February 29, 2024

Ја преживеав бурата во Frostpunk

Пак се раскликав Against the Storm. Неодамна излезе официјално после година и кусур пројдени во early access, а уште во раните денови ми залепи инстантно што не ни пипнав друга слична игра од тогаш. Пристапот кој го има кон жанрот со "брзите" партии е сосема адекватен за слободното време што го имам за ваков тип на игри. Дали си завршил со градење за пола саат или дванаесет, или можеби воопшто не и притоа си ја напнал кралицата, Against the Storm има систем со кој го наградува твојот труд и ти овозможува напредок. Секоја партија е значајна, макар и ако "изгубиш". 

Целата игра е феноменална, објаснував еднаш поопширно колку стварно треба да ѝ дадеш шанса некое дождливо попладне. Тотално вреди, не знам дали моментално има позабавно нешто од ова во жанрот, ама конечно минатиов викенд решив да ја одморам на кратко и да видам што друго слично сум имал на списокот. Frostpunk беше прва. Ја посматрам уште од раните денови кога излезе, ама никако не успевав да си го подесам расположението за домаќински да ѝ седнам. Ја собрав и ја поиграв малку кога Епик ја даваа бесплатно. Па, ја баталив за покасно да ја купам на Стим дека полесно ми беше така отколку да оправам заборавен пасворд на платформа што ја "користам" два-три пати годишно за да лапам игри кои и онака не ги ни играм таму. Глупости.

Викендашкото сместување во Frostpunk се продолжи некој саат и низ неделава. Конечно успеав да го завршам A New Home сценариото, односно главната приказна. Таму -150°C, а мене рацеве препотени, ама успеав некои триста и кусур несреќници да ги изгурам низ најладната зима во нивните мизерни животи. Се изнамачивме сите, реално. Приказната во Frostpunk те става на чело на мала група преживеани на кои треба им градиш нов град откако светот е втурнат во вечна зима на која не се отпорни ни најдебелите ѕиври. Се случува во алтернативна, неодоливо кул стимпанк верзија на 19 век каде што технологијата меѓудругото е сведена и на еден огромен генератор на топлина кој треба да го одржуваш активен за да не ти премрзне градот што го развиваш околу. 

Групата преживеани ти се состои од обични работници, инженери и деца. Уште не си се ни раскомотил на првиот ин гејм ден, играта ти нуди опција да донесеш закон со кој и децата можеш да ги користиш како работна сила. Неколку дена подоцна добиваш информација дека некој од жителите се самоубил откако му ја ампутирале ногата поради новиот закон за третман на смртно болните. Не сакал да биде терет. Дај си неколку недели и веќе си се затекнал како сурово го малтретираш напатеното мало општество. Имаш пропаганден центар, растураш гневни толпи што протестираат гладни и измрзнати и на крај завршуваш распнат на генераторот.

Изборот со кој си соочен во Frostpunk е помеѓу лош и полош. Играта не се воздржува од постојаното истражување на мрачните аспекти на човечката природа и скоро и да нема некоја морално здрава одлука што можеш да ја донесеш. Такво е мрачно и полно со очај. Единствена весела ситуација е кога ќе видев дека имам доволно јаглен за да го појачам малку генераторот да не измрзне групата што подготвува храна додавајќи пилевина за количински да има повеќе. Луѓе ќе ти умираат по болници, во рудници, од студ и од глад. Нив можеш да им градиш гробишта, ама можеш и да наоѓаш примени за нивните органи. 

Ми требаше неколку пати да пробам, да ми се распадне сѐ и да пробам пак. Не знаев колку денови точно има сценариото, а ме затекна и голема бура за која очигледно треба да си спремен можеби и недели претходно. Научив како да ги користам експедициите, кога да ги повлечам и како да градам станици од кои ќе имам прилив на ресурси. Битна работа што ми помогна за конечно да го завршам A New Home е и тоа што се фокусирав на подомаќинско чување и користење на истите тие ресурси. 

Јаглен е најбитниот, а упорно го горев непотребно на температури како -40°C зошто не ни знаев до кај ќе тера ладново. Изненади. Веројатно најголемата почетничка грешка во Frostpunk е ако ги следиш "мисиите" кои очигледно неколку пати погрешно ги третирав како туторијал. Во суштина тоа и се, меѓутоа можеш најслободно да импровизираш. Секако адаптација и импровизација се претежно најбитните елементи во ваквите игри, особено ако се тркаш со нешто - во овој случај ниските температури, задоволството и надежта на граѓаните. Па, фатив да градам цркви, курварници и боречки арени наместо да ширам сомнителна пропаганда и да тепам народ по улици. Подруго беше.

Толку ме разгали Against the Storm со тој роуглајк елемент што првин ова сценарио во Frostpunk ми се виде како линеарно, а апсолутно не е. Одредени настани се случуваат "плански", ама имаш многу различни опции за како да пристапиш кон проблемот со кој те соочува. Некогаш треба да решиш дека е поисплатливо да ти умрат пеесетина луѓе од студ за да заштедиш јаглен за другите да ги преживеат следните два дена. Планирањето однапред е исто така важно, особено кога добро ќе си пресметаш колку Автоматони можеш да изградиш за жителите да ти се мрзнат дома наместо во посран рудник.

Frostpunk има уште неколку сценарија и опција да играш додека не се распаднеш и во вистински живот, ама ќе ја оставам до некоја следна зима или можеби никогаш доколку излезе двојката во меѓувреме. Стварно добро изгледа двојката, и трејлерот и гејмплеј трејлерот. Исто како и кецов личи на игра што ќе ме држи буден и кога нема да ја играм, па така што може и да го растеретам списокот до тогаш за побрзо да дојде на ред. Сакам конечно да седнам и на Terra Nil и Timberborn, ама ете упорно ја пуштам Against the Storm кога ќе ми се приигра нешто вакво.

February 8, 2024

Демоата на Godsworn, Stormgate и Tempest Rising

Изгледа дека годинава задреманата класична итерација на RTS жанрот малку ќе отвори очи со повеќе инди наслови. Не знам на што се должи ова. Немаше некоја поголема ваква успешна игра освен Age of Empires IV последниве години, нели? Додуша, за успешна RTS игра во денешно време може да се смета и само таква што не е запалена дива депонија како Warcraft III: Reforged, ама пак не приметив нешто да се издвои. Затоа и ме чуди од каде толку мотивирани девелопери што му запнале на жанров. Навивам да им се исплати трудот и се надевам дека има публика која ќе го препознае.

Доаѓаат повеќе традиционални RTS игри годинава. Кога викам традиционални, мислам на баш онакви што се инспирирани од времето кога се трчаше од школо до дома за да играш Warcraft III. Со тензичен микроменаџмент, со собирање ресурси, градби, армија и војување истовремено. Од тие што ќе ти затрепери душата кога ќе го видиш тоа зеленото Westwood Studios лого на омотот од цедето. Е, такви наскоро ќе има неколку. За жал ниедна не е ремастер на Red Alert II, ама уште сум оптимист дека некој некаде моментално убедува некоe раководство да ја направи математиката. 
 

Уште лани се возбудив малку за три од тие што се најавени, ко којзнае колку време да имам за да би ги играл, ама ете успеав да ги пробам на февруарскиов Steam Next Fest. Игрите моментално се во рана фаза и сигурен сум дека кога официјално ќе излезат ќе бидат далеку поисполирани. Впечатоците ми се базирани на демо верзиите и веројатно ова е најдоброто што во моментов можеле да го понудат. Stormgate беше прва на списокот. Играта ја прави тим поранешни близардаши што работеле на Warcraft и StarCraft, па ете ако нешто ти е сомнително слично со тие игри, од самото лого до визуелниот стил - тоа ќе да е.

Искрено, Stormgate малку млако за игра што очигледно претендира да е следниот доминантен RTS наслов, што и да значи тоа во време кога жанрот е комиран петнаесет години. Ама ете, некако настојуваат да ја придобијат таа публика возрасни магариња што растеле со подобрите варијанти на тоа што го нудат и веројатно е океј тоа. Она што мене не ме бендиса е тоа што некако досадно изгледа дури и да пробаш да не ја споредуваш со сличните вакви. Ниедна единица или градба нема некој интересен, карактеристичен дизајн. Ништо уникатно. Тоа што е на мапа е некако хомогено и едвај разликував кое што е. Си пишува на скриншотите на Стим дека ова не е финалниот дизајн, па се надевам дека во некоја следна верзија ќе го дотераат овој аспект.

Настрана визуелните генерики, Stormgate го има и најобичниот гејмплеј на светот за овој жанр. Не приметив нешто сопствено или ново, па затоа можеби толку се фокусирав на  тоа како изгледа играта и впечатокот најмногу го базирам на тоа. Друга замерка ми е што пуштија демо без можност за сингл-плеер скирмиш, па си приморан да играш против друг играч или со други двајца против "компјутер" со различен услов за победа. Иако сум играл тон вакви игри, ќе ценев доколку имав прилика да седнам без брзање да раскликам која единица што прави. 
 
Stormgate

Stormgate ќе биде бесплатна кога ќе излезе, а ќе има и стандардна кампања со приказна. Малку амбициозен потег. Не знам како планираат да го вадат лебот со скинови, наводно само тоа ќе продавале, ама останува да видиме. Може ете бизнис моделот е да платиш за да не ти изгледа играта како кинеска мобилна игра. Како и да е, камо среќа да пркне како што им е планот. Видов и некој официјален турнир со награда од неколку илјади долари, така што имаат аспирации и за е-спорт. 

Повеќе ме закачи Godsworn. Иако личи како комбинација од Warcraft III и Age of Mythology, има некој привлечен визуелен момент што ме купи на прва. Играв само една мапа тие неколку партии, ама ми беше крајно забавна. Музиката, графиката и дизајнот комплетно ја доловуваат темата што сака да ја обработи и сѐ успешно лепи меѓусебно. Ете што ти прави конзистентен стил. Сите единици и градби се одлично дизајнирани и тематски блиски. Кога кревам градба за да штанцам вештерки можам лесно да ја распознаам од кампот што ми бере капини.
 
Од гејмплеј аспект не е којзнае колку иновативна надвор од жанровските "стандарди", ама има една кул механика со моќи што ги добиваш надвор од херојот. Со мојот можев да викнам кула да млати непријатели, да си ги лечам единиците или да создадам рудник што "следбениците" може да го копаат. Такви ствари се многу кул, ги добиваш како таленти така што можеш да ги адаптираш за различна стратегија. Секој херој има уникатни и се надевам дека добро ќе го избалансираат овој дел.

Godsworn

Godsworn ја прави тим од само двајца што некако дополнително ми го зајакна позитивниот впечаток. Се гледа дека е истурено многу љубов кон жанрот и баш ме интересира каде планираат да ја однесат. Играта ќе биде достапна како early access некаде кон крајот на март, така што едвај чекам да видам што сѐ ќе има тогаш. Паднав на шармот, веќе нема назад. 
 
Третата е Tempest Rising и ми е омилената од ова купче. Да ми ја пуштиш без претходно да знам што е, би тврдел дека е Command & Conquer игра. Нема разубедување. Како некоја заборавена игра на Westwood. Фали уште синематиците да се со живи актери и тоа е тоа. Неверојатно прецизно e доловен стилот на C&C класиците. Онака, до најситни детали како имињата на самите градби и начинот на кој функционираат.
 
Наративот успева да го фати и сатиричниот тон на Red Alert, а саундтрекот што упорно потсеќа на легендарниот Френк Клепаки само ги бетонира сите елементи во целина (го работел и саундтрекот на Stormgate, ама искрено не го ни приметив). Поентата на Tempest Rising е да биде омаж на тие игри и одлично функционира како таква. Не се труди да глуми нешто што не е, ама и тематски носи некоја свежина за доволно да се издвои. Поеденакво е различна од тој каталог како што и Red Alert, Generals, Tiberian Sun и Tiberium Wars се различни меѓу себе. 
 
Tempest Rising 

За жал, демото на Tempest Rising има само две воведни кампањи со двете моментално достапни фракции. Супер е тоа, ама скирмиш ми е секогаш омилената занимација во вакви игри и баш ми е криво што не можев асално да видам што сѐ нуди. Но, потенцијалот е очигледен, јасно е дека тимов знаев кај тера и се надевам дека ќе дочека макар и early access издание до крајот на оваа година. Баш сакам да успее и да им покаже на Petroglyph (или кој и да ја има лиценцата за Westwood игрите) дека уште има публика. 
 
Не се сеќавам кога последен пат сум играл три различни RTS игри во иста година. Можеби пред повеќе од десет години. Стварно ќефски седнав на демоава, иако во последно време преферирам малку "поспор" гејмплеј. Изгледа конечно остарев, џабе вака што се токмам да ги играм сите овие кога ќе излезат во покомплетно пакување. Пре би да играм нешто лефтерно како Against the Storm отколку препотен да кликам на седум различни места низ мапата во една секунда, ама јако износталгичарив онака неплански ко да се рани 2000-ти. 
 
Може сите овие три да испаднат срање на крај, ама се забавував. Фали нешто да го мрдне жанрот од мртва точка. Не знам колку треба да биде добра играта за да привлече и нова публика. Веројатно и на RTS игрите им треба да се случи нешто како Baldur's Gate 3 во cRPG жанрот. Конечно периодов успеав да заседнам домаќински на Baldur's Gate 3 во неколку наврати и баш тоа ми е една од следните теми.