Dune: Part Two, какво искуство. Не сум излегол одамна вака занесен од кино. Си поќутевме во кола за накај дома. Ова е тој епохален кинематографски триумф за жанрот каков што мислев дека нема да затекнам во мојот век. Очекувањата секако ми беа високи после првиот и ни малку не се сомневав дека ќе бидат пресретнати, меѓутоа ни на крај памет дека филмот ќе успее да ги надмине во оваа мера. Мислев дека возбудата ќе попушти за некој ден, ама ете ме - уште не можам да гледам било што друго. Ни филм, ни серија, ни трејлерот за продолжението на забавно глупион филм на Зек Снајдер.
Вилнев пред наши очи се запиша во историја како еден од најголемите. Вакви моменти се еднаш во генерација. Што и да мислиш дека било врвното достигнување во категоријата на научно-фантастични епови на филмско платно, Dune на Дени Вилнев сега е веројатно некое ниво над тоа. Не е рано да се заклучи ова. Можеби е само потешко да се прифати поради иницијалниот шок. За десет-петнаесет години ќе ти биде уште помило што си бил дел од моментов. Како што од денешна перспектива сме благодарни за приликата да ја искусиме The Lord of the Rings трилогијата "во живо".
Со внимателно цупкање околу спојлери, можам само да кажам дека Вилнев го рокнал ова директно во центар. Одамна не сум успеал вака да се вдадам во филм и комплетно да заборавам дека постои светот надвор од него. Без разлика што Dune: Part Two на повеќе места е отшиен од изворниот материјал, суштински е истиот свет на Френк Херберт, донесен во реалноста во невиден размер. Толку добро се справува со некои елементи што не ти дозволува да му замериш за креативната слобода.
Го читав Вилнев скоро како дискутира на тема дијалог и како малтене го смета за спореден елемент во контекст на уметноста на создавање филмови. Оттаму, Dune: Part Two дава предност на впечатливо визуелно раскажување и виртуозно вклопен звук со кој е пополнет просторот за вербална експозиција кој можеби би бил вишок покрај методите кои се искористени тука. Тоа не значи дека филмот било како страда од сценариото - баш напротив, меѓутоа масивната ударна снага доаѓа од тоа што го гледаш и слушаш.
Ризикот е секако исплатлив. Mајсторлукот на Вилнев е евидентен во една монохроматска сцена која е снимена со инфраред камери со цел да го долови Гиди Прајм како вистински туѓа планета, чие црно сонце емитира безбојна светлина, па жителите буквално егзистираат во црно-бел свет кој им ја дополнува постоечката мизерија. "Науката" зад ова е чудна и не е нешто што Френк Херберт прецизно го опишува во книгите, меѓутоа изведбата е креативна, мангупска и несекојдневна, иако техниката што Вилнев ја користи за да го постигне ефектот не е комплетно нова за модерен Холивуд.
Кастингот е исто феноменален. Ликовите од првиот филм се веќе сериозно уиграни, а сега надополнети со свеж, но подеднакво сериозен талент. Фејд-Раута е веројатно улогата, или барем се надевам една од улогите, по кои историјата ќе го запамти Остин Батлер. Во Elvis беше јасно дека дечкото има вештини и харизма, меѓутоа ова овде е на сосема друго рамниште. Со само неколку сцени успева да го претвори младиот Харконен во еден од најмаркантните, најбрутални негативци на филм досега. Кога ќе ме пушти малку оваа Dune еуфорија, мора под итно да седнам да гледам Masters of the Air.
До првиот филм не ни знаев кој е Тимоти Шаламе, а сега не би можел да замислам некој друг како Муад'Диб. Товарот за оваа адаптација да движи мазно е претежно на негов грб и Шаламе неуморно го носи секаде каде што приказната ќе го побара тоа. Пол поминува многу и верувам дека не е најлесно да го пренесеш тоа така функционално на филм. Треба да ја убедиш публиката да навива за него, а истовремено да го урнисаш мономитот за да фрлиш светло кон еден друг аспект од бидување таков "месија" каков што е.
Сепак, главната ѕвезда на Dune: Part Two за мене е Ребека Фергусон. Бене Џесерит како императивно ткиво на приказната ми е можеби најинтересниот дел од Dune воопшто, а преку Ребека Фергусон како Џесика комплетно е доловен целиот авторитет и мистицизам кој доаѓа од редот. Извонреден перформанс. Вилнев и со нејзината транзиција постапува поеднакво добро како и со Пол. Тоа е една од најумешните страни на филмот, што неверојатно балансирано ги вдомува сите ликови и нивните приказни во нешто помалку од три саати. Никој не е запоставен. Секако, Вилнев крател онаму каде што сметал дека има вишок, меѓутоа и покрај сѐ што "недостасува" од книгата, Dune: Part Two заедно со претходниот раскажува кохерентна функционална приказна.
Резултатите се очигледни кога делото е целосно препуштено на креативци, без некое плеткање од корпоративен одбор кој нема допирна точка со уметност. Толку се хомогени актуелните "големи" филмови што во принцип нудат многу слично кино искуство. Особено тие од последнава декада. Ова е поинакво, посериозно и се обраќа со многу подруг визуелен тон, без притоа да те лиши од возбудливи акциони сцени. Главната разлика е што во Dune не изгледаат пластично, туку сите специјални ефекти се некако органски и природно вклопени во околината. Тоа дополнително ја гарантира безвременската вредност на филмот. Сигурен сум дека нема да изгледа "остарено" и за дваесет години од сега.
Љубовта на Вилнев кон создавањето филмови го има направено ова да е вакво какво што го доживуваш. Имаме џам филм после години сомнеж дека Dune е којзнае колку комплексно дело за екранизација. Сигурен сум дека не сите љубители на книгата ќе бидат задоволни, ама па не можеш на секој да му угодиш. Верувам дека времето што ќе проаѓа само дополнително ќе го јакне статусот на ова како култна класика. Едвај чекам да видам што ќе стокми Вилнев за престојната адаптација на Dune Messiah и каква е воопшто иднината на Dune како новата голема мултимедијална франшиза.