December 30, 2007

Дотур на постови

Го преселив речиси цел стар блог, тука. Поради тоа се појавија архиви од ноември 2006 до јули 2007. Некои постови ги испуштив намерно, некои можеби ненамерно, а не е ни битно. Го планирав ова одамна, и денов некако ми се виде погоден за ваква активност.

Исто така, го средував и МК блогролот, подредени се блоговите по азбучен ред, некои сум ги испуштил (ненамерно), ќе го корегирам тоа деновиве. Планирам и другите линкови да ги средам, нешто ќе додадам, нешто ќе тргнам, нешто ќе изменам...

Деновиве кога ќе имам слободно време ќе се занимавам со сајдбарот, сакам да испробам и некои скрипти.

December 29, 2007

Утрински Battle Report (полошо не можеше)

Ми ја рокнаа флотата на OGAME, и со тоа, неколку месеци играње се расфрлаа низ вселената. Типот што ме среди, доби месечина пред некој ден, и лесно ми ја следеше флотата. Тоа е тоа, ме начека и ме уништи. Ќе пробам да се вратам во форма, сигурно ќе ми треба повеќе од две недели.

Имав 20% шанси и јас да добијам месечина, ама ништо од тоа. Ај, следниот пат. :)

Денес е убав ден да правам нешто друго освен градење на нова флота, иако собрав ресурси од другите планети и почнав да градам.

Еве како изгледаше извештајот на крај (го ставам тука за спомен):



На сите мои девет планети, прогласив Ден на жалост.

December 27, 2007

Saw IV (2007)

Првиот дел беше освежување за жанрот, и најпријатното филмско изненадување за мене во изминативе неколку години. Конечно нешто мрдна од клишеизираната шема по која се правеа хорор филмовите. Следуваше вториот дел, не толку добар како првиот, но сепак (приближно) успеа да ја долови атмосферата. Третиот беше океј, и ништо повеќе од тоа. Се гледаше дека ќе прават уште делови (носи филмов пари!), и убивањето на главниот антагонист, беше грешка која ме интересираше како ќе ја исправат.


Првиот дел го сакам највеќе поради оргиналноста и изненадувачкиот крај. После тоа, не може ниту еден дел да биде подобар. Го гледав ноќеска Saw IV. Искрено, очекував да се разочарам, и испадна спротивното. Од крајот на Saw III можеше да се види што отприлика ќе се случува, но не верував дека толку добро ќе го изведат. Повторно стапици, повторно борба за живот и учење лекции. И, повторно крај кој го најавува новиот дел. Да, ќе има Saw V следната година.

Искрено, сакам да видам уште еден дел. Saw серијалот некако успеа да опстои цврсто на тоа што го постави првиот дел, и се прашувам дали петката ќе биде последниот добар Saw, кој ќе направи пари, а нема да биде плукан од поголемиот дел фанови. Исто така, се надевам дека Jigsaw нема да се врати како зомби (фак ју, Џејсон!) или нешто слично, и дека ќе ја задржат "реалноста" во филмовите.

Доколку не се сопрат на време, Saw може да го снајде истата судбина како Hellraiser, односно да излегува секоја година по еден катастрофален direct-to-video. Ако се паметни, ќе сопрат после петката, и ќе најдат друг начин за заработка. Но, најавени се седум дела, па останува да видиме...

December 23, 2007

Трејлер за четвртата сезона на Lost


Вчера го гледав трејлерот за четвртата сезона на Lost. Фино изгледа, иако не открива многу, а и не ни треба. Најбитното е тоа што четвртава сезона ќе почне недела дена порано, на 31-ви јануари. Од мај чекам, и се надевам дека ќе се исплати. Без разлика што ми е преку глава од серијава, ја чекам, и ќе ја гледам, само за да видам дали и како ќе се справат со срањето во кои самите продуценти си се донесоа. Толку заплети, прашања, а многу малку одговори. До тој степен забегано, што со секоја трета епизода, серијата си земаше нов правец...

Трејлерот трае околу две минути и може да се погледне тука.

December 20, 2007

The Dark Knight: Ќе биде ли добар новиот Бетмен?


За одговорот ќе мора да почекаме до 18.07.2008...

Бетмен е првиот супер-херој што сум го сретнал во животот. Пораснав со Бетмен, и неможам да го сместам во листата на омилени супер-херои (каде што Spawn е прв), туку ми е во посебна категорија ("Бетмен" се вика категоријата).

Веројатно филмовите (Batman & Batman Returns) на Тим Бартон се мојот прв контакт со Бетмен. Ги имам гледано многу пати, и до ден денес ми се едни од омилените филмови. Мајкл Китон за мене секогаш ќе биде Бетмен/Брус Вејн.

