April 18, 2013

Дали Супермен конечно се враќа?

Со последниот трејлер за Man of Steel, време е да почне да се одбројува до 14-ти јуни. Сите сомнежи дека е тешко да се пренесе Супермен во денешно време паѓаат во вода некако, нели? Уште еден доказ дека имињата на Кристофер Нолан и Зек Снајдер стојат за квалитет. Во моментот кога се појавија во целава приказна за рибут на Супермен, некако осетив сигурност која ете, веќе е оправдана. 


Ова е втора шанса да се создаде Супермен за новите генерации, после она промашување со Superman Returns кај што уствари пропуштија океј Кларк Кент/Супермен со катастрофална приказна. Колку што Брендон Рут беше добар, толку Кевин Спејси остави дамка со можеби единствената лоша улога во неговата кариера. Овој пат имаат исто така солиден актер, Хенри Кавил, (одлично изгледа како Кларк Кент/Супермен), поткрепен со уште неколку имиња во соодветни улоги. Кога го видов Мајкл Шенон како Зод, ми стана јасно. Единствено не сум сигурен за Лоис, за тоа ќе мора откако ќе се изгледа филмот. 

Режијата изгледа фантастично и некако е во склоп со целиот темен тон што се осеќа од трејлерот. Браво ако успеат да изведат посериозен Супермен филм. Транзицијата на ликот во денешно време никако не е лесна, а трејлеров укажува на тоа дека екипата дала сè од себе. Очекувам барем трилогија ако успее ова, а ќе успее. Убеден сум дека Man of Steel ќе биде меѓу најдобрите филмови годинава. Супермен заслужува достојно враќање.

"It's not an S. On my world it means hope."

April 14, 2013

Финалето на Spartacus

Секогаш ми е тапа кога ќе ми заврши серија. Особено кога е некоја од најдобрите на денешницата. А, годинава привршува и Breaking Bad. Тоа се две феноменални серии, за кои се осеќаш привилегиран што имаш шанса да ги следиш додека се прикажуваат, епизода за епизода. На Spartacus возот се качив нешто покасно, кога почна втората сезона, после приквелот. Spartacus е од оној тип на серии кои или ќе те освојат комплетно, или ќе мрчиш колку биле претерани ефектите. Некоја средина баш и нема. Доколку ја прифатиш таква каква што е, веќе си се обезбедил со уште една омилена серија. 


За третава сезона, можам да кажам дека беше одлична. Барем сега откако финалево ми ја заокружи како што треба. И покрај тоа што ја немаше арената како елемент кој ме привлече на почетокот, истераа добра сезона. На овој начин, Спартаковото востание, го немам видено. Spartacus отиде до таму до каде што историјата има запишано и поинаков крај не можеше да се очекува во никој случај. Но, иако сите го знаевме исходот, продуцентите успеале мајсторски да го изведат и да понудат уште еден спектакл. Заврши епски, баш како што почна. Можеби малку повеќе емотивно. 

Лијам, иако не е Енди, комплетно ја превзема улогата на Спартакус. Уште на почетокот на третата сезона, веќе беше јасно дека неговата трансформација во лидерот на востанието е комплетна. Актерот со можеби најтешката задача од целата екипа, си ја одработи улогата професионално до крај. Тоа може да се препише и на прогресот на ликот и приказната, меѓутоа јас немам апсолутно никакви забелешки. Да, можеме да претпоставуваме до утре во што ќе се претвореше Спартакус на Енди, но за жал, тоа е тоа. 

Морам да го поздравам и изборот на Цезар и Красус. Серијата секогаш успевала да понуди достоен антагонист (ако гледаме од аспект на робовите) и тука достигна нов максимум. Потпирајќи се на минимум исторски факти, нивната приказна беше беспрекорно добро вклопена, со некои сцени кои ќе ме прогонуваат уште долго. А, изборот на актерки никогаш не им бил промашен, така да тоа не ни има потреба да се коментира. Таа малата на Ганикус, нели?

Финалето понуди епска битка која остава без здив и трагична судбина за лидерите и добар дел од луѓето кои пробуваа да ги заштитат. Помалку на број, се бореа до крај, а продуцентите фино се погрижиле да ни објаснат зошто историјата ги памти овие неколку имиња и нивните дела. Веројатно најтажниот крај го имаше Ганикус. Еден од најбруталните гладијатори, за жал не дочека достојна и чесна смрт, да падне во битка. Спартакус барем успеа да извојува некаква победа, да види дел од оние кои најмногу му значеа, живи и здрави. 

Ваква серија нема да видиме во брзо време. Штета за тие што ја отпишале како софткор порно со лоши визуелни ефекти, зошто не заслужува таков третман... 

April 7, 2013

Dredd (2012)

Dredd докажува колку филмови од овој тип фалат денес. Чиста акција во СФ сетинг, без многу тупење непотребни ствари, со едноставна и јасна приказна. Со олд-скул шмек. Филм наменет за мрзлива недела.  

Dredd е базиран на 2000 AD стрипот кој никогаш го немам читано. Веќе доживеа една адаптација со Сталоне во 1995, која во споредба со новиот изгледа смешно. Новиов Дред е суров, намрштен и никогаш не ја вади маската (дизајнот на костимите е одличен). Сталоне тогаш инсистирал да е што повеќе време без маска, зошто нели... Сталоне. Да се види кој е. Овој пат, маската ја носи Карл Урбан, според мене крајно потценет лик, кој не го добива вниманието што го заслужува. Барем за вакви улоги, а не како во Star Trek каде што е тотално на погрешно место. 

Сетингот на филмот е следниов. Во дистописка иднина, во САД, има огромен град, Mega-City One со висока стапка на криминал кој е контролиран од посебна единица за одржување на редот - Судиите. Судиите се полицајци, судии и егзекутори. Дред е Судија, еден од најбруталните. Во градот има банда предводена од Лина Хиди (сеа Хиди или Хедеј, е?), новиот нарко бос, и шират дрога наречена Slo-Mo, која перцепцијата за време на корисникот му ја намалува на 1%. Да, знам, ама тоа му е работа на Дред, башка нелегално е, и мора да има некаков негативец филмот, океј. Значи, тоа е, Дред оди да им пресуди на нив, откако ќе се најде на нивни терен со младата партнерка која е видовит мутант.

Приказната е веќе видена, нема ништо ново, меѓутоа поентата на Dredd не е баш тоа. Филмот си е таман. Стриповски, со фина фотографија, режија и музика, а и со сценарио на Алекс Гарленд! Акцијата е речиси постојано присутна, со културни ефекти и умерена (читај: поднослива) доза на експлозии. Затоа и викам дека фалат вакви "умерени" акции денес.  Речиси целото дејствие се случува на едно место, што на моменти личи на пилот за серија или рендом епизода отколку на филм. Можеби затоа што продукцијата, и режијата на моменти се баш такви - телевизиски, и ова не го кажувам во негативна смисла. Што и не би било лошо да се види, сега откако продолжението е откажано поради недоволниот профит на филмот. А, интересно делува светот во кој е сместена приказната, баш би било фино да се види како ќе функционира.

Еј, да. Ако некогаш конечно го видиме тој новиот RoboCop филм што се најавува со години, еве урнек за како треба. Вака се прават овие филмови, вака и најдобро си ја вршат работата.

Види такоѓе:

Аниме на месецот: Neon Genesis Evangelion

Изминативе година-две, не успеав да си најдам аниме што ќе ме задржи повеќе од неколку епизоди. Сите ме губеа некаде на средина, најчесто поради погрешните очекувања што ги имав, или темата ќе забегаше во некој правец за кој едноставно немав расположение. Трагањето по квалитет, ме донесе, или подобро кажано, ме врати на Neon Genesis Evangelion. Според мнозинството аниме фанови, ова е најдоброто нешто од жанрот. Низ годиниве, неколку пати сум пробал да го гледам и секогаш сум се откажувал на почеток. Овој пат, се заинатив и решив да почекам уште некоја епизода, да видам дали хајпот навистина е точен. 


И, да. Neon Genesis Evangelion е сериозно добро аниме. Не е најдоброто што сум го гледал, но секако е меѓу најдобрите. Ако ништо друго, мајндфакот што ми го приреди, ќе ме прогонува уште некое време. Почетокот е стварно тежок да се свари. Особено затоа што од комплексната приказна за која сите зборуваат, нема ни трага. Почнува прилично наивно. Неколку деца во џиновски био-механички роботи (Евангелиони), се борат против други џиновски (роботски?) суштества, Ангели, кои ја напаѓаат Земјата и едно од последните упоришта на човештвото, Токио-3. 

Една многу битна работа што треба да се знае за Neon Genesis Evangelion е тоа дека режисерот и сценарист, Хидеки Ано, за време на создавањето на серијата страдал од тешка депресија, што се има значително многу одразено врз приказната и ликовите. Како што течат епизодите, буквално сè станува помрачно и кулминира со потресен крај. Крајот, поточно последните две епизоди се нешто што до сега го немав видено никаде. Барем не на ваков начин. Токму поради финалето, Ано е подоцна приморан да сними филм како алтернативен крај, под името The End of Evangelion за да ги задоволни разбеснетите фанови. Ова допрва ќе го гледам, прво нека легне ова што го изгледав сега. 

Neon Genesis Evangelion е задожително аниме за фанови на врвен СФ, појачан со тешки психолошки теми. Ано успеал да ја пренесе неговата психичка состојба на начин кој нема шанси да те остави рамнодушен и без морници. Кажува дека ова е неговото животно дело и уфрлил сè што научил за животот претходно. Како што реков, Evangelion е многу, многу повеќе од тоа што може да се види на почетокот. Исто како Bokurano, кое патем очигледно ја црпи инспирацијата од тука, и ова е такво безвременско ремек-дело. Воопшто не е лесно за гледање, затоа и бара малку повеќе внимание. Некогаш е толку напнато, што мора да стопираш, да ја испроцесираш идејата, па да продолжиш. Заслужува и многу подетална анализа, меѓутоа невозможно е без спојлери. А, верувам и дека секој би си го доживеал на различен начин.

Тешко е да се најде нешто слично. Најблиското нешто со кое можам да го споредам (барем дел темите кои ги обработува) е Serial Experiments Lain.

April 1, 2013

Крај на шестата сезона на Californication

Благодарание на пиратеријата и тоа што Showtime ги продаваше епизодите недела дена порано пред да се прикажат на телевизија, ете го финалето на шестата сезона по торентиве. Без спојлери, ова ми беше најтапа сезона до сега, што и не беше баш тешко да се предвиди на почетокот. Спојлери подоле.


Значи, сезонава исфура според истата формула присутна и низ претходните неколку, каде што за чудо функцонираше перфектно. Имаш некаква распашана ѕвезда за која Хенк треба да напише нешто, цура која ги држи раздвоени со Карен и терање на Ранкл во крајност. Беше интересно првите неколку пати, зошто секогаш висеше нешто во воздух што додаваше некаква тензија и ја гураше серијата. Тука веќе сè е видено. Ликовите, а и актерите веќе изгледаат уморно.  Да не ги сакав толку, веројатно ќе се откажав уште на средина сезона. 

Крајот не беше ништо посебно. Пак ги остави Хенк и Карен за следната сезона, нели кога пак нешто ќе се испречи на пат и настаните ќе се вратат на почетната точка. Марси и Ранкл се земаа пак, зошто не ни имаше каде да се носат тие ликови. Сценаристите се откачија и од Бека, што мислам дека беше вистинскиот потег. Тек па нејзиниот лик веќе немаше што да прави. Ако ја вратат, ќе биде онака една-две епизоди. Време е за последна сезона, зошто толку е. Редно време е да се заокружи приказната, пред да продолжи да се упропастува. Штета е ваква добра серија да заврши ко шпанска серија (тоа и почна да станува).

Јака светла точка во сезонава беше Меги Грејс. Милина. И, Лу Ешби како дел од потсвеста на Хенк. Закон лик беше тоа. Еден од најдобрите во цела серија. Лошите страни подобро и да не ги спомнувам. Имаше многу претерувања, својствени за онакви ефтини комедии што сериозно не ми е јасно како некој ги одобрил и мислел дека се океј. Ама, кога ќе се повикаш на сцената со сонот на Хенк од првата епизода на серијата, јасно е дека идеите ти се при крај. Со саундтрекот инаку се добри како и секогаш, тука нема простор за жалба.

Денес почна и Game of Thrones трета сезона. Ќе гледам па ќе пишам покасно, утре или кога и да стигнам.