Ќе завршеше годинава, а јас немаше да стигнам да ја споделам музиката што ги оплемени моиве уши, ушите на гостите, комшиите и заглавените во сообраќајниот метеж. Иако рапов е само симболичен дел од музиката што ја слушам, годинава изданијата од другите жанрови на кои сум наклонет не ме допреа нешто посебно, па затоа оваа плејлиста е фокусирана на рап и музика која мислам дека гравитира околу хип хоп. Како лажен рапер не би можел точно да знам.
Една работа сепак си ја знам со сигурност - Еминем го има албумот на годината. И, тоа не како рап албум, туку ми е омилено издание за 2018 од сите музички жанрови. Kamikaze не само што ми приреди слушачко уживање, туку предизвика и галама што уште трае и ме забавува. Не можев да замислам дека Еминем пак ќе разгневува луѓе со провокации како пред петнаесет години и со музика што ја заобиколува публиката која е повеќе наклонета кон Ријана и Бијонсе.
Сега Еминем настрана, да видиме кој друг си порапува годинава до сега и што најдолго се задржува низ мојата секојдневна плејлиста. Преслушав многу. Интересни ми беа новите албуми на Mac Miller, Royce da 5'9, Kanye, Kid Cudi, Phora, Ryan Caraveo, 6LACK, Post Malone (ова повеќе е поп отколку рап, така?) и екипата од High Focus Records, ама во оваа прилика ќе ги издвојам овие неколку. Изданијата се наредени по азбучен ред.
Сега Еминем настрана, да видиме кој друг си порапува годинава до сега и што најдолго се задржува низ мојата секојдневна плејлиста. Преслушав многу. Интересни ми беа новите албуми на Mac Miller, Royce da 5'9, Kanye, Kid Cudi, Phora, Ryan Caraveo, 6LACK, Post Malone (ова повеќе е поп отколку рап, така?) и екипата од High Focus Records, ама во оваа прилика ќе ги издвојам овие неколку. Изданијата се наредени по азбучен ред.
A$AP Rocky - Testing
За оваа A$AP багра имав многу поразлично мислење претходно. Колку и да се сметам себе отворен кон секаква музика, имав впечаток дека е некое надркано полуписмено средношколско срање, па некако упорно ги заобиколував артистите со A$AP во името. Можеби и не грешам целосно, меѓутоа Роки со албумов не е воопшто таков. Слаб сум на музика која ги превиткува рамките на жанрот, а Testing е баш супер пример како се маневрира против таква истрошена хомогеност и не зборувам само за рап.
Чув нешто од претходните ствари на Роки, ама Testing некако најмногу ми се залепи за уши. Не сум премногу запознаен со звукот што се нарекува клауд рап и не знам овој албум колку спаѓа во таа класификација, ама ми се свиѓаат овие пеесетина минути. Продукцијата нема граници. Надреален колаж е од различни експериментални звуци, психоделии, дисторзирани басови, искршени мелодии и неочекувани семплови врз кои одлично се лепи харизматичниот глас на Роки. Testing е и нешто што би го препорачал на публиката која не се воздржува да ужива во Yeezus иако се работи поразлични стилови.
Слушни: "Tony Tone", "Fukk Sleep", "Changes" и "Praise the Lord"
Buddy - Harlan & Alondra
Овој млад дечко поддржан од Фарел Вилијамс годинава го направи она што Андерсон Пак го постигна со Malibu. Споредбата можеби ми е крајно лаичка, меѓутоа двата албуми ми имаат сличен шизички вајб. Harlan & Alondra е фанкерски разигран, интроспективен, неретко љубовен, похотен и исклучително заразен. Што им ставаат во таа калифорниска вода, не ми е јасно. Но, лежерниот стил на Бади не значи дека ќе те остави комплетно да се раскомотиш и ти, некогаш зачекорува и по посериозни патеки. Црно дете од Комптон е, сепак.
Harlan & Alondra e eден од најубавте албуми што ги чув годинава. Шармира на прво слушање, не можеш да останеш имун на енергијата што ја содржи. Жеден по уште музика од Бади, налетав на некој микстејп од 2014 што се вика Idle Time, па додека сум тука сакам и тоа да го препорачам. Стилски за нијанси поразличен, а е поеднакво квалитетен. Бади има неверојатен талент и се дружи со правите фаци што знаат како да го негуваат тоа, па едвај чекам да видам што ќе му биде следниот ангажман.
Слушни: "Speechless", "The Blue", "Black" и "Shine"
Cypress Hill - Elephants on Acid
Уф, колку и да уживам во Elephants of Acid, нешто ми се чини дека е една од оние ситуации во кои после некое време заборавам дека постои албумот. Така лани привремено се напалив на Humanz од Gorillaz за сосема да го изумам додека не издадоа нов албум оваа година. Кога сакам да слушам Cypress Hill обично ги вртам првите три-четири албуми. Дури и Temples of Boom некогаш ми е сосема доволен. Остатокот од дискографијата некако не ми ги задоволува слушачките потреби.
Затоа и бев малку скептичен за Elephants on Acid. Што ќе ми е нов Cypress албум, што уште може да ми пренесат? На мое големо изненадување, си кликнавме многу брзо со овој звук тука. Целосно продуциран од Диџеј Магс, албумот ме потсеќа баш на старите мрачни надувани Cypress Hill, без да осетам дека насилно го постигнале тоа. На прво слушање ми звучеше некако пренатрупано со сите тие интермеца меѓу песни, ама после неколкуте следни сфатив колку е уствари феноменално. Се отворил Магс тука, браво.
Додека ми траат сесиите со Elephants on Acid, ќе го означам како еден од поинтересните албуми од 2018 кои не ги очекував. Скоро излезе, уште сум под импресии и уште не сум го ставил во иста плејлиста со раните Cypress Hill албуми, можеби тоа е тестот што треба да го помине за да го вртам поредовно и во иднина.
Слушни: "Jesus Was A Stoner", "Warlord", "Locos", "Blood On My Hands" и "Crazy"
Denzel Curry - TA13OO
TA13OO беше најавуван како албумот што "ќе ја смени играта". Приметувам дека бројни рапери целат да направат дупка во тој популарен мамбл рап меур што е некако доминантен во мејнстримот, па истапувањето на Дензел Кари ми изгледа како да носи сличен мотив. TA13OO е моќен албум, како продукциски така и од лирички аспект. Стилот што е обликуван на албумот е доволно модерен за да може да се обраќа кон поширока публика, но истовремено и смело ишаран за да продре и подалеку од жанрот, па веројатно е само прашање на време кога ќе си го најде патот до различни парови уши.
Кари е повеќе познат по глупаво меме последниве години, па се понадевав дека возбудата околу новиов албум ќе успее поскоро да ја донесе таа "промена на играта" и ќе фрли светло кон неговите вистински квалитети. Безкомпромиснот звук и поетската проникливост на експерименталниот концептуален TA13OO заслужуваат да бидат истакнати на многу повисока позиција.
Слушни: "Black Metal Terrorist", "Super Saiyan Superman", "Clout Cobain" и "Switch it Up"
J. Cole - KOD
Џеј Кол веќе подолго време ужива голема почит на сцената со неговиот "освестен" опус. KOD можеби малку отскокнува од неговиот потрадиционален звук, но компактноста на времетраењето на албумот го прави лесно достапно ова негово стапнување кон благи траперски фазони. Промената во продукцијатата и начинот на рецитирање го правда како обид да ги доближи своите пораки и до таа публика. Чудно ми е како тој звук "инспирира" толку многу луѓе да се ориентираат натаму, нели саундклауд трапов требаше да биде тренд со ограничен рок на траење како дабстеп?
Без оглед на тоа дали се работи за маркетиншка финта или чист субверзивен потег, KOD е далеку од трап албум и аутотјунови. Претежно флоуто на Кол во неколку наврати тера во таа насока. Тематски KOD е на повеќе страни, делумно врзани во и акронимот кој го носи името на албумот, кои сите ги спојува една поголема слика на која Кол има исцртано мотиви од различни зависности. Можеби работите кои ги третира тука и не се некое откровение, меѓутоа начинот на кој ги презентира го оправдува фактот што неговото име стои меѓу најголемите живи рапери на денешницата.
Слушни: "Kevin's Heart" и "ATM", другите што се многу подобри скржаво ги чува настрана од јутјуб.
Logic - Bobby Tarantino II
Оваа година во многу прилики пред Kamikaze тврдев дека Лоџик е најдобриот жив рапер, a како и другите рапери и сам си го мисли тоа. Само што за разлика од повеќето, Лоџик некако има поцврста основа за да се расфрла со ароганција и да биде самоуверен во таа насока. Но, со последниот албум што излезе неколку месеци после овој Bobby Tarantino II микстејп упорно се труди да го убеди цел свет за неговата позиција во рапот и искрено кај мене потфрли малку.
Има толку добри теми на кои може да се фокусира, како што и го прави тоа со еден солиден дел од неговата дискографија, меѓутоа на Young Sinatra IV тргна да го спасува бум-бап рапот кој можеби и не мора да биде спасен од Лоџик. Но, затоа на Bobby Tarantino II отвара оган насекаде. Таков Лоџик сакам, да превртува ствари наопачки, впрочем како што сакаат и Рики Морти на интрото од микстепјот. Bobby Tarantino II ми е омилено издание на Лоџик после Under Pressure и дефинитивно едно од најдобрите раперски за оваа година.
Сакам кога Лоџик е без кочници и тематски ограничувања кои сам си ги поставува, а тука со Боби Тарантино персоната е баш таков. Тоа и го прави еден од најмаркантните рапери на денешницата веројатно, па затоа и не ми е јасно како некогаш се форсира во тесни ќошиња. Ваков рап сакам да слушам во 2018, да го оставиме звукот од деведесетите таму.