Showing posts with label Swamp Thing. Show all posts
Showing posts with label Swamp Thing. Show all posts

September 28, 2025

Swamp Thing на Скот Снајдер

Скоро го препрочитував Swamp Thing на Скот Снајдер и се шокирав кога ги видов датите на издавање. Неверојатно е дека поминале четиринаесет години од Новиот 52 универзум, кога DC ги ресетираа сите нивни стрипови и приказни и ги почнаа пак од прв број. Меѓу тогашните тазе 52 наслови се најде и оваа хорореста приказна, која всушност беше и моето прво прописно запознавање со ликот. Со должна почит кон легендарниот Saga of the Swamp Thing на Алан Мур што отпосле го читав, оваа итерација на Скот Снајдер некако уште ми е најдрага, особено Raise Them Bones аркот.

Влијанијата од Алан Мур се очигледни, веројатно не ни можеш да ги прерипаш, меѓутоа Снајдер создава свое дело кое лесно успева да процвета во постоечкиот обновен свет каде истовремено покрај вакви чудовишта опстојуваат и суперхерои како Бетмен и Супермен. Паралелно со Swamp Thing, Снајдер го пишуваше и водечкиот Batman наслов со веќе култните The Court of Owls и The City of Owls, па јасно е дека DC знаеле кому да го доверат ова. Апсолутен мајстор на занаетот, а низ годините што следеа се докажа како таков во повеќе прилики.

Неговиот Swamp Thing има осумнаесет броеви собрани во три колекции, заедно со специјалните, a последната вклучува неколку изданија и од Animal Man на Џеф Лемир кои го сочинуваат кросоверот Rotworld, по кој Снајдер му го предава пенкалото на Чарлс Соул. Снајдер вешто се снаоѓа со предизвикот да го продаде ликот на чудовишниот Свомп Тинг на публика која за првпат се среќава со него, концептите околу и негативците како Антон Аркејн што му ја матат водата во мочуриштето.

Според митологијата на Swamp Thing, во светот постојат неколку конфликтни мистични елементални сили кои претставуваат различни аспекти на универзумот, животот и смртта. Меѓу нив се Зеленото, кое го опфаќа растителниот свет, Црвеното што е целиот животински свет сосе луѓето, додека Гнилежот ја претставува смртта и распаѓањето. Овие елементални сили имаат сопствени аватари кои во суштина се нивната физичка манифестација. Многу е покомплексно и поинтересно отколку што го објаснувам, ама во кратки црти отприлика вака се поставени работите. 

Свомп Тинг е аватарот на Зеленото. Историски, најчесто e ботаничарот Алек Холанд, кој по сплет на околности се трансформира во вакво мочуришно чудовиште. Во некои итерации технички и не е самиот тој, туку се затекнува мртов во ситуација каде што аватарот ја презема неговата свест за да се изгради. Снајдер нуди малку поинаква варијанта на оваа приказна и наоѓа друг начин да го претвори Холанд во Свомп Тинг, без притоа да ги изгуби клучните својства на ликот. 
 
Не дека немаше драстични редизајни во Новите 52, меѓутоа овие како Свомп Тинг што не се од главната постава можеа да претрпат сè и сешто без да галамат читателите. Затоа и ќе приметиш колку Снајдер е креативно опуштен со пристапот овде и како целото е ќефски создавано со љубов. Не дека неговиот Batman е нешто помалку префинет, ама ваквите "помали" наслови повеќе трпат експериментирање со формата. Правилата можеби се посродни за суперхеројските наслови, но во ниеден момент нема да осетиш дека хорор штофот на Swamp Thing трпи поради нив. Напротив, Снајдер и таму оди далеку, а тимот цртачи маестрално ја пресретнува целата гротеска на приказните баш како што прилега.
 
Иако целата приказна убаво се заокружува во целина, некако повеќе ми лепат првите два арка. Rotworld финалето е супер, меѓутоа лик како Свомп Тинг ми е многу поефективен во компактни поинтимни приказни наместо глобални апокалиптични настани, без разлика на важноста што ја има во нив. Ништо против голем акционен спектакл, ама доаѓа малку нагло во споредба со поумереното темпо на претходните две приказни иако и тие градат кон ова. Не дека е вистинска замерка ова, повеќе е лична преференца секако. Може следен пат ќе го прелистам и Animal Man аркот од Rotworld за другата перспектива.
 
Swamp Thing на Снајдер во секој случај е феноменален и апсолутно вреди да се прочита. Дефинитивно е меѓу најдобрите наслови што излегоа од 52 ерата. Одличен авантуристички хорор, визуелно е бескпрекорно, па дури и романтичниот момент со Абигејл Аркејн е фино скоцкан, нешто што многу од 52 насловите често знаеа тромаво да го изведат. Не верувам дека постои подобар модерен вовед во Свомп Тинг. Raise Them Bones комотно би можел да го препорачам и пред тие на Алан Мур, чисто за појасен контекст, иако како литературни дела тонално многу се разликуваат. Ги стокмив и тие на Чарлс Соул за читање, ми се отвори некој апетит за Swamp Thing. Ги немам читано неговите, а знам дека малку го припитомува наративот после ескалацијата во Rotworld
 
Види такоѓе:

October 27, 2011

Новите DC: Swamp Thing #1 и #2

Уште одамна реков дека ќе посветам неколку реченици на Swamp Thing, како едно од најголемите изненадувања за мене во рибутот на DC. Стрипот го работат Скот Снајдер, исто така одговорен за приказната на Batman, и Јаник Пакет (се надевам дека вака го читаат), тип со прилично богата библиографија, полна со звучни наслови.

За мене ова е прва средба со овој лик и уште во кецот ми беше јасно дека ќе го следам и понатаму. Чекав два броја пред да пишам за поубаво да навлезам на приказната која упорно се замрсува како што напредува. Немам ни основно познавање за ликот од претходно, па затоа ми е интересен прогресот и настаните кои уште не земале некаква солидна форма. Уште се истражува настанувањето на огромното зелено суштество, се појавуваат муабети за некакво Собрание на Дрва и друго битие како Swamp Thing, кое на докторот Алек Холанд му објаснува што се случува, на кој пак му е јасно речиси исто колку и мене, бидејќи има проблеми со сеќавањето. Се памти себеси поврзан со овие суштества, но не е во можност да ги поврзе точките. Другиот Swamp Thing претскажува што ќе се случи во иднина, но и тоа во никој случај не е добро за Земјата.

Сценариото на Скот Снајдер е феноменално, прецизно навлегува во детали и гради приказна која верувам дека допрва ќе станува уште подобра. Надополнет со талентот на горе спомнатиот цртач, резултатот заслужува највисока оценка и е задолжително четиво за љубителите на квалитетен стрип. Уште во првиот број ги убација Бетмен и Супермен, па ќе биде одлично доколку ги видиме и нив во изданијата кои следуваат. Вториот број завршува со интересен пресврт кој дополнително фрла бензин во разгорената приказна. Очигледно е дека ќе се случува некој општ хаос во кој допрва ќе ја видиме вистинската улога на Алек Холанд.

Моментално сакам да го следам стрипов без да знам ништо за старите, иако на некои изданија од пред дваесетина година е потпишан и Алан Мур. Со ваков лик можам само да замислам во која насока успеал Мур да го забега стрипот. За тоа, повеќе во некој следен пост кога ќе сум порасположен. Следната недела излегува третиот број од новиов серијал.

Инаку, ги ставив сите нови изданија на DC во посебен таг за полесна навигација, па затоа клик тука. Веќе го има и Batman #2 на Снајдер, нека се собере уште некоја двојка, па ќе склопам нешто повеќе.