May 31, 2017

Хаха, новово Prison Break...

Еден мамурен викенд пред некоја недела ме закачи на новата сезона Prison Break или новиот мини-серијал или што и да е веќе овој дел од трендот на враќање стари, култни серии назад на телевизија. Не можеше да биде помалку гајле за продолжение на серија што не сум ја ни догледал до крај додека се прикажувала редовно, ама јеби га, некои денови не е ни битно што ти мрда на екран додека на смртна постела си даваш ветувања на себе кои знаеш дека нема да ги исполниш. Една епизода нема да боли, нели? Не може да е полошо од новото The X-Files, си мислев.

Последен пат кога гледав Prison Break беа во затвор во Панама. Изгубив интерес уште во втора сезона, па така трета ја баталив негде на пола и никогаш не се свртев назад. Од луѓе што догледаа дознав дека Мајкл Скофилд умира на крај и едно добри шест години никогаш не го слушнав името Prison Break, барем додека браќата не се појавија во првата сезона The Flash. Но, во петтата сезона, ајде да ги викаме овие девет епизоди петта сезона, Мајкл е прилично жив и се спрема за бегство од затвор во факинг Јемен. Секако дека да, инаку не би се викала серијата Prison Break!


Океј, овде навлегувам во спојлери, ама гајле ми е зошто и онака не верувам дека некој стигна со читање до тука или па ја гледал сезонава. Па, зошто е Мајкл пак во затвор, освен за FOX да можат да испродуцираат уште една сезона со ликови што публиката ги познава? Некаде кон крајот на четврта сезона или финалето на оргиналната серија, се разбира ова е тотално од газ извадено тука, извесен озогласен таен агент под кодното име Посејдон, кој решил да работи за сопствени цели, го регрутира Мајкл за да ослободи некој водич на ИСИЛ од затворот. Само што не е баш регрутиран, туку уценет, па затоа мора да си ја исценира смртта за да го заштити семејството и сите што ги познава. 

Првите две-три епизоди и не беа толку лоши. Се собра на кратко старата екипа да му помогне на Мајкл, истераа неколку комплетно нереални ситуации околу самото бегање од затворот, но она што ми беше најсмешно во цела сезона е "теоријата на заговор" што се оплеткуваше епизода по епизода. Имено, после наводната смрт на Мајкл, Сара се мажи за некој рендом лик кој испаѓа дека воопшто не е обичен суртук туку Посејдон. Еден од пресвртите што сезоната ги понуди е дека типот решил да го тргне Мајкл од сликата зошто едноставно се заљубил во неговата жена и дете. За да биде уште посмешно и Ти-Бег има син за кој не знае, но случајно тој син ќе се најде во истата ќелија во Јемен со Мајкл. 

Буквално сè што се случува во овие девет епизоди во однос на приказната е ликовите да се поместуваат од точка А до точка Б пропратено со некаков обид за илузија на тензија. Ништо возбудливо, ништо непредвидливо. Упорно сè се одвива во полза на главните ликови. Ситуациите се толку нереални што некогаш изгледа како да импровизирале по пат. Сезоната почнува еден куп работи во исто време, а не заокружува ни пола од нив. Тие што имаат некаков расплет само ја номинираат за најдобриот ситком за 2017. Ненамерно, секако. Се смеев. Едно добри пет епизоди само тоа правев.

Види, Prison Break никогаш не била серија со најпрецизната логика на светот. Ниту пак со најталентираните актери. Првата сезона успеа зошто беше оргинална и мистериозна, и се појави во период кога такви серии, со таков формат и жанр, беа прилично популарни. Можеби баш и тоа ги маскираше смешните глумачки способности на цела екипа со исклучок на Роберт Кнепер. Сериозно, никој друг не знае да глуми. Вентворт Милер има два различни изрази на лицето. Или е зачуден со подотворена уста или е резервиран со подзамижани очи. Таков и како Снарт во The Flash, подзамижан, дури и кога носи темни наочари. 

Не знам колку треба да си фан на Prison Break за да можеш ова да го сфатиш сериозно, а притоа да не се затекнеш навреден. Вака како некој што има океј сеќавање за првата сезона, си пројдов добро со смеење на глупостите што ги имаше тука, па некако не жалам за потрошеното време. Можеби петтата сезона немаше намера да ми понуди баш ваков тип на забава, а со оглед на тоа што сосема неплански и без очекувања решив да дадам шанса, на крајот некако испадна исплатливо. Фала FOX.

May 26, 2017

Флешови

Одамна не е тајна дека гледам The Flash. Успеав да конвертирам и неколку луѓе околу мене кои издржаа до "Out of Time" епизодата со која ми се отворија очите за серијата и сега ни е заедно убаво. Првите две сезони веќе беа излезени кога почнав да гледам, па морам да забележам дека ова чекање од недела до недела за нова од третава сезона не беше нешто особено забавно. За жал, исто како и добар дел од целата сезона. Сакав дека верувам дека и за The Flash важи истото како и за други слични серии, дека кога гледаш неколку епизоди по ред полесно се филтрираат досадните, но по финалето на третата сезона веќе имам еден цврст заклучок. 

Воглавно океј сезона, ама преполна со елементи поради кои ќе морам да ја издвојам како најслабата до сега. Што е чудно како воопшто ги приметував, зошто нели тотално лабаво гледам, со прогледување низ прсти на многу ствари. Mеѓутоа, серијата во повеќе наврати завзема насоки кои беа крајно шашави. Тотално не сакав да го правам ова Флеш, извини. Да почнеме отпочеток. Што се случи со Флешпоинт? Неколку епизоди и комплетно го тргнаа на страна неговото постоење? Пред почетокот на третата сезона со месеци наназад слушав "Флешпоинт, Флешпоинт" и молскавично го снема. Да, целото дејствие се случуваше таму (веројатно?), но ликовите коа беа засегнати од акциите на Бери едноставно престанаа да му придаваат било какво значење.


Штета. Ова беше единствената прилика да се долови генијалноста на Џеф Џонс во ваков формат и ја посраа. Бев возбуден и за другите спидстери кои му се приклучија на Бери, но во неколку прилики успеваа само бескорисно да прават гужва. Еве пробувам да се сетам во колку ситуации Воли, Џеси и Џеј направија некаква разлика. Поради моето разочарување од финалето, ми текнува на нула такви ситуации. Џеј дури и го одјебаа во ебаниот Спидфорс подоцна. А, ако сите овие спидстери не беа доволни, главниот негативец Савитар, беше исто така спидстер. Зошто претходно нели, ги немавме Риврс-Флеш и Зум. 

Ова е третиот поголем проблем со сезоната и тука веќе навлегувам во спојлерска територија. Не зошто негативецот е повторно спидстер, туку зошто пола сезона ја потрошија во страв од нешто што никогаш нема да има било каков импакт врз дејствие во серија каква што е оваа. Мантрата "Мора да го сопреме Савитар" стана напорна после неколку епизоди. Ајрис немаше да умре во никој случај, така што не знам зошто воопшто се трудеа со билдање на ваква тензија стоседумдес епизоди. Испадна дека алтернативна верзија на Бери и Савитар и да, океј, можеби тоа ме затекна неспремен. Но, од моментот кога се откри идентитетот на таа метална канта со комплекс на бог, приказната насекаде ја расеа предвидливоста. Да бидеме реални, The Flash не е најинтелигентата серија на светот. Чекорите кои ги прават се во некој нивни лимитиран домен и опциите за исходот се лесно пресметливи. 

Во кога се сценаристите се обидуваат да те подлажат, само се смешкаш зошто знаеш дека Велс има направа со која може секого да направи да изгледа како некој друг. Премногу време се потроши и на тоа. Каде се идеите, каде беа различните негативци секоја сезона? Зошто упорно ми паѓаа во сенка на "Леле дечки, мора да го сопреме Савитар, еј". Бери не научи никаква лекција сезонава, ниту тој, ниту целава багра од С.Т.А.Р. Лабс. Две сезони наназад дополнително ги заебува стварите со постапките што ги прави и цел тим будали упорно му веруваат. Симпатично е кога не е загушено во дрвење со закана која никогаш не беше сериозна. Во спротивно е само заморно.

Таман кога помислив дека е готово со Савитар и неинвентивноста на сценаристите, финалето ми фрли небитен и непотребен клифхенгер во фаца. Да, сигурно Бери ќе остане во Спидфорсот повеќе од пола епизода, баш сум загрижен, дечки. Кој ви ги смислува овие, бе? Хрчаци што трчаат по тастури ви пишуваат вакви наративи? Како да немаше доволно глупости сезонава. Како да беше малку мјузикл епизодата или онаа со Емо Флеш. 


Сепак, и покрај тоа што зевав на моменти, се радував на секоја нова епизода. Да, можеби серијата комплетно заборави и на фактот дека Бери е ебан форензичар и му треба работа за да плати сметки, но го убација Драко Мелфој како редовен лик што малку ја размрда екипата. Забавен лик и супер актер, се надевам дека ќе остане и понатаму.  Секоја чест и за Том Кавана. Три сезони глуми различни верзии на ликот и е феноменален. Обесете му некој медал на човеков. И, ако Кејтлин ја напушта серијата како редовен лик за да гостува како Килер Фрост, сакам да ја задржат новата докторка и во следната сезона. Ќе претпоставам дека затоа и ја додадоа, зошто тотално ме мрзи да проверам дали е замената на Кејтлин. 

Не знам каде ќе оди четвртата сезона, ама некаде прочитав дека конечно главниот негативец нема да е спидстер. Се надевам дека ќе се вратат на стариот формат кога не ни мафтаа пред нос со злобата на големиот антагонист. Се надевам и дека Ајрис конечно ќе има нешто повеќе за правење освен бидување жртва, дека Воли конечно ќе одјебе во друг универзум со симпатијата и ќе бидеме поштедени од неговиот иритирачки ентузијазам, а другиве ќе се вратат пак нивните обични професии. Сериозно, приметува некој дека и Џо не оди на работа веќе? Сакам и седум епизоди со Горила Грод ако може. Уствари, не седум. Сите нека бидат со Грод. Грод да биде главниот негативец во четврта и петта сезона.

Види такоѓе:

May 25, 2017

Научно-фантастично музицирање

Секогаш ми е непријатно кога мора Nanohex да биде тема на муабет. Од некои причини го држам крајно тивко, за разлика од вешот пружен тука на жицава Crapwerk, го доживувам некако поинтимно. Nanohex е псевдонимот под кој десетина години објавувам амбиентални електронски звуци за различни издавачки куќи низ светов. Денес за матичниот британски лејбл Kalpamantra излезе нов материјал под насловот Garden. Ова можеби и воопшто немаше да го спомнам тука да не се работеше за соработка со другар близок како Дамјан Крстески

Тие што нè познаваат, знаат дека ова не ни е прва соработка. Измеѓу професионалните програмерски соработки и порочењето, низ годиниве дружба имало многу обскурни музички дејанија. Но, бидејќи Дамјан последнава година и пол живее и работи во Берлин, ова ни е прва ваква каде што сме немале потреба да тегнеме опрема, клавијатури и гитари во импровизирано студио. Дамјан интензивно пишува и објавува научно-фантастични раскази во светски списанија и омнибуси. Garden е спој на неговата литературна луцидност во облик на кратка приказна и моите инструментални анти-музики како подлога. 


Почнавме со работа некаде на почетокот на годинава. Паралелно се создаваа приказната и музиката, често двата сегменти беа инспирирани еден од друг, зависи што ќе стигнеше прво дента. Последните два албуми на Nanohex беа издадени за Kalpamantra, па во моментот кога завршивме со снимање и пишување, првиот човек што одлучивме да стапне во контакт со ова, беше сопственикот Стивен Вилијамс кој воодушевен од материјалот повторно ни излезе во пресрет. Литературниот дел од Garden ќе биде објавен и посебно во списание.

Изданието е бесплатно за даунлоуд на овој линк со опција за симболична донација која оди за поддршка на опстојувањето на Kalmamantra. Кратката приказна е соодветно поделена и достапна во lyrics секцијата за секоја музичка подлога. Лејблот е присутен на сцената со години и воглавно се занимава со звук кој не е баш најдобриот избор за веселби и прослави, но си има публика која го одржува и лејблот, а и жанрот во живот. Garden e достапен и на YouTube каналот.

May 24, 2017

Jоhn Wick: Chаptеr 2 (2017)

Во последно време успешно ја избегнувам оваа чума од продолженија, римејци и рибути што е малку иронично зошто откако ќе го објавам овој пост за мојот омилен филм од 2017 што е исто така продолжение, ќе ја гледам новата епизода на новото Prison Break. Но, да речеме дека спијам помирно навечер со фактот дека нема да платам карта за вториот Guardians of the Galaxy или Alien: Covenant. Веројатно нема ни да ги гледам откако ќе ми станат нелегално достапни. Да не задремував пред да навлезам во долга дискусија зошто, сигурно ќе понудев неколку аргументи во моја полза, ама и онака на никој не може да му е помалку гајле. Меѓутоа со новиот John Wick ситуацијата е нешто поинаква, така што можеш сега да си земеш столица.

Продолжението на John Wick не ги користи елементите од првиот дел кои тимот за истражување на пазарот ги подвлекол како највпечатливи за публиката како основа, ниту пак се обидува во целост да го емулира. Нема бебе Грут и не е римејк на сам себе. Барем не толку за да биде безобразно очигледно. Сè уште се чувствува свеж пристап на не толку оргиналната формула или можеби тоа што не сум толку бескрајно накурчен кон тоа што го претставува филмот ми создава некое такво расположение. 


Последниот пат кога го видовме поранешниот озогласен платеник Џон Вик, ја спроведуваше неговата насилна одмазда кон тие што му го убија кучето и му ја украдоа колата, притоа пркосејќи на неговата страсно посакувана пензија. Ги испотепа сите на различни креативни начини со кул музика во позадина, но филмот не откри што точно се случи со стариот Форд Мустанг. John Wick: Chapter 2 отвора баш со одговор на тоа прашање кој доаѓа во форма на испукани куршуми во телата на преживеаните руски мафијаши. Ќе си помислиш дека конечно после ова заминува во пензија со новото куче и болката кон изгубената жена, но не. Успешни филмови имаат продолженија кои не му дозволуваат на Џон да земе воздух.

Но, што можеш да му направиш на човек кој веќе нема што да изгуби, ги убил во одмазда тие што му згрешиле и едноставно повеќе не го гледа убивањето на луѓе за пари како лукративен бизнис? Запали му ја куќата до темел. Нека не му остане ниту една слика од мртвата сопруга, ниту еден физички спомен. Ќе се врати ти се наебе на сè што имаш пред да успееш да му го изустиш прекарот. Овој пат Џон си има работа со италијанци кои се дел од организацијата на која тој припаѓал додека му течел стажот како платеник. Првиот дел тој свет го изгради како врвно организирана мрежа со сопствени кодекси на однесување и делување, посебни валути и "продажни места" за нивно трошење, па продолжението се повикува на еден таков елемент. 

Имено, двајца колеги може да си дадат крвна гаранција дека доколку едниот побара услуга, другиот не може и не смее да ја одбие. Правила си се правила. Да ги немаше ќе живееме со животните, зарем не? Но, Џон одбива една таква услуга зошто прилично е сериозен во намерата да живее помирен живот и таа одлука повторно ќе му ги извалка рацете. Дали веќе го кажав ова погоре, ама со други зборови? Баш како што филмот ја раскажува приказната од првиот, ама со други зборови? Хм, можеби сепак треба да заќутам и да го изгледам Alien: Covenant деновиве.

Сепак, John Wick: Chapter 2 успева да фасцинира. Толку е интензивен што немаш време да размислуваш за репетитивноста на формулата. Визуелно е исто така импресивен, Чед Стахелски се потрудил да има конзистентност во стилот. Сакав да верувам дека правецот на филмот ќе оди во некоја насока поблиска до Kill Bill 2 и покрај тоа што првиот дел за запечтаи приказната на некој начин, но сум задоволен со ова што е. До сега од репертоарот за 2017 не успеав да изгледам ништо подобро. Оргиналниот аспект доаѓа од продлабочување на подземниот свет во кој оперираат платените убијци од колегиумот на Џон Вик и повторно е суптилно за природно да се вклопи во овој нашиот. Дури и кога обични граѓани игнорираат разменување тупаници и куршуми на костумирани раскрварени луѓе на јавен простор. 

Дали ќе биде спојлер ако кажам дека во филмот го има и Лоренс Фишбурн? Сериозно, не го памтам трејлерот, можеби го имаше и таму, ама неговата појавување кај мене предизвика нечовечки крици од возбуда. Верувам дека е присутен тука само за да застане до Кијану Ривс, но за жал или за среќа, Стахелски се воздржал од The Matrix референци. Ги чекав, цело време ги чекав. Не е некој филм што се доживува себе толку сериозно за да не може да помине некоја суптилна фора, но ете, не го направија тоа. 

Без разлика на тоа како завршува филмот, Џон Вик нема долго да е во пензија. Веќе е најавен трет дел, а верувам додека не се претвори серијалов во нешто како Taken, ќе го цепаат со многу, многу продолженија. А, зошто веќе имаат и опширен свет изградено околу Џон Вик, ништо чудно седмиот дел во 2024 да има нов главен лик. Не го направија веќе тоа со Борн? Ете, гледаш како можело.

May 20, 2017

За DC Rebirth: The Button

Колку и да се мрштев лани кога DC одлучија да го соединат нивниот суперхеројски универзум со ликовите од Watchmen на Алан Мур, некако успеав да ја прифатам оваа крајно ризична идеја. Ништо веќе не е свето, нели? Се случува, сакал или не (Алан Мур дефинитивно не), и веќе полека влегува во историјата на американскиот стрип како еден од најсмелите потези до сега. Факт е дека DC поминуваат низ сериозна криза последниве години лутајќи со сомнителни чекори во потрага по цврста земја, меѓутоа некогаш од хаосот што го создадоа успева да никне по некој квалитетен плод. Овој пат тоа е The Button.

Со DC Rebirth одлучија дека историјата на нивниот универзум ќе биде одново напишана и дека Доктор Менхетен ќе биде виновникот за тоа овојпат. Некој дефинитивно претерал со креативноста на состаноците во DC Comics кога се решавало во кој правец ќе им се движат стриповите. Ретроактивно, Менхетен е одговорен и за создавањето на 52 универзумот и целиот башибозук со континуитетот таму од кој уште трпат приказните и после пет-шест години. Во обид да се закрпат некои дупки од ова безредие, моментално DC Rebirth прави напори со оргија помеѓу Flashpoint, трошките од 52 и Watchmen.  


The Button е мини-настан распространет низ последните два броеви на главните Batman и The Flash наслови кој беше заокружен оваа недела и една од етапите кои би требало да го обликуваат универзумот во нешто покохерентно. Во првиот DC Rebirth број Бетмен во пештерата го најде беџот на Едвард Блејк. Една година мистеријата остана недопрена и не беше лесно да се претпостави што точно им е планот. Беџот и опсесијата на Брус со тајните кои можеби ги крие, заедно со Еобард Тон (Риврс-Флеш) се враќаат во Batman #21 за да го наштимаат правецот во кој ќе се залета приказната.

Еобард завршува мртов под необјаснети околности многу набргу по конфронтацијата со Бетмен, па Бери и Брус одлучуваат да ги искомбинираат своите детективски способности и да патуваат низ времето по одговори. Откако ќе прошетаат низ неколку панели кои ги референцираат изминатите DC континуитети, повторно завршуваат во бет-пештерата, но таму се пречекани од Томас Вејн, Бетменот од Flashpoint и татко на Брус. Ако е потребно мало потсетување, во Flashpoint универзумот таа кобна вечер за Вејнови, застрелани се малиот Брус и Марта Вејн, по што Томас Вејн станува Бетмен за да ја одмазди нивната смрт. 


Batman #22 ги обединува таткото и синот од паралелни универзуми, двајцата облечени како џиновски лилјаци, како средство за неутрализирање на нивната болна траума. Сценариото на Том Кинг овде ја одмара мисијата на Бетмен и Флеш за да ја удри секоја можна емотиционала нота и резултатот е ништо помалку од фасцинантен. Томас и Брус конечно добиваат шанса да бидат повторно заедно, дури и во ваква ситуација. Имаат толку многу да си кажат, но за жал времето е прекратко зошто пештерата е веќе нападната. Томас се обидува да го убеди Брус да ја пензионира наметката и конечно да се помири со смртта на најблиските, иако сите знаеме дека веќе е предоцна за тоа. Меѓутоа за разлика од Брус, Томас успева да најде мир, жртвувајќи се уште еднаш за неговиот син. 

Уште од Flashpoint баш се прашував како би можела да изгледа една ваква средба. Том Кинг ми понуди повеќе отколку што можев да очекувам и поднесам, до степен да веќе не ми беше важно што ќе се случува во финалето на приказната во The Flash #22. Томас Вејн е крајно забавен Бетмен и перфектно функционира кога е искористен во умерена доза. Без разлика на тоа колку го сакам ликот и начинот на кој го канализира товарот што го носи, било што повеќе од него само би го разводенило. Публиката упорно го бара во сопствен наслов, ама се сомневам дека неговото присуство би било толку ефективно. Ликот е тука само за да понуди поинаква перспектива на слична трагедија и тоа е сосема доволно како такво. 


На насловната на Flash #22 го има Џеј Герик, првиот Флеш на DC. Ова беше предмет на шпекулации дека и тој ќе го има своето големо враќање во DC Rebirth, меѓутоа исходот е поинаков. Можеби и само сакаа да намигнат на публиката или пак имаат планови за во иднина кои само решија да ги најават на ваков начин. Воли Вест се врати во DC Rebirth по години заробеништво во Спидфорсот кога Бери се сети на неговото име и буквално го повлече назад во светот, но овде во ситуација паралелна на таа, Џеј Герик остана заборавен. Барем засега. Кул момент е тоа што е нацртан како Џон Весли Шип, браво за тој фин детал. 

Крајот на The Button наговестува инволвираност и на Супермен во целата оваа каша, но тоа ќе го видиме дури во ноември оваа година насловено како Doomsday Clock. Иако овие четири броеви ја размрдаа малку приказната, голем дел од мистериите остануваат без разрешница. Со Doomsday Clock би требало конечно сè да е објаснето. Приказната за среќа е малку изолирана од главните случувања во DC Rebirth, па материјалот за читање не е нешто многу голем: Flashpoint, DC Rebirth #1, првиот број на DC Rebirth The Flash (иако не е задолжителен) и овие четири броеви The Button составени од Batman #21-#22 и The Flash #21-22. Секако и цел Watchmen, нели.

May 15, 2017

Последните обиди на RIFT

RIFT е една од оние игри што секогаш ќе имаат место во мојата листа на омилени гејмерски искуства. Бев таму во моментот кога првпат се отворија интердимензионалните Рифтови над Телара, ја сркав достапната содржина до речиси последен артефакт, платив годишна претплата и експанзија која бргу после тоа стана бесплатна како и самата игра, а откако напуштив поради Mists of Pandaria, се враќав повремено само за да бидам дел од најсложната заедница во било која игра што сум ја играл.  

RIFT пред некој месец наполни шест години. Има турбулентна историја, се бореше со сериозна конкуренција, успеа да доживее многу светли моменти, но за жал никогаш не го достигна потенцијалот. Падна пред World of Warcraft како и сите претходно, без оглед на тоа што нудеше искуство слично на "златното доба" на гигантот на Blizzard. Не можеш толку лесно милиони играчи да ги избркаш од нивната комфорна зона, особено ако растеле заедно со еволуцијата на нивната матична игра. Но, тие од нас што ја прегрнаа иновацијата и свежиот воздух кој Trion го понуди со RIFT, се забавуваа. 


Сите навивавме да успее. Денес играта е терминално болна. Во гилдот каде што сретнав еден куп прекрасни луѓе со кои не си ги знаевме ни вистинските имиња, едвај има пет што се активни. Комплетни странци кои некако залутале во легендарниот Harshmallows. Ако си помал левел, можеш да чекаш и со саати за dungeon група или warfront. Има алтернативни начини за групно левелирање, меѓутоа овој дел моментално изгледа тотално заринкан. Можеби шашавата Nighmare Tide експанзија беше еден од причинителите за ова, или едноставно застерениот жанр живее добро само во Азерот. 

Викендов Trion ја подари новата експанзија на сите што се логираа. Не само што не оствари доволно профит кога се појави негде лани есента, туку компанијата влезе во спор со друга компанија која ги имала правата на името Starfall Prophecy. Спор кој Trion го криеше од јавноста додека не протекоа некои судски документи и причината за експанзијата сега да се вика Prophecy of Ahnket. Колку и да сум благодарен што ми заштедија триесетина евра, ова изгледа како очајнички потег на компанија која е свесна дека нема уште долго да може да ја одржува играта во живот. Верувам дека серверите ќе бидат онлајн барем уште некоја година, меѓутоа никој веќе не очекува нова содржина толку често.


Стапнав на новиот континент, односно комета која лебди над Телара, за да ги видам новите зони. Изненаден сум од огромниот труд кој е вложен во дизајнот на зоните, навистина ќе биде штета ако не пркне популацијата. Има играчи, но ова е најмалиот број што сум го видел во овие шест години. Можеш да најдеш група за секоја активност што е после 65 левел, луѓето се фини и се грижат да ја одржат играта во живот, но ми недостасува онаа гужва на која бев навикнат. 

Го завршив главниот квест во новата шума, Scatherran Forest, не сум нешто особено задоволен од приказна за спасување еднорози, зајчиња  и џиновски верверици, ама се забавував со динамичната содржина. Приказната пак не успеав да ја фатам, ниту зошто сум на ебана комета, ни како се нашла тука, ама од тоа што визуелно ми беше понудено сконтав дека целата е составена од димензиите од каде потекнуваат Рифтовите. Што е сосема океј, зошто секоја зона нуди различна темата. Ова го претпоставувам секако, не успеав да ги разгледам сите од проста причина што бараат поголем левел.


Затоа и планирам да поиграм, барем додека не ги прошетам сите зони. Левелирањето е споро, што е секако добро, ама ќе го ценев повеќе доколку главните квестови не беа толку досадни. Се надевам дека во следните зони потрошиле и пари на пишување приказна, а не само на дизајн. За механиката на спелови, уште тераат некој хибриден модел базиран на Diablo III и раната World of Warcraft, во експанзијата појачан со некои ајтеми соодветни со приказната. Не го разгледав системот во целост, ама ми изгледа како природен прогрес. 

И, ова погоре можеби и не е доволно за да извлечеш конечен заклучок дали играта воопшто вреди да се игра сега, па да бидам прецизен. Да. Секако дека да. Има доволно содржина што можеш да ја пржиш сам, има Instant Adventures што ги обединуваат играчите од сите левели, па доколку се осетиш осамено за данџн, можеш со дел од тие луѓе да склопиш група. Левелите на играчи скалираат до било кој левел рачно, а заедницата за среќа е уште пријателска, па со два-три реда муабет ќе ги убедиш да ти прават друштво за што и да ти се прави. До 65-ти левел, односно додека не дојде редот за новата експанзија, има доволно содржина да те држи окупиран со недели, ако не и месеци.

May 11, 2017

Уште Вовсталгија

Некаде околу годишнината од моментот кога Blizzard решија да го отштекаат приватниот сервер Nostalrius засекогаш, неколку другари ми пристапија со понуда за "враќање на Bанила World of Wacraft" на Elysium. Зошто сум мала кучка што никогаш не може да рече не на WoW (освен ако е Legion или некоја глупава експанзија), сè што ми требаше тие неколку минути покасно, е да направам акаунт и да сменам realmlist на 1.12 верзијата. Да, во секое време располагам со различни верзии на играта само за вакви пригоди. 

Elysium е исто така приватен сервер кој ја позајми базата од затворениот Nostalrius. Теоретски, има(ше) опција за трансфер на избрканите карактери од Nostalrius, меѓутоа таа опција никогаш не профункционира за мене. Покрај тоа, другарчињата не се баш пријателски настроени кон Алијансата, а зошто сакав пак да играм WoW со луѓе што ги познавам лично и со дел сме играле на Времето, мојот драг Гном со смешни бркови мораше да биде жртвуван и да направи место за малку помрачна раса. 

Анита, Јанев, Горгон, јас и Маке, бидуваме позери

Серверот е отприлика она што беше Nostalrius, барем во однос на квалитетот на емулацијата. Има значително помалку луѓе, дел се на други сервери, а дел исплашени од долгата рака на Blizzard која повремено решава да посегне по ентузијасти кои никако не штетат на нивниот бизнис, па се држат настрана од вложување во нешто што еден ден може ненајавено да престане да постои. Но, јас имам поминато години и години во пиратски Азерот и немам проблем кога ќе дојдат лошите чичковци од Blizzard и ќе нè растераат на клоци. Нека трае колку што ќе трае, секогаш ми e забавно.

Elisium има неколку серверски инстанци, а откако отворија посебно место за бегалците од Nostalrius, серверот почна со класична прогресија на содржината. Таму каде што сме ние, на истоимената инстанца, содржината е стасана некаде пред 1.6 печот, значи летово треба да го отворат Blackwing Lair рејдот. Со темпото со кое левелираме ние пет луѓе, веројатно нема да стигнеме да сме едни од првите што ќе стапнат, но еј, ако е серверот присутен за Ahn'Qiraj во 2018, тврдам дека сум прв што ќе се стрча накај Силитус. Шала на страна, добри сме. Со оглед на тоа што јас иако последен почнав сум прв со левел, тројца левелираат заедно цело време, еден упорно забушава, а двајца уште "не знаат дали ќе продолжат", успеавме да стигнеме некаде околу 30-ка. Тоа е пола пат.

Култниот квест Lost in Battle 

Хордашките зони ми се одамна здосадени. Повеќето квестови ги знам по име, знам точно каде се наоѓаат, што не беше случај кога играв Алијанса на Nostalrius, ама ми е крајно интересно, зошто ако не сум со моиве луѓе, наоѓам некоја друга група со која исто можам да си ја разгорам носталгијата. Што веќе мислам дека не е ни носталгија, зошто веќе од лани успеав да си ја наметнам оваа верзија на WoW како примарна. Но, тука е легендарниот "Barrens Chat" кој после години го гледам повторно во неговото вистинско светло. Иако денес не постои на оргиналните сервери зошто никогаш нема доволно луѓе во таа зона, овде живее и цвета. Заедницата секојдневно се труди и успева да ја одржи неговата репутација како најгнасното место на интернет. Пробај да прашаш каде е жена му на Манкрик, еве.

Не знам која е иднината на Elysium, ама ќе сум тука додека имам екипа за играње и секако додека серверот успева да заобиколи судир со адвокатите на Blizzard. Но, со оглед на тоа што не е толку популарен како Nostalrius и веројатно научија лекција дека треба да го држат хардверот во земја каде што Blizzard нема право да тужи, мислам дека ќе е тука уште некое време. Секако, имаше и некои интерни драми помеѓу девелоперите кога дел од нив пробувале да продаваат дрангулии за вистински пари кои мислам дека се завршени, а и да не се, не е битно сè додека можам да си го добијам WoW фиксот кој ми е потребен. Наскоро, кога ќе се одлучиме за име, ќе формираме и гилд, па сите заинтересирани може да ни се приклучат.

May 6, 2017

Музичка плејлиста за 2017

За жал не успеав да ја довршам ланската музичка плејлиста. Четвртиот дел ќе се занимаваше со изданијата што ги открив малку подоцна во 2016, или па излегоа на самиот крај. Сега кога сме веќе длабоко во друга година нема поента да се навраќам, меѓутоа пред да продолжам мора кажам дека Your Wilderness од The Pineapple Thief си го прогласив за вториот најдобриот лански албум, веднаш после Tell Them It's Winter. Откако е ова разјаснето, можам годинава да ја си фатам домаќински, со ред. 

2017 почна со Migration на Bonobo. Иако е сериозен претендент за мојот албум на годината, оставам простор да биде предизвикан од тоа што допрва ќе биде објавено. Без разлика што толку интимно го доживувам, оваа дилема беше непостоечка со Tell Them It's Winter лани, па затоа ќе ги држам ушите широко отворени.  Особено за новиот Sleep Party People албум што ќе биде објавен наскоро. Во првиот дел од плејстата за 2017, претежно ќе се позанимавам со рап и драм ен бејс. Некои од изданијава воопшто не ги очекував годинава, ниту пак се надевав дека ќе звучат така како што звучат, а сигурен сум дека на дел од нив ќе се навратам за некој месец кога поубаво ќе ми спласнат.

Kendrick Lamar - DAMN.


Уште кога се појави спотот на критички инфузираната "HUMBLE.", знаев дека Кендрик е сериозен во намерите да си ја одбрани репутацијата стекната изминативе години. DAMN. на прво слушање е многу чуден албум, особено што продукцијата зема насока која е различна од онаа на претходниот, To Pimp A Butterfly. Но, сепак, зад сингловите попрскани со малку трап, се крие експериментален звук кој испливува на површината после повеќекратно слушање. 

Тематски нуди малку поинтроспективен пристап, а не се воздржува да искористи и религиски поттекст за да го зајакне наративот. Не е толку инхерентен како good kid m.A.A.d. City можеби, или па јас споро пробивам низ слоевите комплексност кои ми откриваат нови моменти секое следно вртење. Има цело богатство на DAMN. ако си спремен да го пронајдеш, а Кендрик и по години на сцената уште има свежа енергија што ме влече да тргнам со лопатата низ неговите мапи. Макар и кога ги среќаваш Ријана и U2 по пат.

Joey Bada$$ - All-Amerikkkan Bada$$


Пред Кендрик да истапи со DAMN. бев сигурен дека ова е најдобриот црнечки рап што ќе го слушнам годинава. Но, подоцна сфатив дека што и да направи господинот Бедес, ќе паѓа во сенка на неговиот претходен опус. Сигурен сум дека некогаш ќе успее да  ги надмине "Unorthodox" и оние валкани млатења на B4.Da.$$, но во некоја следна прилика. All-Amerikkkan Badass е секако солиден албум, Џои има идеи зад кои стои цврсто, ама се приметувам како прерипувам траки и после бројните шанси кои сум им ги дал.  Некогаш звучи како да не му се погодил денот, а сепак морал да стане и да појде на работа.

Како што вели еден стих од претходниот албум, "If it don't hit my spirit, I don't get near it". Барем не онолку колку првиот впечаток. Непобитен факт е дека има голем потенцијал и моќ за уништување на конкуренцијата и заминување во историјата како еден од најдобрите рапери на оваа генерација, "Rockabye Baby" е фин пример за она што може да го извади и измери на масата, само што можеби ќе треба да почекаме до следниот албум.

Dexcell - Under the Blue


Гледам тука во фолдерчево со тотално легално набавени драм ен бејс од 2017 изданија дека имам повеќе од десет албуми. Не ги преслушав сите повеќе од два-три пати, ама барем пола ми вртеа и вртат со денови. Никогаш не ми било тешко да се одлучам за драм ен бејс албум, точно знам што барам од жанрот. Слаб сум на меланхоличнo носталгични мелодии и вокалите на Pat Fulgoni и Charlotte Haining, a ова британско трио се погрижило Under the Blue да биде перфектно спакуваниот производ од тој тип. 

Еден од најдобрите деби драм ен бејс албуми што сум ги чул во последните години, иако бендот има значително поголема километража од колегите со слични фасцинантни првенчиња како оној на Keeno, да речеме. И, секако, мојот омилен од жанрот за оваа година, со можност да си ја зацврсти позицијата како секојдневен животен саундтрек. Нешто како што ми беше Electric Sun лани.

The xx - I See You


The xx ги следам речиси од самиот почеток. Под следам мислам и на одбивав да го слушам Coexist зошто не беше првиот албум. Но, како што поминуваше времето и се местеа ситуациите, речиси и да се израмни со звукот на маестралниот прв самонасловен. За I See You веќе не бев скептичен, туку само љубопитен што ќе понудат овој пат, како ќе ја придвижат сопствената еволуција, колку и дали воопшто, стилски ќе отскокнат од сопствените рамки.

Албумот се погоди да ми падне во раце во онаа глупава снежна зима пред некој месец, совршениот сетинг за овој исполиран, освежен склоп да може емоционално да резонира. The xx по трет пат успеваат да ја удрат вистинската нота. Тешко е да си волку доследен после три албуми, особено со етаблиран стил кој можеби би било ризично да го влечеш низ непознати места без да му го оштетиш интегритетот. Уште не можам да се решам за омилени песни од I See You, но би ги издоил "Brave for You" и "Performance" како ствари што делуваат како сол на отворена рана.

Gorillaz - Humanz


Со Gorillaz си имам посебна врска што трае од "Clint Eastwood" навака. Некако постојано ми биле во непосредна близина. Дури и кога мејнстримот го тргна малку светлото од нив, си го запишував Plastic Beach како еден од омилените албуми воопшто. Humanz го чекав толку долго што мислев дека никогаш нема да се случи. Зошто Албарн ме навикна на различна музика на секој нивни албум, немав никакви очекувања. Само сакав нов материјал, зошто стариот веќе ми е изгребан од слушање. 

Humanz е интересен, но гостите кои ги има на секоја песна прават на моменти да звучи како компилација од разни артисти. Секако, има некоја нишка што ги поврзува и потсеќа дека сепак се работи за Gorillaz албум, меѓутоа на моменти како да е комплетно отсутна. Уште сум возбуден со самото тоа што слушам ново од Gorillaz, па можеби само ми треба повеќе време. Но, ако за нешто не се мислам многу, тоа е дека "Saturn Barz" ми стана една од омилените песни од бендот воопшто.