November 8, 2017

Требаше порано да напишам за K-Pax

Имаме еден групен чет со другарчињата каде што секојдневно споделуваме наслови од македонски портали кои се занимаваат со вести и трачеви од естрадата и шоу-бизнисот. Само наслови, без кликање на преведените статии за како не би им правеле сообраќај. Прво затоа што никој не го заболе за црните змии што се собрале на гробот на Јелена или силиконите во чмарот на некоја Кардашијан, а второ затоа што некогаш се развива дискусија базирана на инвентивни претпоставки за што би можел да крие еден таков наслов.

Но, вестта за Кевин Спејси што беше секаде низ интернет дека пред триесет години пробувал да обљуби нелегален тинејџерски сфинктер нè затекна сите неспремни. И, тоа не било чиј, туку на она докторчето од Star Trek: Discovery. Изминатиов период Холивуд го тресат слични скандали кои иако воопшто не се пријатни, не ме засегаа претерано. Ова со Кевин Спејси што испадна дека наводно е девијантен сексуален грабливец, ме утепа. Да беше еден случај, можеби ќе имаше обид да се заташка, ама не, не престанаа да излегуваат жртви што биле "кевинспејсани". Не слушаш секој ден вакви одвратни ствари за актери што си ги сместил во листата на најомилени.

Кевин Спејси качен на дрво, загледан во млади момчиња (K-Pax, 2001)
 
Кариерата на Кевин Спејси е готова. Иако нема официјално обвинение или тужба, толку е од него. Ситуацијата е деликатна и преосетлива за никој никогаш веќе да не сака да ризикува професионален ангажман со него. Тогаш што е со филмското наследство што Спејси го изгради пред ова? Како јавноста ќе гледа на ова? Како јас, како дел од таа публика ќе ги доживувам филмовите? Решив да си го одговорам ова прашање со прегледување на еден моите омилени филмови со Кевин Спејси, драмата со научно-фантастичен тон, K-Pax.

K-Pax е еден од оние филмови чие ДВД го имам уништено од гледање. Во 2001 бев прилично млад кога се излезе, онака како Ентони Реп млад, што значи долга историја ме врзува за филмот, а ете дури сега решив да му посветам внимание на Crapwerk. Можеби сепак не е предоцна за постот со наслов "Неколку филмови со Кевин Спејси што ме допреле како мал"? Шестнаесет години од првото гледање, K-Pax со секое наредно само си ја зацврстува позицијата кај мене. И, предатор или не (види фотос), Кевин Спејси е одличен актер, веројатно еден од најдобрите откако постојат актери како концепт, и таа титула никој не може да му ја одземе. Не релативизирам, така е. Додека сега го гледав K-Pax, се трудев да го одвојам ликот што го глуми од престапникот кој веројатно е во вистински живот.

Спејси во K-Pax го глуми Прот. Прот е мистериозен лик со засенето минато, што се претставува себе како вонземјанин од планетата Кеј-Пекс. Откако ќе биде случајно уапсен на аеродром, завршува во психијатриска установа каде што докторот Пауел (Џеф Бриџис) преку психијатриските сесии се обидува да ја открие причината и вистината зад тврдењата на Прот. Прот е убеден во тоа што го зборува. Тврди дека патува со напредна технологија која ја користи светлината како начин за интерпланетарен транспорт (не брзната на светлината, туку баш светлината), има огромни познавања од астрономија и општо човечка наука, но нема практичен доказ со кој би поткрепил дека потекнува од друго место.

Филмот претежно се базира на интеракцијата помеѓу ликовите на Кевин Спејси и Џеф Бриџис, со сценарио кое комотно би можело да се адаптира и во театарска претстава. Нешто како еден сличен филм што се појави некоја година подоцна и е од сличнен жанр - The Man From Earth (строга препорака!). Низ цел филм, наративот си поигрува и ги става на тест сомнежите и верувањата на доктор Пауел како и оние на публиката, оставајќи гo расплетот за сопствена интерпретација. Дали Прот е навистина од Кеј-Пекс или е само алтер-его создадено од истрауматизиран човек е дискусија која може да оди во недоглед, и тоа е само едно од многуте фини искуства кои ги нуди гледањето на K-Pax.

Базиран е на серијал новели од Џин Бруер, кои го неутрализираат теоретизирањето околу Прот со што ја одземаат целата забава, па така што се потрудив да ги избегнувам. Филмот е толку добар зошто постојано те пренасочува и успева да е чекор пред тебе, книгите наводно биле попрецизни со заклучоците. Режисерот Иен Софтли одлично ја трансформирал идејата оставајќи те да си најдеш сопствена дефиниција за вистината. Нешто како Прот, нели, или можеби доктор Пауел? Затоа и K-Pax ми останува и понатаму еден од омилените филмови. А, толку се добри актерските перформанси на Спејси и Бриџис тука, што не успевам ни еден од нив да го видам надвор од ликот. Комплетно се претопуваат во Прот и Пауел, што е невозможно во тие два часа да ги асоцираш со било што друго.

Но, и покрај ова, тешко ми е да кажам штета за кариерата на Спејси. Вистинската штета е на друго место и доколку сите овие обвинувања испаднат вистинити, се надевам дека ќе си го добие заслуженото. Тоа е нешто што ни дваесет Прота, Созиња, Лестери и Џон Доа не би можеле да го оправдаат. Џабе толку квалитетен актер ако е таков настран гнасен манијак.

No comments: