January 29, 2012

Најава за Prometheus

Годинава сакам да видам добар СФ. Високобуџетен добар СФ, значи муабетите за ептен добри инди филмови што тепале на фестивал во Андора и колку Холивуд е поган, не ме занимаат нешто посебно во моментов, иако со второво често се согласувам. Prometheus изгледа како Ридли Скот да е решен да му даде малку живот на жанрот.

Филмот кој требаше да биде сместен во Alien универзумот, во раните фази на продукција се оформи како засебен ентитет. Екипажот на бродот Prometheus трага по потеклото на човечката раса, и успат се соочува со напредна вонземска цивилизација во некоја вселенска вукојебина. Иако далеку од иновативно, мојата верба во Ридли Скот веќе ме осигура дека ќе гледам добар филм. Тизер трејлерот кој и не кажува баш многу, сепак има неколку сцени кои ако ништо друго, ветуваат културно искористени компјутерски ефекти и амбиент кој овој режисер знае како да го прикаже. За сценариото е задолжен Дејмон Линделоф, па една уште една причина која може да гарантира за квалитетот на Prometheus. Кастингот е фино одбран, без многу звучни имиња, што мене лично ми е сосема океј.

И да се надоврзам на муабетот за Alien од погоре... Мило ми е што филмот ќе биде независен од тоа. Изминативе години, толку се извалка таа франшиза што некако е ризик да се прави било што поврзано со тоа. Ако ништо друго, има гневна топла на фанови што ќе собира плунка два месеци пред излегувањето на филмот. Prometheus премиерно ќе биде прикажан на почетокот на Јуни. За сите новости поврзани со филмот, обратете се на овој линк.

January 22, 2012

Бесплатни MMORPG игри во 2012 (прв дел)

Многу пати сум кажал дека кога некоја MMORPG игра која нуди месечна претплата и се префрла на f2p (free-2-play) модел, е прв знак за, грубо кажано, пропаѓањето на истата. Не пропаѓање во смисла за затворање на последниот сервер со седум луѓе, туку значително намалување на претплатници. Кога месечната претплата не функционира профитабилно, голем број компании наоѓаат прибежиште кај микротрансакциите. Тие па, најчесто се бессрамен грабеж на играчите, кои доколку би ги користеле за комплетно искуство со одредена игра, би чинело многу повеќе од месечната претплата. Пример, LOTRO (колку е да е добра играта), откако стана "бесплатна" бараше од мене пари за секакви работи, од торбици до квестови. Секако, постои и опција за месечна претплата каде што е вклучен комплетниот "пакет", но повторно, страдаат играчите кои не сфаќаат дека не постои нешто како "бесплатно". League of Legends е исклучок, но веќе го дискутирав тоа и не би се задржувал многу.

Изминативе месеци и следниве што доаѓаат, сме сведоци на "падот" на некои звучни имиња на MMORPG сцената кои последниот здив ќе го земат со f2p етикета. Листата на причини за тоа е навистина долга. Жанрот ретко нуди нешто ново, па играчите се заситени. Покрај гигантите како World of Warcraft, се појавија еден куп други слични игри со кои пазарот се прошири и понуди повеќе опции. Меѓутоа, ретко кој нуди нешто различно и иновативно, така што секоја компанија која доби шанса да претстави игра, после одредено време почнуваше да згаснува. Друга работа се огромниот број на корејски игри, нормално адаптирани за американски и европски пазар, кои иако имаат f2p модел, си наоѓаат место кај кежуал играчите. Игри кои изгледаат одвратно, имаат ужасен гејмплеј, а сепак имаат повеќе играчи од оние кои подолу ќе ги спомнам.

Очигледно ќе причекаме за револуција во жанрот, додека не излезе Guild Wars 2. Дури и да повлече армија клонови, сепак ќе е огромно освежување на жанрот кој упорно тапка во место. Приметувам дека бројот на играчи кои веруваат во Guild Wars 2 е секој ден се поголем и поголем.

Еве што ќе може да се игра "бесплатно" оваа година:

DC Universe Online, барем PC верзијата. Иако најавата за оваа игра стави насмевка на лицата на стрипаџиите, нескромно ќе кажам дека лесно можеше да се превиди судбината. Како концепт, ваква игра неможе да успее во жанрот во кој се обидува. Звучи примамливо, но е предизвик кој бара многу повеќе од "Убиј 10 ______" квестови. Каква и да ја направиш приказната, пак неможе да оправда што бараат толку многу суперхерои и вилани на едно место. Претпоставувам дека ќе тера вака уште барем една година, пред серверите да им отидат офлајн. Се сеќава некој на The Matrix Online? Секако дека не.

Star Trek Online лично мене ме израдува како концепт, но реализацијата беше оцената како катастрофална само неколку дена по издавањето на играта. Има материјал во Star Trek, тоа е неоспорно, само што ете, очигледно не успева како игра од овој жарн, нешто слично како DC Universe Online. Дури Star Trek Online нуди и поплодна почва за развој на MMORPG од претходно спомнатата. Страшното е тоа што сега во играта меша прсти и Perfect World, компанија која лично сметам дека далеку повеќе се грижи за микротрансакциите и нивно претворање во макро, отколку за самиот квалитет на игрите.

Aion ми го привлече вниманието уште кога излезе и кога слушав само позитивни работи. За жал, играта почна да згаснува по само неколку месеци, но успеа со години да опстои со месечна претплата како модел. Во периодот кога се откажував од WoW а RIFT беше далеку и од алфа верзија, оваа игра неколку пати ја размислував како опција. Исто така, доколку направиме споредба помеѓу овие три игри кои ги спомнав, мислам дека Aion најмногу ќе добие како "бесплатна".

Верувам дека ова не се единствените игри кои ќe станат "бесплатни". Дури и RIFT е сериозен играч доколку не им тргне на порано. Иако се јавија со броја од 100 милиони долари заработка, многу од серверите се празни. Сепак, утешително е тоа што голем дел од празните сервери, воопшто не ни биле планирани, но навалата на играчи (лично сум сведок за ова), си го направи своето. И другo нешто за крај. Ако оваа година Star Wars: The Old Republic не почне да го применува f2p моделот, сигурен сум дека веќе во следната ќе може да се игра со микротрансакции.

January 20, 2012

Подалеку од Alcatraz

Наместо да се посветам на пишување за квалитетни ствари како Breaking Bad, решив да потрошам муабет на Alcatraz. Не ми е поентата да бидам зол и да мрчам, туку само сакам да предупредам и да објавам дека од денес па натаму, секој продукт на кој е потпишан Џ.Џ. Абрамс ќе го избегнувам како мене техничката поддршка на Телекабел.

Невиден и креативен промо материјал?

Alcatraz
е уште еден од оние обиди за серии чиј коњ пробува да јава со самар обележан со DHARMA симбол. Не знам уште колку серии треба да пропаднат пред некој да се сети дека сеуште е рано (и така ќе остане уште долги години) за нешто како Lost? Мислам, единственоста и големината на Lost уште се осеќа во воздухот и навистина нема потреба од пополнување на дупки кои не постојат. "Квалитетот" на Alcatraz беше најавен уште со онаа одлука со која серијата доби mid-season replacement третман, но некако пак бев заинтересиран. Фин кастинг, интересен сетинг и 'звучно' име некако ветуваа барем океј реализација. И јас, будала, пак поверував на Џ.Џ. Абрамс, за среќа, последен пат.

На кратко, што е приказната? Најпознатиот затвор во светот е затворен и сите 'жители' се пренесени во други затвори. Само што не се случува тоа, туку мистериозно исчезнуваат. Флешфорвард во денешно време, еден по еден почнуваат да се враќаат. Делува занимливо, зар не? Само што не е. Воопшто не е. Има катастрофална нарација, крајно аматерско сценарио и ликови интересни како македонска хумористична серија од крај на 90-ти.

Очигледно ова е единственото што може Сем Нил да го работи во моментов, а се гледа дека не се труди. Харли од Lost е тука, со сличен лик, само што е тотално неуверлив. Буквално се што се случува во првата епизода на Alcatraz е комплетно исфорсирано и без душа. Уште на крајот кога сфатив дека секоја епизода ќе се занимава со различен затвореник, ми стана јасно за каква глупост потрошив време. Слично ми се деси со The 4400 пред неколку години, со тоа што разликата беше меѓу пилот-епизодите на двете серии. The 4400 имаше барем добар почеток.

Лоша серија. Не вреди да се троши време зошто ќе пропадне како The Event.

January 11, 2012

Мала дискусија за The Hobbit

Крајот на минатата година го донесе трејлерот на The Hobbit, адаптација на истоимената книга на Толкин. Лично, трејлерот успеа да ме убеди дека оваа година ќе видиме уште еден квалитетен филм, кој ќе остави значителна трага во историјата. Покрај сите проблеми со кои филмот се соочи во раната фаза на продукција, сепак на крај проектот доби зелено светло. Ако некој памти, The Hobbit (поделен на два дела, првиот се вика An Unexpected Journey), требаше да го режира Гилермо Дел Торо. Радоста беше преголема, особено за тогаш тазе фан на Дел Торо, како мене. Доколку некој се сомнева во режисерските способности на типот, слободно нека го погледне Pan's Labyrinth. Дел Торо има осет за жанрот, иако нема некое такво комплетно остварување.

Како што почетокот на продукцијата се одложуваше поради финанскиски проблеми, така трпението на Дел Торо го доведе до напуштање на проектот, по што луѓето со парите успеаа да го вратат Питер Џексон на веќе докажаната позиција. Со Питер Џексон како режисер, веќе не би требало да има сомневање во квалитетот на адаптацијата. Ќе видиме филмови кои соодветно би ја надополниле Lord of the Rings трилогијата, во истиот дух, и се надевам барем сличен начин на реализација и стил. Друга работа што ми се допаѓа е тоа што филмот има посериозен тон, ако судиме по трејлерот, нели. The Hobbit е многу подетски раскажана приказна од трилогијата, а трејлерот воопшто не изгледа како Хари Потер.

Кастингот е комплетно погоден. Мартин Фримен е можеби најдобриот избор за младиот Билбо и докажан актер. За Гандалф, треба да сме среќни што МекКелен уште е способен да снима. Искрено, друг актер неможам да замислам во таа улога. Нека си поживее човекот дур не го снимат и вториот дел. Иан Холм, Елајџа Вуд, Кристофер Ли (очигледно е бессмртен), Енди Серкис. Хуго Вивинг, Орландо Блум и уште некои што сигурно ги испуштив, се враќаат во старите улоги, а ја како фин додаток, тука е и Еванџелин Лили. Повеќето актери во улогите на Џуџињата не ги знам, но изгледаат одлично во костимите.

Значи, комплетно му верувам на Питер Џексон. Одлуката да се снимат два (долги) филмови е исто за поздрав, зошто очекувам подетален пристап и раскажување. Единствен проблем тука е тоа што треба да чекам една година за првиот дел, и уште една за вториот. Како и да е, промашување нема да има.

January 6, 2012

Doctor Who со Дејвид Тенант

Концептот на серијата и тоа што успеала да опстане неколку децении, беше доволно за да ме заинтересира. Знаев уште одамна за Докторот, само што мојот прв контант со него и не ме воодушеви. Првото нешто што го гледав беа епизодите (некои скроз рендом од таа сезона) со Кристофер Еклстон, деветтиот Доктор. Тоа што претходно ми беше познато за Doctor Who, воопшто не се поклопи со тоа што го видов, а особено не тогаш актуелниот Доктор.

Прво, кој е Докторот? Докторот е Господар на Времето (глуп превод на Time Lord), последниот од неговиот вид. Патува низ времето и просторот со TARDIS (кратенка за Time and Relative Dimension In Space), вселенски брод што личи на телефонска говорница од надвор, и претежно оправа криви дрини низ универзумот. Бидејќи најчесто ги решава проблемите на Земјата, си има и по една згодна придружничка на неговите патувања. Океј, Дона Нобл не, зборам за Роуз.

Докторот е стар повеќе од 900 години. Дел од тоа е прикажано во повеќе од триесет сезони. Серијата има интересен концепт на менување на актерот кој го толкува Докторот. Имено, Докторот кога ќе умре, има способност да се регенерира во ново тело, односно нов актер. Па така, налетав на сигурно најдобрата инкарнација на Докторот, маестралниот Дејвид Тенант. За разлика од претходниот кој ме доведе до тоа да ја пцујам серијата, Дејвид Тенант ми го врати интересот, па тие три сезони со него ги изгледав за многу брзо време. По 12-13 епизоди се во сезона, плус некои специјални за Божиќ.

Тенант е маестрален. Совршено глуми, има неверојатна харизма и успева да го преслика ликот баш како што замислував. Дури и приказните се поинтересни од оние што ги видов со претходниот Доктор. Кога сме кај приказните, не барајте модерен СФ тука. Ниту па нешто претерано сериозно. Не е дека нема и такви моменти, меѓутоа серијата се заснова на нешто друго - забава на британски начин? Претпоставувам дека приказните, костимографијата и сè што има во серијата е останато од времето кога започнала со прикажување и намерно го држи тој стил. Такво е, наивно и детски, на моменти како цртан филм. Има толку необични случки и елементи, па најблиското нешто со кое би можел да ја споредам серијата, би бил Автостоперскиот Водич. Пред некој да го фрли првиот камен за споредбава, да потсетам дека лично Даглас Адамс, има напишано неколку Doctor Who епизоди (кои ќе бидат изгледани деновиве). Во ред, не се сите епизоди со ист квалитет, имаше некои што ги заспивав без да ги догледам, но добар дел од останото и те како вреди.

Затоа што многу луѓе на кои им ја препорачав серијава, ме одбија со истата причина поради која јас ги плукав епизодите со Еклстон, ќе склопам една фина листа со најдобрите епизоди со Тенант. Штета што се само три сезони со него. Зошто навистина, Doctor Who е многу подобра серија од тоа што изгледа. А, "јубилејниот" Доктор замина достоинствено, во емотивно финале, препуштајќи го Тардисот на Мет Смит. Мет Смит е единаесетиот Доктор кој веќе тера две сезони. Иако овие со Дејвид Тенант ми се уште тазе и не знам дали ќе се навикнам лесно на нов Доктор, ќе му дадам шанса.