January 21, 2014

Кај беше The Wire до сега?

Доволно е да ја погледнам ланската архива на блогов и да почнам да го собирам изгубеното време на глупи серии што сум ги гледал или сум пробувал да ги гледам. Само ланската. Од постовите за серии кои се обидуваа да го клонираат успехот на Lost можам комотно и посебен блог.


За сметка на такви глупости, сум пропуштил The Wire. Познавам луѓе што се колнат во серијава со години, ми ја препорачувале, ама секогаш сум имал некој изговор или расположението ми било подесено за нешто друго. Зошто и не е баш лесна серија што може да ја свариш било кој ден. Напната е, се одвива бавно и приказната (барем во првата сезона) на почетокот делува малку конфузна. Многу ликови и ситуации, додека не дојде до точка каде што имаш "а-хаа" момент. Епа дојде време да се изгледа и ова. Подобро покасно отколку никогаш.

Без да навлегувам многу, само што ја почнав третата сезона, конечно нешто квалитетно при рака што ми ги замрзна сите други серии за гледање. Добра идеја беше и што направив подолга пауза измеѓу прва и втора сезона, таман фино отстоја. Доколку ги спичам сите пет сезони маратонски и без паузи со други серии, ќе пишам некој пост дур (ми) е вруќо. Ако Breaking Bad ми го крена критериумот, The Wire уште толку ја бутка границата нагоре. Ова е таа серија што ми требаше да ја гледам следна.

January 12, 2014

Новите DC: Detective Comics #27 (75 години Бетмен)

Мај 1939. Боб Кејн и Бил Фингер првпат го преставуваат Бетмен во Detective Comics #27, херој нешто поразличен од тогаш актуелните кој речиси инстатно ја освојува публиката. 75 години подоцна, Бетмен е еден од најпопуларните и најкомплексните ликови на денешницата и не му е потребно никакво претставување. Во меѓувреме, DC ги ресетира насловите и започнува од нула. Деновиве, нивниот освежен наслов Detective Comics стигна до 27-мото издание. Причина за да се обележи годишнината и да му се оддаде почит на Темниот Витез. 

Од новите DC, Detective Comics ги баталив некаде на почетокот. Не ме завлече приказната, не знам што се случувало до сега, а веројатно нема ни да се обидам да дознаам во скоро време. Но, бројот #27 не можев да го пропуштам. Специјалното издание ја слави годишнината на Бетмен баш онака како што доликува. Собрани се звучни имиња на луѓе кои го создаваат или го создавале Бетмен низ годините и секој тим се има претставено од една од седумте кратки приказни кои ги содржи ова издание. Само што го дочитав, ми стана јасно дека веќе имаме историско издание. Detective Comics #27 е совршен во секој поглед.

Низ седумте приказни, запазен е секој аспект на Бетмен. Како и самиот лик и неговата суштина, така и историските стази низ кои еволуирал. Има омаж на оргинални приказни, Сребреното доба, па дури и приказна која е актуелна во тековните стрипови под името Gothopia. Зошто не сум комплетно во тек, последното ќе морам убаво да видам што е. Делува ептен интересно. Приказните скокаат од  раните денови на Бетмен до остарен Брус Вејн кој го прославува својот 75-ти роденден, истражуваат алтернативни изходи на вечерта после "Зоро"... И, една многу заебана на Скот Снајдер која се случува во далечна иднина каде што сè уште постои Бетмен во некоја форма. А, првата приказна со која отвара колекцијата е посебно забавна, бидејќи е еден вид римејк на првата Бетмен приказна воопшто. Страшно добро е како сите успеале на толку малку страници да пренесат вакви моќни идеи. 

Да прекинам пред да откријам било што, само ќе го препорачам Detective Comics #27 на сите на кои некогаш им бил интересен Бетмен и прочитале нешто од стриповите. Ако ова излезе на хартија некако полуксузно спакувано, би сакал да го поседувам. Чиста десетка.

January 11, 2014

Збогум The Clone Wars

Дојде време и официјално да ја пољубиме The Clone Wars за збогум. Меѓу сите оние Star Wars новости деновиве, покрај Боба Фет филмот, најавено беше финалето на The Clone Wars. Откако Disney ја превзема машината за штанцање профит, го оставија најдобриот производ од оргиналната трилогија навака недовршен и со матна иднина. Заокружувањето на The Clone Wars ќе дојде во друг формат, како краток стрип серијал посветен на Дарт Мол, иако неговата приказна не беше толку битна. Но, сигурно се продава повеќе од Асока така што потегов воопшто не ме изненади, само што повеќе се надевав на телевизиски завршеток. Ебаве.


Dark Horse Comics пред некој ден ја загуби лиценцата за Star Wars стрипови, што е исто така логичен тек, зошто Marvel сакаат комплетно да ја поседуваат франшизата. Darth Maul: The Son of Dathomir ќе ги адаптира последните сценарија од The Clone Wars и ќе биде последниот Star Wars стрип што ќе биде издаден од Dark Horse Comics.

Пошто реално ме заболе за Дарт Мол, ова дефинитивно ќе го скокнам. Стрип финале на серија, не фала. Ама, ете шанса на Disney да се искупат со Star Wars Rebels. Ќе ги враќаат и старите Стормтрупери што секако ќе биде супер. Има време до есен.

The Hobbit: The Desolation of Smaug (2013)

Веројатно сум меѓу последните што го изгледаа The Desolation of Smaug. После недели одложување, дојде на ред за гледање и тоа во речиси празна кино сала по напорни неколку денови со голема можност за дремнување во истата. Неколку дена пред премиерата го изгледав An Unexpected Journey со надеж дека ќе ми го смени првиот впечаток. Не само што филмот е досаден како првото гледање, туку само ми го потврди сомнежот во следните две развлечени продолженија. The Desolation of Smaug е токму тоа, тегнење на една мала книга и пополнување минутажа со Леголас и приказни и ликови излезени директно од газот на Питер Џексон. 

Сепак, филмот некако функционира и како таков, или па моите мали очекувања овозможија да бидам изненаден. Иако отидов спремен со пижами и јорган во кино, не ни приметив кога летнаа тие два и кусур саати. Приказната е многу подинамична во однос на првиот дел и не делува како аркаден платформер. Некои сцени кои заслужуваа поопширен третман, за жал се скратени за сметка на измислена акција со измислени ликови, кога Билбо и Џуџињата бегаат по реката во буриња. Да не бидам безпотребно строг кон Таурел, мене ликот ми беше океј. Иако со Леголас беа неколку пати искористени како последниот спас за Џуџињата, нивното присуство некако ја расонуваше приказната. Еванџелин Лили на почетокот ми делуваше чудно во ваква улога, но набргу ја прифатив како дел од светот на Толкин, иако нејзиниот лик е дојден од друго место (види прв параграф).

The Desolation of Smaug си го оправдува насловот, не само со самиот Смауг туку и целата атмосфера е некако пуста и мрачна. Речиси и да нема никаков баланс, филмот цепа темно до самата кулминација под планината. Сцената со Смауг е една од најдобрите во целиот снимен опус на Толкин до сега. Излезе многу подобро од што замислував, дури и дизајнот и анимацијата на Смауг кој е уште еден лик чиј глас во филмот го позајмува Бендикт Камљњхсбеч (?). Клифхенгерот на крајот го најави епскиот почеток на третото продолжение кои ќе го видиме на крајот на оваа година. 

Немам никакви замерки за актерската екипа. Перфектен кастинг и тука, како и во Lord of the Rings. Реално, не ни имам некои страшни замерки, освен тоа дека сето ова ќе функционираше како само еден филм, или мини-серија каде што секое поглавје ќе можеше да си добие некаква фина адаптација. There And Back Again ќе ја опфати Битката на Петте Армии, која верувам дека Питер Џексон ќе се потруди да ја донесе на ниво на битките од LOTR трилогијата. И, искрено се надевам дека тоа ќе биде последната адаптација на дело од Толкин. Иако MGM ги имаат правата на уште две други книги, нема потреба да се пренесува на платно секоја визија на Толкин. Или син му.