Година 1997. Маршал Метерс е локален рап херој кој и покрај стегнатиот талент не успева да си ја прехрани новоредната ќерка со растргнување микрофони во клубови доминирани од луѓе со потемна боја на кожата од неговата. Одлучен за последен пат да се обиде да допре до поголема публика пред да се врати на Хејли, деструктивната врска со Ким и да мие чинии за мизерна плата, заминува во Лос Анџелес и учествува на Рап Олимпијада. Освојува второ место, но неговото штотуку издадено Slim Shady EP, завршува во рацете на вработен во Interscope Records, присутен на Олимпијадата, кој му го пушта на Дре.
Дре, воодушевен од талентот наредува веднаш да се донесе Еминем кај него. Додека не го сретнал во живо, не ни знаел дека е белец. Во моментот кога Еминем влегол кај Дре, бил толку сиромашен што дури и жолтиот комбинезон кој го носел, го добил како спонзорство од негде претходно. Луѓето што биле во студиото, почнале да се смеат. Смеата замрела во моментот кога отворил уста за да рецитира.
Еминем потпишува договор и во 1999 излегува The Slim Shady LP, првиот негов албум снимен за голема издавачка куќа. Светот дознава за него по вечерната премиера на "My Name Is" на MTV. Животот му се менува буквално за еден ден. Непознатиот копиљ од Детроит сега не може да излезе од дома без да го следат армија фанови. Рап жанрот е исто така редефиниран, сега белец е главен, а музичката индустрија првпат се соочува со појава каква што е Слим Шејди, налудничавото алтер-его кое нема обѕир за ништо, измислено за "безбедно" да протне теми кои се толку вознемирувачки што би било невозможно да пројдат доколку не ги "сокрие" зад нешто така фиктивно.
The Slim Shady LP создава контроверзија преку ноќ. Низ певливи рефрени и размрдани мелодии, Еминем раскажува за тоа како со ќерка му Хејли одат да се ослободат од телото на мајка ѝ, новиот сопруг и неговото дете кои ги убил претходно ("Kim" од следниот албум е приквелот на оваа приказна). Насилството го комбинира со хумор кој звучи како да е излезен од цртан филм, а на тие што ќе се пожалат, им објаснува дека тоа не е тој, туку е всушност Слим Шејди. Раскажува за силување, повикува на самоубиство, брутално беззаконие, конзумирање дрога, остар шовинизам и теми кои му носат протести од засегнати родители и тужби од луѓе од неговото минато кои му се нашле на нишанот. Тужат и оние чии семплови Дре решил без прашање да ги искористи за музиката на албумот. Но, наместо да биде загрижен, им го покажува средниот прст.
Сепак, вештините за рецитирање и раскажување, ги препознаваат и оние кои може да прогледаат низ фикцијата на Слим Шејди и вистинското значење зад тоа. Не е само контроверзноста која го продава The Slim Shady LP во милион и пол примероци во 1999. Албумот има енергија каква што може да даде човек кој оваа шанса ја чекал цел живот и ја видел како последна. Не се штеди во ниту еден момент. Покрај темите кои ги заплашуваат критичарите и родителите кои мислат дека тој е одговорен за нивните сјебани деца, зборува и за минатото, сиромаштијата и детството во безмилосните гета и во Детроит. Реални рап приказни како "If I Had" и "Rock Bottom" кои се многу посериозни од тоа дека лично тој ги убил Никол Симпсон и Рон Голдмен.
До овој момент, The Slim Shady LP е продаден во 18 милиони копии. За неговиот импакт зборува позицијата која денес Еминем ја има во рапот и музичката индустрија воопшто. Иако звукот на албумот лично помалку ми се допаѓа од остатокот од неговиот опус, го ценам како историски артефакт. Поради ова живееш во свет во кој црнци што го измислиле жанрот се плашат да не се најдат во неговите борбени рими.
Види такоѓе:
Види такоѓе: