Баш кога дојде време да се бара некоја удобна зимска игра, се појави Dune: Awakening со десет пробни саати бесплатно. А ја чекав да излезе и кога конечно излезе летоска, тоа што го видов и разбрав некако ме наговори дека моменталната цена е мала бариера. Сакам Dune, ама малку сум така-така за ваков тип на survival игри. Valheim се погоди во право време со правите луѓе, тоа е неповторливо искуство. Едно е да пловиш на сплав со саати по изгубената опрема, дур урлате со другари на дискорд во полициски час, друго е сам да јадам песок низ Аракис затоа што скоро никој не ја игра.
Ама, океј. Не сум толку наклонет кон градење и одржување бази и засолништа, па си ги седнав овие десетина саати, распоредени во скоро цела недела, да видам дали Dune: Awakening со нешто друго ќе ме убеди дека е погодна за зимување. Сакам да истражувам отворени светови во игри, а до сега овој на Френк Херберт не бил понуден вака опширно. Концептот е супер, а и наративот дополнително работи во полза на механиките што доаѓаат со самиот жанр.
Никој и ништо, пуштен гол и бос на вруќ песок, се обидуваш да преживееш на една од најпоганите планети во фикција. Бегаш во сенка од расфрлените карпи да не те удри топлотен бран, пиеш роса од цвеќиња за да не дехидрираш и пазиш како се движиш низ песок за да не разбудиш црв. Веруј, не сакаш ова последново. Има и бандити што не ти мислат добро, ќе ги најдеш напикани во пештери или низ кампови околу карпите. Откако ќе поминеш некое време како голтар додека се запознаваш со опасностите, почнуваш да си правиш разни алати, оружја, опрема, облека и слични работи кои ти создаваат шанса за подолг опстанок на немилосрдниот Аракис.
Имаш и свое засолниште што го градиш сам, па во него развиваш разна машинерија која ти овозможува да правиш уште подобри и покорисни работи. Од машини за обработка на руда, апарати што преработуваат крв во питка вода, до разни возила кои патувањето низ дините ти го прават полесно и побрзо. Јас склопив моторче што за кратко го прегреав и расипав, а само што го поправив ме изеде црв сосе него. Така што тоа "полесно" и не мора да е точно. Колку што разбирам, самото засолниште не е трајно, туку со тек на време се распаѓа, па нема приврзување. Постои опции да ја ископираш шемата и изградиш одново или целосно да го преселиш на друго место, ама не стигнав да видам.
Елементот на преживување е добро имплементиран. Ако сакаш вакви игри, можеби е уште позабавна. Собирањето материјали, барем на почетокот, се состои од собирање на истите материјали камења, руда, метал, грмушки со кои правиш завои за да се лечиш, а крвта на непријателите ако не ја обработиш во базата, ја пиеш директ од специјалните матарки што ги носиш со себе. Јеби га, мора некако да се хидрираш во овие услови. Собираш и валута што ја користиш за купување на разни нешта во пријателските бази, каде што и добиваш нови мисии кои ја прогресираат приказната и те учат на нови начини на преживување.
Да, има и приказна што не ја очекував, поточно не очекував да е толку интересна, блиска до изворниот материјал и солидно вклопена во ваков тип на игра. Dune: Awakening има феноменално воведно видео и исто таква презентација на причината поради која ти, затвореник од сосема друго место, си фрлен пред милоста на опасна пустинска планета. На тој бран и ме завози. Dune: Awakening нуди интересна уверлива верзија на Аракис, меѓутоа остатокот не ми личи дека е драстично поразличен од овие неколку саати мустра.
Брзо ме засити. Немам проблем со грајнд и репетиција, ама ова за кратко успеа да ми ги претвори возбудливите моменти во обична рутина. Два пати, три пати, пет пати ќе одиш претпазливо по песок, ќе испровоцираш црв, и тоа е пропратено со спектакуларни ефекти, онака музика пичи, грми и се тресе сѐ околу, индикаторот е црвен, скока горе-доле. Ќе се вивне масивен Шаи-Хулуд од песок, ќе се стрчаш кон најблиската безбедна карпа, ќе земеш малку воздух и тоа е тоа. Разбирам дека е клучен елемент и од самиот гејмплеј и идејата е да се пазиш затоа што ако те лапне губиш сѐ што носиш со себе, меѓутоа е толку често што секој следен пат има намален ефект.
Играта прави напор да е визуелно разновидна, иако бандитските кампови и пештери се буквално истите копипејстани. Се најдов во некоја подземна ботаничка градина што малку ме одмори од бескрајниот песок. Налетав и на еден многу забавен психоделичен момент од "кампањата" кога во една длабока пештера си под дејство на меланж и решаваш пазл. Очигледно има повеќе вакви што ја движат приказната, само што во овие лимитирани саати успеав само до еден ваков пазл да стигнам. Во секој случај, добро е што има и вакви ситни начини за малку да е пошарено.
Не дека не е забавно, можеби понатаму е уште позабавно, ама ова што го видов е таман за да не можам да го оправдам времето, а и цената. Особено што покрај тие 50 евра за основната игра, бара уште 12-13 за дополнителен краток квестлајн и козметики. Полесно ќе прежалиш пола од оваа цена ако ти скурчи играта за пет-шест саати. Мултиплеерот не го приметив, серверите се мали и мислам дека сретнав само една или две други бази на играчи. Ендгејмот е баш повеќе фокусиран на мултиплеер и тепачки со други играчи, ама за тој дел воопшто не сум заинтересиран. Комбатот е толку штур што којзнае колку килаво би изгледала тепачка со друг играч.
Еден ден сигурно ќе дадам пак шанса. Уште се работи на играта и можеби ќе ја затекнам во друга состојба. Овојпат не успеа да ми го зачини искуството и да ме убеди да останам и после воведните саати. Можеби е сепак до репетитивноста на активностите или илузорната слобода каде што во отворен свет играта постојано те шета за рака од едно место до друго, не знам. Нешто фали. Колку и да сакав да избегнам споредби, едно обично цепење дрва во Valheim некогаш е позадоволително од некои работи што ги правев тука.
Види такоѓе:



