Имаше една Dark Matter серија пред десетина години на тогашниот Syfy канал. Тогаш мислевме дека Battlestar Galactica е врвот на телевизијата и секоја вселенска опера изгледаше шкарт во споредба. Веројатно тоа беше и последниот пат кога имаше избор за љубителите на жанрот иако многу од таквите пост-галактика серии мислеа дека е доволно само да ставиш распашани ликови на валкан вселенски брод и тоа е тоа. Syfy денес веќе не постои, меѓутоа шармот на сериите што ги штанцаа во тоа време почнав да го приметувам кај неколку скорешни серии од каталогот на Епл+.
Foundation ја оставив после епизода и пол за да ја прочитам книгата прво и секако уште не е ни отприлика дојдена на ред. Лани кога гледав и пишував за Silo и сфатив дека на истиот сервис има повеќе научно-фантастични серии кои имаат полежерен пристап кон жанрот и покрај тоа што Severance им е водечкиот наслов. Кај нив е и Dark Matter, серија која е адаптација на книга на Блејк Крауч и само случајно го носи истото име со таа од Syfy. Заедничко им е и што двете се научно-фантастични секако, но се изградени од комплетно различни жанровски елементи и тропи.
Блејк Крауч да ти бил истиот автор по чии книги е Wayward Pines. Серијата пред себе имаше поголеми прилики од тие што ги искористи, истера солидна прва сезона за во втората комплетно да се сјебе и да ја укинат предвремено. Уште се сеќавам колку беше лошо, а не мораше да биде. Веројатно затоа Блејк Крауч сега за Dark Matter ја грабнал контролата во свои раце. Не знам колку и дали серијата е блиска до изворниот материјал, меѓутоа чим самиот Крауч ја предводи адаптацијата верувам дека ја изгледавме авторската визија.
Седнав на Dark Matter без никакво предзнаење, само со препорака да не гледам и не читам ништо пред. До крај на првата епизода не ми ни беше јасно што се случува, во втора добив некаква идеја за што ме очекува отприлика, ама не успевав прецизно да предвидам точно како ќе се развива и покрај тоа што концептот не е нешто страно за жанрот. Со ова и ме ќари Dark Matter. Навикнат на истите шкарт шаблони што се вртат во последно време, потценив колку може нештото да биде квалитетно, интелигентно и возбуливо во 2024. Можело ете и без да си претенциозен или да ја третираш публиката како група дебили.
Од тука може ќе фрлам по некој спојлер така што со лесно терај надоле, мајсторе. Пред тоа само нека стои дека ова до сега ми е омилената серија за 2024 и едно од најдобрите научно-фантастични остварувања во последниве години. А, Џоел Еџертон е ужасно потценет актер и се надевам дека колективно ќе почнеме да го цениме повеќе.
Слабост ми е концептот за паралелни универзуми и "што ако" приказни. Не знам кој ни го има наметнато тој интерес во животот, може во Sliders да сме го виделе за прв пат. Ќе сркнам скоро сѐ такво што ќе ми фати око. Давав шанса и на некои неодамнешни суперхеројски прдешки што немаа појма како да направат забавна авантура од тоа. Скроз е глупо да ја споредиш Dark Matter со нив, меѓутоа впечатокот ми беше дека мултиверзум во фикција е веќе редундантно во 2024 сѐ додека не видов како серијата феноменално се справува со таа тематика.
Без да одам во детали, приказната се врти околу Џејсон Десен, физичар кој е киднапиран и заменет со алтернативна верзија од себе дојдена од паралелен универзум каде што сега се наоѓа самиот тој. Збор повеќе и се истурија спојлерите, ама јас ни ова не го знаев кога ја гледав првата епизода. Затоа и ми изгледаше толку познато претходно и мислев дека ќе биде нешто како онаа Counterpart што никогаш не стигнав да ја загледам саглам, ама е тотално различна идеја.
Најпривлечното кај Dark Matter е тоа што упорно ја држи приказната приземјена и покрај тоа што материјалот овозможува разни жанровски и наративни ескалации. Многу е лесно да го забегаш во кичурај, да го растегнеш или потопиш во пресврти присутни само за да ја шокираат публиката. Ценам и што прашањата кои ги поставува знае како да си ги одговори кога ќе дојде моментот, не трупа непотребни мистерии, но и не ти преџвакува сѐ во целост. Сум видел серии со слично темпо што почнале вака елегантно и се претвориле во општ циркуз на крајот.
Dark Matter успеа да се додржи низ сите девет епизоди и комплетно да ми ги задоволи апетитите за тематиката. Понуди и завршница која се надевам дека нема да ја раскурцаат со некаква втора сезона. Приказната што ја видовме до сега е адаптирана од една единствена книга и одлично се заокружува на крај, меѓутоа не пропуштија да остават еден мал ситен процеп каде што евентуално би можеле да протнат продолжение доколку математиката им одлучи дека би имало ќар. Стварно сакам ова да е последното што го видовме од Dark Matter, нема потреба од повеќе. Добро е да знаеш кога е доста. Не ни треба уште една The Man in the High Castle.
No comments:
Post a Comment