Не знам кога последен пат сум бил вака загреан за нова Magic: The Gathering едиција како зимава за Kaldheim. Веројатно во деновите кога редовно ја следев играта во нејзината оригинална хартиена варијанта, а од тогаш сигурно се поминати некои десет години. Денес единственото што колку-толку ме држи во тек со играта е Magic: The Gathering Arena. Ми беше откровение кога излезе. Постоеја и претходно некои дигитални верзии на играта, ама ништо што играв од тие не ми беше ни приближно добро колку Arena. Ниту со гејмплејот, а уште помалку со колекционерскиот аспект на Magic.
Arena е сè она што некогаш сакав од дигиталната Magic: The Gathering. Бесплатна е, убаво изгледа, анимациите на она што се случува на таблата се мазни и пријатни, можеш да си собираш карти во културно спастрена колекција, а редовно има и различни турнири каде што можеш да си ги испробаш различните декови. Комплетна Magic: The Gathering игра за ваков медиум. Треба едно големо фала да кажеме на Hearthstone што го дотера дигиталниот TCG жанр и воспостави стандарди, особено околу естетскиот дел. Без Hearthstone веројатно сите дигитални верзии на Magic ќе беа тапа како претходно.
После две-три години од нејзиното постоење, Magic: The Gathering Arena пред неполн месец се појави и за мобилни и како за нешто што е во early access, супер вози. Практично е истата верзија од таа за PC и едвај е прилагодена за мобилен уред, ама еј - имам Magic: The Gathering во џеб! Сега не морам ни да сум на биро за да играм Magic. Можам да играм Magic на телефон додека ми се вари кафето кое планирам да го сркам на биро додека играм Magic од компјутер. Сега не морам ни да правам пауза од Magic кога истото тоа кафе ќе одлучи да ми ги заскокотка цревата.
Замисли колку научно-фантастично би му звучело ова на Бобо од 2005 што можел само да титка од неговиот Сименс А60 зошто штедел за да си купи Magic бустер. Сега истиот тој може да се пресели во веце и пола саат да отвара бустери. Пред Kaldheim сум успеал да приберам некои 70 илјади голд во Arena. Го имав гушнато како змеј некој. Валутата се добива со играње и може да се користи за пазарење бустери, учество во одредени турнири, итн. Едициите кои ги затекнав последниве години не ми беа нешто особено привлечни за се замарам со пазарење бустери и инвестирање во декови, па некако ова дигитално богатство се трупаше и си го чекаше денот.
Пред некое време на Twitch стрим почнав да купувам и отворам бустери со намера да го склопам првиот Kaldheim дек. Kaldheim е новата, актуелна едиција која е инспирирана од нордиска митологија, свет во кој Magic: The Gathering првпат прави ваков исчекор. Божества, викинзи, џуџиња, џинови, елфови, зомбија - буквално сè и сешто хара низ десетте света на Колдхаим. Повеќето се комплетно нови, додека некои како Vorinclex "гостуваат" од трети светови како Миродин.
Интересна е. Картите имаат преубави цртежи, особено варијантите што имаат руни како мотив на рамката, приказната е соодветно адаптирана да се вклопи во духот на играта, а новите механики како Foretell се исклучително динамични и чудотворни за некои декови. Kaldheim успеа да потрефи неколку правилни ноти за да ме заинтригира повеќе од претходните кои се дел од моменталниот Стандард формат и еве ме, ја собирам цела сега. Бидејќи веќе некое време не постојат традиционалните блокови во Magic: The Gathering составени од најчесто три едиции, Kaldheim стои самостојно со 285 карти, што е супер за полесно комплетирање на колекција. Дигитална додуша, ама и тоа е нешто.
Собрав еден куп карти, ама иако мислев дека 70 бустери се доволни да покријат речиси сè - среќата не ми беше баш најнаклонета. Среќа, со секој отворен бустер добиваш wildcards со кои практично можеш да ја испазариш било која карта, па благодарение на нив успеав да прикрпам дек за Kaldheim Constructed ивентот кој конечно ме натера да склопам дек од само Kaldheim карти. Моментално играм Monogreen Snow Aggro, некоја моја варијација базирана на дек што секако го украдов од интернет.
Со оглед на тоа што извлеков четири Fynn, the Fangbearer од бустери, не можев да не го трупнам и него. Сигурен сум дека е посоодветен за друг тип на декови, ама одлично извозев на Kaldheim Constructed, а успеа да ме изгура и низ Gold Tier на Standard Ranked. Гледам дека за ваков агресивен mono green изборот на карти е поопширен во претходните едиции, па периодов ќе се потрудам да го збогатам и подобрам и со такви. Важно е дека се решив што ќе играм како главен дек. А, со толку Kaldheim карти на располагање, не беше баш најлесно да се направи одлука.
Сакам постепено да склопам и некој Kaldheim дек на хартија. Онака ќефски, барем за домашна употреба. Штета што оваа едиција нема онакви Planeswalker декови веќе склопени и спремни за играње. Идеш си купуваш два такви различни, чао-пријатно. Жалам што не можам да ја искусам Kaldheim асално на хартија на живо, барем не онака како што би можел кога не би била пандемијава. Можам само да се надевам дека ќе се изнабодеме со вакцини додека е уште дел од Standard форматот.
Види такоѓе: