October 10, 2017

Blade Runner 2049 (2017)

Познавам луѓе кои оргиналниот Blade Runner го третираат како религија. И, додека можам да разберам и испочитувам зашто, јас никогаш не успеав да си кликнам со филмот. Го ценам за тоа што е, се сложувам дека е еден од најважните остварувања во жанрот и општо во киноматографијата oткако постојат филмови во боја, меѓутоа и после толку многу прегледувања низ годиниве, не развив нездрава опсесија како тоа што го имам направено со други ствари. Поради тоа и бев толку рамнодушен кон продолжението, кое како и еден куп останати такви во последнава деценија, никој не го побара. 

Режисерскиот ангажман за Blade Runner 2049 му е доделен на помладиот колега Дени Вилнев, но сепак се плашев и колкава ќе биде инволвираноста на сенилниот Ридли Скот во целото ова, зошто последните неколку негови филмови ми предизвикаа агресивен ректален карцином, па оттаму и целосно изгубената доверба. Сепак, љубопитноста и непотврдената интригантна информација дека станува збор за оргинална приказна наспроти трендовски "мек рибут", ми го сместија газот во кино. На крајот, дури и да е лош, не ми повредува никакви чувства врзани за оргиналниот, така?


За среќа, Blade Runner 2049 не испадна лошо искуство. Квалитетот малку варира низ долгата минутажа, ама и покрај стравот дека ќе заспијам на пола, останав буден и заинтересиран скоро до крај. Филмот согорува бавно, темпото веројатно намерно се обидува да биде реплика на Ридли Скот тактиката, но визуелната привлечност и перфектните актерски изведби не ти дозволуваат да западнеш во длабок сон. Фасцинантно е како Вилнев го проектирал светот и начинот на кој овој пат излегува од рамките на постојано дождливиот и неонски осветлен Лос Анџелес. Дури и холограмската технологијата која не разбрав како точно функционира (не дека е премногу важно), одлично се вклопува во целиот амбиент, давајќи му контекстуален, модерен тон.

Кога приказната малку ќе заринка, тука е бучната и на моменти крајно иритирачка музика на Ханс Цимер да те расони. Да, Ханс Цимер секако не е Вангелис, ама и ова не е филм на Нолан. Преферирам поспокоен саундтрек кај филмови од ваков вид. Претпоставувам дека сакал да го задржи препознатливиот стил и тоа е разбирливо, само што некогаш краде внимание од сцени за кои ти е потребно друго сетило.

За да избегнам спојлери, нема да навлегувам многу во дејствието. Приказната лесно би можела да функционира и независно од првиот филм, дури и да биде поефективна така самостојна, и покрај тоа што идеолошки гравитира околу позната територија. Точките каде што двата филмови се допираат веројатно би ми биле навредливи доколку го имав земено Blade Runner за куќна слава. Некои правци во кои забега целата приказна ќе ми се допаднеа повеќе ако не беа експлоатација на моменти од првиот филм. Знам дека влечкање на видно остарен Харисон Форд низ вакви продолженија е профитабилно, но мора ли по секоја цена?

Се на сè, солидно скроен филм. И, се потрудив да останам објективен овој пат за да го потврдам ова. Веројатно хардкор фановите или ќе си добијат Нов Завет или ќе осетат непријатен удар во пределот на носталгијата. Јас, како некој што е индиферентен кон Blade Runner воопшто, успеав да се забавувам. Вредеше макар и за само едно гледање до крајот на животот.

No comments: