Мојата последна средба со The X-Files беше пред некои пет-шест години. Тогаш си реков дека ми е доволно од Молдер и Скали за еден живот и бев сигурен дека "досието од 90-ти" е конечно затворено. Имаше еден болно досаден филм пред некоја година што немав снага да го догледам до крај, а подоцна Молдер се претвори во друг лик со кој мислев дека засекогаш ќе ја остави ФБИ значката да фаќа прашина во некоја фиока во која никој не би се осмелил да ѕирне. Очигледно не бев во право, зошто Молдер и Скали се враќаат во нова мини-серија која треба да се појави до крајот на месецов. Добро, нели заврши приказната? Зарем уште може да се извлече некој интересен материјал што ќе функционира во ова модерно време?
Имам некој впечаток дека денес последните НЛО фанатици на планетава постојат само во изолирани руски села. Таа параноја што колку-толку The X-Files можеше да ја подгрева пред дваесетина години сега веќе е смешна. Или барем мене ми е. Тогаш, веројатно и најголемите скептици можеа да се замислат поради некоја лоша аматерска VHS снимка од шарени топки на небото, денес тоа може само нестабилниот Миленко. А, The X-Files инспирацијата ја црпеше баш од таму, од некоја линија каде се допираа имагинацијата и сомнежот. Овој пат The X-Files се обидуваат да излезат од нивната природна околина со еден друг тип на параноја, спојувајќи го пост-Сноуден светот со паранормалното. Барем така трејлерите за новата мини-серија најавуваат. Колку тоа реално би можело да испадне добро без да биде само носталгично патување со потенцијал да е ненамерно смешно?
Еве, пробај види како имаат остарено The X-Files. Со исклучок на неколку квалитетни епизоди кои не се дел од славниот "mytharc", остатокот е одамна дотраен. Тоа не значи дека серијата не е добра, туку дека телевизијата е значително напредната од деновите кога Молдер, Скали и нивните случаи ти биле забавни за гледање. Што е следно сега, Sliders ќе ги модернизираме? Изгледав две епизоди од The X-Files вчера за да ја видам разликата. И, тоа две од најдобрите самостојни што ги памтам. "Ice" и "Triangle". Првата директно црпи инспирација од The Thing, а втората мојот Скали скептицизам за престојната мини-серија ми го претвори во желба уште еднаш да ги изгледам "mytharc" епизодите. Веројатно тоа и ќе го правам додека не се појават новите епизоди. Ете како ми пукна назад во лице сето ова.
Носталгија или не, главната приказна на серијата можеби сè уште вреди исто. Сепак, the Cigarette Smoking Man ми е еден од најдобрите антагонисти во историјата на телевизиски серии и се сеќавам колку сум уживал тие епизоди. Тој дел од The X-Files е толку закон што сакам да верувам дека не застарува како "чудовиштата" од "monster of the week". Ако решиш нешто гледаш од The X-Files пред новиве, не копај подлабоко мит-аркот.
Првата епизода од новата мини-серија ќе биде прикажана на 24 јануари 2016. Наместо трејлер, еве го гостувањето на Духовни и Андерсон кај Џими Кимел.
3 comments:
Абе помина елиен манијата, сеа зомбија и кралеви се интересни, ама па све се повторува :) Ја сум малце пооптимисчки расположен од тебе за новиве епизоди, мада да, може да ја докопаат серијата до крај. Верувам дека ќе успеат да доловат бар дел од атмосферата, ако не бар The Cigarette Smoking Man ќе не фати на носталгија :)
Ќе видиме, трејлерите не беа нешто многу импресивни. :)
Не суди по амбалажи :D
Post a Comment