October 22, 2017

Каде згреши Dark City?

Го гледам Dark City од време на време. Не како порано кога бев симпатично занесен по режисерскиот потенцијал на Алекс Пројас, ама знае удобно да ме замота во ќебе барем еднаш во две години. Последните неколку прегледувања поголема забава наоѓам во претурање низ причините за недоволниот успех на филмот отколку во самиот филм. Долго време го набројував како еден од моите омилени филмови. Dark City наскоро ќе наполни дваесет години, а уште не е исправена таа неправда, па луѓе некогаш ќе те погледнат чудно кога ќе им го спомнеш. 

Разбирам дека е излезен во година со силно конкуретни наслови, можам да го сфатам и стравот на студиото дека материјалот што Пројас оргинално го понудил би бил одбиен од пошироката публика која годината претходно плачела на Titanic, меѓутоа и после сите овие години да е уште толку маргинализиран? Дури и да паѓа во сенка на The Matrix, филм со слична естетика па донекаде и тематски близок, кој е излезен една година подоцна? Мислев дека Dark City ќе доживее некоја судбина како оргиналниот Blade Runner, но не. Еве сме тука и уште не го гледам Dark City низ научно-фантастичните топ листи во мејнстримот.


Приказната е следнава. Џон Мурдок се буди во када во хотелска соба без никакви сеќавања и со очигледно брутално убиена жена во негова непосредна близина. Добива мистериозен телефонски повик кој го советува да се изгуби што поскоро од таму зошто некој доаѓа по него. Набргу филмот те запознава со мистериозните Странци и концептот на град кој додека неговите жители спијат ја менува архитектурата и обликот, за следниот ден да ги дочека истите со нови идентитети и промени за кои не се ни свесни дека воопшто се случуваат. Збор повеќе од ова и сум ти го усрал цел филм.  

Всушност тоа е и првата грешка на студиото. Оргинално филмот, а како таков го имам и првпат гледано, вклучува нарација на почетокот што објаснува клучни моменти од целото ебано дејство. Кога битните пресврти се така соџвакани, нема шанси да ја задржиш тензијата и мистеријата кај публиката. Ова е честа работа што се препишува на слабиот одзив за Dark City, па така Пројас во 2008 нуди Director's Cut верзија каде што не само што ја трга глупата нарација, туку додава и сцени кои го прават филмот многу побогат и поблизок до оргиналната искасапена верзија. Да, студиото било толку загрижено за презентацијата на идеите на Dark City што некој напорно работел да го упрости филмот до тоа ниво. 

Ја сакам и таа оргинална верзија, но откако е излезен Director's Cut не сум ја гледал и веројатно никогаш нема пак. Другиот "проблем" е тоа што филмот нема никаква акција за заинтересира и таква публика. The Matrix, на пример, тоа го прави попрагматично. Маскира философски концепти со пукотници, боречка кореографија и Juno Reactor. Dark City е спор neo noir научно-фантастичен трилер кој не ги презентира своите идеи експлицитно, но сепак студиото одлучило дека повремено може да ти принесе лажиче експозиција до уста. Среќа, не е толку страшно за да изгледа шкартно.

При последното прегледување успеав да приметам и колку Руфус Суел е немоќен да го износи ликот на Џон Мурдок целосно. Има лимитирани актерски вештини и мал недостаток на харизма за да може да го долови ликот онака како што е замислен. Дури неговиот лик воопшто не ни бил замислен како водечки, Пројас првенствено го напишал филмот од перспектива на детективот Франк Бампстид кој го глуми Вилијам Хрт, актер кој е класи над Суел и со лик совршен за да превземе главен фокус во една ваква приказна. Но, и тоа е една од оние работи кои претрпеле пертурбација во текот на продукцијата. Кифер Сатерленд е одличен, особено како точка која ги поврзува сите ликови, а и како актер кој го балансира талентот низ цел филм. Сакам да кажам му фали малку Харисон Форд мангуплук на Dark City. Централна фигура која сама по себе ги прави стварите околу уште поинтересни.

Dark City ја имаа барем таа среќа и во 2017 да изгледа пристојно и модерно. Многу малку се потпира на компјутерски генерирани ефекти, а сетовите, особено кога се фино дотерани, траат подолго. Иронично, дел од сетовите на Dark City се искористени и во неговиот најголем кошмар, The Matrix, зошто двата филмови се снимани во истото студио. Клаустрофобичниот темен амбиент кој Пројас го создава, намерно избегнувајќи дефиниција на временскиот перидот во кој се случува, е исто елемент што овие дваесет години не можат да го прегазат. Не е Ридли Скот, но сепак мајсторски умее да изгради проклето грозно место каде што сонцето избегнува да фрли зрак. 

Којзнае. Можеби триесетгодишнината на Dark City ќе ја славиме поинаку. Можеби кога ќе пресушат актуелните идеи некој ќе посегне по ова и ќе го претвори во серија. Има потенцијал. Приказната е феноменална, идеите се бесмрттни, а филмот сепак ужива некаков култен статус кај помала публика за на некој некаде да му текне дека и тука лежи солиден профит. Не би бил најсреќен со ваква иднина, но сепак се сакам да верувам дека можеби еден ден, на било каков начин, Dark City ќе допре до многу поголема публика. Штета е едно вакво мало ремек дело да тоне во заборав.

Види такоѓе:

October 10, 2017

Blade Runner 2049 (2017)

Познавам луѓе кои оригиналниот Blade Runner го третираат како религија. И, додека можам да разберам и испочитувам зашто, јас никогаш не успеав да си кликнам со филмот. Го ценам за тоа што е, се сложувам дека е еден од најважните остварувања во жанрот и општо во киноматографијата oткако постојат филмови во боја, меѓутоа и после толку многу прегледувања низ годиниве, не развив нездрава опсесија како тоа што го имам направено со други ствари. Поради тоа и бев толку рамнодушен кон продолжението, кое како и еден куп останати такви во последнава деценија, никој не го побара. 

Режисерскиот ангажман за Blade Runner 2049 му е доделен на помладиот колега Дени Вилнев, но сепак се плашев и колкава ќе биде инволвираноста на сенилниот Ридли Скот во целото ова, зошто последните неколку негови филмови ми предизвикаа агресивен пролив, па оттаму и целосно изгубената доверба. Сепак, љубопитноста и непотврдената интригантна информација дека станува збор за оригинална приказна наспроти трендовски "мек рибут", ми го сместија газот во кино. На крајот, дури и да е лош, не ми повредува никакви чувства врзани за оригиналниот, така?


За среќа, Blade Runner 2049 не испадна лошо искуство. Квалитетот малку варира низ долгата минутажа, ама и покрај стравот дека ќе заспијам на пола, останав буден и заинтересиран скоро до крај. Филмот согорува бавно, темпото веројатно намерно се обидува да биде реплика на Ридли Скот тактиката, но визуелната привлечност и перфектните актерски изведби не ти дозволуваат да западнеш во длабок сон. Фасцинантно е како Вилнев го проектирал светот и начинот на кој овој пат излегува од рамките на постојано дождливиот и неонски осветлен Лос Анџелес. Дури и холограмската технологијата која не разбрав како точно функционира (не дека е премногу важно), одлично се вклопува во целиот амбиент, давајќи му контекстуален, модерен тон.

Кога приказната малку ќе заринка, тука е бучната и на моменти крајно иритирачка музика на Ханс Цимер да те расони. Да, Ханс Цимер секако не е Вангелис, ама и ова не е филм на Нолан. Преферирам поспокоен саундтрек кај филмови од ваков вид. Претпоставувам дека сакал да го задржи препознатливиот стил и тоа е разбирливо, само што некогаш краде внимание од сцени за кои ти е потребно друго сетило.

За да избегнам спојлери, нема да навлегувам многу во дејствието. Приказната лесно би можела да функционира и независно од првиот филм, дури и да биде поефективна така самостојна, и покрај тоа што идеолошки гравитира околу позната територија. Точките каде што двата филмови се допираат веројатно би ми биле навредливи доколку го имав земено Blade Runner за куќна слава. Некои правци во кои забега целата приказна ќе ми се допаднеа повеќе ако не беа експлоатација на моменти од првиот филм. Знам дека влечкање на видно остарен Харисон Форд низ вакви продолженија е профитабилно, но мора ли по секоја цена?

Сè на сè, солидно скроен филм. И, се потрудив да останам објективен овој пат за да го потврдам ова. Веројатно хардкор фановите или ќе си добијат Нов Завет или ќе осетат непријатен удар во пределот на носталгијата. Јас како некој што е индиферентен кон Blade Runner воопшто, успеав да се забавувам. Вредеше макар и за само едно гледање до крајот на животот.

October 3, 2017

За почетокот на Star Тrеk: Discоvеry

Толку многу сакав да ми се свиѓа Star Trek: Discovery што ги свртев неколку пати првите три епизоди за да најдам нешто што ќе ме привлече, а да не е само визуелниот спектакл. Иако немав никакви очекувања, малку се надевав дека и во 2017 Star Trek може да биде онаков каков што Џин Роденбери го замислил. Инспиративен, оптимистички и со утописки визии за иднината. Но, не баш. Очигледно Discovery е продукт на своето време, каде што дипломатските потези и етичките квалитети на Пикард се заменети со валкан воен конфликт помеѓу Федерацијата и Клингонците. Форматот на серијата е прилагоден по денешните телевизиски стандарди, но со тоа сум сосема океј.

Најголемиот проблем со Discovery ми е тоа што е повторно со дејствие сместено пред оргиналната серија. Веќе го видовме тоа во Enterprise, а ни Џ.Џ. Абрамс не се прекрши да ја однесе приказната понапред. Star Trek е петнаесетина години надвор од своето природно телевизиско живеалиште и сега кога е пак таму, големото враќање е повторно со чекор наназад. Не ми смета тоа што технологијата изгледа помодерно, ниту освежениот изглед на Клингонците, секако дека не очекувам стиропорни карпи на планетите и шарени сијалички на бродовите, меѓутоа кога веќе визуелниот дел е толку напреден, што беше проблемот приказната да се одвива години после Voyager?


Првите две епизоди едвај ги сварив на првото гледање. При следните процесирања ми се разјасни колку всушност се полни со вулканска логика ако го земеме во предвид современиот пазар и она што според извршните продуценти е Star Trek во денешно време. Џ.Џ. Абрамс ја редефинираше франшизата за нова публика. Без разлика колку старите штребери загризаа, а според бројките профит, имаше и од таму доволно стврднати брадавици за тоа да доживее трилогија, на помладата публика им се понуди еден поинаков, акционен Star Trek облик. Discovery гради баш врз истото, обидувајќи се да задоволи повеќе генерации со различна претстава за Star Trek.

Кога ќе го додадеш и трендот со "замрачена" телевизија и општо моменталниот тон на поп кулутрата денес, идентитетот на Discovery комплетно е оправдан. За тој старошколски дух, ете имаме The Orville, но тоа нека остане тема за некоја следна прилика. Диверзитетот никогаш не бил стран за Star Trek, не ни очекував екипажите на бродовите да бидат фокусирани на нешто друго освен жени и малцинства, но изненадувачки ми е тоа што првпат капетанот на бродот ја нема главната улога. Но, денеска од поп културата се научивме да навиваме за измачени протагонисти со помал статус, така што веројатно и ова е океј.


И, покрај сите овие работи, Discovery изгледа како пропуштена прилика. Да, третата епизода даде ветување дека е можно и во таков гнасен сетинг да се истражува "нов живот и нови цивилизации", но мислам дека тој календарски лимит што самата приказна го наметнува, ќе ја спречи серијата комплетно да отиде таму каде што не била ниту една друга Star Trek серија до сега. Секако, голем испад нема да ме изненади, но не верувам дека ќе е нешто што би можело да има големо влијание на универзумот изграден со петте серии и десетте филмови претходно. Има еден супер момент за тоа како потребите на војната ја придвижуваат технологијата напред и го собираат научниот крем, па се надевам дека ќе пристапат посериозно кон ова како основа за понатаму.

Третата епизода беше многу повеќе Star Trek од шашавиот пилот, иако претежно изгледаше како омаж на популарна научна-фантастика. Приметив влијанија од Alien, преку Battlestar Galactica, па дури до The Expanse, кои случајно или не, беа присутни. Единствената нова работа, со скенирањето на здив за идентификација и не беше толку импресивна за да инспирира деца кон наука кои подоцна ќе го менуваат светот, како што нели, тоа ефективно го постигнуваат претходните итерации на Star Trek. Тој момент ми фали, не е доволно само да биде забавно. Има доволно други серии кои го нудат ова што моментално го гледам во Discovery.

Останувам да гледам и понатаму, не сум толку многу разочаран од почетоков за скроз да баталам. Каква и да е во моментов, возбуден сум што воопшто има нова Star Trek серија. Допрва треба да ме запознае и натера да се грижам за ликовите, па и да ме убеди дека грешам во врска со приказната и целиот контекст. Можеби сепак има 'вистински' Star Trek некаде под целото ова кој допрва ќе ми биде откриен.