Годинава на Crapwerk ќе ја почнам со пост кој требаше да ја заокружи минатата. Очигледно не стигнав. А, од огромниот пост кој требаше фино да ги пројде изданијата подолу, албум по албум, ќе остане само една листа. Имам уште многу работи за пишување што ми лежат, а времето ми е кнап.
Најдобрите драм ен бејз албуми за 2012, а? По мој критериум, избор и вкус нели (не сум експерт, само уживател). 2012 донесе неколку изданија кои ми беа со месеци на рипит, а ќе бидат и во следниот период. Претежно се албуми и артисти кои го негуваат поатмосферичниот звук. Некои веќе истакнати имиња на сцената, други свежи за мене. Баш овие вториве и ги имаат моите омилени албуми за минатата година. Албумите ќе ги излистам по азбучен ред, зошто е невозможно да ги редам по тоа кој е најдобар. Па...
Danoo - Basswerk Files #57 (Basewerk)
Danoo беше тотално ново име за мене. Албумов ми прирасна за срце уште при првото слушање летоска, а и Danoo како артист. Низ целиот албум се владее некоја меланхолична, носталгична атмосфера, на која ако и ги додадеш вокалите на Jett, имаш перфектна музика за дождлив летен ден. Особено ако си на работа. Инаку, албумов му е повеќе како колекција, зошто има и некои постари ствари.
DRS - I Don't Usually Like MC's, But... (Soul: r)
DRS мене ми е омилениот драм ен бејз MC. Има многу, многу соработки со разни артисти и бендови и речиси нема нешто што звучи лошо со неговиот глас. Конечно, во 2012 го издаде соло албумот. 14 траки со еден куп луѓе на кои претходно тој им гостувал. Албумот е шарен бидејќи секој автор со него донел нешто карактеристично. I Don't Usually Like MC's, But... е џам издание, се надевам нема да се чека толку за следно.
Flowrian - Cinnamon Garden (Fokuz Recordings)
Првиот албум на Flowrian излезе скоро на крајот од 2012. Претходно што слушав беше Back to Reality EP-то, а албумов е само логично надополнување на тоа што можеше да се чуе таму. Cinnamon Garden е исполнет со џез, фанк и позитивна енергија. Највеселиот албум за минатата година. Да ги сортирав изданијава на друг начин, ова ќе беше на прво или второ место.
Intelligent Manners - The Movement (Fokuz Recordings)
Исто како и албумот на Flowrian, и ова е издание на Fokuz Recordings. Мелодичен албум, каде што доминираат траките со гостински вокали. Ништо поразлично од претходните изданија, Intelligent Manners си го негува квалитетот. Заедно со Grinda, ZigZag и Nelver, најдобриот руски драм ен бејс продуцент.
Nelver - Passing the Obstructions (SLK Records)
Истото што го кажав за Danoo, можам да го кажам и за Nelver. Албумите ги слушав речиси во исто време, имаат сличен ефект, бидејќи стилот е отприлика тој. Nelver е можеби малку помелодичен и поразигран на моменти, но дефинитвно се албуми кои се слушаат еден по друг.
Octane & DLR - Method in the Madness (Dispatch Recordings)
Соработката помеѓу Octane и DLR го родила најмрсното и најгласно драм ен бејз издание за 2012. Од почеток до крај албумот вози моќно, со по некое полабаво застанување, колку да земеш воздух пред пак да те акне од земја. Плус гости како Kemo, Cern и Cymatic...
SpectraSoul - Delay No More (Shogun Audio)
SpectraSoul извадија еден од најискулираните албуми воопшто, онака за мекнеење. Лабави и спори траки. Генерално не е ни драм ен бејз албум, бидејќи повеќе доминира амбиент, лабав брејкбит и IDM. Сепак, има моменти кои му ја даваат етикетата. Во секој случај, е еден од најдобрите албуми за минатата година.
Utah Jazz - Groove Therapy (Vintage Recordings)
Лондонски ветеран со најглупавото име на сцената. Третиот албум на Лук Вилсон не заостанува ништо зад претходните два, туку само го надоградува етаблираниот звук. Пред да излезат некои од албумите погоре, беше во сериозна трка за првото место на листата.
Имаше уште неколку албуми кои се мислев дали да ги излистам тука, меѓутоа не го исполнија "со денови на рипит" критериумот. Ете, не беа лоши албумите на Camo & Krooked, Atlantic Connection (иако никогаш нема да го достине претходниот), па дури и Netsky. Се надевам дека и во 2013 ќе се докопам до квалитетни изданија како овие осум погоре.