May 22, 2024

Неколку забаталени игри за ПлејСтејшн кец

Скорешна дискусија на тема актуелни конзоли и каталогот на игри достапен за нив која забега во носталгичарење за ПлејСтејшн кец и два ерата, го постави прашањето - што би играл денес на кец? Сѐ што прво ми дојде на памет го има и денес во некоја варијанта. Command & Conquer не би играл никогаш пак на конзола, Civilization уште помалку. Игри како Tekken и Mortal Kombat имаат нови квалитетни продолженија, тркачките исто имаат одлична алтернатива, извозев 300.000 километри во Forza Horizon 5, а има и какви-такви опции за ако треба да се шутне некој баскет.  

Resident Evil има супер освежени верзии на старите, Tomb Raider, Crash Bandicoot и Spyro ми се исто тука на два клика. Додека го куцам ова симнувам Oddworld: New'n'Tasty на Стим. Има и куп други, некои серијали не се ни престанати со продолженија од тогаш. Затоа ми требаше нешто "понедостапно", нешто што не само јас, туку можеби и историјата го има подзаборавено. За да ја составам листава подоле требаше да отклучам некои матни сеќавања од пред дваесет и кусур години. Можеби не баш сите од овие препекале за ремастер или римејк или каков и да е модерен третман, ама денес повеќето нема кај да ги играш освен на оригиналната конзола или емулатор.


Apocalypse (1998)

Покрај купот игри базирани на филмови што се вртеа за ПлејСтејшн кец, дванаесетгодишниот јас беше сигурен дека чим има ваква напета пуцачина со Брус Вилис, мора да постои и филм. Од видеотека се вратив со Apocalypse Now и разочарано го мотав напред дур сконтам дека апсолутно никако не е поврзан со ова, туку е некој "досаден стар воен филм". Сега кога гледав гејмплеј видеа за да се присетам, сфатив дека играта била многу позабегана од што на тие години сум можел да ценам. Слично како и со воениот филм, нели. Концептите од Apocalypse би биле функционални и денес веројатно. Левел дизајнот одлично го користи тогашниот потазе тродимензионален простор, а мрсни дисторзии и индастријал битови во позадина додека прижиш непријатели со оган и ласери, не стареат и онака. Ги има и System of a Down на саундтрекот, замисли.

Front Mission 3 (2000)

Веројатно ова е конкретната причина за мојата наклонетост кон mecha роботи. Не можам да се сетам на ништо пред Front Mission 3 што ме споило со концептот. Не знам како сум ја играл играва, реално. Денес ваков тактички жанр не ми е баш најомиленото нешто, ама дефинитивно темата ми била доволна привлечна за да се гурам низ гејмплејот и да пробувам да разберам нешто од приказната со моето скромно познавање англиски во тоа време. Front Mission 3 нудеше и сопствен "интернет" каде што можеше да читаш повеќе информации за светот во кој се одвива приказната, нешто што до тогаш го немав видено во друга игра, а беше крајно креативно презентирано и комплетно ефективно во контекст на целиот футуристички амбиент.

Street Sk8er (1999)

Што се случи со овој жанр и како да го вратиме? Ова ми имаше улетано пред да знам за Tony Hawk's Pro Skater, па долго после тоа тврдев дека е подобра, кога во реалноста стварно не беше. Ама, дискот иако пиратски, можеше да го пуштиш во аудио плеер и да ти ја свири "All My Best Friends Are Metalheads" од Less Than Jake. Покрај тоа што имаше мод со класични скејт-парк реквизити за финтици, во Street Sk8er можеше и да возиш на онакви кружни стази ко да си во Gran Turismo.  

Tomorrow Never Dies (1999)

Никогаш ја немам играно таа култната GoldenEye зошто сум немал на што, така што Tomorrow Never Dies е мојата омилена Бонд игра. Колку и да беше обична и репетитивна, првпат имав прилика да сум Џејмс Бонд во игра и ја користев максимално. Нека ми извинат Syphon Filter кец и два, ама таму немаше сцени од вистински филм после секоја мисија, ни па главниот лик беше мангуп како 007. Веројатно повеќе ја имам играно отколку што го имам гледано филмот. ПлејСтејшн 2 имаше бар две интересни, ама ниедна од нив не ми беше ни приближно забавна ко оваа. Може Tomorow Never Dies не заслужува римејк, ама дефинитивно би сакал да видам нова современа Бонд игра.

Fighting Force (1997)

Каква научна-фантастика ми беше Fighting Force. Првпат имав тродимензионален beat 'em up пред мене, како Final Fight само со најнапредна и најмодерна графика. Ги имаше сите елементи на жанрот, дури и самите локации беа директно инспирирани од "предокот" - од гнасни улици, лифтови и метроа, до технолошки софистицирани воени бази. Сега е смешно колку лошо е остарена и колку овој жанр ќе биде засекогаш функционален исклучиво во својата изворна варијанта, ама Fighting Force ми беше озбилно голема работа тогаш. Традиционалните флиперници уште беа присутни и немаше удрено таа носталгија по Capcom класиците, па во тоа време и Tekken Force модот беше забавна опција. Fighting Force имаше и продолжение што беше многу подосадна верзија од истата игра.

Grand Theft Auto 2 (1999)

Наслов од една од најпродаваните гејминг франшизи на сите времиња секако не можеш да ја ставиш во истиот кош со третокласна игра со скироли, ама еве јас можам. Ова ми е првата GTA што сум ја играл, ако под играње може да се сврсти пукање во сѐ наоколу додека не ти дојдат тенкови, па да пробаш и тенк да украдеш. GTA 2 ја добив на "страчка нема врачка" трампа со друго дете од маало, не му била интересна. Не се сеќавам што отиде за возврат. Многу ми е мака што Rockstar уште не видоа потенцијал во реставрација на ова ремек дело. Да, можеш да ја играш и денес, ама изгледа ко флека.

May 9, 2024

Годзила Минус Еден

Имаше повеќе Годзила продукти од 2016 наваму откако Toho ја означи новата ера во франшизата со Shin Gojira на Хидеаки Ано, ама за ниеден не бев загреан како за Godzilla: Minus One што излезе кон крајот на минатата година. Во меѓувреме гледав нешто од тие анимињата и секако холивудските Годзили што не ни успевам да ги разликувам од што се досадни. Ништо не ми залепи. Само чекав некое продолжение на Shin Gojira, меѓутоа наместо тоа, Ано ребутираше Ultraman и Kamen Rider за кои изгледа не сум доволно виб за да ми е гајле.  
 
Сепак, со Ано или без, единствено што се надевав е дека следниот Годзила филм ќе ја грабне американската франшиза за опаш и ќе ја акне од земја зашто упорно не успеваат да убодат нешто саглам. Стварно не разбирам како е толку успешно за да штанцаат нови филмови секоја втора година. Има и серија со Курт Расел од скоро. Прв сум да гледам како џиновски монструми, мајмуни и роботи пробуваат да се испоубијат меѓусебно, ама некако не ми пасуваат американскиве интерпретации колку и да им давам шанса. Не дека не можеш да најдеш петнаесет-дваесет минути забава во секој од нив, само пре би гледал јапонски гумен Годзила како шутира макети од згради. 


Godzilla: Minus One на Такаши Јамазаки е нешто малку трето. Не е како ниеден претходен Годзила филм, а притоа е најгодзила филм од оригиналниот навака. А, веројатно и најдобриот до сега. После сите ескалации на концептот, соочување со други чудовишта, пазари и адаптации - Minus One го сведува на најосновната идеја, но погледната од агол кој не знам како порано бил занемаруван. Како публика и некој што треба да е внесен во филмот, присуството на Годзила најчесто го набљудуваш од "подалеку", од перспектива на група научници или воена организација. Едвај гледаш како влијае индивидуално и како се одразува на некој обичен човек што ја имал таа судбина и Годзила да му се посере на животот дента. 
 
Без да навлегувам во спојлерска територија, Minus One има ликови за кои конечно ти е грижа и чија приказна е вистинскиот столб на филмот. Овој пат приказната за првото појавување на Годзила во светот е раскажана низ очите на Коичи - камиказе пилот кој освен како посрамотен дезертер, во неговото уништено родно место се враќа и со друг товар, ненадминливи трауми и блиска средба со мистериозно чудовиште.
 
Иако филмот двои голем простор за Коичи и луѓето околу него, во ниеден момент не ти дозволува да подзаборавиш дека гледаш каиџу еп, дури и кога самиот Годзила не е присутен на екран. Само е мајсторски е позициониран во пост-воена драма која се занимава со физичкиот и емотивен пустош оставен во Јапонија по Втората светска војна. Ниту еден друг Годзила филм од помодерната ера не успеал волку ефективно да ја спроведе темата која е инспирацијата за создавање на чудовиштето и неговата природа.
 
А, што се однесува до самата акција за која веројатно седнуваш на ваков филм - најдобар е и во оваа категорија. Јапонската продукција со вкупен буџет помал од 15 милиони долари овде нуди спектакл што е неспоредливо подобар од оној што холивудската кираџиска франшиза не успева со четири-пет далеку поскапи филмови. Дизајнот на Годзила и самите специјални ефекти во Minus One се феноменални, без разлика дали сцената е денска, ноќна или во вода. Не знам колку се потпирале на гумени костими, практични ефекти и реални сетови, меѓутоа сè е некако органски вклопено и нема да те оќори ко американските. Дури и им отиде таму да ги нагази малку, им собра Оскар за визуелни ефекти.

Додека американските адаптации не можат да се решат дали сакаат да бидат Transformers или суперхеројска франшиза, Godzilla: Minus One докажа дека е возможно да направиш возбудлив Годзила филм што ќе биде сериозно, созреано дело и покрај тоа што главното средство е некој ваков џиновски воден диногуштер со апетит за правење хаос. Мило ми е што вака го брани интегритетот на брендот, комплетно спротивно од тоа што модерниот Холивуд моментално му го прави. 

Се надевам дека следниот јапонски Годзила ќе е нешто уште поразлично од ова. Нема потреба да се наративно поврзани филмовите за да се добри, еве овој нема никаква врска со Shin Gojira освен тоа што го користи истото чудовиште. Ете, можело да се биде свеж и после триесетина наслови. Не знам дали Toho тивко се натпреварува со холивудската штампарија или само неплански ги дроби вака од шала, ама квалитетот на Godzilla: Minus One е неспоредливо над повеќето скорешни блокбастери, не само Годзила филмовите. Не дека е многу тешко да си подобар од холивудскиот Godzilla vs. Kong, ама смешно ми е кога гледам колку е крш вака во споредба.