September 26, 2012

Лошите и не толку лошите страни на Revolution

Ќе потрошам уште еден муабет на серија што може да ја снема среде сезона, наместо да пишам за нешто сосема солидно како Suits. Се мислев дали воопшто вреди, ама сè што може да послужи како потсетник за тоа колку е Џ.Џ. Абрамс преценето копиле, ќе го опнам тука. 

Пред неколку месеци, објаснив што е Revolution и не би да се повторувам. И, пред да се предомислам за постов, ќе прејдам на впечатоците. Генерално е онака, не прави некоја разлика во неделниот распоред. Сепак, ќе се даде шанса и на третата епизода. Ако не пишам скоро како е, сигурно е дека ќе ја посочам како пример за лоша серија следниот пат кога ќе најават слична. Да не бидам ептен клошар, ќе почнам со не толку лошите моменти, кои одеа и до океј. Останатото е како упростена верзија на Jericho, нешто за најмладата публика, да оди во недела сабајле.

Сетингот е кул. Како што тогаш спомнав, потсеќа на Life After People. Ако ништо друго, интересно е да се види како би изгледале големите градови во САД по петнаесет години без струја. Има неколку ликови што се океј, како типот што работел во Гугл, негативецот и Гас од Breaking Bad. Отприлика тоа се сите ликови што се подносливи и ти е гајле што би се случило со нив. Приказната колку и да е полна со дупки, има мааал потенцијал да се развие во нешто подобро, само што се сомневам дека ќе биде нешто што досега не сме го виделе. Црни чадови и поларни мечки на тропски остров, пали само еднаш. Само еднаш.

Лоши страни има еден куп. Не толку како Terra Nova (ха, да не сум пишел немаше да ми текне!), ама доволно за следната епизода да е пресудна. Глупости од типот на стигнување пешки во Чикаго, онака чист, свеж и наспан, за пола ден од некое село во околина. И, уште во првото место да го најдеш човекот што го бараш, од прва? И, како тоа 15 години во иднина без електрична енергија сите се експерти за такво елегантно мечување? Еден куп вакви ствари што нема да ги спојлам сега, и еден куп клишеа. Дури и црнецот од Jericho си има соодветна варијанта тука.

Некако дејството се одвива бргу. За две епизоди се случија толку многу ствари, а сепак ништо битно. Тензија нула, турска серија е понапната од ова. Кога ги знаеш архетипите на ликовите, знаеш од кого што можеш да очекуваш. Единствената причина поради која ќе ја гледам и следната епизода е да видам како планираат да го развиваат ова. А, да. Има и флешбеци. Ја има и Џулиет.

2 comments:

Nenad Prokopiev said...

И ова тапа искочи ко Тера Нова. Се залетав ради Гас да ја глеам, али ни тука не издржав повеќе од 30 мин.

Бојан Николов said...

Да, и ја прекинав да гледам после 5-6 епизоди.