Pages

December 10, 2025

Има уште за рифтање

Последното нешто што го очекував на MMORPG полето во 2025 е дека RIFT ќе направи некаков камбек. Најпозитивното изненадување во оваа исклучително турбулентна година за жанрот. New World доби нова огромна експанзија со која конечно изгледаше дека ќе фати стабилен правец, за неколку дена покасно да објават дека студиото се гаси и играта ќе ги држи серверите отворени уште во 2026. Како последица на ова, веројатно нема да го видиме ни новото Lord of the Rings MMO.

Другиот голем шок е одлукатa на Ashes of Creation за early access на Стим, што веројатно трајно ќе ја закопа играта. И после толку години тегавење е eдвај во игрива состојба, ама изгледа конечно Стивен Шариф ги спичка парите и пробува да собере колку може од тие неколку што уште веруваат дека ова не беше обична превара. 

Јако ми е што RIFT и покрај годините без нова содржина, уште е тука за на секој сандак да фрли земја. Одамна не сум активен рифташ, ама обавезно еднаш годишно ја пуштам да се промафтам неколку саати, да се поздравам и свртам два-три реда муабет со луѓето што се уште таму од добрите денови и ја одржуваат во живот. Не се останати многу, ама очигледно прават доволно профит за Gamigo да не им стави клуч на виртуелниот дом. Играта така и опстојува во лимбо. Единствено ново во последните седум години се некои козметики и глупости што се плаќаат со вистински пари.
 
Пред нешто повеќе од месец, мала група играчи се организираа со идеја да почнат тазе на официјален постоечки сервер, да левелираат низ оригиналната содржина пред експанзиите и практично да го играат тогашниот ендгејм. Иако бев многу скептичен околу ова, лудо е колку голем замав зема. Гилдот за "свежи карактери" во моментов има повеќе од 2000 и над 100 луѓе онлајн во секој дел од денот. Незамисливо беше до пред некој месец да дојдеш во RIFT како нов играч и да пробаш да се левелираш низ данџни или било каква инстанцирана содржина. Немаше жив човек за таква група. Сега само кликаш и во било кој момент играш што сакаш. 
 

Неверојатно е. Мислев дека моето традиционално годишно рифтање заврши на почетокот на годинава, ама еве ме назад со нов карактер и трчам низ Телара како да е пак 2011. Бев на места заборавени со години. Има народ насекаде, во секоја зона, бројката е огромна и секојдневно расте. Дури и староседелците на серверот се изненадени од тоа како им живна околината. Иако повеќето ја играат преку официјалниот клиент, RIFT ја има и на Стим, а таму бројките од едвај сто луѓе дневно, месецов стигнуваат и над 500. За игра стара петнаесет години која нема ништо ново барем пола од постоењето, ова е прејако. Покрај ова, многу од некогашните водичи и туторијали се имаат изгубено од интернет, па некои работи повторно се откриваат и од стари и нови играчи, ко сега тазе да е излезена.
 
RIFT е од оние MMORPG наслови кои се дизајнирани да се играат со луѓе. Има огромен динамичен отворен свет, кој во постојано има ивенти наменети за повеќе играчи. Се појави додека World of Warcraft од врвот спаѓаше на Cataclysm, дрско ја предизвикуваше со незаборавниот "We're not in Azeroth anymore" маркетинг и во еден момент неверојатно блиску ѝ се доближи. Имав и некоја среќа да ја фатам ептен на почетокот, уште од бетата во декември 2010. Не постои WoW клон што толку добро успеа да ги долови најдобрите работи што играта ги имаше до Wrath of the Lich King и врз нив да гради со уникатни концепти кои до ден денес не се надминати во ниедна друга игра од жанрот.
 

Во RIFT, светот е сардисан од шест елементални сили, претставени преку змејски ентитет. Сите тие со своите армии, од нивните димензии доаѓаат до светот преку бројни процепи кои рендом се отвараат на различни локации. Покрај стандардното MMORPG квестање и авантури, како играчи мора да се справувате и со овие "рифтови", односно да ги истепате нивните неколку фази. Ги има многу, многу различни видови, може со месеци да играш за повторно да сретнеш ист рифт, а во секоја зона може да има повеќе во еден момент.
 
Од нив изглегуваат различни сушства, кои доколку не бидат спречени прераснуваат во "инвазии" кои се движат и преземаат населени места во зоната, поточно места со NPC карактери кои им служат на играчите за квестови, продавници, разни професии и слично. Ако инвазијата преземе таква локација, пак ќе треба да се соберете за да ја елеминирате. Во склоп на ова, дневно низ светот се случуваат и разни специјални ивенти кои ја имаат истава механика, ама се потематски и наративно склопени, а она што доаѓа од рифовите е значително засилено и обично е потребно поголема група на играчи. Презабавно е. 
 

Сега има доволно народ за сè што ќе се појави, за разлика од претходниот пат кога се имав логирано и пола свет беше преземен од нешто, без никој да го спаси. Вакви слични ивенти ќе сретнеш и во Guild Wars 2 и во многу поглупа, рудиментирана варијанта и во WoW, меѓутоа никој не ги направи толку добри и возбудливи како RIFT. Самиот дизајн овозможува да влијаат на околината, пример ако е огнен рифт, ќе ја спали земјата и слично. Прават како играч да ги почуствуваш последиците и те поттикнуваат да преземеш нешто. 
 
Во една од следните експанзии додадоа и Nightmare рифтови, тие се моментално најпопуларни кај нови играчи и стари што ги пропуштиле додека беа актуелни. Фазите им тераат додека се пресретне тајмерот и секоја наредна станува потешка, па обично се собираат по неколку рејд групи на тепање. Може и пола ден да се млати таков рифт. Не е рендом како другите, мора некој да собере доволно ресурси за да отвори еден ваков. Јако е што кога ќе се отвори е општа возбуда на цел сервер, сите трчаат натаму. Последен пат ова го имав видено пред десет години. 
 
 
Штета како Trion ја остави играва да заврши вака, продадена на шупачка компанија како Gamigo, кои со кур не мрднаа да инвестираат и вистински да пробаат да ја вратат. Едвај имаат тим за одржување на најосновни работи, еве тие што рејдаат на 50 левел, уште чекаат вистински exp lock. Имплементацијата теоретски би требало да е лесна, ама актуелниот мал тим не е доволно запознаен со кодот за брзо да заврши работа. Има едно Death of a Game видео за RIFT каде што е убаво објаснето што се случи и како Trion се глупираа со разни ризични проекти наместо да се фокусираат на најпрофитабилните. 
 
Покрај "ера" начинот на играње каде што на 50-ти левел мора сам да се пазиш да не фатиш 51, има и тазе играчи што не ги интересира ова, туку сакаат да ја искусат играта со сите експанзии до краен левел. Ја сум во вторава група, барем на еден карактер ќе пробам и "ера", меѓутоа има премногу забавни работи вон таа содржина за да се ограничиш. Среќа, сега има доволно луѓе и за едното и другото. Планот на "ера" групата е постепено да прогресира низ сите експанзии, па евентуално двете групи на крајот ќе се сретнат на исто место. 
 

Најважното е што има лабава гостопримлива заедница, чиј ентузијазам ја прави најкомотната MMORPG игра во моментов. А не ни мораш да учестуваш во било какво глобално или групно случување, можеш лефтерно сам да си тераш квестови и сопствени авантури. Светот во RIFT е огромен и отворен, не мора да го спасуваш ако не сакаш. Има многу, многу содржина. Приказната е интересна, не се врти само околу тие шест елементални непријатели, туку секоја зона и континент си има и сопствени случувања од кои можеш да си дел.
 
Лабаво левелирам и играм содржина што долго време не сум можел да ја играм прописно поради тоа што немало луѓе. Главниот карактер на матичниот сервер ми е доволно моќен да можам сам да пржам стари инстанци, ама не е истата забава. Овде моментално играм некаков Некромансер. Една од најдобрите работи во RIFT е што имаш огромна слобода во креирање на тоа што го играш. Секоја класа има околу десетина подкласи со сопствени дрва и можеш три од нив да ги комбинираш во една улога. Има некаква мета нормално, ама нема да ти треба за левелирање, а и поинтересно e да склопуваш и експериментираш сам. Нема да си секогаш најефикасен секако, ама комбинациите што можеш да ги правиш се налудничави. 
 

Многу ми е ќеф што ја гледам RIFT во оваа состојба. Мислев дека следниот пат кога ќе треба да пишувам за играта на блогов, ќе биде некое збогување зашто најавиле дека ќе гасат. Којзнае до кога ќе цепа вака, ама во моментов нема знаци на сопирање. Бесплатна е, сосе сите експанзии и чуда, па нонстоп циркулираат и стари и нови играчи. Брзо се прошири вестта дека е некако назад, а толку е очајна состојбата во MMORPG жанрот што ете ова е меѓу подобрите опции. 
 
Иако има содржина да потрае и да го извози бранов на подолго, се надевам дека дел од луѓето што се вртат тука ќе донесат и некој профит за Gamigo да го види потенцијалот на RIFT. Или уште подобро, некоја друга компанија да им ја откупи како што ја откупија Defiance, која би дала вистински нов живот на играта со тазе содржина. Не верувам дека некогаш RIFT пак ќе ја има шансата како сега, па се надевам дека некој ќе успее да ја искористи. 

December 8, 2025

За Predator: Badlands

По одличните Prey и Predator: Killer of Killers, немав сомнеж дека Ден Трактенберг ќе убоде по трет пат. Овие два филмови ја доведоа франшизата во многу повитална состојба од претходно и Трактенберг изгледаше како некој што разбира како се склопуваат добри Предатор приказни. Двата филмови не отскокнаа премногу од оригиналниот рецепт на браќата Томас, меѓутоа познавањето и ентузијастичкиот пристап на Трактенберг создадоа услови вистински да проработат нови свежи идеи, нетипични за целиот серијал.
 
Но Predator: Badlands, третиот филм во оваа низа на Трактенберг, докажува дека сепак за експериментите постои некаков лимит и дека Предатор формулата има параметри кои не смееш да ги одземеш. Немав некои преголеми очекувања за филмот, ама бев загреан за гледање. Имав некоја доверба стекната со претходните два. Пропуштив IMAX проекција во комшилук со другари и ми беше многу криво. Сега кога конечно го изгледав, можеби и подобро што не бев. Немаше да се сопрам со јадење гомна цел пат за назад, ќе ме симнеа негде.
 

Со намера да се поштедам од спојлери, пропуштив да видам и дека Predator: Badlands е PG-13, што барем ќе ме припремеше за тонот на филмот. Не сметам дека Предатор филм треба да се воздржува од насилство и тематика несоодветна за помлади. Има доволно такви, а оваа франшиза најдобро функционира без да ја инхибира акцијата и да припазува да не вознемири некој кога ќе откорне нечиј р'бет. Причината за ова да е без R рејтинг е глупа, не прифаќам дека "немало потреба" поради тоа што филмот е полн со синтетици и вонземски раси наместо луѓе. Вистината е веројатно дека Дизни полакомени од успехот на претходните, решиле ова да го разводенат и понудат на поширока публика.
 
Ќе терам со спојлери од тука натаму, така што ова нека биде предупредувањето. Прво да расчистиме дека Predator: Badlands не е лош филм, барем не како оној на Шејн Блек. Има квалитети поради кои не би можел лесно да заврши во тој кош. Само е нефункционален како Predator филм, што е голема штета затоа што истиот тим во само три години покажа капацитет за многу повеќе. Секако е за поздрав третиот обид за различна приказна од светот на најпознатите ловци во фикција и тоа раскажана од нивна перспектива, меѓутоа ова овде е толку отцепено од суштината на Predator што не би имало никаква разлика доколку се викаше поинаку.
 
Кој сака да гледа Предатор со нагласени човечки особини што наместо да го лови пленот по кој е дојден, се спријателува и сочуствува со роботи и слатки животинчиња кои се тука присутни затоа што Дизни упорно го бара следниот "бебе Јода" продукт? Јас не. Не ги гледам овие филмови поради семејната динамика на Предаторите и нивната чувствителна страна. Сакам да гледам како пленот се справува со ова како закана, или ако веќе моравме да го видиме аголов, како еден ваков ловец ќе триумфира и ќе докаже дека го заслужува местото во неговиот клан. 
 
Ликот на Дек е несоодветно напишан и обмислен и не можеш да навиваш за него колку и да се трудиш. Кога ќе видиш, татко му беше во право. Дек е срам за кланот, баш како што и самиот филм ја нарушува честа и угледот на франшизата. Верував дека Трактенберг може повеќе од приказна за тинејџер избеган од дома чиј бунт против родителите вклучи и напуштање на сопствената традиција. Демек јаката опресија, па еве Дек се еманципираше и се сврте против својот затуцан народ. 
 
Со феноменалниот сетинг на располагање, Badlands комотно можеше да биде еден од најдобрите Predator филмови, доколку Дизни му ги немаа врзано јајцата на Трактенберг. Потенцијалот е неверојатен. Опасната планета е еден од најзабавните аспекти на филмот и сигурно ќе беше многу поефективно да гледаме како Дек ги користи нејзините смртоносни ресурси во своја полза додека се адаптира при ловот, наместо да гледаме андроид што не затвора уста со лоши обиди за хумор. Замисли таков Predator филм, само со акција и без дијалог. Скоро гледав Primal, анимираната серија на Тартаковски, и не можев да престанам да мислам колку Badlands лесно можеше да биде нешто во тој фазон.
 
После ова и катастрофалната Alien: Earth што едвај ја догледав, веќе не сум сигурен дека сакам нов Alien VS Predator филм. Мислев дека Predator: Badlands ќе го пегла теренот за нешто такво, ама беше прилично прибран со референците. Очекував многу повеќе фан сервис, добро е што не претераа. Не се осмели да гради многу натака, туку сѐ што вети на крајот е дека авантурите на оваа мала досадна дружина можеби допрва почнуваат, што веројатно е подобро. Ако воопшто постои публика за ова, нека си тераат. Полесно е да игнорирам нешто што знам какво е, отколку да отседам уште еден разочарувачки AVP филм. Штета. Конечно ја имаа топката во раце и ја шутнаа во трња. 
 

December 1, 2025

Малку муфте Dune: Awakening

Баш кога дојде време да се бара некоја удобна зимска игра, се појави Dune: Awakening со десет пробни саати бесплатно. А ја чекав да излезе и кога конечно излезе летоска, тоа што го видов и разбрав некако ме наговори дека моменталната цена е мала бариера. Сакам Dune, ама малку сум така-така за ваков тип на survival игри. Valheim се погоди во право време со правите луѓе, тоа е неповторливо искуство. Едно е да пловиш на сплав со саати по изгубената опрема, дур урлате со другари на дискорд во полициски час, друго е сам да јадам песок низ Аракис затоа што скоро никој не ја игра.
 
Ама, океј. Не сум толку наклонет кон градење и одржување бази и засолништа, па си ги седнав овие десетина саати, распоредени во скоро цела недела, да видам дали Dune: Awakening со нешто друго ќе ме убеди дека е погодна за зимување. Сакам да истражувам отворени светови во игри, а до сега овој на Френк Херберт не бил понуден вака опширно. Концептот е супер, а и наративот дополнително работи во полза на механиките што доаѓаат со самиот жанр. 
 
 
Никој и ништо, пуштен гол и бос на вруќ песок, се обидуваш да преживееш на една од најпоганите планети во фикција. Бегаш во сенка од расфрлените карпи да не те удри топлотен бран, пиеш роса од цвеќиња за да не дехидрираш и пазиш како се движиш низ песок за да не разбудиш црв. Веруј, не сакаш ова последново. Има и бандити што не ти мислат добро, ќе ги најдеш напикани во пештери или низ кампови околу карпите. Откако ќе поминеш некое време како голтар додека се запознаваш со опасностите, почнуваш да си правиш разни алати, оружја, опрема, облека и слични работи кои ти создаваат шанса за подолг опстанок на немилосрдниот Аракис. 
 
Имаш и свое засолниште што го градиш сам, па во него развиваш разна машинерија која ти овозможува да правиш уште подобри и покорисни работи. Од машини за обработка на руда, апарати што преработуваат крв во питка вода, до разни возила кои патувањето низ дините ти го прават полесно и побрзо. Јас склопив моторче што за кратко го прегреав и расипав, а само што го поправив ме изеде црв сосе него. Така што тоа "полесно" и не мора да е точно. Колку што разбирам, самото засолниште не е трајно, туку со тек на време се распаѓа, па нема приврзување. Постои опции да ја ископираш шемата и изградиш одново или целосно да го преселиш на друго место, ама не стигнав да видам.
 

Елементот на преживување е добро имплементиран. Ако сакаш вакви игри, можеби е уште позабавна. Собирањето материјали, барем на почетокот, се состои од собирање на истите материјали камења, руда, метал, грмушки со кои правиш завои за да се лечиш, а крвта на непријателите ако не ја обработиш во базата, ја пиеш директ од специјалните матарки што ги носиш со себе. Јеби га, мора некако да се хидрираш во овие услови. Собираш и валута што ја користиш за купување на разни нешта во пријателските бази, каде што и добиваш нови мисии кои ја прогресираат приказната и те учат на нови начини на преживување.
 
Да, има и приказна што не ја очекував, поточно не очекував да е толку интересна, блиска до изворниот материјал и солидно вклопена во ваков тип на игра. Dune: Awakening има феноменално воведно видео и исто таква презентација на причината поради која ти, затвореник од сосема друго место, си фрлен пред милоста на опасна пустинска планета. На тој бран и ме завози. Dune: Awakening нуди интересна уверлива верзија на Аракис, меѓутоа остатокот не ми личи дека е драстично поразличен од овие неколку саати мустра. 
 

Брзо ме засити. Немам проблем со грајнд и репетиција, ама ова за кратко успеа да ми ги претвори возбудливите моменти во обична рутина. Два пати, три пати, пет пати ќе одиш претпазливо по песок, ќе испровоцираш црв, и тоа е пропратено со спектакуларни ефекти, онака музика пичи, грми и се тресе сѐ околу, индикаторот е црвен, скока горе-доле. Ќе се вивне масивен Шаи-Хулуд од песок, ќе се стрчаш кон најблиската безбедна карпа, ќе земеш малку воздух и тоа е тоа. Разбирам дека е клучен елемент и од самиот гејмплеј и идејата е да се пазиш затоа што ако те лапне губиш сѐ што носиш со себе, меѓутоа е толку често што секој следен пат има намален ефект.
 
Играта прави напор да е визуелно разновидна, иако бандитските кампови и пештери се буквално истите копипејстани. Се најдов во некоја подземна ботаничка градина што малку ме одмори од бескрајниот песок. Налетав и на еден многу забавен психоделичен момент од "кампањата" кога во една длабока пештера си под дејство на меланж и решаваш пазл. Очигледно има повеќе вакви што ја движат приказната, само што во овие лимитирани саати успеав само до еден ваков пазл да стигнам. Во секој случај, добро е што има и вакви ситни начини за малку да е пошарено. 
 

Не дека не е забавно, можеби понатаму е уште позабавно, ама ова што го видов е таман за да не можам да го оправдам времето, а и цената. Особено што покрај тие 50 евра за основната игра, бара уште 12-13 за дополнителен краток квестлајн и козметики. Полесно ќе прежалиш пола од оваа цена ако ти скурчи играта за пет-шест саати. Мултиплеерот не го приметив, серверите се мали и мислам дека сретнав само една или две други бази на играчи. Ендгејмот е баш повеќе фокусиран на мултиплеер и тепачки со други играчи, ама за тој дел воопшто не сум заинтересиран. Комбатот е толку штур што којзнае колку килаво би изгледала тепачка со друг играч. 
 
Еден ден сигурно ќе дадам пак шанса. Уште се работи на играта и можеби ќе ја затекнам во друга состојба. Овојпат не успеа да ми го зачини искуството и да ме убеди да останам и после воведните саати. Можеби е сепак до репетитивноста на активностите или илузорната слобода каде што во отворен свет играта постојано те шета за рака од едно место до друго, не знам. Нешто фали. Колку и да сакав да избегнам споредби, едно обично цепење дрва во Valheim некогаш е позадоволително од некои работи што ги правев тука. 
 
Види такоѓе: