Совладав тешка зависност од тауер дифенс во времето на Флеш игрите. Не траеше долго, ама кликав ко будала сѐ што ќе начекав. Ги имаше толку многу што на пола саат можеше да заиграш некоја нова. Такви беа погано заразни, поголемо зло од
Zuma и
Dynomite заедно. Од тогаш немав пипнато ништо слично, сѐ додека годинава не се појави
Gnomes и ми распламти одамна потиснат нагон. Ако веќе пак се трујам со нешто вакво, барем еве нека биде квалитетно.
Gnomes нуди интересен свеж пристап кон жанрот, концептуално и тематски. Има и роуглајк моменти што дополнително ја збогатуваат игривоста и ја прават многу позаразна од нејзините жанровски претци. Тука "кулите" ти се онакви мали украсни гноми за во двор и со нив си ја браниш процедурално генерираната градина од гоблински орди. Не одолеав на намрштените наоружани гноми, ни на минималистичкиот пиксел арт и ретро филтерот. Со слична естетика и He Is Coming ми посегнува по ова скромно слободно време, ама до сега таму успеав да се задржам само на демото.
Една кампањска Gnomes партија се состои од 16 кругови, во која при секој круг стратешки ги разместуваш гномите и додаваш елементи на што ќе го пресретнат гоблинскиот бран. Садиш разни билки кои воглавно ти носат пари за да се стокмиш за следниот круг, меѓутоа некои доаѓаат и со разни офанзивни и дефанзивни
својства. Нема акции во реално време, само кратко чекаш гоблините да го завршат нападот. Звучи едноставно, ама јакото е како Gnomes успева да додаде куп слоеви врз оваа идеја за секое седнување да е сосема различно искуство од претходното.
Имаш голема слобода за каде и како ќе ги позиционираш гномите, односно кулите. Има одредени ограничувања од разните биоми, меѓутоа имаш значително голем удел во тоа како ќе ти изгледа градината. Можеш и да влијаеш на самата патека на непријателските гоблини, со поставување на разни препреки кои ја менуваат, па да ги пресретнуваш во разни ќошиња и позиции во зависност од тоа кој тип на гном го користиш и каков му е дометот и начинот на пукање. Низ една партија можеш да ги купиш сите типови на гноми од продавничето кое ти е достапно пред секој круг, секако доколку се погодат затоа што понудениот асортиман е секогаш рандомизиран.

Ги има различни. Имаш гноми со ножиња, секири, боздогани, пушки, стрели, магични гноми што пукаат оган, какви сѐ нема. Кога фаќаат левел, капите и наметките им менуваат боја. Знаеш дека е со многу љубов правено кога ќе начекаш вакви внимателни детали. Партијата ја стартуваш со избор на гилд што се состои од еден тип на гном, еден тип на куќарка за него, некакво семе кое ти е доволно за да отпочнеш економија и некаков релик кој има некаква синергија со овие три.
Практично бираш некаква стратешка основа, ама ја имаш слободата да ја измениш и адаптираш низ тие 16 кругови. Некои партии во продавничето ќе се појави нешто што ќе ти ја однесе играта во друга насока, ќе начекаш некоја тревка или релик што можеби подобро ќе се вклопи во тоа што веќе го имаш на располагање. На тоа и најбезобразно лета времето во Gnomes, нема крај на пробување нови билдови.
Самите гноми не ти се единствениот начин да ги држиш гоблините надвор од градината. Садиш и разна вегетација што ги успорува, ги тепа или им дава разни појачувања на твоите гноми доколку се во опсег. Растенијата се исто клучна механика и фактор што поеднакво ти ја обликува стратегијата. Gnomes нуди и предефинирани гилдови кои воопшто не ни содржат почетни гноми, туку само растенија и релици што истите ги вооружуваат или модифицираат на некаков начин, па можеш да се пробаш и со таков билд.
Играта максимално ја користи и самата мапа на биомите. Иако различни биоми нудат различни полиња, речиси сите имаат дрвја, камења, мочуриште и плодна почва за садење. Сите овие полиња може дополнително да ги модифицираш со релици и разни други предмети од продавницата. Пример, плодната почва можеш да наѓубриш со радиоактивен отпад, па растенијата со секој круг да се шират и да еволуираат во други, можеш да го загадиш мочуриштето и да го претвориш во препрека за гоблините и слично. Можеш да направиш и цели препреки од тикви кои ги вооружуваш со релик, да ја модифицираш цела оваа стапица со трет релик и да гледаш како летаат гоблински уши наоколу. Прејако е, има многу комбинации. Во оптек се сигурно повеќе од сто различни гноми, растенија, релици, градби и разни предмети.
Иако Gnomes нема некоја мета-прогресија која ќе ти помогне да влезеш помоќен во следна партија, имаш неколку работи за отклучување. Покрај биомите, гномските гилдови кои се вкупно 24, има и нова специјална мапа секој ден на која можеш да се натпреваруваш со други играчи на Стим преку поени. Отклучуваш и опција за комплетно рандомизиран биом и четири почетни ентитети. Во моментов Gnomes има 12 биоми, секој со некоја различна механика покрај стандардните дрва, камења и мочуришта.
Имаш снежен биом каде што гоблините се однесуваат различно на мраз, џунгла што секој нареден круг расте и шири вегетација која ти го стеснува просторот за редење гноми, канализација со ходници, пустелија со нуклеарки и куп други што нудат варијации на основната формула. На некои биоми ќе начекаш и лава, па добра стратегија е да се обидуваш да им ги пренасочуваш патеките на гоблини директно во неа. Нека горат.
Има доволно содржина за да си окупиран долги саати, иако една партија се можеш да ја завршиш за неколку минути. На почетокот е можеби поспоро додека ти се разјаснат синергиите, какви различни непријатели има меѓу гоблините, како прогресираат брановите и на крај со какви босови ќе се соочиш. Ова можеби ми е единствената замерка во моментот. Иако самите босови не се претешки, 16-тиот бран на некои биоми нагло ја зголемува тежината и често може да ти ја начека градината неспремна за интензвен напад со повеќе гоблини што го придружуваат босот од различни страни. Не е страшно откако ќе научиш како функционира, ама би избрал поумерено темпирани бранови барем за воведните биоми.
Се изнаиграв, тетрис ефект имам од тоа градините. Меѓу најзабавните игри од 2025 што ми пројдоа низ раце. Знаев дека ќе ми е таква удобна и домаќинска, со преубава музика и рекласиран амбиент, иако можеби е повеќе од позадинските како
Loop Hero за брзинско кликање меѓу некакви други активности. Не е дека не бара ментален напор, баш напротив. Ама кратките сесии ја прават толку лесна за "ај уште една", па наоѓам начин полесно да украдам некоја партија, особено во период кога потешко успевам да се распостелам со нешто поозбилно како
Against the Storm. Се надевам дека
DYSTOPIAN имаат планови со
Gnomes за во иднина, бидејќи иако е практично комплетна, има огромен потенцијал да се надоградува и да си обезбеди долговечност.
Види такоѓе: