Минатата година некој во Холивуд одлучи дека е добра идеја џиновски чудовишта како Кинг Конг и Годзила да добијат заеднички филмски универзум. Нешто со кое што сум кул, барем додека не прерасне во неподнослив непотребен полу-инвентивен тренд каде што филмовите од секој жанр во 2020 ќе бидат меѓусебно поврзни. Некаде видов листа на ствари во продукција што ќе делат филмски универзум, секако не го зборувам на памет ова. Но, не видов дека џиновски чудовишта дека стануваат тренд, иако радо би сакал. Чии јајца треба да почешаме со пари за едно седум Pacific Rim филмови?
Во меѓувреме, Јапонците го ребутираа нивното национално богатство, франшизата Годзила. После оној јубилеен Gojira: Fainaru Wōzu од 2004, студиото Toho реши да го задреме Кралот на Чудовиштата цели дванаесет години, додека Холивуд пак го крена малку на нозе со римејкот од 2014. Кога викам малку, стварно мислам малку, зошто колку вкупно го имаше Годзила во тој филм? Десет минути? Немам ништо против филмот, само што секое наредно гледање приметив дека го мотам кон крајот. Затоа и бев толку возбуден за Shin Gojira, зошто ветуваше дека ќе го испорача она што Холивуд можеби повторно не успеа.
Toho си го знаат занаетот. Знаат што и како функционира и како ќе се одрази на публиката, особено таа домашната јапонската, која и не е баш најмногу наклонета кон американскиот третман на нивното омилено нуклеарно милениче. Всушност не сакаат ништо поразлично од тоа што и ние го бараме во овој тип на филмови. Џиновски монструм ровари низ град. Некогаш се тепа со друг сличен кој исто така има афинитет кон модерна градба. Што не е јасно тука, Гарет Едвардс? А, за да биде Shin Gojira уште пограндиозен, Toho ги најми Хидеаки Ано, режисерот на Neon Genesis Evangelion и Шинџи Хигучи, јапонски гуру за специјални ефекти, кој има работено на Gamera трилогијата.
Shin Gojira е сместен во модерно време каде што луѓето се првпат затекнати од постоењето и уништувачката моќ на Годзила. Но, она што ми падна многу чудно е тоа што филмот нуди рана верзија на чудовиштето. Од почетокот, па некаде до средината е во еволутивна фаза, без малите раце, со прилично смешни подуени очи и се влече наоколу без да застане исправено.
За среќа, неколку минути пред да станам сериозно загрижен за концептот на Shin Gojira, веќе беше гордо на две нозе и дојден до крајниот облик. Не беше мало момче повеќе, туку ѕвериште што им приреди итна и не толку забавна евакуација на жителите на Токио. Со нуклеарен здив и ласери што му излегуваа секаде освен од газот. Сериозно, пука ласери од перката. Не може да биде повеќе кул од тоа, нели? Ја има дури и оргиналната музика.
Паралелно на беснеењето на Годзила, владата на Јапонија дискутира и спроведува мерки за справување со оваа монструозна криза, нешто што всушност треба да го отслика филмот како метафора за катастрофата во Фукушима од 2011, земјотресите и цунамито. Нешто како што оргиналниот Gojira од 1954 го симболизира хоророт од Хирошима и Нагасаки. Човечката перспектива во Shin Gojira е само растрчана бирократија и научници, наспроти она што Холивуд упорно го прави со шаблонски хармонични семејства од кои еден член е задолжително воено лице директно инволвирано во нападите против џиновските чудовишта.
Затоа и сум задоволен со ова што е филмот. Не ни очекував да биде поинаку. Ми се допадна и освежениот дизајн на Годзила, верен на оргиналот, но со видливи црвени лузни од кои пулсира некаков вид енергија. Мислам дека беше и физички најголемата варијанта на Годзила до сега. Занимливо е и тоа што Toho за првпат не користи човек во гумен костим, туку motion capture. Но, за да биде поавтентично, бар ќе претпоставам дека е нaмерно, на некои места изгледа баш како да е човек во гума.
Се надевам дека возобновувањето на јапонскиот Годзила ќе донесе уште многу вакви филмови. Време е и овој Годзила да биде соочен со друго чудовиште. Следен филм за жал уште нема најавено, но Toho во ноември оваа година ќе го објави првиот анимиран Годзила, насловен Gojira kaijū wakuse или Godzilla: Monster Planet на Netflix. Во меѓувреме, планирам да плескам со рацете од радост за новиот Pacific Rim.
Види такоѓе: