February 21, 2018

Breaking Bad е врвот на телевизијата

Откако се простив со сите тековни серии, од кои повеќето не успеаа да ми докажат дека се исплатливи за времето што ми го трошат, сфатив дека дошол оној момент за второ гледање на Breaking Bad во животот. Наскоро ќе се заокружат петте години откако ја гледав последната епизода, а десетте од почетокот на серијата веќе се навршија минатиот месец. Се закачив покасно на Breaking Bad, кога веќе беше во тек, ама за последната сезона станував саат време порано за да ја гледам новата епизода пред работа. Имаше спојлери насекаде, па ова беше единствениот начин да се заштитиш од нив.

Breaking Bad по свежото прегледување ми докажа дека е најдоброто нешто што ми било понудено на телевизија до тогаш и отпосле. Да, секако има и други добри серии, ама ова е тоа што на мојата топ листа е забетонирано на врвот. Breaking Bad има ретко конзистентен квалитет кој никогаш не дозволи серијата да го заринка моментумот. Дури и Lost, серија чие гледање ми беше неповторливо искуство и надвор од екранот, имаше моменти каде што неславно се распаѓаше при некои маневри.


Овде таквите осцилации се непостоечки и покрај тоа што приказната е турбулентнa од почеток до крај. Пилот епизодата нè запознава со преквалификуваниот професор Волтер Вајт кој страствено објаснува за хемиска трансформација на полузаинтересираните средношколци од неговиот клас. Суптилна експозиција која всушност ја наговестува и неговата сопствена промена за чија крајна форма ништо не може да те спреми како публика. Волтер живее скромно. Има жена и син, второ дете на пат и го прославува својот 50-ти роденден. Дијагностициран е и со рак во напреден стадиум за кој не само што нема средства за да го третира, туку и неговата фамилија ќе остане финансиски необезбедна откако ќе умре.

Но, пред болеста да го онеспособи комплетно, Волтер решава да се обиде да обезбеди пари со неговите вештини како хемичар, и со Џеси Пинкмен, негов поранешен ученик, да почне да произведува кристал мет. Мирниот Волтер Вајт, чиј глас едвај некогаш се слушал некаде, човек кој е мета на потсмев и понижувања наоколу, сега почнува да го исполнува својот професионален потенцијал. Генијалноста на Волтер за кратко време ќе го закити со легендарна репутација во криминалното подземје, а по брзото богатство ќе се стекне и со цврста самодоверба која се манифестира преку неговото ново алтер-его - Хајзенберг.


Волтер паралелно со двојниот живот, мора да го одржи балансот и во семејството кое не е запознаено со неговото фриленсерско занимање, а тоа што полицијата и други криминални групи почнуваат да трагаат по Хајзенберг само дополнително му го отежнува одржувањето на растечката моќ. Иако премисата звучи прилично едноставно, непревидливоста на приказната и тензијата од епизода до епизода засекогаш ми го смени начинот на кој гледам серии. Со второво гледање мислам дека си ги уништив следните неколку месеци. Што и да гледам сега ќе ми изгледа млако.

Ликовите во Breaking Bad се еден од најмоќните аспекти на серијата. Не само Волтер и Џеси, туку и оние кои само попатно никнуваат во големата слика. Секој од нив има повеќеслојни карактеристики, мотиви кои лесно можеш да ги разбереш и да застанеш зад нив, па така што често пати ќе се најдеш во ситуација да навиваш и за ликови кои во друго опкружување би биле само обични негативци. Вистински човечки карактери кои изгледаат реално, а внимателно избраниот кастинг е само уште еден елемент кој ти ги носи поблиску.


Со Волтер сепак серијата отскокнува и од ова. На почетокот неговите акции се логични, ги правдаш неговите постапки и начин на делување. Сочуствуваш со она што му се случува. Меѓутоа како што прогресира приказната и неговата трансформација во мрачиот Хајзенберг, целосно заслепен од сопственото его и моќ, почнуваш да се сомневаш во сопственото морално расудување. Серијата постепено почнува да го антагонизира Волтер до степен кога навиваш да попие куршум во глава зашто ги уништува сите околу, а особено Џеси. Страната е сменета и тоа толку бавно и мајсторски што воопшто не се осеќаш изманипулирано, туку си едноставно воодушевен.

Фасцинатно е колку некои моменти од серијата повторно ми го нарушуваа спокојот со неизвесноста и покрај тоа што го знаев нивниот исход. Пак го задржував здивот на сцените со нестабилниот Туко или кога Хенк ќе тропа по мобилната лабораторија каде што се кријат Волт и Џеси. Дури бев запрепастен и кога некој ладнокрвно ќе убиеше дете, без разлика на тоа што Breaking Bad уште пред години докажа дека нема морални граници пред кои ќе сопре. И, пак шмукав цигара за цигара додека се тресев на "Ozymandias" епизодата. Која друга серија може да ти го приреди ова на второ гледање?


Боите се уште еден феноменален детал од Breaking Bad кој го зајакнува и онака беспрекорниот визуелен аспект на раскажување. Сега со веќе позната приказна, имав повеќе време да ги забележувам вакви ствари. Во секој кадар има нијанса на сино, боја која коинцидира со продуктот на Хајзенберг, без разлика дали е некаков предмет или се наоѓа на облеката на некој од ликовите. А, бојата на самата нивна облека е толку опширна што дури и заслужува цела посебна анализа. Затоа само кратко ќе приметам дека нијансите се речиси секогаш во контекст на општата или ментална состојба на тој што ја носи.

На пример, кога Волтер го има легендарниот "I am the danger!" монолог, кратко пред тоа ја соблекува кошулата под која ја има најтемната варијанта на црвено, симболизирајќи дел од неговиот мрачен спектар. Често и осветлувањето во некои сцени е искористено за сличен ефект, а Винс Гилиган не се воздржува да си поигра и со рефлексијата на лицата на ликовите во разни предмети и огледала. Некогаш ова служи како предвесник за правецот на нечија судбина, некогаш како заклучок, или па кога ќе реши да ја изрази нивната дуалност. Сите овие елементи се брилијатно искористени во последните неколку кадри од финалето.


Breaking Bad е дело на напорна работа, љубов и максимална посветеност. Ако добро се сеќавам, причината поради која што петтата сезона беше со речиси една година пауза на средина е тоа што Винс Гилиган одлчил дополнително да го усоврши крајот. Затоа и последните епизоди се толку ефективни. Засекогаш ќе те прогонува тој краток телефонски разговор меѓу Волтер и Скајлер. Никогаш нема да ја заборавиш ни "Baby Blue". Серијата не остави отворени прашања, дури и најбаналните приказни кои се гранеа од главната, беа задоволително заокружени.

Единствената за која можам да кажам дека ми станувала подобра од епизода во епизода. Знам дека има пет-шест други кои публиката често обожава да ги става на листата пред Breaking Bad, веројатно има оправдани причини, меѓутоа ниту една од нив не успеа да ми приреди ваков спектакл и да допре до мене како трагедијата за Волтер Вајт. Ништо друго не ми е вака добро структуирано и тонално прецизно. Ако постои совршенство на светов, еве собирам храброст и изјавувам дека ова е тоа.

February 13, 2018

Подводно вајвање

Не сум толку авантурист за да ставам опрема за нуркање на мене и да влезам некаде каде што главата нема да ми биде над водна површина и истовремено со нозете да не можам да го допирам дното. Среќа, технологијата напредна и за тие што мислат дека пераи се носат и на снег, па така што скоро безболно можев да видам дел од длабочините на океанот преку theBlu за HTC Vive. theBlu не е баш игра, туку интерактивна збирка од неколку подводни искуства кои откако ќе те опуштат, ќе те натераат панично да вриштиш.

Ова е еден од најдобрите примери за тоа колку лесно и брзо виртуелната реалност успева да ти ја замени традиционалната. Во моментот кога ќе го ставиш хедсетот на глава веќе си длабоко во океанот, пробуваш да допреш риби и се чудиш колку си далеку од површината. Па, сфаќаш дека имаш и нова фобија од одредена морска флора и фауна. Некои од овие гомна се одговорни за смртта на Стив Ирвин. Додека се движиш наоколу, со ногата случајно закачуваш фотелја која е во вистинската соба, а се наоѓа на исто место со коралот што го гледаш моментално во theBlu, и тогаш ти е јасно дека тоа мокрото што го осеќаш не може да биде вода.


Јатото медузи што подоцна поминува низ тебе малку ќе те релаксира, ама не доволно за да бидеш спремен за блиската средба со син кит. Тој дел од theBlu е најкраток од сите, готово е додека речеш 'Херман Мелвил', ама е неверојатно импресивен. Почнува на палуба од стар потонат брод, по која можеш малку и да се прошеташ додека се појави китот. Не се плашам од џиновски виртуелни риби очигледно, па зборовите што возбудено ги урлав додека китот поминуваше покрај бродот, веројатно низ зградата одекнуваа само како бучен геј секс. Со китот немаш никаква физичка интеракција, ама пред да отплива ќе те погледне директно во очи и ќе замавне со опашката за никогаш да не го заборавиш.

Третиот дел од theBlu е најинтензивен. Те става во најдлабокиот и најтемен дел од океанот каде што еден од контролерите ти е батериска ламба со која сфаќаш дека всушност си во скелет од кит. Доколку не си доволно напнат од клаустрофобичната околина, почекај неколку одвратни ракови и риби да почнат да шетаат околу тебе. Нешто што наводно треба да те едуцира и понуди парче од светов преку виртуелна реалност, тука почнува да се граничи со тензична 'survival horror' игра. Дури кога светлечките подводни суштества ќе дојдат да ти го растераат мракот, пак си оставен со гадно и непријатно чувство.

Сепак, неспоредливо е со вртоглавицата што ја предизвикува VR верзијата на Alien: Isolation. Наум ме предупреди дека моменталното човечко тело не ми е спремно за таква вештачка локомоција каква што користи играта, во што се уверив кога после две минути на Севастопол морав да го тргнам хедсетот од мене за да не мора да купува нов тепих или да објаснува на надлежните како сум престанал да дишам. Супер е таа игра во виртуелна реалност, ама исто како и Arkham VR си бара време за да се научиш како да се движиш без да се осеќаш како да си испил литро рум на гладно.

Интерактивните искуства како theBlu се одличен пример за тоа колку добро напредува технологијата за виртуелна реалност без притоа да цели кон гејмерската публика. Веќе има слични симулации кои би можеле да те натопорат на било кое место каде што немаш прилика да стапнеш. Можеш да се маткаш и низ Меѓународната вселенска станица. Се надевам дека годинава овој хардвер ќе стане уште подостапен, зашто можностите очигледно не сопираат.

February 8, 2018

Уште еднаш за Cloverfield, после десет години

Какво наивно дете сум бил пред десет години додека сум го чекал Cloverfield. Читам што сум пишувал тогаш за филмот и ми доаѓа да си се погалам по глава. Колку нештата биле поедноставни за дваесетгодишниот Бојан. Од 'експертската' анализа спакувана во десет трапаво начкртани точки, лесно може да се види дека најголем терет во секојдневието му било тоа што холивудската машинерија не му го испорачала филмот што сакал да го гледа. А, очигледно според нескриената милитантна опсесија со Годзила, не ни сакал да прифати дека различното може да биде добро.

Десет години покасно, решив пак го гледав Cloverfield. Сум поминал години со негативни чувства за супер забавен филм поради моите глупави лимитирани видици. Еден аплауз за мене. Во меѓувреме Cloverfield прерасна во антологиски серијал со уште две продолженија, ама тоа како Bad Robot продукцијата на Џ.Џ. Абрамс откупува сценарија и мали филмови среде продукција и им лепи дополнителни сцени за да ги врзе во заеднички континуитет, нека биде тема за некој друг ден. Сега само ќе се вратам малку наназад за да си ги преиспитам недоволно промислените аргументи од 2008 со кои сум го отпишал првиот филм.


Тоа што не сум имал капацитет да разберам дека нуди поинаков пристап кон жанрот, не го прави Cloverfield лош. Тажно е што сум мислел дека тој стил на снимање е ексклузивен за The Blair Witch Project. Секако, има oдредени поситни проблеми, меѓутоа се занемарливи кога доволно ќе се внесеш и не очекуваш јапонски каиџу филм со суптилни социјални забелешки. Овој пат успеа да мe држи закачен до самиот крај. Гледам дека ми пречело тоа што наместо филм за чудовиште имало луѓе што бегаат низ рушевини за да се спасат од тоа истото чудовиште. Како па Годзила да е емотивна драма од перспектива на џиновски чудовишта кои се обидуваат да си го најдат своето место во големиот град...  

Cloverfield извонредно функционира и без научниците во бели мантили стрпани во некоја подземна лабораторија или семејството на главниот лик кој во слични вакви филмови е задолжителен дел од армијата што пола од времето залудно пука во чудовиштето. Овде се заобиколени сите такви стандардни елементи, кои очигледно толку многу ми недостигале. Фокусот е на мала група обични луѓе кои се затекнати среде пустошењето на Менхетен и настаните ги раскажува преку камерата која ја имаат со нив.

Веројатно со идеја да си го одбранам името на блогот, во оргиналниот пост сум успеал да се насерам и врз техничкиот опсег на камерата, без да размислам дека филмот трае само саат и пол, толку колку што се и 'најдените снимки'. За да бидам уште повеќе изненаден, ликот зад камерата кој практично служи како наратор за поголемиот дел од филмот, е Т.Џ. Милер во неговата најпрва улога, кого подоцна прописно го запознав во Silicon Valley и Deadpool. Но, за самата камера всушност задолжен е Мет Ривс на кој Cloverfield му е тазе режисерски ангажман. Лани го сними War for the Planet of the Apes, филм кој ми е меѓу омилените од годината.

Мило ми е што си го изедов првиот пост за Cloverfield, макар и после десет години. Тие ми се некако највкусни. Ете, прифатив и друг тип на монструм покрај јапонците во гумен костим од изнервиран диносаурус. Можам и понатаму да му ги чепкам мааните на филмот, ама толку ми беше забавен што мислам дека нема потреба. Комплетно си ја исполнува намената. Точно е, понекогаш се случуваат некои работи со намера да се појача тензијата, пример кога чудовиштето ќе го грабне хеликоптерот во кој баш тогаш се наоѓаат главните ликови, ама океј. Барем не можам пак да се фатам за изгледот и името на Кловер. Да, така сега го викаме чудовиштето нагалено, ние што сме од Cloverfield фан клубот.

Види такоѓе: 

February 5, 2018

Околу Аltеrеd Cаrbоn серијата

Со сè уште тазе впечатоци од книгата, деновиве ја изгледав Altered Carbon серијата која од минатиот петок е достапна на Нетфликс. Поради ланското разочарување со The Punisher малку бев загрижен околу третманот на Нетфликс кон некои изворни материјали. Меѓутоа, овде и покрај очекуваната креативна слобода што продуцентите си ја дозволиле, крајниот резултат е сосема солиден и компактно спакуван во десет епизоди. Еден од стравовите ми беше да не се полакомат и да ја расцепкаат приказната на две или повеќе сезони. Исто така, уште ми е рано да повлечам цврста линија помеѓу идеите на Морган кои сега живеат на различни медиуми, па во оваа прилика нема да можам лесно да ги избегнувам ситните споредби, ама ќе се потрудам барем спојлерите за книгата да ги сведам на минимум.

Altered Carbon се случува во далечна иднина каде што свеста е дигитализирана, па по смртта на оригиналното тело постои опција да го продолжиш животот во друго. Секако, освен ако не си осуден за криминал поради кој издржуваш вековна казна во мирување, сиромав плебеец или религиски фанатик кој одбива нов живот. Безобразно богатите пак, не само што живеат стотици години, туку имаат и клонови од нивните оригинални тела. Додека не сум почнал да си го препишувам постот за книгата и овде, ќе забележам само дека серијата не губи џабе време да ги излупи првите слоеви од светот во кој егзистира.


Таа експозиција доаѓа рано и културно, па во моментот кога ќе сфатиш каде се наоѓаш, Такеши Ковач веќе почнал да се занимава со мистериозната смрт на Лоренс Бенкрофт. Паралелно на тековните настани низ грозниот неонски Беј Сити и неговите сомнителни курварници, серијата го надополнува ликот на Такеши Ковач со постојани флешбеци од неговите рани милитантни денови во оригиналното тело. Претпоставувам за да ја поврзе публиката и со Ковач кој изгледа различно од Џоел Кинаман, во случај Нетфликс да ја продолжи серијата со адаптирање и на другите книги од трилогијата.

Тука веројатно е и најголемата промена која не само што малку го менува минатото на Ковач и намената на неговата единица, туку му создава и цврсти врски со ликови кои во книгата се прилично мали и му влијаат на многу поинаков начин. Со тоа е изменет и главниот мотив кој подоцна е одговорен за пресвртот во истрагата на убиството на Бенкрофт. Во серијата е горе-доле функционално, меѓутоа различниот емотивен контекст кој е присутен во книгата ми беше многу поубедлив. Реално, серијата не страда којзнае колку многу од ова, но сепак има моменти каде што оригиналната замисла за Ковач би се вклопила посоодветно.

А, кога сме кај работи што се вклопуваат соодветно, дури и повеќе отколку што можев да си замислам - тоа е По, персонификацијата на хотелот со вештачка интелигенција кој се вика "Гавранот". Во книгата хотелот е инспириран од Џими Хендрикс, но претпоставувам дека не успеале да ги обезедат правата за неговиот лик, па не само што се решиле да одат со нешто што (мислам дека) е јавна сопственост, туку и го направиле интегрален дел од приказната како верен помошник на Ковач. Ова е фин пример каде што таа креативна слобода е искористена адекватно и придонесува за настаните на различни начини, наместо да изгледа насилно напикано. По е една од најсветлите точки во цела серија и мислам дека сега не би можел да си ја преставам приказната без него, па можеби затоа и простив неколку други ликови кои воопшто ги нема или нивните елементи се споени во еден.

Стилистички Altered Carbon изгледа баш онака како што очекував, понекогаш дури и ја надиминува мојата имагинација. Градот е дождлив, мрачен, преполн со светлечки реклами и отпадоци, онака баш по стандардите кои ги воспоставил Ридли Скот и се де факто реферетна точка за жанрот на ваков медиум. Онаму пак, каде што живее елитата глетката е комплетно спротивна, исполнета со цветни градини над облаците и раскош. Визуелен аспект кој одлично зборува за разликите во неуспешното утописко општество. Беспрекорноста на ефектите ќе направи тотално да заборавиш дека било што од ова е снимано на зелено платно.

Свежината на серијата ја крепи и слабата застапеност на сајберпанк жанрот надвор од книги, стрипови, аниме и игри. Како и за новиот Blade Runner, критиката и публиката се повторно на различни страни со мислењето, но сепак се надевам дека жанрот ќе доживее нов бран вон рамките на медумите каде што моментално бележи поголема застапеност. Без разлика дали ја имаш читано книгата или не, Altered Carbon серијата е местото каде што можеш слободно да се обратиш долку имаш потреба од детективска приказна сместена во ваков амбиент.