August 27, 2010

There's no place I can be, since I found Serenity...

Трето маратонско гледање на Firefly, второ за летово, и тоа едно по друго. Совршенство. Не ми е јасно како е прекината по прикажување на 10 епизоди (вкупно се снимени 14), додека серии кои се со далеку послаб квалитет сè уште се прикажуваат. Знам дека животот на една серија зависи од рејтинзите, а не од квалитетот и ми е чудно како толку добра серија не успеала да ги задоволи одговорните со рејтингот.

Можеби и тоа е убавината на Firefly. 14 епизоди, феноменални СФ вестерн приказни и еден филм, Serenity, кој совршено ги заокружува ситниците кои останале незавршени поради предвременото прекинување на серијата, а истовремено функционира и како самостоен филм кој би им бил интересен и на оние кои никогаш не гледале Firefly.


Firefly не нуди утопија како Star Trek. Во Firefly, светот не е совршен, туку напротив, завладеан од деспотската Алијанса, луѓето се поделени на различни касти, некои од нив приморани на криминал. Екипажот на "Serenity" се група воени ветерани, здружени со крајно необични ликови, кои покрај легалната работа (транспорт на бродот) се занимаваат со кршење на законот кое им овозможува да продолжат да летаат и да останат во вселената.

Фановите со години се обидуваат да ја вратат серијата назад на телевизија, но безуспешно. После последново гледање, мислам дека дури и да се врати Firefly со нови епизоди, доцна е. Тие 14 епизоди се сосема доволни за да ја прават серијата тоа што е, и се ново би можело само да ја уништи магијата. Покрај тоа, по настаните во Serenity, малку е тешко да се врати серијата со својот полн сјај.

August 26, 2010

Star Wars: Renaissance (фан-филм)

Од многуте Star Wars фан-филмови, конечно се појави нешто што значително отскокнува од останатите. Директно од Чиле, доаѓа Star Wars: Renaissance, краткометражно филмче, одлично сработено, со солидни ефекти, задоволителна глума, интересна приказна и неверојатен шпански шмек. Да, филмот е на шпански јазик, и малку звучи чудно, особено кога зборови на шпански излегуваат од шлемот на Вејдер.

Најмногу сум изненаден од продукцијата на филмот. Иако не се потрошени многу пари, Star Wars: Renaissance е професионално изработен, вложен е огромен труд, од режијата до специјалните ефекти, а и актерите не се комплетни аматери и не се однесуваат како во ефтин европски софткор. Костимографијата е скоро целосно автентична, освен некои ситни детали и костимот на Дарт Вејдер. Не е којзнае колку промашен, само можело и многу подобро, баш поради тоа што игра битна улога во филмот. Се навикнав да гледам лоши ефекти по фан-филмови, и мило ми е што конечно видов нешто стварно океј. Иако недостасува музиката на Џон Вилијамс, онаа што ја има во Star Wars: Renaissance одлично се вклопува во мрачната атмосфера на филмот. Единствена замерка во однос на звукот, е чудната бука што произлегува од дишењето на Вејдер. Верувам дека е намерно, океј е колку за финта еднаш-два пати, а не низ цели сцени. Иритира после осмото. (реков јас дека Вејдер е промашен)

Star Wars: Renaissance е сместен неколку години по настаните во Revenge of the Sith. Група преживеани Џедаи по извршувањето на Order 66, се обединуваат во мал отпор против Империјата. Приказната е таква каква што може да се раскаже за тоа малку време колку што трае филмот, а има и едно изненадување на крај.

Ако некогаш се сними планираната Star Wars серија, јас сум прв во редот за гледање, доколку испадне нешто слично како Star Wars: Renaissance.

August 19, 2010

Да Ориџинал ВоВста II, MMO, Животот, Вселената и се Друго

Го доигрувам The Burning Crusade трајалот. Конечно направив Паладин (клик за armory) на ритејл, и мислам дека е таман за да ставам крај на WoW авантурата за летово.

Уште три дена до истекување на трајалов, да кренам барем 25-ти lvl.

Периодов пробав неколку бесплатни MMO-a, како Allods, Battle of the Immortals... Allods заедно со Runes of Magic е најквалитетниот бесплатен ММО, но за жал преполн со глупости, како на пример, глупавата мапа и комплетно отсуство на мини-мапа што е клучен елемент на секој ММО интерфејс. Потоа, досадните квестови и катастрофалниот вовед, кој што е напорен и беспотребен. Сфаќам дека сакале да направат уникатен вовед и почетна зона, кој оди во прилог со PvP-то (се одвива на големи бродови што лебдат во The Astral), меѓутоа реализацијата е малку повеќе хаотична. Пробав два-три карактери, одлично дизајнирани, но за жал проколнати на досадни зони, чуден гејмплеј и репетитивност.

Runes of Magic останува најблиска до она што го викам 'замена за WoW'. Месецов надминаа 4 милиони играчи, a играта веќе се наоѓа во својот трет chapter, како што ги нарекуваат поголемите печови. Можеби заслужува уште една шанса, таман во периодот кога интересот за WoW ми е значително опаднат, исто како и желбата за играње. На Neverendless-WoW приватниот сервер го достигнав личниот максимум со Паладинот, таман кога ќе истече трајлот на ритејл, планирам да го средам уште малку и да го пензионирам...

August 17, 2010

Dylan Dog: Dead of Night трејлер

Искрено, мислев дека Dylan Dog: Dead of Night нема никогаш да излезе, зошто беше најавуван со години, а во последно време имаше се помалку и помалку новости околу продукцијата. Сега конечно го има трејлерот и може да се види што има филмов да понуди. Очигледно, не многу.

Брендон Рут можеби и не е толку лош избор за Дилан Дог. Секако дека има и подобри актери, кои би можеле подобро да го доловат ликот, меѓутоа проблемот не е во тоа. Проблемот е тоа што оргиналната приказна од стрипот е комплетно осакатена и американизирана до максимум. Како може да го изостават Гручо?

Според трејлеров, Dead of Night е само обичен, виден по сто пати, филм каде што главниот херој (кој тука е облечен како Дилан Дог и некако го има истото име) тепа вампири, врколаци и слични суштества на ноќта, со по некој позајмен штос од From Dusk Till Dawn. Стрипот има специфичен хумор што не верувам дека ќе биде присутен во филмот, најмногу поради отсуството на Гручо, како најодговорен за тој елемент. Не ми е јасно зошто филмот толку отскокнува од стрипот. И онака најголемата публика за Дилаг Дог е во Европа, па што е толку тешко да им се даде на луѓето културен филм кој е верен на оргиналот, наместо да се адаптира за Амерички пазар? Уште од старт Dead of Night, ги губи фановите на стрипот.

Покрај тоа, верувам дека правата за филмот се поскапи од самите специјални ефекти, кои делуваат некако застарено. Самиот филм делува ефтино, па нема да ме чуди ако воопшто излезе, да излезе директно на ДВД.

За крај, клик тука за трејлерот, а тука за официјалниот сајт.

П.С. Задолжително за гледање на Dellamorte Dellamore.

August 8, 2010

Најава: Torchlight II

Runic Games, на мое големо задоволство, деновиве го најавија продолжението на Torchlight. Според тоа што го пишува на официјалниот сајт, играта треба да се појави следната пролет. Како што можам да видам, Torchlight II ќе биде се она што беше претходникот, со многу нови работи кои верувам дека ќе бидат одлично прифатени од фановите. Всушност, се работи за истата формула, збогатена со проширен свет, мултиплеер преку LAN или преку бесплатните сервери на Runic Games, што е секако голем плус, нови класи и можност за подесување на нивниот изглед и миленичиња, а покрај тоа и подобрен интерфејс за кој се надевам дека исто така ќе има опција за подесување на повеќе копчиња.

Најмногу се радувам на проширениот свет, бидејќи Torchlight беше ограничена во тој поглед, а бескрајното лутање низ пештери понекогаш знаеше да е болно досадно. Се надевам дека Runic Games ќе се погрижат и приказната да биде малку пообемна. Најинтересното е сепак мултиплеерот, кој со новиот TorchED едитор за модирање може да испадне феноменална комбинација, па така што играчите можеби ќе добијат и мод кој ќе парира на DotA со игривоста.

Runic Games имаа среќа што првата игра пројде задоволително. Се создаде голема база на фанови, играчите посочија што сакаат да видат ново и за среќа тоа ќе се исполни со продолжението. Значи, ќе добиеме многу покомплетна игра, која сигурно ќе го надмине успехот на оргиналот.

PC Gamer пред некој ден објави интервју со луѓето зад Torchlight, заедно со слики од тоа што не очекува во продолжението.

August 6, 2010

Lost: The New Man In Charge

Конечно да се појави нешто од "The New Man In Charge" освен сликата што се вртеше изминативе месеци. Официјално, "The New Man In Charge" ќе излезе на 24 август како бонус материјал на ДВД-то од последната сезона на Lost. 12 минути материјал, со Бен и Хуго откако остануваат да го водат Островот, кој би требало да објасни некои сеуште отворени прашања, а ќе биде веројатно последното нешто што ќе го видиме од Lost периодов. Се надевам дека ќе завршат со ова, зошто веќе нема поента што понатаму...

Сè уште ми недостига Lost и ми е многу криво што "The New Man In Charge" е последното нешто што го чекаме од серијава. Видеото може да се погледне на овој линк.

АПДЕЈТ: Целиот материјал се појави предвремено. За жал, трае прекратко, не е ништо спектакуларно, но сепак ми беше мило што гледав нешто ново од Lost. Почнува со Бен, кој оди да го прекине испраќањето на храна на Островот, (бидејќи DHARMA веќе не постои, нели) и успат на луѓето што работат таму им пушта DHARMA видео кое објаснува некои работи за Островот. Ништо битно, некоја ситница за елетромагнетизмот, експериментите, поларните мечки, теории што веќе се претпоставуваа и не беше неопходно да бидат одговорени или потврдени. Волт на крај е супер потег да им се затнат устите на сите што не им беа јасни работите околу него, или не можеа да прифатат дека детете што го глумеше едноставно порасна. Волт заедно со Хуго и Бен заминува на Островот, таму каде што припаѓаат и треба да бидат.

Јас сум сосема задоволен од ова. Можеше да биде и 12 минути од Хуго како прави скара, пак ќе ме полазеа морници...

Namaste, Lost!

August 4, 2010

Нова серија: Rubicon

По Mad Man и Breaking Bad, Rubicon е новото нешто што излегува од продукцијата на AMC. Официјално започна со прикажување на 1-ви август, кога беше прикажан пилотот, поделен на две епизоди.

Интересна серија, драма/трилер со мистерии околу теории на заговор во Америка, тајни влади и општества, пробивање на кодови, наместени "самоубиства", сомнителни пораки во крстозбори... Барем тоа е дел од она што веќе може да се види во првите две епизоди, а останатото е најавено. Баш тоа е мојот проблем со Rubicon, зошто речиси и да не видовме многу од очекуваното, бидејќи серијата се одвива споро, на моменти конфузно и со по некое клише од време на време. Сè уште не знаеме што е вистинската закана тука и во кој правец би оделе мистериите. Има огромен потенцијал да се развие во нешто феноменално, под услов да не се потпираат многу на Lost формулата, зошто сериите кои се обидоа да го направат тоа, завршија прерано. Копирање на Lost значи фрлање на првата лопата земја.

Rubicon понуди неколку мистерии до сега, сеуште не доволно развиени за да бидат интригантни до оној степен да почнам да читам теории на фанови, но доволно интересни за да ја чекам следната епизода (секој понеделник, по наше време). Најсилната страна на Rubicon е атмосферата која преовладува. Мрачна, ладна, проследена со феноменална музика во позадина. Добра подлога за ваков трилер, се вклопува во концептот, па ете, и тоа ми дава надеж дека серијава ќе стане многу подобра. Актерите одлично си ја вршат работата, сеуште е рано да се збори за развојот на ликовите, но и тоа е на добар пат.

Споредбите што со The X-Files што може да се сретнат по интернетов, се глупост, бидејќи единственото нешто заедничко со The X-Files е постоењето на тајно општество кое ги влече конците во светот, што и немора да значи дека е на таков начин присутно во Rubicon. Видовме неколку секунди како крајно сомнителни ликови се состануваат зад затворена врата, дискутирајќи за смртта на, веројатно, бившите членови на нивното друштво, но тоа не е никаков доказ дека е нешто слично како во The X-Files. Покрај тоа, сега за сега, во Rubicon нема ништо натприродно, а не верувам дека ќе има. Серијата е најавена како политички трилер, не СФ.

За првата сезона се потврдени 13 епизоди. Следната недела ќе се прикаже третата епизода. Од септември ќе почне да се прикажува и слична серија, The Event, за која дознав многу порано од Rubicon и планирав да ја гледам. Веројатно серии со теории на заговор се хит годинава, што никако не е добро...

August 3, 2010

Изненадување: Street Fighter X Tekken

Сериозно, кој веруваше дека ќе видиме нешто вакво? Мислам, Street Fighter X Tekken? На овогодинешниот Comic-Con во Сан Диего се појавија неколку интересни ствари за кои не стигнав да пишам, меѓу кои и најавата за оваа игра, што некако неможев да ја заобиколам. Namco и Capcom ги здружиле силите уште минатиот август, а проектов беше во тајност до пред некој ден. Големо изненадување за фановите и остварување на сонот за оние, кои некогаш посакале да ги видат ликовите на Tekken и Street Fighter соочени во иста игра.

Занимливо е тоа што двете компании ќе развиваат различна верзија на играта, секоја од верзиите со гејмплеј и енџин на матичната компанија. Не е којзнае колку потребно, но верувам дека секоја од компаниите сака да ги задоволи фановите на нивната игра со тоа што веќе им е познато. Двете игри имаат различен гејмплеј и веројатно Namco и Capcom се одлучиле дека е подобро да има две верзии, отколку да се бара средина. Баш ме занима колку овој потег ќе биде исплатлив за нив, а и за играчите.

Трејлерот и гејмплејот прикажани на Comic-Con е интересен вовед за тоа што, веројатно, во 2012 ќе може да го видиме на PS3 и XBox 360. Играта допрва ќе се работи, а верувам дека крајниот производ ќе биде феноменален. Како дете растено на овие две игри, едвај чекам да го видам ова.

Патем, линков.