До ден денес, никој не успеал да ја долови атмосферата на филмовите на Бартон, изгледот на Готам и ликот на Бетмен. Никогаш нема да се заборават улогите на Џек Николсон како Џокер, Дени ДеВито како Пингвинот и Мишел Фајфер како Жената-Мачка... Се надевам дека некој ден, Бартон повторно ќе режира Бетмен филм.

Следуваа Batman Forever (1995), кој иако имаше солиден кастигн (освен Вал Килмер) и потенцијал да биде добар филм, Џоел Шумахер (кој има одлични филмови) не успеа да го продолжи тоа што го почна Бартон, туку сосема го уништи со Batman & Robin (1997) кој повеќе личеше на некоја Power Rangers верзија за деца, отколку на Бетмен филм. Како и да е, ги гледав во кино, собирав албум со сликички, а ги имам и во колекцијата на филмови. :)

Е, сега. Batman Begins е од оние филмови кои нестрпливо ги чекав да излезат од моментот кога беа најавени. Го дочекав, го гледав и имав мачнина во желудникот наредните неколку дена. Филмот е лош, Кристијан Бејл иако е закон глумец, го дотепа Бетмен/Брус Вејн, на полош начин и од Џорџ Клуни. Дури ни Клуни не си ја сфати улогата ТОЛКУ сериозно како Бејл. Нолан е исто така добар режисер, но потфрли со филмов.

Толку многу го имам плукано Batman Begins секаде каде што можев, што сум веќе уморен и немам намера да го правам тоа и тука. Непосредно по прикажувањето на филмот, и за мене, изненадувачкиот успех што го постигна, го најавија и продолжението, The Dark Knight, кој, како што споменав горе, излегува наредното лето.

Немав никаква доверба во филмов, ниту пак некои позитивни мисли, се додека не го видов Хит Леџер како Џокер! Не очекував дечко му на Дони Дарко од Brokeback Mountain да биде ТОЛКУ добар како Џокер! Сликите и трејлерот ветуваат многу.


Како што може да се види од постерите, Нолан изгледа ќе ја користи сината сатурација како од филмовите на Бартон. Освен тоа, вториот негативец е Харви Дент/Ту Фејс, кој се појави во Batman Forever и не беше ништо посебно. За жал, тука е повторно Кристијан Бејл како Бетмен. Се надевам дека овој пат ќе се потруди повеќе, и дека ќе има подобар костим. Бет-моторот е тапа, исто како бет-мобилот во Batman Begins.

Редновно ги следам новостите околу филмов, ме заинтересира и се надевам дека нема да ми ги сруши очекувњата како минатиот. Туку, колку да е лош Batman Begins, имам оргинал Бетмен action-figure. :)

Деновиве ќе правам Бетмен маратон, па ќе видам дали Batman Begins сеуште ми е лош.

December 11, 2007

Првото искуство со Wine на Ubuntu 7.10


Покрај тоа што е алкохолен пијалок кој не преферирам да го конзумирам, Wine е апликација која служи за емулирање на Windows програми во Unix оперативен систем.

Тоа отприлика би била дефиницијата.

Е, сега. Факт е дека има Windows програми кои се незаменливи, но некако го засакав Ubuntu, па немам пуштено Windows XP десетина дена. Решив да пробам да ги користам тие програми, преку Ubuntu. Го симнав Wine, го подесив, читав упатства...

Лесен е за користење. Има виртуелен C:\Program Files фолдер (нормално и виртулен C:\ кој е прикажан на првата слика), во кој се прави copy+paste на програмите од оргиналниот таков фолдер, кој е пожелно да се наоѓа на NTFS партицијата. Ова е, нормално можно, доколку на машината има инсталирано и Windows оперативен систем, како во мојот случај. Знам дека Wine може да послужи и за инсталирање на Windows програми, ама тоа го немам пробано.


Успешно пуштив некои програми, како на пример Winamp, и супер работеше/работи. Photoshop CS2 работеше, наредниот ден нејќеше ни да чуе (вика "hardware or system error"), а немав време да седнам и да го средам.

FL Studio 2006 не го пушта, т.е. работи само како (бескорисна) демо верзија. Претпоставувам ова е вака, бидејќи ако добро памтам, покрај кракот, имаше измени во registry-то. Ех, да. Wine може да емулира и виртуелен regedit.exe кај што претпоставувам може да се среди ова и со FL Studio. Да, знам. Ништо не сум пробал ко што треба, а пишувам пост, ама пишувам за впечатоците од Wine, а не "show and tell" пост или туторијал. Ќе биде и тоа, има време. :)


Веројатно може да прави многу повеќе од тоа што јас го правев до сега со него. Ќе пробувам, ќе видам, ќе пишам тука...

Сега ми е во план да пробам да пушам и некоја игра. Имам инсталирано Warcraft III и NBA Live 2008, и ќе пробам да ги играм на Ubuntu.

December 9, 2007

Laibach...


...се феноменални во живо! Одличен настап синоќа на Саем. Немам зборови.