Кој би рекол дека Духовни ќе може да се ослободи од ФБИ агентот кој верува во вонземјани и паранормални појави преку ваков лик? Сериозно, мислев дека кариерата му е одамна завршена и баш поради тоа ја заобиколував Californication со години наназад. Моментот кога епизодите ќе почнеш да ги делкаш една по една, сезона по сезона, Молдер некако останува да ти бледее во детството заедно со ружната Скали.
Хенк Муди е писател со неколку успешни новели зад него и филмска адаптација која ја мрази како што сите го мразиме Том Круз. Лошите одлуки на Хенк во минатото го имаат одвоено од неговата шанса за семејство, вечната муза и бивша девојка Карен и ќеркичата која се обидува да ја израсне. На почетокот на првата сезона, Хенк го запознаваме како лик кој е тотално осврнат кон хедонизам, пие, ужива разни дроги и ја проаѓа секоја девојка што ќе ја сретне низ Лос Анџелес. Скроз рокенрол лик, кој вози правливо црно Порше 911 кабриолет со скршен фар. Хенк живее на стара слава и нема напишано ниту една реченица со години.
Шармот и харизмата му се непроценливи, а и често се причина за непријатните ситуации во кои упорно завршува. Сепак, единствената желба му е да биде со семејстовто, без разлика што и да прави. А, прави многу, затоа што е шизик и му се може и сака.
Серијата е феноменално напишана, сите ликови можеш да ги засакаш, со сите нивни маани и доблести. Дури и Миа, причината за еден куп глупости што му го згорчуваа животот на Хенк, некако успева да се искупи. Californication има храброст да ги прикаже сите последици од погрешни потези, притоа кршејќи разни морални барикади и сепак да не потсети дека на крајот од денот, сè е поради неа. Имав сосема погрешна претстава за серијава, мислев дека е некој глуп ситком, а ме изненади со одличниот склоп на хумор, драма и секс до дупка, што би рекле комшиите од истокот.
Моментално ја гледам четвртата сезона, додека се симнува петта. И, мило ми е што ја почнав и ми испаднаа пет сезони за гледање во еден здив. Браво за Духовни, скроз се оттргнал од тајпкестот.
А, и да. Задолжително да се обрне внимание на Чарли Ранкл. Тоа е еден опасен лик со сериозно лоша среќа на моменти. Баш таа негова баксузна ѕвезда успева да ме насмее до солзи и кашлање.