиш магичен напиток од крила на пеперутка. 

Единствена гримаса што ја направив кон Special Edition беше кога сфатив дека ми ги нема Стим ачивментите откако го импортирав сејвот од оргиналната. Според интернет, би требало да се појават, ама ете не се појавија и тоа малку ја надразни мојата опсесивна компулсивност. Ќе бидам океј за некој ден веројатно.

November 27, 2015

Skyrim е најдобрата RPG игра на сите времиња

Во секој момент го очекувам повикот што ќе го замени ова античко РС во собава со многу, многу помоќно, кое ќе ја комплетира мојата следна трансцеденција во Господарската раса. Конечно ќе можам да ги играм игрите од годинава што оваа древна правосмукалка нема капацитет да ги издржи. Океј, да не сум престрог, ме служеше добри пет години, но дојде време за конечна пензија. Неделава имам неколку слободни денови измеѓу старата и новата работа, па имав време да се поздравам со старава машина со игри што уште може да ги вози со целата нејзина сила. 


Играм Skyrim. Пред точно четири години го правев истото, многу поопсесивно и посветено зошто очигледно имав далеку повеќе слободно време. Последниве две години откако ја купив Legendary Edition знам да потрошам неколку саати на бркање елени и собирање пеперутки, ама никогаш до сега не ја видов содржината на Dawnguard иако на секое ќоше низ Скајрим некој загрижен тип се обидуваше да ме информира за некаква вампирска закана. Океј ајде, херој сум или што ли сум, имам и онака испоубиено сè е сешто низ игриве, решив да бидам корисен. 


И, станав вампир. Не по своја волја додуша, зошто не сакам да сум ебен вампир во Скајрим! Зошто би сакал да сум вампир, зошто? Доволен товар ми е што сум Довакин, не можам бидам и вампир. Притисокот беше преголем, па тргнав да го барам лекот. Патот ме однесе до Мортал каде што сомнителен лик ми вети дека ќе ми помогне и ми продаде некој црн скапоцен камен каде што треба да соберам нечија душа за конечно да ми ја тргне клетвата што сосема непланирано ме снајде. Но, во меѓувреме... Во меѓувреме ми проработеа вампирските сетила и неконтролираната жед за крв, а во Мортал беше тотален мрак. И, се нагостив. Ги начекав кутрите граѓани на спиење и се хранев. Се хранев како дебела девојка на диета со ќебапи. Во моментов уште сум крвоцицачки вампир со црниот камен во џеб и криза на идентитет. Не сакам да сум вакво суштество на Ноќта, ама добро си пројдов онаа бурна вечер во Мортал. 


Dawnguard има супер приказна, бар од тоа што малку успеав да го ѕирнам. Уште сум на почеток, спасив некоја вампирка што ме однесе во некој култ кај што пробаа да ме регрутираат, ама се заблагодарив и отидов да ги предадам, зошто кај ме најдовте мене за вампир... Сега треба да соберам неколку луѓе и веројатно ќе одиме да ги ловиме. Додека шетав низ Скајрим, завршив неколку квестови што очигледно ги немав завршено второво играње и се присетив како ме оставија со вилицата на тепих првиот пат. Квестот со насочувањето светлина во подземната руина Мзлуфт е еден од најдобрите што сум ги видел во игра.


Сигурно во моментов има триста дискусии зошто Wild Hunt е подобра од Skyrim, ама уште чекам да ја играм. Немам некој валиден аргумент против, ама еве тоа што Skyrim не ми нуди предефиниран лик во трето лице може да смета како било каков аргумент? Ќе зборам наскоро за ова што ми е на листа за играње. До тогаш Skyrim останувва најдобрата сингл-плеер RPG игра што ми поминала на раце. Целата таа слобода, насоките што можеш да ги избереш, начинот на кој ќе ја играш, деталите на светот, нарацијата на приказната, бркањето на елени, бегањето од змејови, саатите поминати во читањето на книгите што си ги наоѓал низ светот.

Искуството е незаборавно. Цело време имаш чувство дека светот живее и кога не си таму, дека се развива и напредува.  Нивото на имерзија е ненадминливо. Барем јас не сум осетил слично во друга игра. Се надевам ако не The Witcher 3, дека барем Fallout 4 ќе ми приреди нешто вакво деновиве.

December 9, 2011

Skyrim: Ден 27

Skyrim инсталирав само колку да можам аргументирано да мрчам колку е тапа. После еден месец ме убеди дека е најдобрата RPG (сингл-плеер) игра која сум ја играл до сега, а сум играл доволно. Секако, не можам да зборам зошто токму оваа игра е најдобрата и за 2011, без муабетот да ми содржи по некој спојлер. Така да, полека надоле. :)

Овој заклучок ми го потврди средбата со Paarthurnax, водачот на Редот Greybeards, господарите на Гласот. Внимателно ја следев приказната која ме доведе до тука, и како напредуваше стануваше подобро и подобро. Верувам дека понатаму има уште вакви запрепастувачки изненадувања, но до сега, ова беше најмоќното нешто што го видов во целата игра. Развојот од обичен селанец во Dovahkiin, учењето на Патот на Гласот и Змејските моќи, не беа ништо во споредба со откривањето на мистеријата за Alduin (змејот кој ги буди останатите змејови) и потрагата по скролот. Кога брадестото братство ме испрати кај нивниот "главен", во никој случај не бев спремен за тоа што ќе биде тој всушност и што ќе ми открие. Браво за приказната, Bethesda, ниедна друга игра го немала овој ефект кај мене!

Не е само овој квест, речиси повеќето имаат комплексна приказна која е уникатна за сличните вакви игри. А, тоа е најмоќниот аспект од Skyrim со кој во целост се оправдува оној дел од името на жанрот наречен role-playing и е занемарен во многу нови игри кои си лепат RPG етикета. Нормално, за да биде комплетна формулата, тука е и огромната слобода на играчот и минималните ограничувања во таа насока.

Пред да излезе Skyrim, имаше едно видео каде што авторите кажуваа дека се стремат кон создавање на игра која ќе овозможи секој играч, да има врвно искуство во одбраната "област". Па така што ако имаш склоност кон магија, Skyrim ќе ти го понуди најдобриот мејџ гејмплеј. Прикрадување со лак и стрела, од зад грб? Воин со секира? Буквално секоја класа одлично функционира. Лично јас, повеќе преферирам оган и мраз од двете раце, отколку лак и стрела. Како кастер во повеќето игри, можам да кажам дека ќеифот бил најголем во Skryim. :)

Музиката е посебно доживување кое заслужува и посебен пост. Деновиве излезе саундтрекот од играта сместен на четири дискови и неможам да прекинам да го слушам. Инаку, мојата лоша пиратска верзија имаше и проблеми со звукот, не слушав ништо од околината, ни стапки, ни вода, ни ветер... Среќа, има начин да се среди, треба да се симне фајлот со звуците што фалат, лесно се наоѓа на нет. Е, сега, има неколку багови што изгледа немаат решение моментално, како на пример Esbern, лик кој игра многу важна улога, а нема глас, туку само титлови кои одат премногу брзо. Плус, едвај го извадив типот од ќумезот, за да го однесам до Ривервуд.

Многу има да се збори за Skyrim, така да ќе се уклучувам вака од време на време со некој неврзан муабет за добрите моменти од играта. Споро играм, не планирам да сум готов со главниот квест во брзо време, и сигурно сум многу послаб од сите што почнаа јас кога почнав, ама тоа е. Не се брзаме нигде, така? :)

November 12, 2011

Skyrim: Ден 1

Овој ноември достапни се повеќе игри кои сериозно можат да го нарушат моето хармонично слободно време и работата на дипломската која треба да ја завршам до крај на месецов. Се одлучив Skyrim да биде прва на листа, од проста причина што претходните две The Elder Scrolls игри ги играв вкупно пола саат. Не ме привлече гејмплејот, а и двете почнуваа со досадна мисија кај што само трчав безвезе. Мислев дека Skyrim, и покрај велелепната графика пак ќе ми понуди некој одбивен стил на играње. Грешка број еден!

Играта ме купи уште во првите неколку минути, кај што мојот лик се вози со други двајца затвореници, упатени кон злобниот џелат. Уште таму се гледа квалитетот на сценариото и приказната, зошто од само неколку реченици може да се види длабочината на ликовите, нивните карактеристики и она што го чувствуваат во моментот. Како да гледам филм, правен по мој вкус!

Она што ме остави нем така едно пола саат, беше она што следува откако со група затвореници, пристигнавме во кампот. Напаѓа огромен змеј, се дешава општ хаос, трчаат луѓе на сите страни, стрелци пукаат во него, се рушат градби... Твојата улога е да се криеш од змејот и да пробаш да извадиш жива глава, или подобро кажано, задник. Режијата е како што спомнав, филмска и комплетно те внесува во тоа што се случува околу. Откако успешно ќе го избегнеш змејот, кој патем се појавува после неколку генерации и неговото постоење е во најмала рака митско, играта те носи во Rivenwood, мало село, каде што има квестови и слободна интеракција со неговите жители.

Играв неколку саати ноќеска и еден пост нема да е доволен за се она што го нуди Skyrim како игра. Тамриел е ОГРОМЕН свет, дизјаниран реално до најситен детал, со преубави пејзажи и неограничена слобода на движње. А, не сум проминал се уште ништо. Можностите кои ги нудат овие неколку гигабајти, некако ми изгледаат неограничено. Доколку треба да се објасни поимот "виртуелна реалност", Skyrim ќе ми биде првиот збор што ќе ми дојде на ум.

Не е рано да се заклучи дека ова е најдобрата RPG игра што ми има улетано. Затоа што нуди гејмерско искуство кое со години сум мислел дека го добивам од разни MMORPG игри. И знам дека, после Skyrim, квестовите "Убиј X свињи" некако нема да ми немаат смисла. RPG моментот доаѓа до израз тука, а не во игри кај што, Дамјан што би рекол, "мериш бројки" со други играчи. Плус, во која друга игра можеш да бркаш елен 15 минути низ реки и полјани? Прогресот во играта е скроз нелинеарен. Одлуките во квестовите влијаат и понатаму, ете јас успеав да го убијам ковачот во Rivenwood, несакајќи, пред сопствената ќерка.

Дамјан и Пецо со години биле во право за The Elder Scrolls и криво ми е што порано не го сфатив тоа. Ова е најдобрата игра за 2011, без конкуренција. Како што реков, малку е еден пост за да се опфати се што видов во оние неколку саати, така да, ќе го дрвам малку повеќе за Skyrim во наредниве месеци.