May 11, 2022

Разбуди се самурају, ја прикрпија Cyberpunk 2077

Колку време пројде откако Cyberpunk 2077 пристигна на повеќе платформи како запален контејнер за медицински отпад, година и кусур? За жал, го посведочивме најтажното лансирање на игра во информатичкото доба, ама ја поиграв и јас тогаш. Играта беше искршена, недостасуваа многу елементи што CD Projekt Red ги ветуваа низ годините, а за некои платформи лошата оптимизација придонесе за уште толку публиката да се спрдачи на нејзина сметка. Целото тоа искуство тогаш со Cyberpunk 2077 беше засенето од тие гласни реакции. Малку играш, па малку ќе се посмееш на видеа со гличови.

Уште полошо беше што девелоперите буквално беа заробени во канцеларија за да го испорачаат ова и пак личеше на нешто што е можеби години далеку од довршено. Тогаш ја баталив Cyberpunk 2077 некаде на пола, решив да чекам некое подобро време. Подобро време за мојата тогашна очајна хардверска состојба, а и за самата игра за која CDPR ветија дека ќе работат да ја прикрпат. Неодамна беше објавена 1.5 верзијата која поправа многу проблеми, а сега кога располагам и со одличен хардвер се одлучив да дадам нова шанса. Овој пат и помалку оптеретен од мемиња и муабетења за тоа колку е крш.

Играта сега во значително подобра состојба. Уште e далеку од огромниот интерактивен свет што беше ветен, можеби со текот на годините ќе се обликува таа амбициозна визија, меѓутоа доволно работи се поправени за искуството да биде евидентно помазно од претходно. Освен неколку поситни багови што ги сретнав овие дваесет и кусур саати играње, супер е. Еднаш се заглавив во лифт, еднаш приметив како ликови што треба да се потпрени на возило се "потпрени" во воздух на два метри од возилото и два-три пати оружјето почна да ми пука само од себе како да сум бел полицаец во црнечко маало. Дури и сообраќајот е среден, возилата запираат на семафори и не се прави петочки скопски метеж кога ќе се обидеш да поминеш на пешачки.

Приказната ми е најзабавниот елемент во Cyberpunk 2077, механиките на играта се научив да ги третирам како споредни. Уште можеш јако да се внесеш во бидување најјакиот хакерски мангуп низ Најт Сити, ама играв некако пофокусиран на самата приказна. Нема да навлегувам во спојлери секако, само ќе кажам дека јаките идеи и концепти во таа насока се присутни и доминантни, иако во раната верзија на играта мораше да ги копаш од големиот куп багови, гличови и полови органи што буквално висеа преку облеката на твојот лик. Сите тие забегани жанровски тропи од кои е изградена приказната функционираат одлично, како технички така и наративно.

Без да откривам многу детали, во моментот кога ја видов сцената со парадата во Најт Сити ми падна дури и глупо што играм неплатена верзија на играта. Целата таа мисија ќе ми остане како незаборавно искуство, едно од подобрите гејмерски во последниве години. Баш измеѓу ова играње на Cyberpunk 2077 и тоа првото ја играв и Red Dead Redemption 2, па одговорно можам да заклучам дека приказните иако се различни, кај мене го имаа сличниот емотивен ефект. Колку и да е технички скршена некоја игра, апсолутно можам да простам доколку успее вака да ме освои со приказната.

Речиси сите ликови што ги среќаваш се исто така детално напишани и изградени. Имаат богата историја и слоеви, а проаѓате доволно време заедно за да се развие таа силна конекција што ќе предизвика да ти фалат кога ќе ги нема. Не само што ја крепат главната приказна, туку и ти помагаат полесно да си го најдеш местото како играч во Најт Сити. Да се поврзеш природно со градот како дел од него. На првото играње приметувам сум мрчел за споредните мисии, меѓутоа има тон прејаки приказни и таму кои ќе ги откриеш и доживееш доколку прописно се внесеш. А, процесот е многу полесен без интрузивни багови на патот до нив.

Самиот град е пожив од претходно, или барем јас сега акав повеќе. Да, жителите немаат "сопствен живот" како што требаше да има, ама сега реагираат на тебе како играч, особено кога ќе им замавнеш со катана пред нос. Не се влегува ни во секоја зграда, ама има разни активности по улиците што даваат супер чувство на отворен свет. Можеш да се инволвираш во туѓи криминални дејствија и да ги спречуваш, да ловиш сајбер-психопати кои се всушност како мини-босови што даваат фини нови оружја и општо да шеташ, да се возиш и истражуваш наоколу. Ете, јас забегав во некоја пустина каде што имаше огромна гнасна депонија. Тоа ако не ти создаде чувство на дома, не знам што друго.

Не е дека не недостасува некоја подетална интеракција со околината во Најт Сити, меѓутоа играта доволно ми компензира со главната приказна за да заборавам на сето она што некогаш храбро го ветуваа CDPR. Би сакал да има повеќе активности во отворениот свет, мини-игрици и нешто што поефикасно ќе го зајакне role-playing аспектот. Се надевам дека CDPR откако убаво ќе ја исполираат ќе се фрлат малку на вакви финеси кои би можеле да значат многу на следни преигрувања. Реално, главната мисија и кратка, а потенцијалот на овој свет е огромен за да не се искористи подобро.

Исто така, важно ми е што сега ја играм на саглам хардвер. Веќе не ми изгледа како пауерпоинт презентација, а дождот што ми паѓа на шофершајбна личи на капки наместо на 8-битни коцки. Можеби затоа толку лесно успеав да се внесам. Деталите низ загадениот неонски Најт Сити се феноменални, буквално можам со саати само да крузам релаксирано околу градот додека ми свири тоа "Самиздат" радиото. Предобро аудио-визуелно искуство е цела игра. Не дека ми пречеше премногу првиот пат, ама сега е значително поквалитетно.

Во оваа состојба Cyberpunk 2077 нуди квалитетна забава што ако си љубител на жанрот не смееш да ја пропуштиш. Тропите се присутни насекаде, некогаш ескалирани до степен на клишеа, ама како што спомнав и минатиот пат - што да очекуваш од играта што го носи името на жанрот? Реално, не се ни доживува себе премногу сериозно за да ја судиш во тој контекст. Самата приказна вреди да прогледаш и низ некои ситни багови што се моментално останати, а верувам дека ќе ги прикрпат и тие во некоја иднина. Ако можеше No Man's Sky да исплива назад, сигурен сум дека може и ова.

1 comment:

Anonymous said...

Well said. Ја обожавам играва и криво ми е за негативниот press што го доби при самото лансирање, некако ги засени сите други убави елементи на играта, а не ги има малку.