Не ми се верува што гледав. Уште помалку не ми се верува што ќе мора да си ги изедам сите ствари што ги кажав за Нолан и Снајдер. За среќа, иако очекувањата ми беа големи, не се исхајпав како за Prometheus, така што разочарувањето не е толку страшно. Во секој случај, Man of Steel го држи местото на најлош филм што го изгледав годинава. Тоа е тоа, без спојлери, а подолу се деталите.
Да почнеме отпочеток. Man of Steel почнува на Криптон, каде што крајот на планетата се осеќа насекаде. Во непотребно долг сегмент, гледаме што се случува таму низ CGI со телевизиски квалитет и како Кал Ел завршува на Земјата. Основната приказна за тоа како и зошто е он пратен тука, е "збогатена" со навидум сериозна политичка нишка за општеството кое Џор Ел го остава навечер без сон. Тука некаде е и првата дупка во приказната, каде што технолошки напредна раса која испраќа криминалци буквално у курац, е способна да спаси само еден човек. Имаат факинг технологија за тераформирање, зошто целата надеж за опстанок ја праќаат во една единствена капсула? Доколку некаде го објаснија тоа, веројатно сум зевал од досада и сум го пропуштил.
Океј, одиме понатаму каде што приказната се сели на Земјата каде што филмот се претвара во хаотичен колаж од флешбеци, лоши дијалози и бесмисленост. Тука следува уште еден шок од неверување. Како може такви имиња со челична репутација да не знаат да раскажат приказна. Приказна која е со години раскажувана и веќе има некаков темплејт. Овој дел од Man of Steel, се труди да го претстави детството на Кларк Кент повлекувајќи некои безвезни паралели со тоа што му се случува денес. Дури имаше и еден крајно, крајно кретенски момент каде што се обидуваат да шитнат некоја религиска аналогија споредувајќи го Супермен со Исус. Сериозно, чија идеја било ова? Тоа што ќе вметнеш религија каде што дефинитивно не припаѓа, не ти го прави филмот ништо посериозен, туку смешен и дебилен.
Не знам дали некој примети, ама ја имаше и Лојс Лејн. Барем лик што се викаше така. Од итрата самоуверена новинарка која поместува планини за да си ја истера работата, тука има некоја неталентирана актерка чија минутажа во филмот е таму колку да ја има. Нејзиното присуство во филмот не правеше никаква смисла и форсирањето во сцени и ситуации каде што не и беше местото, е катастрофално. Зошто воопшто Зод и останатите Криптонци ја земаа и нејзе на бродот?! Тој што го пишувал сценариото веројатно некаде на пола од листот (на кој го собира цел филм), сфатил дека нема Лојс и на следното одење во ќенеф решил да ја допише. Алал.
Не само што немаше природна интеракција помеѓу Кларк и Лојс туку немаше апсолутно ништо, ниту трошка од тоа што целиот ебан свет го знае за ликовите. Летање десет минути низ пченки и карпи не те прави Супермен. Ниту еден од ликовите не се издвои, зошто сценариото беше напишано како за евтина СФ серија или сцена од глупава игра. Жалосно беше да ги гледаш актерите како го изустуваат тоа дно од сценарио. Башка, таква збирштина на неталент немам видено од ... од ... немам видено! Секоја чест за Расел Кроу и Мајкл Шенон, барем се трудеа, и покрај тоа што појавувањето на Расел Кроу после Криптон беше како во лош цртан филм. Хенри Кавил е одличен Супермен, но за жал само на слики. Секоја секунда од него во филмов ми ги печеше очите.
Крајот на филмот и кретените што ја гасеа климата во Синеплекс ми предизвикаа главоболка. Последниот саат од филмот имаше три, напорно долги CGI сцени, ужасно изведени и режирани сцени каде што Супермен се бореше со роботи и Зод. Таман мислиш дека завршило, почнува нова зграда да се руши, заедно со луѓе кои Супермен не успеа да ги спаси. Мислам, кого воопшто спаси? Лојс и Лоренс Фишбурн? Од сето она што претставува Супермен за стрип сцената и Америка, видовме само добро дизајниран костим.
За жал, Man of Steel остава чувство на очајна бљувоштина која го прави Superman Returns симпатичен. Од пренесувањето на ликот во денешно време, останаа само ветувачки трејлери, што ме тера да мислам дека прво го снимиле трејлерот, па решиле да прават два и пол саати филм базиран на тоа. Во иднина, секој филм на Нолан ќе го гледам со резерва. Секоја чест за Бетмен и претходните, ама ова е лошо, бе брат. Дно. Си ги сакам парите и времето назад.