October 11, 2018

Ring of Elysium и варијации на тема battle royale

Веројатно нема да згрешам ако кажам дека battle royale игрите се највруќиот жанр во онлајн гејмингот денес. Не е возможно Fortnite и PUBG да имаат толку многу клонови кои се обидуваат да им сркнат дел од играчите ако не се толку популарни. Стандарна ситуација е кога некој наслов ќе доживее такво внимание и толкава публика. Ми изгледа како battle royale жанрот да ги ужива своите златни денови што своевремено ги имаа MMORPG игрите кога World of Warcraft броеше двоцифрен милионски број на активни акаунти или доминантната ера на MOBA и трендот на игри со карти како Hearthstone

Инспирирани од истоимениот јапонски култен филм и концепт, овие игри те ставаат во ситуација соочен со стотина други играчи со кои целата е да се испоубиете меѓусебно на некое изолирано место (најчесто остров) со помош на оружја и надградби кои може да се пронајдат на истото. Значи, секој е против секого, а последниот што ќе остане жив е победник. Некои наслови покрај овој стандарден формат на задушманување нудат и опција за групирање во тимови од најмалку двајца.


Иако долго време имав некои вакви игри на радар, никогаш не посегнав по нив сè додека не налетав на battle royale варијантата на Paladins наречена Realm Royale - игра која почна како мод за Paladins за подоцна да се издвои како посебен ентитет. Очигледен клон на Fortnite, дури и визуелно, каде 100 луѓе паѓате од небо на остров чија површина се стеснува на неколку временски интервали принудувајќи ги преживеаните играчи да се решетаат во помал простор. Некои различните карактеристики на Realm Royale се тоа што вклучува(ше) класи и откако некој ќе те испука до крај, ти нуди шанса да преживееш неколку секунди претворен во кокошка. Доколку никој не те докрајчи во твојата пердувеста форма, тогаш се враќаш назад во игра за евентуално ти да накокошиш некој пред да му пресудиш конечно.

Realm Royale беше неколку денови забавна, ја игравме со Дамјан во тим. Алфа верзијата на играта во која уште се наоѓа проаѓа низ константни промени кои ја курчат публиката, не само затоа што студиото се обидува да продава ствари што се купуваат со вистински пари, туку решаваат проблеми кои не се ни проблеми, притоа оставајќи ги хакерите со кои е преплавена слободно да си виреат. Некогаш треба да си среќен ако некој не те опизди преку ѕид од сто метри во првите десет секунди. Баш поради ова бројот на играчи од 20.000 сега е паднат на 200. Веќе не сум ни сигурен дека Realm Royale некогаш ќе види бета верзија, а не па конечна.


За PUBG во оваа состојба во која е и сите негативни рецензии што не сопираат некако не ми се даваат 30 евра. Би ја почекал на некој попуст. Fortnite има еден елемент со градење што ме одбива да си трошам драгоцено време, ама сепак признавам дека еднаш се забавував цело попладне. Ми требаше нешто ново, слична игра што не е распната од разулавена разочарана толпа и игра што има повеќе од 500 закачени играчи. Па, така налетав на Ring of Elysium која баш во вистински момент се појави бесплатна на Стим.

Ring of Elysium изгледа пристојно, многу слично на PUBG. Не е дизајнирана да изгледа како цртан филм, оружјата постојат и во вистинскиот свет, па претпоставив дека влече и малку повозрана публика. Сериозно, не ми се игра Fortnite со дечурлана, особено зошто тимските мечеви нудат и гласовна комуникација, а некако сум алергичен на високо фреквентни пискави звуци.


За разлика од другите игри во жанрот, Ring of Elysium не те фрла од небо за да си слеташ на мапата на место кое мислиш дека ќе биде најбезбедно за да почнеш. Сам си ја избираш локацијата од мапата поделена на коцки, па дури и некој да ја одбере коцката до тебе, сепак радиусот меѓу вас ќе е доволно голем за да најдеш оружја и надграби за нив додека бараш некоја побезбедна локација. Мапата е огромна, веројатно најголемата што сум ја видел до сега. Некогаш и два пати ќе се стесни пред да видиш некого низ нишан. Иако е претежно светла и завиена во снег, низ целата територија има места за засолнување и кампирање што го прави темпото на играта малку поспоро и потензично.

Значи не слетуваш во група на луѓе кои ќе се испоубијат во првата минута. Се движиш низ напуштените куќи и објекти, бараш оружја, клечиш, ползиш, се засолуваш и се трудиш позицијата што ќе ја најдеш додека го чекаш следното стеснување да ти биде од стратешко значење. Ако успееш да најдеш снајпер си уште посреќен. Има и возила со кои можеш да се движиш, некогаш и за да привлечеш внимание со нивната бука за евентуално некој да се полета и да ти падне во стапицата каде што чекаш спремен. Откако ме прегазија со џип на среде снег, сконтав дека и самите возила може да послужат како оружје. Кој би рекол, нели? Баш целото ова ми го направи жанров уште позабавен.


Дизајнот на локацијата во Ring of Elysium е прејак и преполн со ситни детали. Секој објект и кварт изгледаат различно и никогаш немаш чувство дека се наоѓаш на истото место само со друга боја, како што тоа беше случај со Realm Royale. Тоа некогаш било цел град. Има ски центар, полициски станици, бензински пумпи, владини објекти и сето тоа изгледа различно. Локацијата се обвива во снежна бура во која ако останеш додека истече времето ќе премрзнеш до смрт. Има и индикатор за температурата доколку не обрнуваш внимание на мини-мапата.

Она што исто така ми се свиѓа во Ring of Elysium е што дури и крајот не е толку лесен како што мислам дека е во другите вакви игри. Не сум преживеал доволно долго за да знам како е во другите игри, ама тука кога ќе останете десетина луѓе слетува хеликоптер кој ќе го евакуира последниот преживеан. Па, стратегијата се фокусира и на тоа, треба да го испукаш својот пат до хеликоптерот. Прво, не бев сигурен како функционира точно тоа, па ме свирна некој во глава додека мислев дека се качувам кон мојата конечна победа.


За да биде уште, уште подобро, играта има и first-person мод кој кога го пробав ми врати некои трауми од Insurgency. Иако различни игри, имаат некои точки кои се допираат во контекст на стратегијата и претпазливоста со која си приморан да управуваш. За жал, тимски со другари уште не успеав да ја пробам зошто не е достапна во дијаспорските региони во кои се имаат отселено, ама играта е уште тазе па мислам дека во брзо време ќе биде распространета низ цела Европа. Јас играм на американски сервер во меѓувреме, ама не приметив дека има некој значаен лаг што влијае на перформансите.

Можеби Ring of Elysium нема да биде последниот преживеан наслов покрај гигантите како Fortnite и PUBG, меѓутоа апсолутно вреди за времето. Бесплатна е целосно без трикови, визуелно е фино исполирана, има доволно голем број на играчи за да не чекаш вечно да те пушти во партија (некогаш забележувам над 30.000), па со мала оптимизација и дополнителни регионални сервери верувам дека ќе расте уште повеќе.

No comments: