May 24, 2019

Покемон, другар мој

Покемон франшизата никогаш не била дел од моето детство. О, не, jас бев од Дигимон кланот. Немав на што да ги играм тогашните Pokémon игри, a кога аниме серијата почна да се прикажува кај нас, пубертетот веќе ме имаше толку јако удрено што "не ме интересираа цртани". Иронично, години покасно несакајќи се стекнав со Покемон експертиза и ризикував да бидам настрадан пешак во процесот. Фала Pokémon GO. Години покасно ги играв и пропуштените стари игри на емулатор во обид да разберам зошто е ова толку популарно. Иако уште не сум точно сигурен зошто, сепак завршив во кино на Pokémon Detective Pikachu. Очигледно не е тешко да ми увалиш Пикачу што ќе ме асоцира на Дедпул.

Филмот е адаптација на истоимената игра за која не знам ништо, не ни знаев дека воопшто постои, а веројатно не е ни битно. Франшизата можеби е опширна, ама приказната врз која е изградена е проста и едноставна. Изгледа како целиот изворен материјал да може да го сведеш на една реченица и пак да е кристално јасен за сите. Ако има повеќе слоеви целово Покемон срање, тогаш се извинувам за непознавањето. Слично е со приказната во Detective Pikachu. Младиот Тим, син на детектив кој се смета зa исчезнат, несакајќи ќе забега во непланирани авантури со неговиот детективски партнер Пикачу.


Е, сега не мора да си Покемон детектив за да знаеш дека луѓето и Покемоните не можат баш вербално да комуницираат. Покемоните пред луѓето звучат како да го изговараат само сопственото име, додека овој Пикачу зборува и тоа со гласот на Рајан Рејнолдс, меѓутоа Тим е единствениот кој може да го слушне и разбере. Исто така носи и Шерлок Холмс капа што го прави уште посмешен и посладок. Тоа е и главната ствар што филмот се обидува да ти ја шитне и некако успева повеќе одошто очекував. Не ни морав да се ставам во комплетен авто-пилот мод за Detective Pikachu да ме смее на глас. Да, филмот е воглавно наменет за помлада публика, ама е наштиман да биде доволно забавен и шармантен за повозрасните да не умрат од досада.

Што е баш логично, нели. Првата генерација на Покемон фанови е веројатно таа која сега ги носи сопствените деца во кино и Detective Pikachu изгледа како да го почитува тоа. Сигурен сум дека филмот е преполн и со носталгични референци за најхардкор фановите кои не ми беа очигледни, ама имаше една симпатична Home Alone референца која воопшто не ја очекував и само ми докажа дека ова што го гледам намерно се труди да комуницира со децата што растеле во деведесеттите.

Detective Pikachu покрај општата ведрина, досетливите штосови и исклучително ефективната "buddy cop" динамика на главните ликови, изгледа сериозно добро. Има супер соодветен детектвски noir дизајн на градот во кој се одвива дејствието, а Покемоните се толку квалитетно направени и најприродно си се вклопуваат во доминантното човечко опкружување. Скоро и ќе заборавиш на логиката на овој чуден Покемон универзум и дилемата дали е воопшто етички луѓе да заробуваат мали животинчиња за да ги присилуваат на пријателство и брутални битки со натпреварувачки карактер. Бидејќи секако изгледа дека е легално.

Но, единствената замерка за филмот која не се однесува на тоа ропство, ми е еден тотално несмасен пресврт на крајот. Целото возење е стварно удобно, само баш на крај онака при кочење ќе се истумба на кров. Не дека влијае на општиот впечаток толку многу, ама приметив дека некако многу долго го зборевме после излегување од кино. Скроз изгледа како нешто испрдено од белешките на Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс.

Сега, денови покасно, дојдов до еден малку друг заклучок. Ова е еден од оние филмови во кои или уживаш или не. Не гледам дека нуди некоја понеутрална територија. Без разлика дали си запознаен со франшизата. Ако си спремен за лабавење саат и пол со симпатични компјутерско-генерирани шарени слатки суштества, едноставна интересна детективска авантура, дозиран хумор и гласот на Рајан Рејнолдс, тогаш да - трк во кино да го доживееш ова на голем екран. Бидувањето фан на Покемон е само бонус. Ако не, има John Wick 3 за истите пари.

May 2, 2019

The Wandering Earth, кинескиот научно-фантастичен спектакл

Освен со стари кунг фу филмови и чат-пат неколку од поновите што се со слична тематика, не сум многу запознаен со кинеска кинематографија. Не ни знаев дека имаат, т.е. дека немаат огромни скапи научно-фантастични блокбастери. Всушност, The Wandering Earth што премиерата ја имаше оваа година е првиот таков високобуџетен што баш ме чуди како тој голем пазар чекал толку долго. Веројатно на некој му текна дека наместо да увезуваат филмови ко Transformers од запад, може да си напраат домашен голем, бучен и шарен визуелен спектакл.

The Wandering Earth е адаптација на кратка приказна на еден од најпонзатите кинески научно-фантастични автори, Лу Сисин. Се надевам дека правилно му го изговарам името, се мислев помеѓу Сиксин и Чичин. Да бидам искрен, не ни зборувам толку многу кинески, Гордон Лу ме научи само неколку кунг фу потези. Како и да е. Во иднината во која се случува The Wandering Earth, Сонцето е веќе при крај, па човештвото решава да ја одвози целата планета во друг сончев систем. Патувањето е испланирано да трае 2500 години, а до тогаш огромен дел од луѓето се приморани да живеат под земја во градови што личат како да се отцепени од Blade Runner универузмот. 

Визуелниот стил на филмот црпи огромна инспирација од различни научно-фантастични холивудски школи и наслови. Барем упорно така ми изгледа, а се сомневам дека сличноста е случајна зашто очигледно е малку штелуван да биде привлечен и за западната публика. Можеш да насетиш слична струја и кај самата приказна и како некои делови од сценариото се "холивудски" презентирани. Што види, не е ич лошо. Баш е симпатично да го набљудуваш како такво снопче од идеи, концепти и инспирации.

The Wandering Earth повремено посакува да биде голем со идеите и експериментирањето со различни елементи од жанрот, ама никогаш не успева да се издигне многу над сопствените специјални ефекти. Тука воопшто не штеди и не престанува да биде импресивен. Секој кадар е пребогат со детали и понекогаш го краде вниманието од приказната која и онака повремено е тешка за следење. Можеби само и делови од филмот се чудно исечени и уредени. Не знам дали е намерно и како се навикнати да ги прават стварите таму во Кина, ама обично кога ликови во филм ќе стигнат од ситуација А до ситуација Б онака магично, заклучуваме дека е лошо. 

За среќа, големата приказна го држи филмот под контрола, онака доволно за да не ги осетам тие два саати или да почнам да се предомислувам за иницијалниот фин впечаток. Наративните маани ситни во однос на другото што го нуди The Wandering Earth како забавно филмско искуство. Дури и кога таа "голема приказна" ќе зализга малку, има толку многу детали што припомагаат како сигурносен појас и се грижат да остане на зацртаната траекторија. Ама, ако веќе си успеал да замижиш пред научното мамбо-џамбо тогаш веројатно немаш гајле и тука.

Ликовите се претежно се присутни како средство за експозиција, да го раскажат она кое специјалните ефекти не можат во целост. Стварно се потрудив да ми биде гајле и да се фокусирам на тоа што им се случува, ама во ниеден момент филмот не ми понуди било каква емотивна врска со нив. Намерно или не, The Wandering Earth ги третира како спореден дел, не толку интересен и лесно предвидлив. Сепак, крајно сум слаб на филмови со епски катастрофи, а овој ми нуди нов и забавен агол на темата, па потешко фаќам кусури.

Oва е веќе вториот најпрофитабилен филм во Кина, вклучувајќи ги странските. Очигледно супер ги погодува елементите од увозните блокбастери и ги радува кинезите. Може не сакаат Star Wars и црнци, ама си сакаат вакви мегаломанштии. Филмот е доволно популарен и на западниот пазар, па баш ме занима дали со ова се создаде прилика за уште други вакви научно-фантастични остварувања. Ова тука е исклучително кул, технички висококвалитетно и со освежувачка идеја, па заинтересиран сум да дознаам што друго има оваа школа да понуди. Баш ми е жал што немавме прилика The Wandering Earth да го гледаме во кино.

Види такоѓе: