March 27, 2016

Batman v Superman: Dawn of Justice (2016)

Не беше многу одамна денот кога го најавија Бен Афлек како Бетмен и изгубив свест на биро. Ни оној ден кога излезе првата слика од него во костимот која не успеа да ми влее надеж. Кога се појави првиот трејлер за Dawn of Justice веќе се симнував од забрзаниот суперхеројски воз. Но, онаа попладневна епифанија од минатата недела некако успеа да ми го прочисти умот од предрасуди кон филмот,  до степен да наместо со солзи, од кино излезам со Џек Николсон осмех и исполнет детски сон. 

Претходно ги чув сите муабети. Едни тврдат дека е најлошото нешто што му се случило на светот по Холокаустот на Евреите, други доживеале спиритуална преродба. Мене ми беше забавен. Да, не е најпопуларниот став во моментов, ама ова доаѓа од некој што уште мисли дека Kingdom of the Crystal Skull е феноменален и дека Warcraft ќе му биде новиот омилен филм. За одредени работи не можеш да си секогаш објективен, така што искулирај. Ќе се расфрлам со спојлери подолу, не е како да умрел Хан Соло или нешто (упс), ама сепак ете го задолжителното предупредување.


Batman v Superman: Dawn of Justice е филм со маани како и секој друг. Не знам што точно се случи за критиката да го распне така брутално, а публиката да развие колективна омраза и да тргне да ги забива секирите во тоа што останало од лешот. Сите се фаќаат за приказната, за тоа колку била некохеретна и тешка за следење. Прилично е едноставна и покрај тоа што залците, дури и расцепкани во кратки сцени, изгледаат преголемо. Да, филмот се обидува да скрпи многу ствари одеднаш, некогаш се распаѓаат од сосема други причини, но на крајот сепак се формира во солидна целина. Нелогичности има, сценарио со смешно лоши реплики на моменти исто така, меѓутоа големата слика, па и деталите кои ја градат, е одлична и цврста. Сепак, многумина не се согласуваат со тоа.

Дали е проблемот во тоа што Супермен како лик денес потешко би функционирал? Во време кога и овие шарени суперхерои се стремат кон реалистична прецизност, пак е вонземјанин од друга планета кој се обидува да го симболизира доброто во човештвото. Токму таа совршеност на Супермен не дозволува да го изведеш по "модерен терк", без да е сцена во која Кристофер Риф симнува маче од гранка или Дин Кејн заводливо ѝ се смешка на Тери Хачер во блескав спандекс. Примерите ми се можеби преекстремни за поентата, ама размисли. Каков Супермен сакаш да видиш?

Мене Супермен најубаво ми функционира кога е соочен со нешто кое не е интергалактички ѕвер склон кон уништување на малите луѓе од зелено-плавата планета. А, кога е, сакам да видам како му се предизвикани вредностите кои не се во доменот на неговата физичка моќ. Затоа и сите овие дилеми за неговото место на Земјата кои ги сервира филмот ми беа толку занимливи. Крвта која ја има на рацете е од постапки чиј исход не е намерно таков. Ефикасен е во тоа што го прави, но колатералната штета е неизбежна. Доволно за да му се даде маана на таа "апсолутна добрина". Филмот во суштина ги продлабочува истите идеи од Man of Steel, но остануваат закопани под сомнителниот квалитет на нивната испорака.


Овој Бетмен тука е монструозен и брутален. Се тепа како од Arkham игрите и го жигосува "пленот" пред да го испрати во затвор каде што тој жиг е билет за непријатен помин. Свесен дека тоа што го прави последните дваесет години упорно ќе се повторува. За секој криминалец што ќе го спречи, ќе се појави нов. Мотивот го фокусира на целата планета, наспроти Готам, каде што постапките на криптонското неискусно божество изглегуваат од сечија контрола. Афлек е толку добар во улогата што еве, со задоволство ќе си ги изедам сите гомна што ги посрав за неговиот Бетмен последниве години. Сцената со сонот, визијата или што и да беше,  каде што ќе му се нафрлат додека го набавува криптонитот, а на Супермен војската му се поклонува додека проаѓа, е една од најдобрите во било каква адаптација на овие два ликови. Едноставно е премногу кул, макар и да е уфлена само поради тоа.

Конечното соочување на Бетмен и Супермен е врвот. Можеби причините поради која ја почнуваат и завршуваат битката се дел од неколкуте влажни прдежи на Dawn of Justice, но после тоа можев комотно да станам и да си отидам пресреќен. Го млатна со лавабо, еј. Дочекав да видам како Бетмен го удира Супермен со санитарија и уживав во секој момент. За жал, додека се прибирав од возбудата, дојде и моментот кога Џеси Ајзенберг од благо иритирачки Лутор се претвори во сценаристичка неумешност која го создаде Думсдеј речиси од воздух. Колку и да го третирав Dawn of Justice како лајв-екшн цртан филм, некако не успеав да го простам компјутерски генерираниот Думсдеј целосно. Дизајнот како да сум го видел претходно. Од оној Hulk со Едвард Нортон, до чувства што ги поврзав со последниот Godzilla. Премногу валкано интерпретиран за послужи како ефективен како голем, соодветен негативец.

Но, тоа отвори простор за конечно да дојде моментот за Вондер Воман од која пријатно се изненадив, иако нејзиното присуство повеќе функционираше како надополнување на деус екс макина финалето. Ликот уште не го сакам како што би можел, меѓутоа фин вовед во нешто што можеби ќе испадне интересно. Од скоро сум фан на Justice League, па ќе се потрудам да сум отворен кон следните филмови. Настрана премладиот Лутор, кастингот е одличен. Лутор сакав да го видам како повозрасен, посериозен и секогаш намрштен газда, со малку поцврсти причини за омраза кон Супермен. Тука не добив некој јасен мотив за неговите постапки.


Џереми Ајронс е супер Алфред, но мааните на филмот не дозволија потенцијалот да биде целосно искористен. Во посебен Бетмен филм, верувам дека хемијата помеѓу него и Афлек би можела подобро да се изрази. Кавил е посозреан. Мило ми беше што видов и повеќе од Кларк, но Лоис (Ејми Адамс не ми е баш најхаризматична) е повторно неискористен елемент. Некогаш и средство за да се создаде дупка во приказната. Како Лоис го најде криптонитското копје и како воопшто се најде во таа сцена? Што пропуштив?

Самиот крај нема да убеди никого дека Супермен е мртов, а дополнително може да ја збуни публиката која не е запознаена со овој дел од историјата на ликот. Тука Снајдер прави уште еден голем залет оддавајќи почит на The Death of Superman стрипот, па сцената со погребите колку и да е моќна и трогателна, нема некоја друга функција во однос на приказната која ќе следи понатаму. Освен ако првиот Justice League филм не се занимава со враќањето на Супермен, што баш и се сомневам дека ќе е така.

Балансот е постигнат, за секоја глупост во филмот имаше три работи кои не дозволија да излезам бесен од кино. Можеби не е очекуваниот глобален спектакл, но е сигурно забавен за тоа што е. Убав е за гледање, секој кадар е полн, внимателно промислен и испочитуван, а музиката на Ханс Цимер и Junkie XL се грижи за дополнителната нутриционистичка вредност. Оставам простор за второ гледање. Добив желба уште во моментот кога заврши. Dawn of Justice е многу повеќе од "предолг трејлер" за филмски универзум кој DC толку упорно настојува да го изгради, и планирам да се уверам пак.

March 24, 2016

Eminem / The Punisher: Kill You, еден од најбизарните наслови на Marvel

Ако мислиш дека моменталниот кросовер со Бетмен и Нинџа Желки е чуден, сети се дека постои стрип од 2009 каде што Панишер дели страници со Еминем. Има и други кросовери кои се сигурно побизарни, ама овој ми улета во купчево Панишер и Дердевил стрипови што ги листам периодов, па морав да го издвојам тука. 

Види, Еминем е фан на стрипови. Кажува дека ако не бил рапер, би бил стрип цртач, а во автобиографската книга The Way I Am покрај тоа што раскажува за неговото растење со суперхероите на Марвел, има и неколку негови цртежи кои не изгледаат воопшто лошо. Во лондонскиот Forbidden Planet видов дека им напишал и благодарница што отвориле покасно за да може да ја испазари пола продавница без да го замараат фанови. Затоа и оваа дружба со Панишер е природна, но...


Еминем баш и не припаѓа на ваква хартија. Неговото психотично алтер-его Слим Шејди, можеби. Би бил одличен анти-херој, зошто ако погледнеш поубаво, ќе видиш дека суштината му е онака стриповска. Kill You е генерално наменет за промоција на тогаш новиот албум Relapse. Не е некоја приказна што ќе ти го разнесе умот, но функционира зошто е некако добар од што е лош.

Почнува со концерт на Еминем по кој Панишер отвара оган врз неговите луѓе. Еминем мисли дека Панишер е дојден по него, но испаѓа дека Баракуда (негативец од Панишер стриповите), кој тука е дел од придружбата на Еминем и негов другар од детство, е платен од здружение на родители да го ликвидира. Панишер е дојден во Детроит да го заштити Еминем од Баракуда зошто еј, Панишер не е баш најголем фан на платени убијци. Недоразбирањето ќе ги соочи Еминем и Панишер на кратко, каде што Еминем ќе го истепа Панишер со пиштол додека го урла рефренот на "Kill You". И, тоа не е последната референца од творештвото на Еминем. Во еден момент го напаѓа Баракуда со моторна пила која ја добива од фан кој "му е најголемиот фан и има негови постери и слики на ѕидовите".

На крајот, се работи за бесплатно промотивно издание со стандардни дваесетина страници, па никој не е финансиски оштетен. За тоа што е, сосема е во ред. Ако може да има стрип испрдоци од сè што се појавило во поп култура, зошто не и Еминем? Со тие пари може да си дозволи што сака, а баш овој начин за промовирање е во духот на Маршал Метерс. Само штета е што никогаш Слим Шејди не се најде на овој медиум. Верувам дека многу подобро би функционирал од онаа шашавата анимирана серија The Slim Shady Show.

March 23, 2016

Уште еднаш за Punishеr: Wаr Zоnе

Нафуран на Панишер од втората сезона на Daredevil, решив уште еднаш да го изгледам Punisher: War Zone од 2008. Ми има оставено некој горчлив вкус, го кењам со години, но ајде. Колку може да е лош? Или тогашната опсесија со The Punisher MAX на Гарт Енис и патењето по Том Џејн ми го нарушиле расудувањето? Па, War Zone е навистина просечен, тоа е веројатно крајниот заклучок од оваа моја потрага по искупувачки квалитети. Меѓутоа, овој пат работите што ми пречат и тие во кои уживав се различни. Читам што сум напишал за филмот пред седум години и ќе мора да најдам простор да си простам. Најмногу за тоа што сум дал оценка. Оценка, бе. Ќе ми изгледаше претенциозно да не беше толку симпатично. Ах, Бојане... 


War Zone можеби страда од отсуството на било каква логична приказна. Уште не ми е јасно што точно се случува во филмот, какви пари бара Џигсо и кои се всушност мотивите на останатите ликови. За Френк Кесл ми е јасно, но доколку бев некој што првпат се среќава со него во овој филм, ќе бев уште толку збунет. Разбирам дека ова е филм за веќе "созреан" Панишер кој веќе четврта година ги чисти њујоршките улици од криминален гамад, но Френк Кесл речиси и да не постои. Не е доволен само еден краток флешбек и тажни гримаси на гробишта. Френк е можеби претворен во одмазничка машина за убивање, ама под таа смешна ролка со череп што ја носи во филмов, постои човек кој лош ден го има претворено во тоа што е. Финтата со Панишер е да дозволиш и тоа суптилно да ѕирне од некаде.

Доколку таа "врска" помеѓу Френк и Панишер требаше да биде фамилијата на агентот кој е колатерална штета од неговиот покољ, па таа негова доза на каење и одговорност да потсети дека не е човек комплетно умрен одвнатре, лошото сценарио не го дозволува тој маневар. Најголемиот проблем е Џигсо, не знам како тоа "стриповски" ми изгледал тогаш. Доминик Вест е одличен актер, а тука како да се труди да биде Џек Николсон во Batman на Тим Бартон. Очајниот перформанс на Вест и штурите дијалози го прават Џигсо закана која е недоволна да биде "главната" за некој што може да ти го скрши вратот за дел од секунда. Во ниту еден момент нема да осетиш дека е некој што може на било кој начин да му наштети на Панишер. Ништо поопасен од останатите криминалци кои ги праќа во мирен сон низ целиот филм.

Реј Стивенсон, од друга страна, е одличен Панишер. Не сум можел да го видам тоа зошто очигледно сум бил тинејџерски вљубен во Том Џејн. Еј, 2004 беше тоа, се заљубував во сè и сешто. Стивенсон, иако далеку од совршен за улогата, изгледа доволно ладнокрвно кога разнесува нечија глава. Лицето му е такво изморено, баш како на човек што изгубил доволно за да ги лечи психичките лузни со урбана војна против тие што ги смета за виновни. Панишер во стриповите оперира и со денови без спиење, а Стивенсон баш успева да го долови тој момент.

Punisher: War Zone останува закопан и понатаму, освен за тие двајца на светов што го доживуваат како спиритуално искуство. Еј, мора да има такви негде. Веројатно да беше повеќе од обичен акционен филм, ќе се осеќаше неговото ехо и денес. Историјата ќе го памти како финансиски најнеуспешната Марвелова адаптација (од 35 милиони долари буџет, вратил само десет) и покрај тоа што со стерилноста е позабавен од Ant-Man, но тоа е тоа. Светот пред некој ден доби феноменален Панишер со Џон Бернтал, па нестрплив сум да видам повеќе од него.

March 22, 2016

Тековниот Daredevil на Чарлс Соул и вториот број на Daredevil / Punisher: Seventh Circle

Никогаш не успеа да ми легне онаа ведрина на Дердевил на Марк Вејд кога го пресели Мет Мурдок во Сан Франциско. Премногу весело и светло на моменти, па бргу изгубив интерес и го баталив. Си го сакам Дердевил во нешто потемна нијанса, а баш тоа Чарлс Соул успева да го постигне со новиот тековен стрип. Со само четири објавени броеви до сега, Соул го враќа мрачниот тон на ликот во наслов кој подеднакво добро функционира за старите фанови како и за оние кои првпат се среќаваат со Човекот без страв. 

Дердевил е назад во Њујорк и е соочен со Тенфингерс, одметник од The Hand и лидер на религиски култ кој оперира во кинескиот кварт на градот. Тенфингерс зад култот крие криминална игра која е нели, спротивна на принципите на Мет Мурдок. Овој пат, Дердевил има и ученик кој му помага да го одржи редот во Хелс Кичен, Блајндспот. Млад кинез кој покрај боречките вештини кои ги учи од Дердевил, си има направено и костим кој му овозможува да биде невидлив.


Некарактеристично за лик кој претежно демне сам од покривите без фул-тајм поддршка, но тука некако функционира. Не само што присуството на Блајндспот е во ограничени количини, туку неговата приказна и идентитет корените ги имаат во култот на Тенфингерс, па полека некои делови си доаѓаат на место. Често делуваат заедно, меѓутоа вистинското место на Блајндспот е кинескиот кварт каде што е слична фигура како Дердевил во Хелс Кичен. 

Овој Daredevil е преполн со фини ситници кои Соул одлично ги изведува. Од новата адвокатска канцеларија на Мурдок која е всушност расипан лифт во зграда, до еден момент каде што треба да деактивира бомба, а добива инструкции за боја на жици и тајмер бидејќи соговорникот не знае дека е слеп. Начинот на кој ќе го реши проблемот е брилијантен. 

Четвртиот број е домаќин и на Стив Роџерс, но во поинаква верзија. Кеп тука има 90 години, бидејќи супер-серумот престанал да делува, што го довело до природно стареење. Авторитетот е ист, но е малку поинаков. Не знам што се случува во тековниот Captain America стрип, не го следам насловот, но претпоставувам промените доаѓаат баш од таму. Знам дека го заменија Роџерс пред некое време, ама мислев дека е повторно назад. Е?

Најмоќниот аспект на овој наслов е визуелниот дел. Боите се ограничени на нијанси на сиво, црвено и кафеаво со по некој излет во друга палета, но не премногу, за да не се избега од целиот тој ладен тон. Секоја чест за Мет Мила и Рон Гарни. Истиот стил на цртање и боење е пренесен и во заедничкиот наслов со Панишер, Seventh Circle чиј втор број излезе пред некој ден.

Брканицата за животот на криминалецот Антонов од првиот на Seventh Circle продолжува и тука. Нарацијата е претежно преку акциони сцени поради кои страда дијалогот, меѓутоа очигледно е дека овој наслов е баш така замислен. Или не е? Кудрански е одличен со цртањето како и секогаш, само што сакав да видам повеќе од сценариото на Соул. Крајот на вториот број остава простор за повеќе од само акција, па се надевам дека смело ќе тргне натаму и ќе го продлабочи конфликтот помеѓу Дердевил и Френк Кесл.

March 21, 2016

Втората сезона на Daredevil

Уф. Ако првата сезона на Daredevil непрекинато растеше муда низ тие 13 епизоди, вторава може комотно да посегне и да ги извади од ногавица. Првата сезона успеа да создаде доволно мрачен и брутален амбиент каде што не можеше да не посакаш да го видиш господинот Френк Кесл. Кога го најавија Џон Бернтол како Панишер, бев малку скептичен за изборот, а сега додека го пишувам ова ми е јасно дека е најдобриот Панишер што излегол од хартија.

Категорично насилен, бесмилосен, со неконтролирана желба за спроведување на крвава казна и одмазда. Третманот кој Френк Кесл го добива тука е толку ефикасен, па е постигнат совршен баланс помеѓу соживувањето со неговата трагедија и ракоплескањето на постапките што ги прави. Во ниту еден момент серијата не те штеди од експлицитноста на неговото делување и можеби затоа функционира толку добро.


Панишер е одличен лик за предизвикување на принципите и моралните одлуки на Дердевил. Според него, Дердевил е само делумна мерка за она против кое се бори. Кога Френк ќе спружи некој на земја, таму и останува. А, католичките вредности на Мет и неговата идеја за правда често застануваат помеѓу човек кој е решен да води сопствена војна во која убива криминалци низ улиците на Њујорк. Нивната динамика е можеби најцврстиот аспект од втората сезона. 

Перформансот на Чарли Кокс е беспрекорен, го исполнува секој кадар. Неговиот Мет Мурдок изгледа како да е улогата која што ја чекал целата негова кариера. Сепак, како минатата сезона, успева да падне во сенката на друг актер. Тогаш беше Винсент Д'Онофрио, овојпат е Бернтол. Со благи спојлери, има една сцена во судница каде што Френк Кесл испорачува еден говор со кој ќе ти ја заледи крвта. Во тој момент сфаќаш дека не му треба шатган на Панишер за да те извади од памет, па панично размислуваш дали е криминал ако непрописно си се паркирал, зошто за малку не излегол од телевизорот за да те задави со врвките од патиките. Треба јајца и негуван талент за таква глума, а очигледно Бернтол ги има двете во изобилие. 

Добра беше и приказната со Електра, кратките флешбеци кои ја надополнија и за мене неочекуваното, појавување на Стик. Уште една мерка плус со која дополнително му се искомплицира "хобито" на слепиот адвокат. Не сум сигурен дека во целост ги разбрав мотивите на The Hand, претпоставувам повеќе бев фокусирен на она што се случува со Френк, меѓутоа имаше неколку фини детали што од валкната реалност на Хелс Кичен ме вратија на стриповско ниво на размислување. Daredevil не само што има храброст за пролевање литри крв, туку длабоко сака да згази во митологијата на ликот. Френк Милер е сигурно среќен. Исто и јас. Кој не сака да гледа нинџи со натприродна позадина?

Не мислев дека ќе има толку важна улога во вторава сезона, ама па истото го мислев и за Розарио Досон. Нејзиниот лик фунцкионираше многу подобро кога беше во помала количина и кога ја гледавме како се грижи само за раните на Дердевил. Во тие епизоди серијата малку спласна со темпото, но претпоставувам само за атер на транзицијата на приказните со кои почна да жонглира на почетокот. Кога ги гледаш епизодите по ред веројатно не се осеќа. Тука направив пауза, па можеби и затоа ми се виде мала разлика во интензитетот. 

Сега кога веќе е воспоставен Френк Кесл како Панишер, редно време е да добие своја серија. Доволно е комплексен и зема поголемо парче од серија која не е ексклузивно назначена за него. Има толку многу простор на теренот што можностите се огромни. Daredevil успеа да го дуплира сето она што функционираше првиот пат. Дури и онаа акциона сцена во ходникот феноменално ја прошири низ целиот влез на една зграда. Но, сега е моментот да продолжи одмаздата и крвопролевањето на Френк. Дајте ни. Дајте ни уште повеќе. Мора да дознаам како продолжува "One batch, two batch, penny and dime".

March 19, 2016

Попладневна суперхеројска програма

Во последно време не пропуштам прилика да си ги испразнам цревата врз костимирани филмски протагонисти, a често некои ствари продолжуваат да плутаат откако ќе го ставам казанчето во функција. Тоа се моите двојни стандарди и контрадикторност. Радоста беше преголема со првиот Iron Man. Во истиот период Бетмен доживуваше рененсанса со филмовите на Нолан. Суперхероите ја напуштија хартијата стапнувајќи во територија која ги издржа толку добро, што додека се освестиш веќе се собрале сите Авенџери. 2012 беше добра година да си фан и да гледаш како се формира цела една субкултура.

Еден ден се будиш презаситен од суперхерои на филм и телевизија. Првите залаци биле добри, но сега имаш мачнина во стомакот, а тоа што ги гледаш буквално насекаде околу тебе не помага да се чувствуваш подобро. Секако, некогаш ќе се погоди некој специјален деликатес како Daredevil, но пак од рафтовите некое бајато срање те гледа директно во очи. Квантитетот наспроти квалитетот и општата неиновативност ти ја менуваат малку перцепцијата. Тоа што можеш да го игнорираш - го игнорираш, останатото го консумираш претпазливо. И, си викам, во ова ли ми се претвори забавата? 


Трендот за среќа умира полека, барем мене така ми изгледа. Достигнати се повеќе критични точки. За некоја година ќе биде заменет со нешто друго, а суперхеројските маички на повеќето ќе завршат како пижами и крпа за бришење прозори. Затоа се вика тренд и не, нема да е тука да остане. Веројатно годините ќе го исфилтрираат квалитетот, па нема да биде чудно ако во иднина кога ќе се гледа на оваа кинематографска фаза и ќе се возвишува трилогијата на Нолан, Ant-Man ќе служи за потсмев. 

Ми текна една работа откако ги изгледав првите епизоди од втората сезона на Daredevil. Во таа моја нарушена перцепција за целиот овој циркуз, се протна еден очигледен детал. Оваа година ги вкрстува суперхероите еден против друг. Во моментот кога го видов Панишер како пука во Дердевил и тоа се случува на медиум што не е стрип, ми кликна нешто што мислев дека одамна ми поминало низ системот. Се присетив на сите причини поради кои сакам суперхерои и како влијаеле на мене од моментот кога првпат го гледав Batman на Тим Бартон.

Му се спремам на Captain America: Civil War поради некаква носталгија и љубов кон стрипот, а не приметувам што навистина се случува. Еволуција на жанрот! Браво, Бобо! И, изгледа примамливо. Какво и да испадне дека е, пак е излегување надвор од шаблоните. Ако ова е последната станица на суперхеројскиот воз, нека замине со борба. Нека си разменат удари Бетмен и Супермен, нека му се накурчи Тони на Кеп. Зар не е тоа што ти ги дразнеше брадавиците кога беше хартија? 

Секако, нема слепо да го занемарам квалитетот, но очекувањата ми се поинакви и сум првпат после долго време возбуден за да го одморам цинизмот за сметка на ете, еден детски жар. Ќе ја оставам Вондер Воман на страна, ќе гледам да го игнорирам кастингот за Лутор и ќе се обидам да се забавувам како пред дваесетина години кога Бетмен и Супермен играчките ми беа за играње, а не во кутија на полица.

March 16, 2016

Македонската игра Small Star Empires на Кикстартер

Пред неколку денови Archona Games лансираше кампања на Кикстартер за нивниот прв стратешки бордгејм, Small Star Empires. Во моментов, собрани се нешто повеќе од 10,000 австралиски долари од потребните 14,000 за овој фин проект да успее и да се најде на твојата маса до октомври оваа година. Остануваат уште 26 денови, а со оглед на брзото темпо со кое се зголемуваат донациите, кампањата ќе биде успешна пред рокот. Еден примерок од играта чини 47 австралиски долари, односно 32 евра. Постои можност и за симболична донација од едно евро, како и нарачка на повеќе примероци.


Играта, чиј креатор е Милан Тасевски, е наменета за 2-4 играчи кои се борат за доминација на галаксијата. Правилата се едноставни и брзи за учење. Играчите, своите галактички империи ги создаваат со населување на ѕвездени системи, истражување и градење вселенски станици за трговија. Победник е тој што ќе собере најмногу поени кои ги носат колонизираните системи. Партиите се брзи и трааат 15-20 минути, а модуларната мапа составена од хексагонални полиња ја прави секоја партија различна.

Минатата година, прототип од Small Star Empires беше презентиран на најголемиот светски саем за друштвени игри, Essen Spiel 2015 и доби еден куп позитивни критики. Истото го кажуваат и рецензиите на релевантни фаци од бордгејм сцената. 


Доколку Кикстартер кампањата ја надмине првата, основна цел, за да започне производството, ќе се зголеми и квалитетот на материјалите од кои е изработена играта. А, во случај да се соберат $22,000 Small Star Empires ќе добие плус дванаесет нови системи, додека со над $35,000 ќе бидат додадени и дополнителни сектори кои би ја направиле мапата уште поголема и поразлична.

Освен со донацијата на Кикстартер, Small Star Empires може да се нарача и во продавницата Гоблин по цена од 2000 денари. За повеќе информаци околу Small Star Empires, трк на официјалниот сајт на Archona Games.

March 13, 2016

Неколку кошмари од Брестовата улица

Колку луѓе ќе одговорат со Фреди Кругер доколку треба да кажат лик од хорор филм што им доаѓа на ум истата секунда? Само толку!? Верувај, има многу повеќе. Веројатно Фреди е најпрепознатливата хорор икона. Пругастиот црвено-црн џемпер, шеширчето, ракавицата со сечила и изгореното лице некако повеќе се лепат од хокеарски маски, зар не? Освен тоа, запази колку е звучно името. Фреди Кругер. Гротеска. Таман ќе помислиш дека е некој ведар тип, нешто ти вика дека можеби некаде, не толку одамна, дистрибуирал плински боци. Океј, океј тотално невкусен обид за отстоен црн хумор. Толку црн што брзо провери си дали ти е уште тука новчаникот, а-ха! Океј, ќе се испратам сам.

A Nightmare on Elm Street серијалот, зачнат од хорор-мајсторот Вес Крејвен е култна класика. Супер Бобо, фала што после смешките ни кажуваш и вакви очигледни ствари. Седум делови, еден римејк и едно заедничко остварување со колегата со пролевање крв и органи, Џејсон. Има и една антологиска серија со неповрзани приказни која ја води самиот Фреди. Како и во секој сличен серијал, има погодоци и промашувања, но овој пат ќе помуабетам за тие неколку што ми се најмногу гледани. 



Првиот дел е можеби еден од најбитните во жанрот. Вес Крејвен го освежува слешер хорор жанрот со негативец кој уште од самиот старт егзистира на различно ниво од реалноста - соновите. Фреди Кругер е поранешен убиец на деца во едно маало кого родителите на жртвите и останатиот комшилук, незадоволни од правдата на системот, ги превземаат работите во свои раце и го линчуваат. Но, Фреди наоѓа начин како да опстои и е способен да убива во кошмарите на несреќните жители. Манифестирајќи го неговиот брутален "занает" во реалноста, Фреди се враќа да го тероризира подмладокот на тие што го убиле. И, крив и должен, но ете. Злото никогаш не умира, нели?

Вес Крејвен со овој филм создава терен за бесконечна имагинација и креативност. Соновите како хорор механизам искористен на овој начин, овозможуваат кршење на сите правила и норми на филмската реалност. За жал, оваа моќ продолженијата и не успеваат да ја искористат на истиот допадлив начин, меѓутоа некогаш се доволно забавни и со самите обиди. Освен вториот можеби, бидејќи премногу "безбедно" си игра со формулата и се обидува да ја копира како со индиго.

Кецот исто така е и првиот филм на Џони Деп и филмот кој со едвај два милиони долари ги има спасено New Line Cinema од сигурен банкрот. Долго време по успехот на филмот, ова студио го нарекувале "куќата што ја изгради Фреди". 


Крејвен заминува од режисерското столче на серијалот по првиот дел, но тука се враќа како автор на приказната. Со него ја носи и Хедер Лангенкамп која ја толкува улогата на Ненси Томпсон, главниот лик од првиот дел. Ненси, која го преживува косењето на Фреди и е свесна за неговото постоење и начин на делување, сега е психијатар и работи во болница со деца кои имаат кошмари со Фреди Кругер во нив. За да биде уште појако, во болницата работи и младиот Лоренс Фишбурн.

Иако ниту еден филм од серијалот не ми бил "страшен", овој го сметам за најморбидниот. Последниот пред A Nightmare on Elm Street да замине во малку покомична насока, Dream Warriors има сцени што засекогаш ќе ти останат врежани во сеќавање. Ако некогаш си бил буден до доцна и скриен под ќебе поради Фреди, претпоставувам дека овој филм е виновникот. Сцената со обесените лешови на почетокот, девојката што ќе заврши буквално "на телевизија" и смртта на наркоманката каде што сечивата од ракавицата на Фреди се претвараат во шприцови? Детето на кое Фреди му ги корне вените и како марионета го носи кон самоубиство? Од тука се.

Не само што Dream Warriors ми е омилен од серијалот, туку ми и е еден од најдобрите хорори воопшто. А, Вес Крејвен не би бил Вес Крејвен да не создаде ѕвезда од некој што првпат му се појавува во филм. Во овој случај, тоа е Патриша Аркет. Исто така, ова е првиот филм на режисерот Чак Расел, човекот што после некоја година ќе го сними култниот The Mask со Џим Кери.


Седмиот филм во серијалот. Фреди е мртов од последниот дел, а очигледно и самиот серијал. За слешер жанрот, златните денови се само убав спомен. Вес Крејвен се враќа првпат на Брестовата улица по Dream Warriors, но овој пат со целосна контрола. Сценарист, режисер, па дури и актер. New Nightmare има интересен концепт, нешто што Крејвен подоцна ќе го искористи како основа при создавање на Scream, а особено неговите продолженија. Во филмот, актерите од првиот дел се глумат себеси си и се соочуваат со Фреди Кругер кој овојпат е надвор од филмовите и напаѓа во "реалноста".

Фиктивниот Вес Крејвен (па, и вистинскиот), изнервиран од лошите продолженија, решава да сними уште едно продолжение за Фреди со што некако магично го носи на овој свет. Тука е и Хедер Лангенкамп, позгодна и понесреќна од било кога, првата која приметува дека Фреди е реален и спремен да ги убие сите.

Ваквата финта во New Nightmare функционира, уникатна е, меѓутоа филмот е толку досаден што попрво би избрал да умрам во сон отколку да го гледам пак. Освен тоа, во обид да се направи Фреди уште поодвратен, нешто тргнало наопаку во шминкерскиот салон, па легендата Роберт Ингланд изгледа како да е заменет со гумена кукла.

По ова, серијалот оди во мирување до Freddy VS Jason (2003), по кој и самиот Ингланд до ден денес, го остава шеширот на некоја правлива закачлка. Римејкот со Џеки Ерл Хејли како Фреди од 2010, никогаш не го гледав.

March 11, 2016

Како Scream го редефинираше хорор жанрот

Оваа година Scream на Вес Крејвен полни дваесет години. Иако неретко изоставен од листите на "вистинските" хорор фанови, филмот денес удобно си го носи култниот статус и важи за еден од најдобрите филмови кои покојниот Крејвен ги остави како негово наследство. Scream доживеа уште три продолженија и една серија која се прикажува во моментот, но ништо не успеа да ја удри истата нота како првиот филм. Продолженијата, без оглед на тоа што беа забавни на свој начин, фрлија прашина на освежената формула, додека серијата ја избегнувам од проста причина што оди на MTV, канал за кој сметам дека не би можел да понуди третман на материјалот каков што би сакал да видам. Можеби и навистина вреди, меѓутоа уште не сум спремен да ги тргнам предрасудите настрана за да проверам. 

Пред Scream, слешер хорор жанрот е во коматозна состојба. Видена е веќе секоја варијанта на маскиран психопатски убиец кој демне група млади луѓе и ги убива еден по еден. А, режисерите барајќи начин да отскокнат од досадните конвенции, често ги носат антагонистите во натприродна територија која некогаш фрла поинакво светло на првите наслови во тие долги серијали. Веројатно најпрост пример за вакво сквернавење на изворот е Friday the 13th, а не е поштеден ни Мајкл Маерс и Halloween серијалот. 


Но, Вес Крејвен никогаш не ни играл по "правилата". Доказ за тоа е неговиот A Nightmare On Elm Street кој се појавува во период кога слешерите стануваат репетитивни. Не само што филмот го спасува жанрот, туку го спасува и New Line Cinema студиото од банкрот, притоа лансирајќи ја кариерата на Џони Деп кој својата прва улога ја добива баш тука. 

Во 1996, кариерата на Крејвен не е баш нешто на кое што некој би можел да подзавиди. Успехот на Scream повторно му помага на Крејвен да остане "во игра", а слешерите да ги отворат очите и да тргнат по нова крв. Scream функционира толку добро во тоа што го прави и ако си уште на линија, дозволи да ти објаснам зошто. Во секој слешер филм го има тоа што го нуди Scream, да. Маскиран сериски убиец, напалени тинејџери и скромна, храбра девојка која често е единствената што ќе го преживее крвопролевањето. Но, Scream го знае сето ова, тука е уникатниот детал кој го прави филмот интересен. Култните хорор филмови постојат во универзумот на Scream. Ликовите ги знаат "правилата за преживување во хорор филм", експлицитно нагласени од Ренди, типот опседнат со ваков вид забава. Ренди и неговите правила ја дефинираат динамиката на филмот брзо откако ќе почнат убиствата. 

Но, и покрај тој свеж пристап со мета-референцирање, Крејвен оди чекор понатаму со тоа што го крие идентитетот на маскираниот будала до самиот крај. Можеш само да се сомневаш и да погодуваш и никогаш да не си прецизен. Знаеш кои се Џејсон, Мајкл Маерс и Фреди Кругер, но тензијата е поефективна кога заканата е комплетно мистериозна. Пристапот функционира феноменално. Затоа и првиот пат кога го гледав филмот, тој силен впечаток што ми го остави тогаш ќе остане незаменет. Дури и со постојаното гледање пред години, на една излитена Scream видео касета што мислам дека ја чувам и денес, никогаш не успеа да ми здосади.  

Популарноста на Scream повлече еден краток бран на слешер хорори кои исто така го криеа она зад маската до последните минути. I Know What You Did Last Summer, Urban Legends и Valentine се можеби најзвучните наслови кои се впишаа во историјата на жанрот, иако значително заостануваат со квалитетот. Scream исто така го инспирира враќањето на Џејми Ли Кертис во Halloween H20: 20 Years Later од 1998. Па, глупаво е да ја оспоруваш влијателноста кога учителот ќе ја симне шапката пред ученикот и со реципрочни референци. 

За жал, формулата на слешер хорорите е таква што брзо се троши. Хорор жанрот подоцна доживува уште една ренесанса со Saw во 2004, филм кој дава нова димензија на експлоатацискиот хорор и повлекува бројни имитации. А, истовремено, се штанцаат лоши римејци на многу стари наслови од жанрот. Слешерите повторно се повлекуваат во филмското подземје и второкласната продукција каде што како такви опстојуваат и денес, веројатно чекајќи го следниот Scream.

March 6, 2016

Краток Friday the 13th маратон

Пред некој ден буричкав по архивата на Крапверк и налетав на еден пост за римејкот на Friday the 13th. Освен неочекуваниот циничен тон на тој јас од пред седум години и потсетувањето на еден мејнстрим тренд со нови верзии на култни хорори што претходеше на моменталниот суперхеројски воз, постот ме инспирираше да се навратам на еден жанр за кој мислев дека сум го надраснал. Слешер хорори. Имав некоја чудна фасцинација со слешер хорори пред повеќе од десет години. Ги гледав сите онака опсесивно, од Friday the 13th, Halloween, A Nightmare on Elm Street, до Scream и некои третокласни за кои сигурно и самите актери имаат заборавено дека глумеле во нив.

Жанрот е денес длабоко закопан под мејнстримот, но таму каде што е, има доволно публика што го одржува во живот. Сигурно не мириса свежо, формулата е репетитивна и здосадува после првите 74 филмови, меѓутоа е далеку од твојата најблиска кино-сала. Единствено ќе никне некој друг пристап кон жанрот како што беше Cabin in the Woods, но ништо во духот на корените. А, веројатно нема ни потреба.


Првиот Friday the 13th од 1980-та е еден од најважните филмови во жанрот, без оглед на тоа што иконскиот Џејсон со препознатливата хокеарска маска не е главниот психопат тука. Продуцентите не ни планирале продолженија, ниту пак франшиза што ќе стане толку голема. Ниту Бетси Палмер не очекувала дека баш по оваа улога ќе биде најзапаметена, која ја прифатила само за да може да си дозволи нова кола. Практичните специјални ефекти се изработени од легендарниот Том Савини, донесен тука поради успехот на Dawn of the Dead на Ромеро. Савини останува дел од серијалот и во следните неколку филмови. Освен тоа, Савини е толку будала што е спремен да убие вистинска змија во сцена, додека нејзиниот сопственик стои настрана и тивко плаче.

Бетси Палмер, односно госпоѓата Вурхис е главниот душман на разузданата младина во кампот на езерото Кристал каде што нејзиниот син Џејсон се удавил пред години поради невниманието на тие што требало да се грижат за безбедноста на децата. Госпоѓа Вурхис го одмаздува Џејсон убивајќи гo Кевин Бејкон и уште неколку актери кои никој не ги памти, еден по еден, на разни брутално креативни начини.

Шаблонот функционира и во вториот дел, со тоа што конечно се појавува возрасниот Џејсон кој таргетира слична група кампери. Иако ниту еден од филмовите не е "страшен", Friday the 13th Part 2 е најбизарниот од првите три. Од урбаната легенда што ликовите ја раскажуваат за него, дека откако мислеле дека се удавил во езерото живеел сам во шумата и се хранел со мали животинчиња и растенија, самотијата што го навела да нема јасен концепт за смртта (оттаму и ладнокрвното убивање), па до "светилиштето" со исечената глава на мртвата госпоѓа Вурхис кое го има направено во импровизираната колиба. А, деформираното лице го покрива со бела вреќа која можеби е поефективна и од хокеарската маска.

Маратонот го завршив со третиот дел. Веројатно до тука и можам да ги гледам, зошто недостатокот на свежи идеи го фрлаат серијалот во разни експерименти, па Џејсон откако ќе добие натприродни моќи, ќе отиде во пеколот, па заминува и во вселената каде што е и крајот на Friday the 13th филмовите. За третиот дел студиото веќе било свесно дека ќе треба го продаде истото од претходните два, па за да ја задржат публиката, филмот е прикажуван во 3Д и е првиот 3Д филм на Paramount oд 1956. Освен тоа, запишан и како првиот 3Д филм кој бил масовно дистрибуиран од Холивудско студио.

Другата историска вредност на Friday the 13th Part III е хокеарската маска на Џејсон која е користена во секое од следните триста дваесет продолженија. Џејсон како што го знаеш денес е роден токму тука, па ако филмот не може да добие поени за иновација, сигурно ги добива за спонтано креирање на хорор икона. Приказната е идентична со претходните два, па ако ги пуштиш сите паралелно веројатно ќе има сцени кои се поклопуваат и се разликуваат само по неколку "детали". Но, некако тие детали тука се поефективни, а овој Џејсон ми е толку врежан во глава од поп културата што ја консумирам, па последново гледање некако ми го помести филмов нагоре во скалата на омилени хорори.

План од овој краток маратон беше и документарниот филм Crystal Lake Memories, но видов дека трае скоро седум саати, па ќе го оставам некогаш за во иднина. Сакам да ме натера уште еднаш да ги изгледам глупавите продолженија. Еј, добар дел од нив се забавни ако си прикладно расположен. Веројатно денес повеќе би уживал во Jason X. Но, до тогаш, одам на некој друг слешерски серијал.

March 5, 2016

Првиот број на Daredevil / Punisher: Seventh Circle

Marvel полека ја зајакнуваат промоцијата на втората сезона на Daredevil серијата. Не се сомневам дека ќе го видам истиот квалитет, а возбудата околу присуството на Френк Кесл дополнително ми го успорува прешрктувањето на деновите до премиерата. Дигиталниот импринт на Marvel, Infinite Comics, пред некој ден почна со издавање на нов стрип серијал, Daredevil/Punisher: The Seventh Circle кој можеби ќе ги направи следниве две недели малку подинамични. Ако ништо друго, материјалот е доволно добар за да те подмачка за она што трејлерите го најавуваат за 18-ти март. 

Seventh Circle повторно ги вкрстува патиштата и мерките Дердевил и Панишер, кои овој пат се борат за спроведување правда на заебан руски криминалец. Мет Мурдок сака да го заштити Антонов со тоа што се обидува да го премести во друг посигурен затвор за да може безбедно да го дочека судењето, додека Панишер е дојден да го прави она што секогаш го прави - пресуда со куршум во челото, без поставување прашања. 


Откако Мет Мурдок без последици ќе успее  да ја спречи намерата на обично прецизниот Панишер, Seventh Circle избива во брканица и акција низ улиците на Њујорк. Приказната е очигледно во истиот канон со моменталниот тековен Daredevil на Чарлс Соул што започна пред некој месец и уште чека на мене да го пролистам. Дердевил го носи истиот тој црн костим, а го има и Блајндспот како партнер. 

Препоставувам дека Seventh Circle е замислен повеќе како свеж вовед во старото недоразбирање помеѓу овие два ликови, па затоа првиот број не нуди ништо повеќе од тоа. Приказната е многу едноставна, но она што го прави ова издание посебно за мене е цртањето на Кудрански. Како некој што пред скоро си ги бришеше солзите со страниците на Spawn нацртани од други луѓе, пресреќен сум што пак ќе можам да уживам во неговиот талент. Кудрански знае како се цртаат валкани ликови, сенки и околина, а баш тоа му е потребно на ова нова фузија на херои што егзистираат на таква територија. Боите се темни и ограничени, а насилството и акцијата се дуваат во балон што очекувам да експлодира насекаде во следните броеви. Кудрански црта застрашувачки Панишер, само што не знам колку Чарлс Соул има одврзани раце да го однесе во зоната на Гарт Енис. 

Види такоѓе:

March 3, 2016

Три тековни Superman стрипови

Не успеав да го заследам тековниот Superman од Новите 52. Пробував повеќе пати и некако бргу губев интерес. Верувам дека таму некаде има приказна од калибарот на The Men of  Tomorrow, само што не планирам да ја откривам во брзо време. Ни Convergence не успеав да го дочитам, ниту пак тоа што следуваше како исход. Додека не се сретнам со нешто поинтересно од Метрополис, Unchained останува најдобриот наслов од поновиве. Успеав да го набавам и луксузното колекционерско издание во тврд повез. Во моментов има неколку тековни Супермен наслови, па решив таму да се обратам за нова, евентуално добра приказна. Па...



Настаните во Lois & Clark се случуваат по Convergence, па не сум баш запознаен со тоа како дошло до ова. Лоис, Кларк и нивниот деветгодишен син се заглавени во моменталниот универзум каде што постојат на истото место со нивните "домаќински" верзии. Живеат под лажен идентитет, обидувајќи се да го сочуваат мирот и спокојноста кој ги нуди туѓиот терен. Кларк се занимава со разни професии за да го одржи семејството, а Лоис пишува книги под таен псевдоним кои не одат баш во прилог на криминалното подземје. Семејната идила полека почнува да се нарушува со закани од повеќе места, зошто како поинаку ова би било суперхеројски стрип?

Но, овој Супермен има многу поголем предизвик кога станува збор за одржувањето на балансот. Ни моќта не му е иста поради различното сонце, па претпоставувам дека за опасноста која доаѓа кон него и семејството кое сака да го заштите, во следните броеви ќе мора да побара помош од хероите од универзумот каде што се заглавени. Петтиот број (последниот излезен), изгледа веќе го најави Бетмен како еден од можните соработници. Сепак, повеќе го чекам моментот кога ќе се сретне со другата верзија на себе. Ретко можеш да згрешиш со приказна за паралелни универзуми, па се надевам дека Ден Џергенс ќе знае како да се справи со ова. Сега за сега е одлично и доволно возбудливо за да ме држи заинтересиран и понатаму.


American Alien е доказ дека никогаш не смееш да го судиш стрипот по корицата. Колку и да изгледа кул мал Кларк Кент со црвени очи во поле пченка, толку приказната може да се претвори во евтина тоалетна тинејџерска сликовница со дискутабилен хумор. Не дека го очекував следниот Secret Origin, но ова сценарио на Макс Лендис оди во насока каде што не би можел удобно да останам како публика. Не бев најспремен за пубертетските испади на Кларк каде што се пијанчи на јахтата на Брус Вејн. 

Првиот број е супер, но следните два се пригушени од хумор кој и не ми легна баш најдобро. Четвртиот веќе е посериозен (го цртаат Џун Чунг и Џеј Ли, двајцата со богато суперхеројско портфолио), најмногу поради конечната средба со Бетмен, па можби ќе дадам шанса последните три да ме изненадат позитивно.


Новиот серијал на легендарниот Нил Адамс почна со првиот број (од вкупно шест) пред само една недела. Почнува веднаш со акција, каде што тројца вонземјани облечени во Супермен костими се обидуваат да ја спречат инвазијата на Калибак и парадемонската армија. Во меѓувреме, вистинскиот Супермен спасува дете на Блискиот Исток каде што е затекнат од мистериозно суштество кое му открива некаква тајна за Древниот Египет.

Звучи многу забегано? Така и изгледа. Репутацијата на Нил Адамс доаѓа и од ваков тип на приказни, од време на стриповите кое не планирам да го допрам наскоро, но сум заитригиран да дознаам каде планира да оди овој наслов со "старошколскиот" шмек. Публиката е поделена, некои го споредуваат и со Batman: Odyssey (исто на Адамс), наслов што е познат по бесмислената лоша содржина. Сепак, ако ништо друго, боите се на Алекс Синклер, па The Coming of the Supermen е барем пријатен за гледање.

March 2, 2016

Конечниот крај на Тhе Х-Filеs. Се надевам.

Како и да почнам да зборувам за новава "сезона" на The X-Files пак имам некоја глупава фаца на мене. Пробував некако да релативизирам, да препишувам постапки на носталгија, да се утешам со тоа дека Крис Картер само сакал да се зеза со остатокот од екипата, но не. Дури сакав да верувам дека бил опседнат и од некакво паранормално присуство. Некој ладен воздух во соба среде топло лето? Мора да е дух што управува со него и го присилува да измислува вакви глупости! Оваа моја фаца има израз на човек брутално силно шутнат во јајца.

Петтата епизода не ја ни догледав до крај, така што се извинувам ако стана добра од пола натака. Молдер на ЛСД трип во кој игра на квази-кантри во клуб со шешир на глава ми ја закопа последната верба дека Картер сепак чува нешто во ракав за крај. Новите агенти што наводно требаше да бидат млади верзии на Молдер и Скали очигледно не му биле доволни, па решил да ги стави и во "големото финале". За да е уште посмешно, имаше таглајн THIS IS THE END. Демек толку, а? Нормално дека Картер не мисли така. Мисли дека ова се 90-тите и дека вакви фори ќе запалат кај публиката. Клифхенгерот на крајот беше ужасен потег, евтин и непотребен. Особено ако тоа претходно не било баш највозбудливо.


Која е поентата да најавиш "специјален, единствен настан" и да ја пропуштиш шансата да го зацврстиш уште толку култот кон серијата? Замисли колку лошо звучи секој втор збор на ликовите да им е "вонземска ДНК". Вонземска ДНК. Ако нешто не е јасно, тогаш мора да е вонземска ДНК. Одговорот на секое прашање? Вонземска ДНК. Светот умира, а Скали има уште десетина минути од последната епизода за да го спаси. Веќе погодуваш како ја синтетизираше магичната вакцина. Не Бобо, не беше магична, имаше вонземска ДНК. Знам, испадна се фатив за ова како Крис Картер за вонземска ДНК. Ќе речеш дека е обичен детал, стандарден "мекгафин", но ова дефинитивно не е третманот што серијата заслужи да го добие. 

Очекував повеќе од the Cigarette Smoking Man. Добив само дим. Повеќе се потрудија да покажат како е жив од последниот пат кога го видовме отколку за новиот заговор. Не можеш нешто што си го градел толку сезони да го замениш со една реченица. Не можеш, не го прифаќам. Мислев дека тоа што го начна првата епизода од новиве нема да оди натаму, но ете. Што беше целата поента тогаш?

Сакам да верувам дека Картер не успеал да ги убеди FOX да му дозволат уште еднаш вака да изврши нужда. A, изгледа ги спрема за такво нешто. И, покрај тоа што двата нови ликови (глупави имиња патем, агентката е Ајнштајн, а агентот Милер) не ми изгледаат способно да износат десетина минути сцена, не па нова сезона. Тоа еднаш веќе го видовме. Или го виде ти можеби, јас престанав да следам The X-Files кога Молдер беше заменет со Т-1000. Ако некогаш технологијата напредне до тој степен да можеш да си избришеш нешто од сеќавање, ова ќе ми биде првото бришење пред

March 1, 2016

Injection на Ворен Елис

Можеби е прерано за некаков цврст заклучок, но првите седум броеви од новиот тековен стрип на Ворен Елис ми влијаеа доволно за да ме поттикнат на неколку редови муабет. Уште си ја чешам главата од тоа што се случува, приказната е конфузна уште од првите страници, а Елис постепено ги открива парчињата кои го градат овој навидум некохеретен хаос во Injection. Таман го имаш она "а-ха" сознание, на следната страница ќе те пречека нешто што повторно те затекнува неспремен и ти создава дополнителни прашалници. Бавното темпо овозоможува секој од главните ликови да биде донесен поблиску до читателот, меѓутоа исто така Елис го користи за да распрскува детали кои доколку ги споиш откриваат уште нешто поголемо, фрагментирано на сличен начин. 


Насловот на стрипот доаѓа од "инцидент" каде што петте главни ликови, секој гениј во својата област, инјектираат нешто во светот со цел да го сменат, но како фикцијата сака да пречекува луди научници со раширени раце, така и тука нивните идеи се претвараат во опасен, заканувачки нуспроизвод. Елис експериментира со многуте теми кои одлучил да му бидат на располагање, па така мајсторски скицира една густа мешавина од научна-фантастика, хорор, метафизика, британски мистицизам и фолклор со традиционален детективски набој. Веројатно има спремно уште изненадувања за броевите кои следат, битно е да се навикнеш дека многу лесно нарацијата може да скршне кон територија за која нема да си подготвен.

Убавината на Injection не е само во комплексноста на испреплетената приказна и променливиот контекст. Шелви и Белер го даваат нивниот артистички максимум за да ја поткрепат оваа налудничавост на Елис. Можеби е само до мене, но препознавам некоја суптилно протната симболика во повеќе позадини на сцените. Не мора да значи дека сум во право, можеби премногу ги анализирам деталите, но со приказна од овој тип преферирам да обрнувам внимание и на најмалите ситници. Верувам дека Елис точно знае која е крајната дестинација тука, а доколку Injection ги доживее сите најавени 25 броеви, би бил пресреќен да ја видам големата слика. Претенциозноста на Injection секако може да делува одбивно, меѓутоа верувам дека истрајноста ќе се исплати. 

Види такоѓе: