December 30, 2012

Новите DC: Краток муабет за Aquaman

Кога Љубиша ми го предложи Aquaman од рибутот на DC, мислев дека ме ремети. "Океј, читни го барем првиот број и кажи ми што мислиш." Да читам Aquaman? Сериозно? Лик од време кога некој мислел дека и Superdog е добра идеја? Го послушав зошто му верувам на вкусот. За неколку дена летнаа сите 13-14 броеви. 

Значи, замисли колку е тешко да пренесеш ваков лик во денешно време. Лик кој со години е омаловажуван, во сенка на група сериозни херои и си го перцепирал само како предмет за ремет. Аквамен - последниот лузер што плива и збори со риби.

Прв број. Аквамен спречува грабеж и ги остава локалните џандари, случајни минувачи и авторот на овој текст со подотворена уста и крената веѓа. Како е Аквамен ваков шизик на копно? Следната сцена е во рибен ресторан каде што истиот тој Аквамен решава да мезне нешто. Сите сме уште толку збунети... Како тоа ќе јаде риба, чекај малку? Дури и гостите го прашуваат какво е чувството да бидеш ничиј омилен херој и му ја претставуваат општо познатата слика за него. Во следните неколку страници, најискулирано ги крши сите предрасуди и се позиционира во мојата листа на наслови што обавезно ќе ги чекам секој месец.

Дури и заканата со која лик како Аквамен би можел да се соочи е генијално изведена. Хуманоидни пирани? Одлично за почеток. Запазен е неговиот главен душман, Black Manta од старите броеви, кој јас го дознав дури сега. Како што течат броевите, така се открива и потеклото на ликот и неговото место на копното и во подводниот свет. Последнава приказна која се врти околу Атлантис, некако ми кажува дека следно за читање ќе ми биде и новите Justice League, уште еден наслов кој сум го избегнувал. 

Сеуште не ми се верува како е можно Aquaman да е толку добар стрип. Џеф Џонс тука е дефинитвно она што е Скот Снајдер кај Batman, со тоа што имал дури и потешка работа зошто Бетмен како лик е класи над Аквамен. Ете, рибутот на DC со кој планот беше, меѓудругото, да се претстават стари ликови на новите генерација очигледно успеа. Аквамен си доби уште еден нов фан.

December 22, 2012

Преглед на RIFT: Storm Legion

Помина месец и некоја недела откако излезе првата RIFT експанзија, Storm Legion. Лично, ја чекав со нетрпение долго пред воопшто да ја најават. И, после еден месец, конечно стигнав до 60-ти левел. Со оглед на минималното слободно време што го имам за играње, успеав да видам добар дел од експанзијата. Асално можев да седнам еднаш во две недели, а под асално мислам на повеќе од два саати дневно. Генерално, Storm Legion е солидна експанзија, меѓутоа има и одредени недостатоци кои ќе ги спомнам понатаму.


Една од најбитните работи кои мора да ги спомнам за RIFT, е дека е единствената игра која успеа да преживее со моделот на месечна претплата и да продаде експанзија. Иако е рано да се зборува, сеуште се држи океј, па дури собра и награда за најдобра експанзија за 2012.

Trion го проширија светот со два континенти кои се поголеми од светот кој е дел од оргиналната игра. Новите континенти се поделени на десетина зони, чиј дизајн е најмоќниот сегмент од целата експанзија. Доколку стариот свет делуваше клаустрофобично на моменти, овде е сосема поинаку. Зоните се сериозно добро изработени, полни со детали и места за посетување. Дури и тие што изгледаат мрзливо (има две-три кои можеле комотно да се спојат во една голема), си имаат одредена убавина. А, со целиот суптилен СФ, RIFT успеа да си создаде идентитет, кој успешно ја двои од останатите игри.


Иако светот е огромен, Trion заринкале кога дошло време истиот да се пополни со содржина. Темата на експанзијата е Crucia (змејот на Воздухот) и нејзината армија, Storm Legion, и тимот за развој на приказната и квестовите, мислел дека тоа е доволно. Речиси во секоја зона, слична тема и непријател се присутни, па некако престанува да е интересно после седмиот пат. Покрај тоа, Trion воведува Carnage квестови кои дополнително ја влошуваат ситуацијата. Што се Carnage квестови? Сите оние "Убиј X свињи" кои се стандарден елемент од секој MMORPG наслов, тука се добиваат автоматски. Кога ќе убиеш одредено суштество што се шета рендом низ светот, се активира Carnage квестот кој бара да убиеш уште 15 исти такви. Без оправдување, без приказна. Кога веќе убивам 10 џиновски пајаци, сакам да знам зошто. Читам квестови, сакам RPG. Со Carnage квестовите, Trion го сведува грајндот на најлошото можно ниво. 


Останатите "нормални" квестови се поврзани во една голема приказна, посебна за секоја зона. Механиката им е подобрена во однос на сличните квестови од оргиналната игра, меѓутоа приказната е претежно бледа, да не речам досадна. И, плус тоа, има само по еден таков ланец во секоја зона, па изгледа некако лимитирано. За разлика од WoW каде што во една можеш да следиш повеќе различни приказни. Не само WoW, дури и оргиналната RIFT функционираше така. 

Акцентот е ставен на Димензиите, player housing кој го нуди експанзијата, ама па за тоа имам уште помалку време. Моментално во тек е Fae Yule фестивалот и има еден куп тематски ситници што може да се искористат во Димензија. И да, овогодинешниот Fae Yule е многу подобар од лани, има дури и трка со санки. Инаку, од целата експанзија ми остануваат уште две цели зони во кои не сум стапнал. Од новите данџани, влегов во два. Од Storm Breaker Protocol излегов разочаран и сеуште останува најомразената инстанца во цела игра. Целиот концепт изгледа интересно (играчите управуваат со Mecha роботи), меѓутоа реализацијата и механиката се фрустрирачки. Затоа и ретко кој има нерви да го заврши до крај. Од рејдовите ништо немам видено, веројатно и нема во брзо време. А, за новиот Warfront ќе зборувам во посебен пост.


Е, сега што ми направи ќеф. Ивентите во зоните се одлични, најмногу поради тоа што играта е сега преполна со играчи. До тој степен што некогаш и ми сметаше. Новите Рифтови, Hunt рифтови го носат и тој дел на друго ниво и се супер освежување од класичните. После 60 левел, има разни варијанти, со различни предизвици и наменети за поголеми групи. Onslaught модот (tower defense) е пристуен и на новите континенти во феноменално издание. Од новите класи, играм само дел од Harbinger (главниот soul ми е Warlock сега) и интересно е.

Музиката за жал е очајна. Има само две различни траки, една за еден континент. Може да има и три, само што јас упорно слушам една иста музика тука. Trion никако не ја научи таа лекција. Сакам да верувам дека ќе го корегираат ова во иднина, зошто ја прави играта да изгледа недовршено уште толку. Да не спомнувам колку багови имаше првите две недели, и покрај успешното лансирање со минимален лаг (освен првите неколку саати).


Trion веќе одбраа правец за RIFT и тоа јасно се гледа. Само што некогаш премногу се трудат да ги задоволат сите играчи, па денес играта во одредени делови изгледа како монструозна крпеница. Има за секого по нешто, но крателе и додавале кај што сериозно немало потреба. Јас сум претплатен до септември следната година, па има шанси да ме убедат дека и во иднина ќе остане мојата примарна МMORPG зараза.

December 17, 2012

Крајот на Homeland

Како тип што тврдеше и убедуваше луѓе дека Homeland е најдобрата серија сезонава, се осеќам должен да си го повлечам муабетот. Со последниве три епизоди, се акнаа од земја. Морам со спојлери, така да... 

My name is Nicholas Brody and you got punk'd.

Му го хакнаа вајрлес бајпасот на потпретседателот? Озбилно Homeland, до толку без идеја? Како и сите слични амерички серии и филмови. Серијата баш и затоа беше добра, затоа што успешно избегнуваше шаблони. Во неколку епизоди дозволија стварите да излезат од контрола и не ми е јасно како и зошто. Толку хајп за Абу Назир и сега го нема, а? Нов Абу Назир? Броди ќе бега цела трета сезона, четврта? Освен тоа, целата таа приказна со Кери и Броди стана толку напорна, што било која турска серија во било кој период од денот би била подобар избор за гледање. Последниве епизоди повеќе гледав во ѕид отколку во монитор.

Крајот на втората сезона веројатно е последното нешто што ќе го гледам од Homeland. Мислам, веќе се решив после епизодата со бајпасот, ова само ми потврди.

December 15, 2012

Во одбрана на Skyfall

Го гледав Skyfall пред некоја недела и тоа на кино снимка. Некако не ми се излегуваше разочаран од кино како оној пат. И, после некое време и изгледани неколку постари Бондови за анализата да ми биде комплетна, да си кажам за Skyfall. Третата шанса можеби изгледа различно од општата претстава за Бонд, и веројатно има повеќе причини зошто е тоа така.

После еден не толку лош и еден катастрофален Бонд, немав апсолутно никакви очекувања дека ќе видам нешто добро и сега. Откако франшизата е "рестартирана" во модерно време, непотребно осакатија еден куп Бонд атрибути кои се битни состојки во формулата за филм за таен агент кој има специфични карактеристики. Извади ги и ќе добиеш просечен акционен трилер, какви што има секоја година по 20.

Гледајќи назад низ филмовите со кои сме растеле, заклучив една битна работа која иако присутна никогаш не ја земав во предвид кога ги оценував последниве три. Можеби зошто во првите два недостасуваа тие Бонд елементи и воопшто не ми ни падна ова на памет. Значи, секој Бонд филм и секој актер припаѓа на сопствена ера. Така е формулиран ликот, негативците и секако технологијата што ја користи. Не само периодот и начинот на раскажување приказни на филм, туку и општо моменталната ситуација во светот (мислам и на политичката ситуација, нормално). Токму тие две главни ствари ја прават равенката врз која се базира еден Бонд филм. Речиси во секој филм можеш да најдеш нешто карактеристично за тоа време. На пример, тоа е јасно изразено во филмовите со Броснан. Од супер-негативец кој создава воени конфликти главно преку своите медиуми, до невидливи коли и СФ технологија. Die Another Day е онака глуп пример за тоа како некој сметал дека ќе се развива технологијата, па затоа и Бонд е опремен со геџети кои во обид да се "чекор пред светот" изгледаат смешни. Се случувало и порано, да, меѓутоа пукна комплетно. 

Денес светот е сменет, а кога веќе Бонд треба да постои, треба да се носи со околностите. Не може во 2012 да има негативец со приватен остров кој ќе го освојува светот. Функционирало некогаш, во поинакво време кај поинаква публика. Денес таков Бонд би изгледал како Остин Пауерс. Дури и Бонд како лик треба да припаѓа на денешницата. Не може да се облекува во гумен крокодил, не. Баш тоа и беше проблемот со претходните два, што во обид да се доближи Бонд до ова време, претрпе и ликот. За чудо, Skyfall симпатично ги вади сите Бонд моменти и успешно си игра со нив. Затоа е и единствениот од трите кој успева да се доближи до она што треба, она што повеќето сакаме да го видиме. 

Крајот на Skyfall понуди кулминација која само го спои овој модерен Бонд со почетокот на серијалот. Откако Крег доби Q на средина на филмот, и тоа онаков Q каков што е повеќе веројатно дека ќе биде во факинг 2012, доби и нов М и Манипени. На крајот, се осеќа транзицијата на овој Бонд во она што беше Бонд пред Casino Royale. Можеби три филмови беа премногу како приквел или вовед, но Skyfall е битен чекор во формирањето на овој нов Бонд. Доколку хинтовите беа повеќе од играње со публиката, очекувам да го видам Бонд во вистинско светло следниот пат. Крег има уште две шанси пред него. Очигледно ова помина и кај пошироката публика, и веројатно тоа доволно за да ја потврди насоката на следниот филм. До сега, најбондовскиот Бонд со Даниел Крег. Дури и како филм е супер, и заслужува второ гледање.

December 11, 2012

Околу Star Trek Into Darkness

Тажно е што се случува со големи франшизи кога ќе ја снема главната движечка сила. Во случајот на Star Trek мислам на Роденбери, а кај Star Wars тоа е разумот на Лукас. Деновиве е актуелен тизер трејлерот за новиот Star Trek, сомнително насловен Into Darkness. Ненамерно, насловот на кратко објаснува каде се наоѓа Star Trek моментално. Ми текнаа уште некои други варијации на насловот, ама ќе ги оставам за покасно, кога ќе го гледам. Да, веројатно ќе го гледам, како инаку би мрчел на раат?


Доколку сеуште некој верува во Џ.Џ. Абрамс, трејлерот е тука да му удри ластик. Сериозно, има луѓе што мислат дека трејлерот е добар? Не е лош? Да, ако е трејлер на Transformers, можда. Во овие минута и нешто, Абрамс мајсторски успеал да го прикаже сè она што не е Star Trek. Се рушат згради, бродови, експлозии, вриштат плавуши, онака демек хаос, темница нешто, мрак паѓа, оган... Нешто што за жал се продава супер на пазарот за кое е наменето, и единствено нешто што можам да направам е да прокењам вака тивко. Ама, ми е искрено криво што успеаа нешто како Star Trek да го доведат до ова ниво. На ниво на Transformers е, еј! Изгледа дури полошо од претходниот. Баш и во постот за претходниот објаснував што е погрешно со овој 'рибут'.

Уште една упропастена шанса да го издигнат Star Trek над стварите на кои има влијаено. Наместо да поставуваат нови стандарди и да покажат кој е кој во жанрот, трчаат паралелно со останатите шкарт холивудски трендови. Постерот, еј, постерот!

December 2, 2012

Неколку кратки анимирани филмови

Ми требаа добри анимирани филмови. Кратки. И денес потрошив време да најдам и да изгледам нешто квалитетно и да изберам неколку за листата подоле. Прво изборот, па после и за "Анимакс"...



Е, сега... Годинава пак имаше "Анимакс" и успеав да го фатам првиот ден. Фестивалот лани и покрај сите маани, изгледаше како да ќе има некаква посветла иднина. За жал, од првиот и единствен ден на кој што присуствував, повеќето впечатоци се лоши. Иако имаше поголем избор од лани, тоа што го имаше на репертоарот беше крајно напорно и досадно. Малкуте исклучоци ги загуши Kingdom, некаква вегетаријанска пропаганда од Нов Зеланд чија 'уметничка вредност' веројатно не ја сконтав поради отсуството на шал и цвикери со дебели рамки. 

Добри беа The People Who Never Stop, Story of Him, Seven Minutes In The Warsaw Ghetto, Dove Sei Amor Mio и Oh, Willy. Да, многу се, само што по нив следуваше една тура за која Kingdom ми го упоропасти расположението. Да не почнувам за катастрофалниот квалитет на снимката. Сериозно, ЈуТјуб линк или касета испратиле авторите? Или организаторот прибирал што му дошло под рака? Не знам какви биле останатите два дена од фестивалот, но ќе им верувам на тие што ми кажаа дека не биле ништо подобри.