June 10, 2016

Teenage Megan Ninja Turtles: Out of the Shadows (2016)

Бев на Нинџа Желки во кино. Не ми е незгодно. Дури ни тоа што со другарката бевме највозрасните меѓу сите тие седум луѓе внатре и тоа што единствените гласови што се слушаа беа на ова долупотпишано магаре и две деца некаде во скоро празната сала. Филмот е... забавен. Нинџа Желки е, секоја варијанта им е добра. Да не се повторувам. Но, колку и да не смееш да пристапиш сериозно на нешто вакво, на моменти ја губев мојата десетгодишна наивна персона и дозволував да надвладее возрасниот циник. 


А, Teenage Mutant Ninja Turtles: Out of the Shadows е адаптација на сите добри спомени од серијата. Таа, оргиналната. Рокстеди и Бибоп, Кренг, Шредер, Кејси Џонс, Бакстер. Ги има сите состојки да биде најдобриот TMNT филм некогаш направен. А, зошто дефинитивно не стареам толку лошо, нешто мора да не е во ред со филмот. Не ги користи тие состојки за прецизно да ја погоди целта. Разбирам дека е за деца, разбирам дека Меганфоксплоатацијата и типон од Arrow се тука за има и повозрасната публика да гледа во нешто што не е антропоморфна желка, но има многу ствари што ќе те натераат да си се извиниш и сам на себе. 

Ниту еден Технодром во филмот не успева да надомести за плиткото сценарио. Мислам, сум видел и полошо и свесен сум дека не треба да ги гледам пукнатините на факинг Нинџа Желки, ама кога можеш да ја предвидиш следната реченица што некој лик ќе ја изусти знаеш дека нешто не е баш на вистинското место. Забавно е само првите триесет пати да си погодуваш така. Во претходниот филм некако успевав да ги игнорирам сите боцкава работи. Тука, не баш.

На моменти Out of the Shadows тотално не знае ни што да прави со тие еднодимензионални ликови. Желките се постојано во некаков неоснован конфликт, Меган Фокс трча полугола наоколу и забораваш дека е репортерка до последните три минути од филмот, останатите упорно ги трпат арогантните постапки на Шредер, Рокстеди и Бибоп си прдат еден на друг.... Кејси Џонс, каков-таков е исклучокот кој навистина прави некаква разлика некогаш. Останатото е онака, калакурница, дури и за тоа што се обидува да биде. Кога функционира е супер. Кога не, сакаш да си ја покриеш главата со кутија пуканки. Додека сепак си проаѓаш добро, така? Не се каам за ништо.

June 9, 2016

Хаосот со Супермен во DC Rebirth

Веќе е излезена втората тура од DC Rebirth насловите. Superman: Rebirth #1 и Batman: Rebirth #1 ги читав минатата недела, оваа Action Comics #934, спремни ми се Detective Comics #957 и Flash: Rebirth #1. Поднасловот и нумерацијата се ужас за нови читатели. Скроз е конфузно. Ова "Rebirth" на секој наслов ќе го снема во следниот број кога пак ќе бидат обележани со #1, додека Action Comics и Detective Comics продолжуваат онаму каде што се застанати со Новите 52 (кога почнаа од кец, нели?). Браво бе, DC. Минатиот пат убација #0 број после #11 или така нешто. Браво. После слаба била продажбата. Некој првпат што гледа стрип секако ќе знае дека Superman Rebirth #1 е различно од Superman #1 на кој исто стои дека е дел од Rebirth.

Океј. Сега кога ги оправив маркетинг одлуките на DC ќе се фокусирам на Супермен. Бетмен ќе го скокнам засега зошто апсолутно немам никаква идеја што точно се случуваше во Batman: Rebirth #1. Том Кинг, под менторство на Скот Снајдер, се обидел да напише некоја приказна која природно ќе тече после последниот број, меѓутоа тотално ништо не ми беше впечатливо. Има некаков црн Робин кој веројатно се појавил во еден од тие седумсто Бет наслови од Новите 52. Не знам кој е, не знам како е поврзан со Брус Вејн. Ако се појавил некогаш, не можам да се сетам. Имав чувство како да читам средина на некаква приказна со која не сум во тек. За прв број тоа никако не е добро. Но, ова е првиот прв број. После ќе има втор прв број, и така...


Супермен е... супер. Хехе. Ах, ме мрзи, ама ајде. За разлика од Batman: Rebirth #1 кој се однесува како ништо да не се случило со ликот во Rebirth ивентот (не се случи), сè што има "Супермен" во насловот се однесува со ликот и митологијата како мајмуни со голема растурена сложувалка. Откако други мајмуни изеле неколку парчиња, се разбира. И, сега првиве се обидуваат да склопат некој дел што ќе има смисла. Интересно е, го има оргиналниот Супермен од пред Flashpoint, оној забрадениот што има дете со Лоис во Lois & Clark и се најдоа запустени во 52 универзумот каде што живеат скришно. 

По смртта на Супермен од тој универзум, кој никој не го сакаше (освен јас и сигурно уште неколку во една прилика), дури ни DC, Superman: Rebirth #1 прави напор тој Супермен да остане мртов. Секако, "оргиналниот" се однесува со почит кон овој што го "избркаа" со небитна смрт, но претежно се флешбеци од култниот Death of Superman на Ден Џургенс и она што следувало отпосле. Идејата дека Супермен не може да умре, дека бла, бла... Практично, изговор за Супермен што сите го сакаат да се врати, притоа да не изгледа дека преку еден број сите треба да заборавиме на оној 52 таксиратлија.


Истиот Ден Џургенс го пишува Action Comics #957, каде што всушност е вистинската возбуда. Ова гради директно врз Superman: Rebirth #1 и Lois & Clark #8, последниот број од семејната идила на Кентови. Нема поента насловот да продолжи понатаму нели, кога веќе се дел од редовниот серијал. Не знам од каде ми беше таа идеја дека ќе тера и ова. Небитно. Сега кога светот знае дека Кларк Кент и Супермен се мртви (Лоис во 52 се има погрижено да го издаде на цел свет. Фала Лоис, козо една), но не знае дека таму некаде се крие брадосан Кларк кој тајно делува во црн костим со бело "С", Лекс Лутор лета низ Метрополис претставувајќи се како новиот Супермен. Сите сакаме да сме Супермен некогаш, нели Лекс? Епа не може. Оргиналниот Супермен решава дека е време да излезе од криење и да го спаси светот од овој наметлив Лутор.

Додека се одвива 239-тиот конфликт помеѓу Лутор и Супермен, Џургенс прави пресврт што дополнително ги комплицира сите ствари што се обидуваат да направат кохеретна целина од искасапениот 52 универзум. Се појавува Кларк Кент! Кларк факинг Кент. "Стварно сум јас, Џими", а ти земаш длабок здив и гледаш видео со зајчиња во чаши за малку да ти се разбистри. Ако ова е Кларк Кент, кој се тепа со Лутор? Ако 52 Супермен е мртов (ако до сега не сфати дека е истата личност, не знам...), тогаш од каде е дојден овој Кларк Кент и како светот ќе го прифати ова? Не само светот во стриповите, со нас што правиме? Целото ова склопување делчиња од различни места е секако глупаво, но во исто време забавата додека посматраш како ќе се отплеткаат од ова е преголема. Затоа и едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму.

Чекај, чекај.... а што се случува со Лоис од 52 универзумот? Каде 52 Лоис? Ах. Таа Лоис ќе биде Супервоман во Rebirth. Што?! Како мисл.. Не. Не се ни обидувај, океј?

June 4, 2016

Пост-трауматските растројства од Insurgency

Мркли мрак. Со Наум и Бојчо чуваш сандак со оружје и муниција во некоја рушевина што сте ја освојувале четириесетина минути. Потполно е тивко, истрелите се стивнати. Единствено што можеш да чуеш е сопствениот забрзан пулс. Го слушаш преку слушалици. Бавно пушиш цигара за да останеш смирен. Од другата страна повремено ќе се чуе мачорот на Наум како жали за изгубените јајца. Само што ти дошло да воздивнеш длабоко во знак на конечната победа која доаѓа следниот миг, пука ракета. Сега сте сите мртви. Пцуеш и почнуваш отпочеток.


Insurgency не е CS:GO. Insurgency е симулатор на урбана војна каде постојано имаш близок контакт со непријателот. Ако сакаш да останеш жив треба да си тивок, трпелив, фокусиран и прецизен. Да ја користиш околината за да се засолниш, да го штитиш тимот додека се пробива кон непријателот и да водиш сметка уште колку муниција имаш до следното репетирање. Секоја акција мора тактички да биде пресметана. Некогаш е доволно само еден куршум за да те усмрти. Некогаш те усмртува ракета, нож или Наум по грешка. Војната е пекол, нели?


Играта има доволно модови за две недели да сонуваш различен кошмар. Некои ноќи се будиш испотен од мапата каде што треба постепено да освоиш неколку точки за победа. Некогаш си на напуштен пазар на Блискиот Исток со мисија да елиминираш 24 непријатели со твојот тим од едвај осум луѓе. А, во секој мод на играње, твојата улога во тимот е битна. Не може секој да биде снајперист. Оружјата и опремата што ќе ја користиш на мисијата ти се определени според улогата што планираш да ја играш. Затоа координацијата на почеток не треба да се занемари. Арсеналот ти е ограничен.


Покрај официјалните мапи и модови, Insurgency има доволно голема посветена заедница која придонесува со креирање на сопствени. Сакаш да колеш нацисти со бајонетот на пушката во Втора светска војна? Нема проблем, има мод што нуди епска битка низ канали и куќарки со огромни тимови. Моментално ми е најзабавната пуцачина. Ептен отскокнува од стандардното трчање и пукање на кое сум навикнат. Тука не можеш ни шаржер да смениш додека трчаш. Мора да клекнеш скриен додека другарчето се грижи да не ти го разнесат мозокот на ситни делови.

June 2, 2016

Wаrcrаft е најдобриот филм на сите времиња

Океј, можеби и не е баш, ама насловот буквално го искуцав со овие две стврднати брадавици. Филмот е спектакуларен. Сè што очекував дека ќе биде. Не можам да сум објективен кога е во прашање Warcraft филм што го чекам десет години. Премногу ја сакам франшизата и таа љубов не дозволува да му ги видам мааните. Ако сум се мочал на синематици од игрите што траат три минути, замисли што може да ми направи филмска адаптација од два саати. Добро замислуваш.

Го гледав на претпремиерата, па ќе се воздржам од детали додека не почне редовно да се прикажува. Ќе го гледам пак, одам во IMAX кино следната недела. Многу би било себично ако кажам дека филмот е стриктно за фанови, но намерно или не, резултатот изгледа баш така. Некои работи што се случуваат веројатно нема да бидат целосно јасни за публиката која не е запознаена со изворниот материјал, па можеби затоа критиката е толку строга. Не дека не можело да се реши со една нарација на почетокот, но тоа е тоа. 


Сепак, функционира. Како љубовното писмо кон фановите, сосема. Ликовите, локациите, приказната. Вриштaт чист Warcraft. Умерената количина на хумор низ филмот е присутна за да потсети дека филмот не е нешто што се доживува себе толку сериозно. Анимацијата на Орките е доведена до совршенство. Немам видено подобри компјутерски-генерирани суштества до сега. Многу природно се вклопуваат со луѓето. А, и тој дел од кастингот е одличен. Тревис Фимел и Бен Шнецер блескаат во улогите.

Некои ситници можеби делумно отсокнуваат од фолклорот, но сепак Данкан Џонс успешно ја задржал суштината. Има и толку многу мали детали од светот што ќе ги приметиш само ако гледаш внимателно. Сите тие работи зборуваат за тоа колку е богат овој универзум и каква штета ќе биде доколку филмот не оствари доволно профит за да си обезбеди продолженија. Ако почетокот беше ваков мамутски, можам да замислам какви би биле следните. Ова само ме остави жеден за уште.

Изгледа дека Данкан Џонс ја скрши клетвата со лоши адаптации на игри. Од сите што сум ги гледал, ова најблиску ја погодува целта. Додека го пишувам ова уште нема бесна толпа што се обидува да ги запали канцелариите на Blizzard и Legendary Pictures, па да го сфатиме тоа како добар знак. Ќе пишам повеќе за филмот после второто гледање.

May 29, 2016

Глупостите на Marvel со Captain America

Дента кога DC го почнаа Rebirth, Marvel решија да се обидат да ја израмнат галамата на стрип публиката со тоа што Стив Роџерс го направија таен агент на Хидра. Според Ник Спенсер, сценаристот на овие триесетина смешни страници на Captain America: Steve Rogers #1, Кеп отсекогаш бил Хидра. Сите овие години. Тајно работел за нивната кауза и покрај тоа што ликот 75 години претставува нешто сосема спротивно. Истиот тој Кеп што во 1941 му има удрено бокс на Хитлер. Јас да сум духот на Џек Кирби (Евреин, патем) не би го оставил Спенсер око да склопи. Не зошто се занесува со историјата и идеологијата на ликот, туку зошто мислел дека баш ова е добра идеја. Не само него, цел Marvel има да осеќа паранормални активности.


Ваквите колосални промени на етаблирани ликови не се некој нов трик, се случувале отсекогаш. Функционираат кога умира Супермен, кога Бејн му ја крши кичмата на Бетмен, дури и Кеп кога умира. Издавачите секогаш наоѓаат начин да го вратат континуитетот во "нормала", да, сигурен сум дека истото ќе се случи и сега. Но, вакви промени треба да остават нешто што нема да изгледа како евтина сензационалистичка финта. Ова со Кеп е баш такво. Се крена цел интернет ко некој да им ги запалил старите Captain America стрипови. Не е онака си седиш еден ден, си читаш Кеп стрип и ти се распаѓа во раце зошто некој одлучил дека бил злобен нацист цело време. Само е ужасно глупаво.

Уште па Спенсер тврди дека ова не е клон, не е Роџерс со испран мозок, не е некоја сила што е одговорна за неговите акции, туку дека е навистина тој. Ајде важи, еј. За неколку месеци (или веќе во следниот број што секако нема да го читам) ќе има некое слично објаснување што ќе е уште полошо од овој "пресврт". Ја постигнаа целта, се зборува секаде за ова. Само не гледам зошто ваков потег, освен за создавање бука со цел да се наруши онаа на конкуренцијата. Продаваат подобро од DC зошто филмовите им се подобри од тие на DC. Не верувам дека имаат потреба од вакви срања за зголемување продажба и покрај тоа што стриповите последниве години им се тапа.

Затоа повеќе читам DC. Marvel се жива досада. Зевање. Особено онаа линија кога ги почнаа насловите од #1 со тоа Marvel NOW!. Последното забавно беше Infinity, можеби. Но, со оглед на тоа дека не се сеќавам на ништо што се случуваше таму, јасно е колку бил силен впечатокот. На други наслови не ни можам да се присетам. Само тековниот Daredevil на Чарлс Соул и Daredevil / Punisher ги следам. Тие се океј.

May 26, 2016

Почетокот на DC Rebirth

Морам уште на почеток да предупредам за грозни спојлери надолу. Текстот не е целосна деконструкција на DC Rebirth #1, меѓутоа е полн со детали кои би можеле да ти го нарушат уживањето при читањето на еден од најдобрите наслови некогаш создадени. Да, DC генијално го изведоа ова. Моќен и емотивен третман, баш како што заслужува нешто со вакви пропорции. Ова е веројатно тоа ниво кое се обидуваа да го достигнат последните неколку години и конечно им успеа. Еден од оние стрипови што сакаш да ги прочиташ пак отпочеток во моментот кога ги затвориш. Rebirth од денес ми е уште еден пример за "причината" поради која читам стрипови воопшто. Дозволи си го искуството, не читај надолу без претходно да го имаш прочитано Rebirth.

52 универзумот на DC официјално престана да постои. Си замина така како што се создаде, а парчињата кои останаа од него, од оваа недела се преточени во Rebirth. Велам преточени, бидејќи Rebirth не е "ресетирање" во онаа класична смисла. Иако претендира да биде голем исчекор во една попозната, традицонална насока, гради врз темелите кои беа поставени токму во 52, истовремено обидувајќи се да воведе некои нови, свежи елементи. Или барем, делумно да ги редефинира тие од пред Flashpoint.


Џеф Џонс експлицитно го прави токму тоа во овој прв специјален број. DC Rebirth #1 почнува со Воли Вест, третиот Флеш. По настаните во Flashpoint, Воли останува заглавен во Speed Force-от (како да го преведам ова без да се превиткам од болка? Режија?) и некако успева да се најде во 52 универзумот. Светот му е познат, но не е неговиот. DC се погрижија сосема да го исклучат Воли Вест од Новите 52, a Џонс тоа го користи за метафорично да ја прикаже перспективата на читателите кои не беа задоволни со овој универзум. Но, присуството на Воли Вест е повеќе од "признавање на грешките" на DC.

Воли е на некој начин точката каде што се преклопува мултиверзумот. Единствениот кој знае дека нешто не е во ред со местото на кое се наоѓа. Не само тоа, туку и дека креирањето на тој универзум не е случајно, дека се заканува нешто големо и мрачно. Воли полека го губи времето, па пред засекогаш да престане да постои се обидува да ги исконтактира тие што некогаш ги познавал. Да му помогнат, да го слушнат неговото предупредување и буквално, физички да го извлечат од енергијата која полека го уништува. Но, никој во овој универзум не се сеќава на Воли. 

Ниту Бетмен го препознава, а ни неговата некогашна девојка Линда Парк. Се обидува кај Сајборг, кај Најтвинг, но сите го гледаат како дух. Сфаќа дека во 52 универузмот постои и друга верзија на него. Пред да се откаже и соочи со сопствениот крај, заминува кај Бери Ален само за да се поздрави. Низ неколку емотивни страници, доколку тие претходно не успеаа да ти предизвикаат грутка во грло, Бери успева да се сети на Воли и да му помогне. Веројатно понатаму и други ликови ќе почнат да се сеќаваат на претходниот универзум и живот. Да, почетниов Rebirth е генерално фокусиран на Воли и неговото искускување на 52 универзумот, но Џеф Џонс секако не запира тука. 


Има уште неколку "исправки" на овој универзум кои допрва ќе треба да видиме како ќе се одвиваат, а започнаа уште со последните броеви на Justice League (#50) и Superman (#52) од Новите 52. Не ги читав редовно, а бидејќи Rebirth ме "предупреди" да се запознаам со содржината, ги пролистав отпосле. Тотално не сконтав што точно се случува во Justice League, но таму требаше да биде откриен идентитетот на Џокер. Наместо тоа, се откри само дека во 52 универзумот постеле три различни Џокери. Не сум нешто посебно воодушевен од ова "големо откритие", но контекстуално, некако прави смисла.

Многу позабавно ми е тоа што се случи со Супермен. На кратко, го убија. Нема веќе Супермен од 52, туку само оној од Lois & Clark кој е дојден и онака од друг покласичен универзум. Со оглед на тоа што ова е единствениот тековен наслов на DC што го читам во последно време, пресреќен сум за оваа одлука. Ако овој Супермен остане како единствен во освежениов унверзум ќе биде интересно. 

Сепак, можеби најважната и најмадеста одлука на Џим Ли или кој и да ги повлекол стварите за ова е вклучувањето на Watchmen во целото ова. Факинг Watchmen, еј. Така завршува Rebirth. Нели е малку... чудно тоа? Никогаш не било тоа дел од овој тип на стриповски свет, не мислам дека тие ликови припаѓаат тука, колку и да е кул начинот на кој Rebirth настаните се врзуваат со нив. Ако нешто клизне во новава стриповска линија, тоа може да е баш ова и покрај тоа што предвидувањата ми се оптимистички. Го замислувам и Алан Мур како превртува маса негде. Извини Алан Мур. 

Следната недела почнуваат редовните наслови. Ќе ги следам колку што ќе можам. Сигурен сум дека ќе има и помалку квалитетни, така што веројатно тие ќе ги филтрирам или ќе ги оставам за маратонско читање ако не ме привлечат со првиот број. Ова со специјалниов број е премногу ветувачки. Дури страшно е колку многу.

May 22, 2016

Х-Mеn: Аpocalypse (2016)

Првата реакција на некој од последните трејлери за X-Men: Apocalypse ми беше некоја варијанта на "Зошто не сме сите паднати на земја со пена од уста на ова?". Изгледаше толку грандиозно и стегнато што за момент заборавив на една многу важна ствар. Никогаш не дозволувај надежта да дојде од трејлери, освен ако не се за Warcraft филм. За среќа, немав ни многу време да претам на под од возбуда и големи очекувања, и покрај тоа што Days of Future Past некои моменти ги погоди толку добро и немаше да биде чудно доколку влезев во кино така понаострен. 

Почетокот на X-Men: Apocalypse е стварно воодушевувачки. Преплетот на митологијата од вистинскиот свет со оној каде што мутантите го дишат истиот воздух е маестрален. Основата за "најголемиот" X-Men филм до сега е толку добро поставена што не знаеш на кој египетски бог попрво да му се заблагодариш. Дали е Брајан Сингер египетски бог можеби, кој после шестнаесет години од почетокот на оваа филмска франшиза нашол начин како да ѝ даде вечно место во кинематографската историја? Па, не баш.


Тој велелепен почеток на филмот трае долго. Всушност никогаш не ни завршува. X-Men Apocalypse е два саата почеток. После еден саат кога си ги избришав лигите од кратката дремка, уште почнуваше. Ен Саба Нур не беше почнат со уништување на светот кој од некоја непозната причина толку многу му пречеше, Ксавиер уште имаше фризура како Зијадин Села и Санса продолжи да биде Џин Греј. Сериозно, од Фамке Јансен спаднавме на Санса Старк сега? Разбирам дека е популарна и дека Брајан Сингер се грижи само машките да му се убави во филмовите, ама брату, не ме заебавај. Санса Старк Џин Греј? Некогаш убавината мора да биде надворешна, озбилно. 

Му реков на Наум да ме разбуди кога филмот ќе стане интересен. Се разбудив на сцена со Квиксилвер каде што пак времето е забавено како во Days of Future Past и практично се одвива истата ситуација само што трае многу подолго, безуспешно обидувајќи се да ја повтори магијата. Тука некаде станува јасно дека X-Men: Apocalypse има многу повеќе од една слепа улица каде што е изгубено темпото, динамиката и акцијата. 

Ликови со кои Брајан Сингер не успеал да ја прогресира приказната во моментот, се тргнати на страна и не прават ништо. Ги снемува или стојат во место. Кога ќе се појават, практично го прават истото што го правеле во сите претходни филмови со едвај нешто свежо и интересно за да не потсети дека ги гледаме во поинаква ситуација. Новите варијанти на некои што првпат се појавуваат во овој млад ресетиран универзум апсолутно не прават никаква разлика. Најткролер и Ејнџел се само неискористен потенцијал што тапка во место и ја чека "финалната битка". А, и самиот Апокалипс ги повторува истите реплики, иако ова му е првото филмско појавување. И, колку пати Професорот треба да го потсети Магнето дека има добро во него? Не беше доволно во филмов, па мораше и со флешбеци од претходните?

По една фина акциона сцена некаде во втората половина (единствената до таа точка на филмот), X-Men: Apocalypse го враќа истото неподносливо темпо каде што гради за самото финале. Тоа пак е од оние што најмногу ме нервираат. Нели престанаа да прават такви битки? Разрушен град, десетина костимирани скокаат и рипаат насекаде, камерата се движи премногу брзо за да можеш да се фокусираш на било што, CGI партали летаат насекаде и на крајот добрите победуваат. Ужас. Влегов во кино со коса. За споредба, на младиот Ксавиер му требаа три филма за да му падне.

Види такоѓе: 

May 21, 2016

Гледам Флеш

Во ред. Навечер кога сите ќе заспијат, се мотам во едно црвено ќебе и гледам The Flash. Да, новава The Flash серија, за која две години зборам дека е за девојчиња и тинејџери. Ова трае околу еден месец веќе. Ја изгледав првата сезона. Морав да признаам за да ми олесни. Да, знае да е лоша, но е и крајно забавна во исто време. Не е Daredevil, не е Breaking Bad, нема да ти го смени животот, меѓутоа ако ти се гледа нешто лабаво пред спиење, ова е тоа "виновно задоволство". Како цртан филм е. Ликовите, науката, логиката, дијалозите, сè е така наивно и детски. И, супер е ако ја прифатиш како таква.

До "Out of Time" епизодата не ни приметив дека има арк целата сезона. Добар дел од епизодите ги заспивав и не ги продолжував следниот ден. Но, "Out of Time" тотално ме завлече. Ми стави патување низ време на тацна и ги сркав следните неколку епизоди во среде ноќ, поспан и замижан со едно око. Тогаш сконтав дека и покрај просечната реализација на серијата, има некаква поголема слика во позадина. Можеби е изведена малку тромаво, но функционира. Првпат осетив некоја тензија во приказната и се соочив со мојата љубов кон ликовите чии имиња имав проблем да ги запамтам претходно. 


Кога ќе се научиш да ја сакаш серијата, тогаш ги гледаш сите детали кои на површината изгледаат безначајно. Дури и кога се обичен фан сервис во вид на референци кон поп култура. Сиско, покрај тоа што има оружје склопено за секој негативец пет минути откако ќе се појави во епизодата, има и еден куп реплики што некогаш ќе намигнат кон публиката. Јасно ми е дека The Flash дели гледачи со други серии и филмови, само што некогаш делува премногу евтино кога експлицитно ќе го нагласат. Но, од друга страна има фан сервис моменти што се сосема океј. Татко му на Бери е Флеш од оргиналната серија, Марк Хамил е исто така Трикстер од таму, а ги има и браќата Скофилд од Prison Break. И, кул е кога тие ликови ќе станат "свесни" за нивното место во поп културата и како публиката ги перцепира. 

Имаше и еден таков момент со Брендон Рут (Супермен од Superman Returns, разбирам ако никој не се сеќава на филмот) кој во овој универзум овде е Атом. Пред да слета, ликовите се прашуваат дали е птица или авион. Такво суптилно кршење на "четвртиот ѕид" е сосема во ред. Симпатично е. Меѓутоа Сиско мора некогаш да ќути. Заморно е. Разбирам дека ликот е напишан така за да може публиката да се идентификува со него, ама тоа потенцирање на очигледното станува досадно после првите 117 пати. 

Покрај ликовите, развив толеранција и кон актерите. Можеби не се најталентираните што телевизијата ги има видено, но со оглед на концептот на серијата, подносливи се. Грент Гастин е одличен како Флеш. Немам нешто со кое можам да го споредам, меѓутоа успеа да ме убеди. Ајрис Вест уште не можам да ја сварам во целост, но претпоставувам дека ситуацијата на ликот до крајот на сезоната е одговорна за тоа. Или едноставно актерката нема харизма, ниту пак некаква хемија за да се носи со остатокот од екипата. 

Ќе продолжам и со втората сезона. Веќе е спремна за гледање, а финалето е следната недела. Всушност, ова мое заглавување со The Flash беше баш поради една епизода на Кевин Смит од втората сезона. Го сакам Кевин Смит и знам колку е фан. Толку беше возбуден околу режирањето, што не можев да останам рамнодушен на тој ентузијазам. Планирав да ја гледам само таа епизода чисто за да видам што може да направи од ваков материјал. И, ете, се навлеков додека чекав да излезе. Сега ќе си ги гледам по ред до таму. Додека си ги јадам сите срања за серијата што ги кажав, се разбира.

May 15, 2016

Бидување Бетмобил

Ја имам Batman: Arkham Knight веќе еден месец и никако не може да ме убеди да седнам и да ја изиграм цела за неколку саати како претходните. На прв поглед изгледа како најдобрата игра од Arkham серијалот. Има феноменално филмско интро, приказната е интересна, борбите се подобрени и пофлуидни, графиката е најдоброто нешто што сум го видел од Wild Hunt навака. Паѓа дожд и му ја мокри наметката на Бетмен. Колку кул детал е тоа? Ги немам ни проблемите кои лани направија рилисот да се акне од ѕид. Тогаш беше лошо, онака, криминалец ти ги убива родителите лошо. Сега е океј, но...


Не можам да го возам ебаниот Бетмобил. Едноставно не. Не само што сум крајно трапав во игри каде што треба да управувам со возило, туку не можам баш да го прифатам овој гејмплеј што толку многу се потпира на тоа тенкот на Бетмен. Забавно е првите две минути, има јак "ијаааа" момент кога ќе се исфрлиш од седиштето во воздух... но, кога морам далечински да го управувам за со куката да повлечам лифт, станува досадно и напорно. Ми го крши целиот фазон на бидување Бетмен во игриве. Секоја мисија со Бетмобилот ми го руши удобниот тек на играњето и ме тера на зевање.


Да, Бетмен има и Бетмобил, јасно ми е тоа. Кул е Бетмобил. Само што таман ќе се внесам во прикрадување на неколку душмани кои треба да ги истребам еден по еден, ми доаѓа нешто за кое што ми треба глупавиот Бетмобил. Разбирам дека сакале да освежат со некоја нова фора, ама ова не функционира за мене. Подобрувањата на механиката која не вклучува оклопни возила се одлични. Во секоја игра постепено градеа врз нив и тука немам никави забелешки. Секогаш во Arkham игрите било добро кога имало "повеќе од истото", па дури и кога во четири игри Бетмен уште црта несмасен бет-симбол со експлозивниот гел.


Приказната ми е доволно занимлива за да продолжам да играм понатаму, меѓутоа со ова темпо би успеал да ја комплетирам некаде во 2018. Ми се свиѓаше тоа со Скеркроу во Ace Chemicals. Срипав од стол на халуцинациите на Бетмен и The Killing Joke моментот со Барбара, сакам да знам како ќе се развие драмата со Гордон. На крајот, сакам да знам и кој е Аркам Најт и зошто толку му се има наапано на Бетмен, па затоа ќе морам да ја извозам до крај. Бетмобил или не.

Види такоѓе:

May 12, 2016

Flashpoint на Џеф Џонс и Енди Кјуберт

Пред да почнам напорно да го дрвам со DC Rebirth, морам да се вратам на она што чиј исход го започнува 52 универзумот, Flashpoint на Џеф Џонс и Енди Кјуберт. Го читав непосредно после анимираниот филм од 2013 и инстантно си најде место во списокот на омилени стрипови. Одлепувам на фикција која се занимава со патување низ време и алтернативни реалности. Дај ми добра "што ако?" приказна и запрати како ми се стврднуваат брадавиците. Џеф Џонс сè ова го прави во Flashpoint. Главното случување од пет броја собрано во колекцијата го надополнуваат уште неколку наслови, ама од тие само Batman: Knight of Vengeance го имам читано. 

Бери Ален се буди во свет кој е малку поразличен од тој каде што последен пат бил буден. Мајка му е жива, татко му е починат, жена му Ајрис е со некој друг, а Флеш воопшто не ни постои. Не постојат ни Џастис Лиг, Аквамен и Вондер Воман го имаат спалено пола свет со војната помеѓу нивните кралства. Светот не знае ни за Супермен, а Бетмен е Томас Вејн кој ја одмазува смртта на Брус. Бери, лишен од својата моќ, единствената помош во овој свет ја гледа баш во Томас Вејн, единствениот "пријател" кој е сличен на тој од неговиот. Најголемиот херој во овој универзум е Сајборг, кој треба да го обедини светот и да ја спречи војната помеѓу Атлантида и Амазон.


Приказната на Томас Вејн е исто трагична како и онаа на Брус, но неговите начини на делување се многу побрутални. Ова е Бетмен што ќе те однесе на зграда и од таму ќе те фрли на местото каде што го изгубил синот. Но, и покрај нестабилноста и неконтролираниот гнев, под маската сепак се крие интелигентен Вејн кој ќе ја види вистината во она што Бери го тврди. Барем во името на Брус, кој е некаде жив во паралелен универзум. Џеф Џонс користи прилика од навидум акционен стрип, да создаде длабока емотивна приказна за пожртвуваност и трагедии, веројатно една од најдобрите што ги нуди медиумот. 

Не само што ќе го видиш ретка сцена со расплакан Брус Вејн, туку има и верзија на Супермен кој никогаш не видел сонце. Во овој универзум, кога паднала капсулата од Криптон во Метрополис, владата го заробила Кал-Ел и го држи затворен, исплашен и слаб. Ќе видиш делови и од другите DC универзуми додека Флеш патува низ времето за да го запре Риврс-Флеш кој е одговорен за целата оваа пиздарија. 

Џеф Џонс има необична моќ да направи да засакаш лик што претходно не ти бил претерано битен. Ако може да те натера Аквамен да го сфатиш сериозно или да уживаш во Џастис Лиг, тогаш Flashpoint слободно може да послужи како влезна Флеш дрога. Покрај тоа што обезбедува солиден третман на ликот, се занимава со доволно други познати ликови од DC, како и со повеќето универзуми во кои постојат. Дури и руши еден таков и создава нов. Причина плус за да се најде на секоја листа со "есенцијални DC Comics наслови".