Секогаш ми е посебен настан гледање на нов Scream филм. Значаен дел од апетитот за хорори го должам на првиот дел, а без разлика на тоа кој ден какво ми е мислењето за неговите продолженија, сите ми се уште гледливи. Не би можел да го кажам истово за друг слешер серијал што има повеќе од три дела. Scream наоѓаше начини да не се избајати и цели триесет години да пројде без римејк, рибут или било какво директно препакување на оригиналниот филм. Баш пред некој месец успеав да си дозволам викендашки маратон, што веќе стана традиција за дочек на следниот нов.
Таман се распекмезив со петтиот и шестиот и се спремив за редовни продолженија со екипа која некако природно успеа да ја наследи старата гарда, Мелиса Барера и Џена Ортега испаднаа од комбинација поради глупоштии. Како последица, продукцијата на Scream 7 зема различна креативна насока, а кога видов дека освен Нев Кембел и Кортни Кокс враќаат и актери чии ликови во серијалот се одамна мртви, почнав да се сомневам дека некои потези се можеби премногу очајни за да се функционални.
Резултатот за жал ми го оправда стравот. Scream 7 конечно ја прекина низата на солидни продолженија и расчисти дека стигнало времето за една голема пауза до следниот дел. Не можам да муабетам без спојлери понатаму, така што еве го предупредувањето. Ова е најмрзливиот Scream дo сега. После толку години негување и усовршување на калапот, притоа уверувајќи дека се обраќаш на позната публика, тапа е да извадиш ваков параспур. Особено што на него е потпишан Кевин Вилијамсон, а не некој што студиото на улица го има најдено.
Мислев дека е правило убијците во Scream да останат мртви, таква е формулата, зар не? Тоа и направи продолженијата да функционираат и да те држат на штрек до самиот крај. Новиот Гоустфејс е секогаш некој од главната група, што е пред очи цело време. Твое е да го нагаѓаш идентитетот, а филмот е задолжен да ти го објасни мотивот. Убијците секогаш завршуваат мртви за да направат простор за следните. Не е дека не сум за серијалот да си ги скрши правилата што си ги пишува сам за себе, меѓутоа во моментот кога се појави Сту триесет години покасно, јасно ми беше дека Scream 7 е набрзинка склопена помија. Барем да имаа муда стварно да го вратат. Може мислеле дека со ова ја санираат штетата од пропадната трилогија со Мелиса Барера, ама изгледа направија уште поголема.