September 11, 2017

БоЏек

Доколку се познаваме во живо, шансите да сум те гњавел со BoJack Horseman се огромни. Ако не, ти си среќна особа и многумина би ти подзавиделе. Пред околу една година, Добриот Доктор ми ја препиша првата сезона (третата само што беше излезена) и некако успеа да ме убеди да дадам шанса на нешто за кое мислев дека е уште еден анимиран ситком од типот на Family Guy или што и да е. Крајно скептичен, едвај ги догледував првите епизоди пред BoJack Horsemаn да се прикаже во вистинското светло и еве денес после бројно, бројно прегледување на трите сезони, можам да кажам дека цртан со антропоморфни животни каде главниот лик е депресивен коњ алкохоличар, ми е омилената серија во животот. Имам многу да зборувам за BoJack Horseman, но ова подолу е најмногу што можам да без спојлери.

Па, што е BoJack Horseman и "вистинското светло"? Серијата го следи БоЏек Хорсмен, поранешна ѕвезда на популарен ситком од раните 90-ти, Horsin' Around. Осумнаесет години по укинувањето на Horsin' Around и неговиот последен успех во кариерата, БоЏек трага по смислата на сопственото постоење во безмилосниот Холивуд, често пијан и депресивен. Постојано прегледува и стари епизоди од Horsin' Around, присетувајќи се на последниот пат за кога верува дека бил вистински среќен. На почетокот на серијата, ја најмува писателката Дајен за да му помогне со пишување на книга со неговите мемоари за која е цврсто убеден дека ќе биде големиот камбек што ќе направи повторно "сите да го сакаат".


BoJack Horseman почнува наивно, речиси и познато. Колку пати си гледал нешто каде што главниот протагонист е измачена мизантропска душа која не знае како да се справи со сопствените демони? Но, евентуално, на крајот коцките се местат во некаков среќен крај и пријатно галопирање кон зајдисонцето. Со ова не е така. Зад целиот хумор и сатирата насочена кон модерниот холивудски гламур и селебрити културата, BoJack Horseman отплеткува сирови човечки емоции, самотија, социјални интеракции и невозвратена љубов, многу поблиски до реалниот живот отколку серии како Californication, при што често кокетира со битката со зависност од пороци и ментални болести.

Некогашната слава на БоЏек му овозможила да живее во комоција и луксуз. Но, и покрај привилегиите кои ги ужива, е крајно несреќен и неуспешно се обидува да се соочи со тоа што е. Огорчен и депримиран, злоупотребува сè од супстанци до луѓето блиски до него, ги руши сите мостови со токсичното однесување и неретко повлекува други надолу при неговото самоуништување и самосожалување. Сака да е среќен и добар, но едноставно не може да најде начин како. Дури и кога ќе сфати дека проблемите со кои се соочува извираат токму од него, го прифаќа тоа и повторно се врти во круг, правејќи ги истите работи очекувајќи поинаков резултат. Некогаш не ти ни дава простор да сочуствуваш со тоа што му се случува, а уште помалку да го сожалуваш.


Понекогаш серијата е можеби пребрутална со ситуациите во кои го става него и ликовите кои го опкружуваат, но еј, ова не е лабава серија на која ќе утепаш дваесетина минути за да се посмееш. Има брилијантен хумор, тоа е точно, меѓутоа крие многу помрачни и непријатни слоеви исполнети со егзистенцијален хорор и изненадни клоци во гениталиите. Како што тераат сезоните, така го гледаш сизифовскиот напор на БоЏек кон валидација, исполнетост и љубов, па ја сфаќаш смелоста на луѓето зад серијата да прикажат дека животот не ти должи ни зрак сонце после олуја. Не се извлекува секој, без разлика дали е одговорен за сопствените неприлики или не. Тоа и ми ја прави серијата толку привлечна. Многу често е утешителна и терапевтска.

Четвртата сезона излезе пред некој ден. Уште имам измешани чувства и не можам да си ги средам впечатоците во целост, но бев затекнат од тоа што зема малку поинаков правец, благо поместувајќи го фокусот од БоЏек кон неговото минато и ликовите кои се околу него претходните три сезони. Приказната е секако пaк трагична и трогателна. BoJack Horseman веројатно ќе може да тера барем уште две сезони пред да се сруши од сопствената тежина и да почне да се врти во досаден круг. Наративниот прогрес е константен, но ме плаши побарувачката на нови сезони да не му наштети на квалитетот.

Препорачувам гледање. Макар и само првата сезона. Бара стомак и трпение, а и знае да врати назад. Нема да ти понуди животна лекција која ќе те направи подобра личност полна со оптимизам, ама ако ништо друго, барем за момент, ќе ти фрли светло на некои ствари што можеби не си ги видел поради сопственото напумпано его и цинизам.

No comments: