Showing posts with label RoboCop. Show all posts
Showing posts with label RoboCop. Show all posts

September 22, 2013

RoboCop (1987)

Блиска иднина. Детроит е во финансиска криза и задушен од криминал. Спасот понуден од Omni Consumer Products корпорацијата е технолошки развиена утопија, наречена Делта Сити, која треба да се изгради врз рушевините на Детроит. OCP ја држат и полицијата и се обидуваат да ја зајакнат со полу-функционални борбени дроиди кои би го намалиле криминалот. Во убиениот полицаец Алекс Марфи, гледаат шанса дроновите да ги искомбинираат со нешто поорганско и прецизно. Како сега ќе ја пренесеш оваа приказна во денешно време? Никако. Ќе смислиш нешто крајно дебилно кое ниту ќе рефлектира некаква можна иднина, ниту па ќе се однесува со почит према изворниот материјал. Нема ни да е забавно. Најбитниот дел од целата приказна, самиот Робокап, нема да функционира така прилагоден за денешните деца.

RoboCop важи за култен филм (и франшиза), позиција која е комплетно оправдана. Ги има сите состојки за успешна СФ акција од тоа време. Оргинална приказна, препознатлив лик, харизматични негативци и сценарио полно со фраерски реплики, сатира и уникатни акциони сцени што ти се врежуваат во мозок за навек при прво гледање. A, има и одличен саундтрек кој е исто така препознатлив. RoboCop е од времето каде што акционите филмови имаа јајца и не беа наменети за деца. Иако ги гледаа и деца, дури и во САД каде што денес насилието во филмовите е контролирано од здруженија на фригидни мајки. 

Жал ми е што споредувам со римејкот, ама ми е многу тазе кецот што е неизбежно. Марфи тука е речиси скроз лишен од личноста која претходно бил. Сеќавањата му се избришани, единствено нешто што е зачувано се неколку флешови од семејството и начинот на кој што го врти пиштолот, како што го вртел за да го импресионира синчето. Токму тој детал со пиштолот е тоа што го прави ликот дополнително тажен. Нема потреба од семејството да е присутно во приказната како што е во римејкот, доволно е само ова за да не потсеќа дека Робокап некогаш бил човек. Во такви ситни детали лежи убавината на филмот и суштината на ликот. 

Питер Велер е одличен Робокоп. Дури работел и со пантомимичар за да ги усоврши движењата додека е во оклопот. Некогаш дури и покажува емоции со самото движење на телото. Самиот оклоп си е посебен карактер на некој начин. Како може да го смениш пиштолот што му излегува од нога или оној приклучокот на раката со кој се поврзува со компјутери и слично. Тоа се тие идеи кои треба да си останат недопрени.

Колку и некои моменти не можат да излезат од таа ера на филмови, RoboCop делува свежо и денес. И, покрај тоа што добар дел од технологијата е веќе реалност. Единствено не проаѓаат уличните криминалци во денешно време, карактеристични за 80-ти и рани 90-ти. Тоа е посебно обележје на одминат период. Штета што вакви филмови мора да трпат безобразни римејци. Деновиве планирам да ги изгледам и двојката и тројката. Кецов денес ептен фино ме олабави. Симнав и некоја мини-серија што сум ја пропуштил, наводно лоша, ама ќе морам лично да се уверам. Се вика Prime Directives, од 2000-та и има четири епизоди.

September 7, 2013

Како да го заебеш RoboCop

Ако си растел во 90-ти, има 90% шанса да сте си играле Робокап во маало со расипан Нинтендо пиштол и пластична кацига. Филмовите беа популарни исто како и серијата што ја гледавме благодарение на транзициската ТВ пиратерија. Со вотермарк од оргиналната телевизија, се разбира. Во очаен недостиг на идеи, што е уште еден римејк? Башка, RoboCop, нели технологија, роботи, актуелно е тоа. Океј, еве ви генеричка акција. Ни треба главен лик? Види кој е слободен за римејк. Одлично. Ќе го доближиме на "новата генерација", иако е нешто што може да функционира во едно пројдено време. Пред два дена се појави трејлерот. Посегнаа и по ова, еј!


Првите слики од оклопот беа ужасни. Како може да упропастиш нешто толку иконско? Новиот оклоп изгледа како оклопот на Брус Вејн кога би се приклучил на Power Rangers. Еј да, патем до кај сте со рибут на тоа, ќе има ли? Разбирам дека треба да се даде некаква свежина на ликот ако веќе мора да се оживее после дваесет годни, ама кога изгледа толку различно, комплетно е утната поентата. Со некои дизајни едноставно не си играш. Или си играш околу оргиналниот концепт. Не се сите Дарт Вејдер со таков фиксен изглед, ама толку ли е потребно да се менува? Не е можеби ТОЛКУ лошо колку првите слики, ама сепак е. Некој заработува серејќи по вакви ствари.

Тоа што Алекс Марфи е само повреден и ставен во таков оклоп е исто катастрофа. Оклопот на мртвиот Алекс Марфи го одзема и човекот од него, баш тоа е тој језив момент што го прави ликот тоа што е. Денес очигледно таа идеја не функционира. Не дека е "премногу СФ", туку веројатно делува осетливо на некое здружение на загрижени мајки во САД. PG-13 ќе биде филмот. Што се случи со акционите филмови денес, сериозно? Толку се непрофитабилни оние како Dredd? Од трејлерот може да се види дека ќе има и стандардна, клише, фамилијарна драма, измеѓу експлозиите од роботски летала низ Детроит. Забава за целото семејство.

Новиов тип што го глуми Алекс Марфи во трејлеров имаше неколку реплики, доволни за да видиш за колку шкарт неталентиран дибек станува збор. Од другата страна, ги имаш Гери Олдмен, Мајкл Китон и едниот од двајцата црнци во Холивуд, Семјуел Л. Џексон, ставен во погрешна улога.

Не верувам дека филмот ќе биде нешто повеќе од трејлерот. И, онака во две минути трејлер покриен е добар дел од тоа што ќе биде. Што е следно?