October 29, 2015

Возбудата околу No Man's Sky

Океј, конечно после 47 години е познат датумот кога ќе излезе No Man's Sky. Јуни 2016. Баш кога почнав да верувам дека кога ќе дојде денот, сите ќе сме заминати на различни, вистински планети, оставјќи го малиот тим од Hello Games да ги пегла комплексните математички формули наменети за процедурално генерирање на нивниот шарен универзум. Попатно и да измислува глупости кои се двојат од оргиналната замисла и ќе одекнуваат низ празната Земја. 

Пред две години звучеше како најдобрата игра во историјата на индустријата. Универзум со над 18 трилиони планети, секоја со уникатен екосистем, до кои ќе доаѓаш со својот брод, ќе одбереш име и ќе ти овозможат да си криеш од проблемите во вистинскиот свет, како пиздата која си, додека гледаш како еволуираат полигонални вонземски диносауруси. Идејата е феноменална на прв поглед, особено кога ќе ти ја понудат на тацна со убавата графика и музика која е исто така процедурално генерирана со амбиентални семплови од 65daysofstatic. Како што го следев развојот, работите некако почнаа да ми се раштрафуваат. Колку е навистина возможно No Man's Sky да функционира толку добро како на хартија? 


Колоритната утопија што си ја замислував ми беше нарушена со она видео од Е3. Почнува баш како што звучи играта, но баш во моментот кога си ја собираш вилицата од подот, се појавуваат џиновски роботи. Џиновски роботи која штитат пуста планета од тебе, ти што само си сакал да сечеш розеви дрва додека пукаш во жолти жаби со дискутабилен број на очи. Шон не е ни изненаден од нив, значи не се нешто што ќе го видиш еднаш во следните неколку од твојот живот на седмата планета што си ја открил и носи име на ретка венерична болест! Наводно немало да ги има Сентинелите на секоја планета, но зошто да не бидат нешто што ретко го среќаваш? Зошто животот на планетата да не еволуира во нешто ќе ти биде закана од сличен размер? Или не е толку едноставно да развиеш таков систем, нели Шон? 

Моменталната состојба на No Man's Sky ми наликува на досадното дете што би го имале Spore и Minecraft, со многу мал потенцијал да наследи и нешто од EVE Online. Дури ќе има и wanted level како во GTA каде што ќе бидеш гонет од Сентинели ако ја играш играта. Соновите на студиото и онаа група играчи што остана да мастурбира во транс на сабредитот и жестоко го брани секој искритикуван пиксел и линија код, многу лесно може да завршат во црна дупка. Веруваш во хајпот, си ги прилагодуваш очекувањата и ќе ти се случи Watch Dogs. Веќе потврдија и дека планетите сепак не се толку огромни, туку некои можеш да ги прошеташ и за неколку минути. Како во Rick and Morty епизодата. Секако дека ќе има и поголеми, но во суштина играта ќе нуди мал простор каде што можеш да ораш додека не ти дојде ебан робот во кој малку ќе попукаш.

Без оглед на тоа каква е формулата за генерирање, до сега видов само неколку варијанти на бои. Можеби бројот на планети е импресивен, но тоа никако не треба да биде она што ќе го форсираш како најатрактивно. 2015 сме, има многу покомплексна технологија. Што ќе ми се толку планети ако секоја десетта изгледа исто? Со што ќе ме задржи играта повеќе од четири часа? Океј еве, да не серам во празно, оставам простор да ме изненади. Но, се сомневам дека ќе биде приближно од најавата која ја искористија да го создадат ова глобално пењавење. Што е со она дека само привремено играчот ќе може да ги менува својствата на планетата? Добро го разбрав тоа или ќе важи само за приватни сервери, а не за глобалните? Значи моето внуче нема да може да слета на Gonorrhea-VI што дедо му Бојан ја открил во 2017 и да види како се живеело тогаш во No Man's Sky?

Се надевам дека уште напорно работат на играта и дека додека излезе ќе добие некој облик што звучи забавно како пред Е3. Или јас сепак премногу си замислував?

October 27, 2015

GoldenEye и почетокот на новата Бонд ера

Во исчекување на Spectre, деновиве си го вежбам британскиот акцент со постари Бонд филмови. Го поминав и Skyfall уште еднаш, само за да си потврдам дека е еден од најдобрите од целиот серијал. Да, малку се помоча врз најдобрата фан теорија на сите времиња која вели дека Џејмс Бонд е кодно име доделено на различен агент, но одлично успеа да се справи со модернизацијата на формулата која беше отсутна во претходните два. Не дека цврсто се држев до тоа, меѓутоа ќе беше многу покул доколку имаа поинаков пристап кон тој некаков виртуелен континуитет. Ова е сепак дискусија за некоја следна прилика, сега дозволи ми да се фокусирам на мојот омилен Бонд. Џејмс Бонд. (ова веќе станува старо Бобо, мора да го промениш во иднина)

Благодарение на пиратската содржина на телевизиите додека растев, Бонд беше постојано присутен. Секоја телевизија имаше афинитет кон одреден актер, така на што на една ги даваа сите со Роџер Мур, додека на друга доминираше Шон Конери. Тие со Тимоти Далтон, чичкото ќе ги свртеше поретко, кога неговата полноќна инстроспекција веројатно достигнувала критична точка, па не било битно што ќе оди, дури и да е истиот "ИГРАН ФИЛМ" два пати по ред. Кој дреме пред телевизор тоа време, нели. 


GoldenEye ми беше првиот неслуачен контант со Бонд, во истиот тој период. Ги памтам рекламите, ги памтам трејлерите, најдобрата музичка тема, буквално беше насекаде. Набргу Пирс Броснан стана и омилениот Бонд на детето растено во фамилија каде што агентот ужива посебна почит. Нов Бонд, за генерација од која и јас бев дел. Понатаму посвесно го трошев времето на серијалот, имав многу прилики да ги анализирам актерите и филмовите, да го менувам и оформувам вкусот, но секогаш на крајот заклучокот е ист - Пирс Броснан е Џејмс Бонд. Харизмата и шармот на Броснан ќе ти ги експлодираат јајниците. Доколку немаш, ќе намигне и спонтано ќе ти пораснат. Потоа кажи им збогум. Освен тоа, кој друг Бонд толку самоуверено држи оружје? 

Новата ера на Бонд, која започна и заврши со Броснан го има вратено серијалот назад од провалијата каде што се држел за карпи уште пред Тимоти Далтон. Осумдесетите носат поинаков вид на акција. Сталоне, Шварценегер, Брус Вилис. Британскиот агент е малку истуркан настрана, студиото влегува во некои легални компликации, па неговата судбина станува неизвесна. Кога конечно долгиот спор доаѓа до некаква светла завршница, Тимоти Далтон ја бакнува улогата за збогум и го најмуваат Пирс Броснан. Замислен како наследник на Роџер Мур, конечно ја добива дозволата за убивање во остварување кое е замислено да го живне серијалот, за прв пат отстапувајќи од оргиналниот материјал на Флеминг. 

Уште трае паранојата од Студената Војна, па GoldenEye се потпира на Русите како стандардниот непријател во западната фикција. Приказната е класична Бонд приказна, со мисија наменета само агентот што без пардон ќе заведе психијатарот задожен за неговата евалуација. Го користи и тогаш најпопуларното технолошко достигнување, интернетот и неговите паранормални својства, хакирањето како врачарска вештина, со цел да биде помодерна од било кога претходно. Извини, зевав додека мислеше на Moonraker. Каменот доаѓа од блиску, па покрај Советските душмани, Бонд е соочен и со поранешен колега со своја агенда, одигран од актер кој денес освен тоа што е познат по обиди за силување на хобити, има репутација за некој кој умира секаде каде што ќе се појави. 

За првпат, М е заменет со жена. Џуди Денч е веројатно и единствениот М што ќе го памтиш кристално јасно додека Ралф Фајнс не си го најде местото од Spectre па натаму. Од моментот кога првпат влегува во кадар и собата станува претесна за нејзиниот челичен авторитет, те доминира и тебе и Бонд и цел MI6 во следните неколку филмови. Секоја чест. Или, пробај заборави ја сцената на почетокот со браната? Или сателитот што се крева од езерото. Дури не ти пречи ни тоа што Бонд дрифта ебен тенк по урбани улици. Акционите сцени се толку добро изрежирани што ги прават ударите во воздух на Шон Конери да изгледаат смешно на моменти. Да, свесен сум дека е различна школа на режија и создавање филмови, само се обидувам да дадам дополнителна тежина на нешто за кое сум исклучително пристрасен. 

Успехот на GoldenEye е заслужен за мојата генерација да има толку популарен Бонд. До толку популарен што порано кружеа гласини дека Броснан со договор бил ограничен да носи костум и вратоврска во другите филмови кај што се појавува. За жал, ова е веројатно единствениот сериозно добар Бонд филм со кој може да се пофали дека е на листата во блиско друштво со Goldfinger и The Man With The Golden Gun. Можеби требаше да го проверам овој факт дали воопшто е во некаква листа од овој тип, но еј, во мојата е. Кариерата како Бонд ја заврши неславно, квалитетот исчезна како невидливиот Астон Мартин во Die Another Day. Тоа што се случи помеѓу беа каши од приказни кои ете, не успеаа да го искористат целосно потенцијалот на најдобриот Бонд кој порачал водка-мартини. Знаеш какво.

October 17, 2015

Низ дискографијата на Еминем: Relapse

Да речеме дека малку повеќе навлегов во Еминем последнава година и нешто. Не како Кен Каниф што навлегува во мажи, туку повеќе како Стен. Можеби не ја шатирам косата, но доволно сум опседнат за девојка ми да биде љубоморна што зборам за него 24/7. Таа не ги разбира луѓето како мене и тебе, Слим, никој не ги.

Целата митологија околу него ми е интересна за анализа, а покрај тоа нема рапер на планетава што толку добро ракува со англискиот речник и вештините на микрофонот. Дали го памтиш оној период кога го снема Еминем? Кога одеднаш престана да слушаш за него, исчезна од секој канал на телевизија и ромчињата ги фрлија Слим Шејди маиците? Тоа не е зошто си пораснал преку ноќ, ти се појавиле влакна на смешни места и си почнал да пушиш трева на реге. Еминем стварно го изеде помрачина.


Некаде околу Encore и компилацијата Curtain Call: The Hits, славата почнува да игра поинакви карти. Веќе е зависник од аналгетици, антидепресиви, лекарства за спиење. Од бело дете со желба за рецитирање, за кое до пред некоја година никој не знаел, сега не може да го напушти домот. Во "When I'm Gone" конечно го убива Слим Шејди, ликот преку кој ги манифестира најмрачните фантазии, често маскирајќи ги со хумор за да се оправда полесно. Тука почнуваат шпекулациите дека заминува на некое време, најмногу поради товарот од запоставеното семејство, особено Хејли. Има нешто језиво во тоа спуштање на завесата кон крајот на "When I'm Gone" каде е најмногу нагласено дека нешто различно се случува. Дури и наводната пауза да била замислена како маркетингшки трик, стварите се местат за сепак да се случи. Зависноста доаѓа до критична фаза по смртта на неговиот најдобар другар Пруф во 2006, и вториот развод со Ким. Следува и тоа фамозно предозирање, каде што е едвај спасен, на само два часа од сигурна смрт. 

Relapse е издаден во 2009, четири години по Encore, целите срања измеѓу и рехабилитацијата. Меѓутоа, овде Еминем не е тој истиот од претходно. Знаеш дека нешто не е во ред уште од самиот почеток, интрото/скитот "Dr. West". Во дијалог со докторот Вест (гласот е на Доминик Вест), Еминем е на последниот ден од рехабилитацијата од алкохол и апчиња. Почнува прилично нормално, но како што тече разговорот осеќаш дека нешто не е во ред со докторот, зашто упорно зборува сомнителни работи што не звучат баш прикладно за некој што положил Хипократова заклетва. Гласот на Доминик Вест станува се подлабок, подемонски, за да испадне дека е всушност Слим Шејди кој се враќа во животот на Маршал. Делот од него што упорно одбива да си замине. Истиот оној глас на Слим Шејди што го користи од првото The Slim Shady EP. Интрото избива во "3 A.M.", по што следува цел час хорор и психотични теми кои не звучат баш ведро. 

Темите ги црпи од последните четири години, користeјќи перспективи на фиктивни сериски убијци и еден куп акценти. Хуморот што се обидува да го протне е задушен од целата гротеска, зошто пред тебе е отворен ум на човек што поминал пекол и ова му е начинот да се справи со тоа. Материјалот е потресен баш поради очигледноста на методите, дури и кога се обидува да го однесе во друга насока. Кога ги одмара тие механизми, те депримира со искреноста, потполно соголен од секаква моќ. Емоциите се превистински на "Beautiful", јо. "Deja Vu" е печатот на соочувањето со смртта, а на "Careful What You Wish For" ги дискутира настаните кои постепено го довеле до таа скоро кобна точка.

"My Darling" ми е една од омилените воопшто, не само од албумов. Според "приказната", ова е вистинското враќање на Слим Шејди. Многу ми е јако кога ќе успее вака да го одвои тоа проклето алтер-его. Ако го отпишеш "Dr. West" како сон, зошто нели, ѕвони аларм на крај, ова е вистинското враќање на Шејди, откако се обидува да го убие во "When I'm Gone". Иако Шејди не е баш јасно диференциран во следниот албум, Recovery, го има во изобилие на The Marshall Mathers LP 2. Има многу добар детал во "My Darling".  Кога вика "I'ma get Dre on the phone, I'll just call the Doctor", почнува суптилно онаква клавијатура карактеристична за продукцијата на Дре, и тука ти експлодира главата од генијалноста што ја носи целиот албум. Пуф. 

Целиот гнев му е насочен кон себе. Ја нема Ким, а Деби е минимално присутна, но контекстот е поинаков. Единствено се закача со Мараја Кери во "Bagpipes from Baghdad". Темата е премногу таблоидска, но испораката е беспрекорна. Имено, со Мараја Кери иделе неколку месеци, никогаш не признала јавно, кажала нешто што не треба, и на Еминем толку му фали. Ги има направено партал во неколку траки и нејзе и тазе сопругот, меѓутоа само оваа е на албумот. Знаеш како советува Д Гејм? Не се закачај со Еминем. Ќе те уништи. Листата на такви што паднале пред него е предолга

На албумот има и по некој заебантски обид како "We Made You", ама и самиот Еминем ја мрази, сите ја мразиме. Ептен е присилена да звучи така како што звучи. Веќе е дојден до фаза од која нема враќање назад, па некако е надвор од контекст на материјал кој во главно рефлектира скршен, преполовен човек. Relapse го придружува кратко EP, Refill. Истата црнотија како на албумот, во помала доза, освен онаа ствар со Кање, Дрејк и Лил Вејн што ми е избришана од фолдерот со дискографијата. Јеби га, на издавачот му треба сингл што ќе го врти на радио и тоа сигурно нема да биде "Underground".

Relapse не му е најдобриот албум, далеку е тоа. Не е ни приближно лош колку што Еминем се извинува за албумот, но претставува занимливо сведоштво за кариера и живот што скршнале од патеката. Веројатно и околностите под кој е снимен може да послужат како некаков искупувачки гарант. Обично пресвртите во дискографиите на многу артисти доаѓаат нагло, па ретко го гледаме она што се случило "измеѓу". Relapse е баш тоа, тој јасен премин.

October 11, 2015

The Martian (2015)

Влегувањето во кино на екранизација на книга што пред некој месец ми остави силен впечаток, беше мисија на која бев спремен за секаква катастрофа. Последниот пат Ридли Скот се покажа доволно нестабилен, за сега шлем со темен визир да ми биде стандардната опрема покрај пуканките. Врзан со три појаси за седиштето и фатен за рака со неколку луѓе што ја читаа книгата, се понадевав само дека нема да бидам сведок на колосално промашување. Освен еден крив поглед кон платното на самиот почеток, следните два и кусур саати задоволно се смешкав на филмот како Вотни на градината со компири. Да, единственото срање во The Martian беше баш тоа природно васионско ѓубриво наменето за марсовско земјоделие. 


Не ми доаѓа на ум ниедна друга адаптација на книга што со вакво уважување го третира оргиналниот материјал. Книгата воопшто не е лесен залак за екранизација, па да можеш едноставно да ја пренесеш со сите научни концепти, темпото, раскажувањето и циничната духовитост на Марк Вотни. Баш поради ова ме совлада тој благ песимизам. Спротивно од моите очекувања, The Martian изненади позитивно. 
 
Успешно е задржана целата атмосфера од книгата и сите ситници кои ја прават приказната за преживување толку моќна. Можеби самотијата на Вотни е невозможно прецизно да ја отсликаш во наратив каков што има филмот, но за сметка на тоа Ридли Скот добива прилика да ги потенцира човечките емоции нормални за ситуацијата кои во логовите во книгата е некогаш тешко да ги видиш така кристално јасно. Но, ликот на Вотни е доволно присебен и кога врнат карпи, па секоја непотребна драма не би можела да процвета дури и за атер на филмот. 

Блеска при моментите кои и во книгата ги читаш со оркестрална музика во глава, пак успева да го создаде тоа фино чувство во стомак при откривањето на Pathfinder, и од време на време да ти ги збуни сетилата со некои монолози. Науката која Енди Вир најексплицитно ја фрла е присутна и тука, само што начинот на Ридли Скот е нешто помалку директен. Без оглед на тоа што средствата за раскажување се различни, совршено се поклопуваат.

И, секој друг аспект е максимално испочитуван. Нема холивудски испади на емоции, ниту нагласен патриотизам, а не се ни обидува да ја третира публиката како група идиоти што се дојдени да гледаат специјални ефекти. Само ги зема клучните моменти од книгата, го неутрализира остатокот кој очигледно не би функционирал на ваков медиум и организира забава со нив. Веројатно единствената адаптација што ја преживеав без ниту една замерка. Мет Дејмон е одличен Вотни, а екипата познати фаци од други филмови и серии само овозможуваат The Martian да биде уште поблизок и безбедно да слета во твојата комфорна зона. 

Види такоѓе: 

October 7, 2015

Втора шанса за WildStar

Откако година и кусур се обидуваа да ја одржат играта со модел на месечна претплата, NCSoft се одлучија за последниот "давенички" чекор. WildStar е бесплатна од пред некој ден. Го следев развојот на играта од раните најави, па до бетата, кога очекувањата и не ми беа баш исполнети. Колку и да беше бета, во никој случај не изгледаше на нешто за кое што би дал пари, а очигледно и публиката во изминативе месеци го делеше моето мислење. Но, од тогаш е поминато доволно време, па со надеж дека е подобрена, се решив да пружам втора шанса.


Играм Exile (на Luminal PVP серверот), па почетните квестови се на истиот оној неподносливо шарен брод кој би требало да те научи на основната механика. Те фрла збунет директно во акција каде што хаотичното UI на почеток може да биде дефокусирачко. Не знам зошто секогаш туторијал мисиите мора да се вакви, наместо да те фрлат директно во отворен свет како Азерот каде што си оставен сам на себе, но океј. Среќа, трае кратко (мислам дека може и да се прескокне?) па набргу си соочен со избор помеѓу две зони. Бидејќи зоната која што ја избрав во бетата беше еден од причинителите за горчливото искуство, овој пат отидов во другата понудена. Тука некаде WildStar конечно почна да ме навлекува и да личи на онаа игра што ја чекав со години. Како што ги завршував квестовите, така се чудев што толку ми имаше згрешено бетата.

По неколку саати интензивно играње, петнаесет левели и детално чешлање на една цела зона, можам да заклучам дека сега искуството е далеку поквалитетно. Дизајнот е пријатен. Кога WoW и Torchlight би имале дете, би изгледало некако вака. Барем со графичкиот сетинг што може да го поднесе хардверов, изгледа солидно. Може има повеќе анимирана трева, меѓутоа не можам да си дозволам пожар во соба. Најбитното ми е што карактерот не ми изгледа како стап, и фино трча. Не би сакал да трошам саати гледајќи во неколку укочени полигони што се движат како да [и деца те читаат волу, тргај ова]. На крајот, играта ме привлече баш со изгледот, така што кога ќе сакам реализам ќе играм RIFT или ќе собирам вистински пердуви. 


Да, WildStar е стандардното MMORPG. Класите се воглавно тие, како во другите слични игри, со по некоја фора и ситна механика што ќе ти даде илузија дека играш нешто различно. Истите професии со истата намена, данџни, маунтови, репутации... вообичаениот пакет. Има и некои ситни ивенти во зоните, не се толку динамични како во RIFT, некако чудно се тригеруваат, но ете, барем не е статично како WoW. Зошто би играл тогаш WildStar ако го нуди истото? Па, веројатно ако веќе ти е здосадено од текстурите во другите игри, а го сакаш жанрот. Нема некој голем избор ако ти се игра ова додека излезе Legion. Бесплатна е, до сега не ми бркна безобразно во џеб, има супер заедница, сите се фини и секогаш расположени да помогнат, а ако ти се игра со полокален круг, добредојден си во гилдот на GG.mk. Покрај RIFT, ова е најдоброто за 0 пари.


Приказната е некако штура и тешка за следење, веројатно поради начинот на кој е презентирана. Не дека ја нема, туку сфатиле NCSoft дека повеќето само читаат колку кози треба да заколат, а не и зошто. Има приказна, само што не ти ја фрла во фаца, со претпоставка дека нема ни да ја погледнеш. Да, ни јас не загледав натаму, освен неколкуте синематици. 

Ако овој бесплатен модел ја крене играта на нозе, а според она што го читам и го гледам баш тоа се случува, може да се очекува посветла иднина. Не знам каква е натаму, уште не сум ни до пола, ама имам желба да откријам. Но, со оглед на тоа што сме натопорени цела стара маалска WoW багра и матичниот доктор, верувам дека ќе ме задржи подолго од The Old Republic.

October 6, 2015

Рики Морти

Првата сезона Rick and Morty донесе свежина на анимираната телевизија. Не само во листата на серии што јас ги следам, туку влијанието беше глобално. Пристигнаа во вистински момент, на чист терен. МекФарлејн е неподносливо досаден со години, од Futurama беа останати само сеќавања од далечно среќно постоење, а South Park уште се тетравеа пред една од најдобрите сезони. Archer не го ни загреа тазе седнатиот трон, кога почна да се случува оваа интергалактичка, мултидимензионална психоделична хистерија на Рик и Морти. Втората сезона насилно го јавна моќниот бран што го создадоа претходната. Без милост и морал. 


Чекаш нова епизода да видиш дали воопшто постојат има граници. Концептот е таков што сомнежите ти се смешни, зошто е невозможно да замислиш каде ќе отиде нешто за кое апсолутно не постојат никакви креативни бариери. Слободата е едноставно преголема за да би можел да си ја наштелуваш перцепцијата. Затоа и успеаа да создадат такво култно обожување со неколку саати материјал. 

Еве, пробував да споредам со некои од тие што ги спомнав погоре, со исклучок на Futurama нели, зошто жанрот и концептот се пак поопширни. Стварите што функционираат во Rick and Morty ќе функционираат само тука и никаде на друго место. Стјуи може има временска машина за да оди во нацистичка Германија, но пак, правилата на тој универзум можеш да ги скршиш многу малку пати пред да станат нови. Тука од самиот почеток има само еден нацрт план. Рик. Рик и бесконечните ресурси што ги црпи од сопствената генијалост, она што е надвор од Земјата и време-просторот. Морти е често само колатералната штета, искористен за мрачни планови продадени нему како возбудливи авантури, но и елемент без кој Рик веројатно не би можел да функционира. Не мислам дека е дефинитивното себично копиле што универзумот некогаш го има испрдено, туку дека има барем малку, малку осет за Морти. Симпатичната наивност на Морти би го омекнала дури и Рик. 

Ако финалето сакаше да го посочи ова, успеа. Сме го виделе Рик и претходно да е помек, меѓутоа ова беше најголемата жртва што ја направил за семејството откако почна да им го пркоси животот со ситуации кои не биле баш дел од нивното секојдневно (дис)функционирање. Убавината на серијата е што упорно можеш да ја гледаш без да ти здосади. Без разлика дали си пропуштил или не, има некои ствари што мораш повеќе пати да ги видиш за да поверуваш во нив. Едвај чекам да видам што ќе спремат Ден Хармон и Џастин Ројланд за следната година.

October 5, 2015

Пост-Endgame Бетмен пост

Ах, таман кренав раце од редовниот Batman серијал и мислев дека ќе можам да уживам во Batman Annual #4 без да дојдам во контакт со било каков џиновски метален зајаколилјак. Не. Глупостите на DC секаде имаат пуштено пипци. Не знам ни што очекував, додуша. Морав да се вратам назад и да ги прочитам Batman #41-#44 за да си ги поврзам нејасните точки. Ми се отвори замрсена приказна на која да, можеби и можеш да го фатиш крајот, но никако и средината. Да, интересен е Готам без Брус Вејн како Бетмен, проблемот е во прифаќањето на замената што ја нудат. Дури и Скот Снајдер изгледа како да е свесен за тоа, меѓутоа ако се заебаваш на сметка на одредена глупост, нема да стане повеќе од тоа. Не е тоа начин да оправдаш нешто. 

"Ова се тешки срања, DC."

Значи, откако пештерата ќе ги затрупа Бетмен и Џокер на крајот од Endgame, Брус Вејн доживува клиничка смрт, а по тоа и амнезија која го лишува од сето она што го прави Бетмен. Почнува да живее нормален живот, онаков каков што би живеел без смртта на Вејнови. Има девојка, учествува поактивно во добротворни цели, а не само финансиски и не се сеќава дека некогаш бил симболот на Готам. Гневот и болката што се дел од Бетмен, како да исчезнале. Алфред, гледајќи го Брус среќен, го изостава баш овој "детал" во склопувањето на сеќавањата, за да го спаси од сам себе, нели. Ништо не може да го разубеди Алфред, дури ни Кларк Кент. 

Во меѓувреме, во Готам е хаос без Бетмен. Полицијата решава да го "брендира", и по низа тестирање на млади кандидати, го става Џим Гордон во огромен метален оклоп со зајачки уши кој би требало да биде Бетмен. Има тука некои интересни моменти и Снајдер супер ги третира, меѓутоа во моментот кога се појавуваат нови негативци кои би можеле да се "решат" само во ваков Бетмен, сфаќаш каде почнува да пука приказната. Не верувам дека ова е единствениот начин за да се истера ваквиот правец. Не знам ни како поинаку, но тие што се платени за да знаат, некако потфрлаат. Светлината во целата приказна доаѓа со Batman #44 на Брајан Азарело каде што со Снајдер обработуваат период на Бетмен (Брус Вејн) пред Zero Year кој се врзува со настаните денес. Убава детективска приказна кој можеби уште подобро би функционирала без крајот кој те потсетува што во моментот се случува, но ете, единственото што навистина вреди да се прочита од актуелниот серијал е баш ова. 

А, Batman Annual #4,  и покрај "воведот" што си го пружив отпосле, пак ме остави рамнодушен. Отишле толку назад што врзувале некои моменти од Batman Eternal и други наслови кои можеби ќе ги дочитав да не станеа толку досадни и напорни. Ова за жал е најслабиот Бетмен период откако почна 52 универзумот. Не знам DC колку длабоко планираат да го тонат најдобриот лик што им е на располагање, но редно време е после ова да превземе некој друг. Време е Снајдер да се префрли на нешто друго, да одмори и да се инспирира малку повеќе. Ова веќе станува жалосно за читање.

October 4, 2015

Најдоброто од High Focus Records (втор дел)

Кога станува збор за музика, оваа година ми е обележана со High Focus Records. Имам тенденција опсесивно да навлегувам со ствари, па во рок од неколку месеци успеав да го преслушам целиот каталог што го нудат. Сè почна толку наивно. Од предгрупа за која првпат слушнав, до тоа да го следам секој здив што ќе испушти некој од нивните артисти. Не ни знам колку сум објективен кога ќе кажам дека сè што издаваат е со исклучително висок квалитет. Веројатно е, зошто не познавам никој што дошол до контакт со лејблов и се пожалил. Не е само до мене, ок? Секој звук е внимателно избран.

Последниот пат кога пишував за High Focus, претставив неколку артисти. Сега сакам да поминам неколку други, со фокус на албумите што ги издадоа оваа година. Зошто постов излезе некако подолг од што беше планиран, ќе морам да го поделам во уште еден дел. Еве ги албумите на Verb T и Mr. Key сега, а новите на Dirty Dike и Lee Scott ги оставам за следна прилика. 

Verb T & Illinformed - The Man With The Foggy Eyes


Verb Т е еден од неуморните ветерани на High Focus. Зад себе има богата дискографија, член е на The Four Owls, a сепак некако најмалку успеав да му обрнам внимание. Освен неколку преслушувања на Morning Process, целиот сериозен контакт со него ми беше преку двата албуми на Бувовите. Каква грешка. Verb има многу да каже и петнаесетгодишното искуство на сцената го има изострено да умее како. Низ 19 траки на The Man With The Foggy Eyes мајсторски ја погодува целта, и сталожено проаѓа низ теми за кои други рапери често знаат да се побучни. Искрената скромност, силните емоции и мекото флоу што го користи за да ги износи овие пеесетина минути, го прават албумот еден од најинтересните оваа година. 

Благата меланхолија која често знае се интензивира, одлично се лепи на матриците на продуцентот Illinformed, кои во главно се склопени од стари џез и блуз парчиња. Verb прецизно го следи секој ритам, а некогаш е придружен од гости чии вештини секогаш се на исто ниво со неговите. При првото слушање на албумот, заглавив на неколку ствари што морав да ги слушнам неколку пати пред да прејдам на следната. Немаат сите ЈуТјуб линкови, ама пробај да ги чуеш "Forgiveness", "Foggy Eyes", "Pain Avenue", "Fade Away" и "First Stone"

Mr. Key & Greenwood Sharps - Yesterday's Futures


Пред да излезе овој прв соло албум на Mr. Key, приметив како публиката нетрпеливо и фанатично го очекува. Mr. Key е еден од членовите на Contact Play, заедно со Edward Scissortongue, Dirty Dike, Jam Baxter и Ronnie Rush, култен бенд на британската хип-хоп сцена. Во последно време групните активности се некако замрзнати, но речиси цела петорка е активно присутнa преку лејблот. Освен Ronnie Rush, него никогаш не сум го сретнал сам. Во бендот генерално доминиран од Jam Baxter, Mr. Key е еден од тие лиричари чиј талент не успеал да блесне вака независно. Mr. Key се има повлечено и основано бесплатно училиште во некоја шпанска планина, па ова на некој начин е само неговата кратка посета на сцената чие создавање го има лично потпомогнато. 

Yesterday's Futures е едно од оние поексперименталните изданија поради кои ги обожавам High Focus Records. Greenwood Sharps е задолжен за психоделичната продукција која на Mr. Key му овозможува да си ја отвори душата низ елегични текстови, носталгија и анкциозна интроспекција. Не знам што му се случило на приватен план, но без оглед на било што, мајсторски ја преточува целата тага во нешто што е блиску до оној мирис после летен дожд кога ќе пукне сонце. Едноставно звучи убаво, и ако можеш да најдеш некоја романтика во ваква тага, Yesterday's Futures е вистинскиот саундтрек за тоа. "Icarus Instinct", "Exact Costs", "Missing You", "Kids Story" и "All Rise" со Ed Scissor се највпечатливите примероци што би можел да ги издвојам. Језиво добар албум, еден од најдобрите што сум ги чул во животот. Строго го препорачувам, без оглед кој музички жанр ти прилега. Ова е повеќе од рап. Ги крши сите можни граници на рап.

October 3, 2015

Град 17

Ќе почнам со неколку бројки. Математиката може нема да го даде бројот три како резултат, освен ако инсистираш да потврдиш со "вистинска" формула. 39 награди за игра на годината. Последната информација за продадени копии во 2011 е над дванаесет милиони. Денес бројката е многу поголема, сигурно. Шест години за развој кој чинел 40 милиони долари. Единаесет години подоцна, Half-Life 2 е уште релевантна и актуелна. Ја пуштив после години, и ја изиграв деновиве. Се чудам како некои концепти функционираат толку совршено како првиот пат. Да, носталгијата е битен фактор, меѓутоа фасцинантно е колку си го оправдува култниот статус. Не е дека немаше игри што импресионираа со технолошките биланси од 2004 навака, ама не се сеќавам дека се достигна тоа ниво на масовна хистерија како со Half -Life 2


Незаборавниот наратив, револуционерната физика на која е базиран гејмплејот и атмосферата што покрива неколку жанрови, создаваат перфектна целина која успева да биде свежа и денес. Сè е некако глатко и прецизно избалансирано. Првите впечтоци што ти ги создава ти остануваат врежани засекогаш во сеќавање. Нема да заборавиш каде е вентилот за вода што ќе ти овозможи да испливаш во тунелчето, на моторчето, на патиките на попот или кога си се враќал назад по мостот. Тој е, мостот во Half-Life 2. Така го памтиш, така ако го кажеш, сите ќе се сетат. Борбата низ улиците низ City 17? Собата со ласерите? Енергетските топки на крајот? Секако дека и други игри имаат слично искуство, но овде е различно. Поинтензивно е, поинаку го доживуваш. 


Немаш досадни синематици, не треба да водиш грижа за апгрејди на оружја или да микроменаџираш статистики. Пукаш. Решаваш по некоја загатка по пат, но во главно разнесуваш глави на зомбија, униформирани војници што пукаат во тебе и џиновски роботи и хеликоптери. Нема квази-реализам, па да носиш две оружја со тебе. Имаш цел арсенал на располагање и една битна хебла. Твое е како ќе го користиш и покрај тоа што секое е можеби предвидено за различна ситуација. Сакаш да пукаш со револвер? Ете ти, пукај. Сакаш да удриш некого со WC шолја? Океј. Рече самострел? 


Епизодите ги немам играно. Не. Можеби сега е вистинското време. Half-Life 3 не мора да излезе. Барем не додека не е навистина спремна да го надмине ова тука. Па, и тоа што моментално се нуди на пазарот. Баш ова го дискутиравме со Дамјан пред некој ден. Valve можеа да го цедат серијалот до последната капка пот на Гордон. Да го претворат во Call of Duty додека не умре болен од застарени идеи. Сега, кога сме на прагот на VR револуција, е можеби најдоброто време Лорд Гејбен да го засади семето, па макар биле потребни и години за да потера. Јас можам да се стрпам.

Види такоѓе: