August 11, 2024

Требаше порано Нинтендо Свич

Немав Нинтендо Свич до пред еден месец. Со години си го мумлав изговорот дека прво ќе го зачистам купот со неизиграни Стим игри трупани од "ако, ќе се најде" па после, иако веројатно тие игри никогаш нема ни да ги инсталирам. Треба да направам една топ листа на онакви што не ни знам дека ги имам. Купот никогаш не престанува да расте и секако нема да изиграм двеста игри пред Зелда. Не знам какво сценарио си замислував, ни какви ексклузивни услови очекував да се создадат за да седнам на тие неколку наслови поради кои конечно купувам Свич седумдесет години покасно, ама еве сме. Никој не ми го зема компјутерот и Стим библиотеката уште ми е тука. Можело.

Како деца ли се кодиравме вака да асоцираме Нинтендо со специфични позитивни емоции? Бев во најголемото жешко на светот да ја пазарам Super Mario Bros. Wonder и ми се вратија ствари што ги немав осетено од времето на пазарскине фамиклони со жолтите дискети. Да си дојдеш дома со Нинтендо игра ко да си земал свидетелство дента. Сум немал друг Нинтендо продукт од тогаш. Сигурно не е само до поседувањето игри во физички формат после долги години. Некако ко повеќе да е до неповторливиот шарм на Нинтендо кој колективно нѐ има совладано во некоја етапа од животот. Не може да не си радосен околу Нинтендо конзола.

Глеј им ги игриве и денес какви им се. Денес мислам на пред седум години, секако. До скоро Зелда имав видено само на гости, а Super Mario Odyssey и на емулатор со дванаесет фрејмови во секунда, ама играм сѐ и сешто и немам сретнато ништо приближно магично како нивниве игри. Breath of the Wild во моментов ми ги надминува сите очекувања, а не е дека не беа високи. Не дека е некое откритие во 2024, ама стварно е апсолутен мајсторлук. Не ми е јасно како толку ретко ќе ја забележиш како инспирација и зошто уште немаме на претек игри со ваков пристап кон отворен свет? Освен Elden Ring не сум налетал на ништо друго во последно време што вака слободно те остава да се ашкаш наоколу без да те носи во раце да се запознаеш со секоја механика и штос. 

Секоја сесија во Breath of the Wild е посебна фантастична авантура која упорно е свежа и различна од сѐ што сум искусил на претходното седнување. Не знам колку и каква сѐ содржина има, не ни знам до кај сум точно во "главната" приказна, само уживам во тоа колку се Нинтендо креативно одлепени. Мило ми е што до сега успеав да се заштитам од било какви спојлери и прејако ми е кога откривам разни системи. Постојано има некои нови ситници, ама и тогаш те остава сам да откриеш што ќе се случи кога конечно ќе го фатиш тоа жолтото цвеќе што ти "бега" околу или дека треба храната да ја спремаш со лути пиперчиња за да не умреш од студ на некоја планина. А, дивината е немилорсрдна, па мораш да се потпреш на импровизација и да комбинираш механики за да преживееш.

Откако ја отклучив руната за фотографија Breath of the Wild ми отвори нов гејмплеј што не ни знаев дека го има. Патувањата од една локација до друга се уште позабавни со компендиумот што го полниш со информации за околината. И буквално само тоа можеш да го правиш со недели, да акаш и да си градиш колекција наоколу и да ти биде најзабавно на свет. Или едноставно да трагаш по светилишта и да им ги решаваш пазловите внатре кои и не се секогаш наивни и едноставни. Нема милион еднолични сајд квестови, нема грајнд, нема левели. Не може дури ни еден обичен меч да ти стане близок зашто секое оружје ти е привремено и се оштетува и крши при употреба.

Ептен ми се прави ќеф, општо. Не е само поради тоа што можам да дробам Wonder и во веце седнат. Каталогот на игри за Свич што се собрал низ годиниве е огромен и едвај чекам да дојдат на ред, а се трудам да не ги изнакупам сите што ги меркав одеднаш или да не почнам да правам друг куп на непипнати. Иако воглавно го земав исклучиво поради неколку Нинтендо ексклузиви, присобрав и други како Gris и некои со локален ко-оп како Overcooked 2 и Unravel Two за колку да го ставиме бракот на тест, ама гледам неексклузивите максимално да ги лимитирам пред да почнам да прибирам наслови што не ни знам дека ми фаќаат прашина на друга платформа.

Наследникот на Свич може ќе се појави уште следната година и верувам нема да чекам до 2032 за него, ама имам уште многу за играње до тогаш без разлика дали ќе е компатибилно со овие игри или не. Ме чекаат повеќе Марио наслови, барем уште две Зелда игри и плус некој Покемон. А, за да не се направи ново купче со неизиграни, правилото е секој месец една нова ама да е физичка копија.

Види такоѓе:

3 comments:

M said...

Зошто физичка копија?

Бојан Николов said...

Поубави се физички копии за колекција, плус можеш да ја позајмиш на некој :)

Deird said...

Насловов брат, го имам помислено јас кога земав Свич, пред 2 години, ќе се осврнам на делот со физикал игри, пошто и јас го добив тој порив, игрите на Нинтенто физикал не се како другиве Сони или Бокс, кои личат на све освен на игра, може да ги квалификуваме како Code in a Box реално, тоа што е снимено на тие ЦДа за пс5 е некоја бедна 0.8 верзија од игра која ако не добие масивен пач на прв ден нема ни да се игра. Епа тука е разликата, тоа што го има на Нинтендо кертриџ и финален и добро истестиран продукт кои небитно е дали ќе добие закрпа пошто нема што да се крпи. И со задоволство ќе го чувам на полица и ќе оставам на некој што ќе може и за 20 год да убаци кертриџ и да ужива во комплетен продукт.

Јас имам дадено до сега околу 1000 евра на ритејл игри и верувам дека можам за 900 евра да ги шитнам ако сакам, во некои случаеви и поскапо. Моја препорака е да се фокусираш на first party наслови само, ги има 20-30 и сите се одлични од аспект на game design, art direction, све тоа. Али по можност со дете да ги играш кај што може coop. Поздрав.