Сакам кога мали, едноставни идеи ќе бидат грандиозно исполнети. Дури и да им недостасува оргиналност, некогаш постои начин да се биде иновативен и со склопување на "готови" делчиња. Event[0], првата игра на малото инди студио Ocelot Society, на најелегантен начин го прави токму ова. Ниту нуди новини на начинот на кој се игра, ниту пак се стреми да ја редефинира научната-фантастика, туку едноставно ја има вистинската формула каде што овие неколку елементи функционираат толку добро заедно. Нема поента да навлегувам длабоко во приказната. Не е најсвежoто нешто на
масата, меѓутоа има неколку моменти кои би ти ја расипале доколку ја чепнам
под површината.
Во алтернативна верзија на 2012 година кога истражувањето на вселената е секојдневие, по глупава несреќа, се наоѓаш заглавен на мал напуштен и изгубен вселенски брод од тамошните осумдесети. Во амбиент многу сличен на клаустрофобичниот Nostromo, таму те пречекува единствениот преживеан, бродскиот компјутер Kaizen, кој е всушност вештачка интелигенција со која комуницираш преку терминали поставени насекаде низ бродот. Веќе погодуваш дека инспирацијата за Kaizen е HAL-9000 од 2001: Space Odyssey. Или омаж, ако повеќе сакаш така.
Kaizen те дочекува пресреќен. Барем онолку колку што е испрограмиран да "чувствува". Бил сам на бродот триесетина години и се радува што конечно може да зборува со некого. Од тебе бара да завршиш само една работа пред да те врати на Земјата. Во моментот кога ќе почнеш да разговараш со Kaizen со пораки што рачно ги внесуваш во терминалите, јасно ти е дека ќе играш игра чиј гејмплеј се базира на развивање социјален однос со софистициран chatbot. Kaizen реагира на целосни реченици, па доколку сакаш да напредуваш низ Event[0], треба да си прецизен во дискусиите.
Секој Kaizen терминал, освен тоа што нуди комуникација со него, дозволува и некои други работи кои ти помагаат да ги решаваш загатките. Ocelot Society велат дека Kaizen процедурално може да изгенерира околу два милиони линии дијалог. Но, она што е вистински импресивно во играта е карактерот на Kaizen и како реагира на тебе. На почеткот е чудно додека се навикнеш на начинот на кој "сака" да комуницирате. Не те познава доволно, често е арогантен, па некогаш си претпазлив со него за да не откачи и да го експлодира бродот сосе тебе. На моменти е језиво, особено кога од тебе бара да се вратиш безбедно, да го замолиш или да му ветиш дека сè ќе биде во ред. Kaizen сака тоа да го правиш како што би го правел со човек, па нема да прифати секаков одговор.
Некогаш е фрустрирачки. Ти се нервираш, прашуваш прашања, а Kaizen е бесен зошто си глуп. Не ти ги кажува сите информации кои ти се потребни за загатките, зошто тогаш играта не би имала смисла нели, но е доволно "фер" за да те упати. Самите загатки и препреки во Event[0] не се воопшто тешки (освен кога се!), а се доволно забавни за постојано да те држат внесен во она што се случува. Течат природно, за разлика од други игри каде што треба да правиш некои работи кои ти го тргаат фокусот и забораваш дека има приказна зад сето тоа.
Феноменална мала игра. Се завршува со едно седнување и тие три-четири саати се некако премалку за потенцијалот кој го има. Доколку вештачката интелигенција е толку напредна, а стварно, на моменти дијалозите се премногу природни и она што Kaizen го зборува со тебе има смисла, штета што не е вложен дополнителен труд за да трае подолго. Не сум сигурен колку вреди за второ играње, освен ако не сакаш да се надмудруваш со ботот, ама планирам да ја пројдам уште еднаш. Таман и да ја платам овој пат, зошто ја симнав пиратска за да ја пробам и заврши баш кога се заиграв.
Види такоѓе: