July 30, 2016

Не е лето без Lois & Clark

Откако почнав да гледам The Flash, не можев да ја извадам Lois & Clark: The New Adventures of Superman од глава. Освен тоа што двете серии се адаптации на ликови на DC Comics, слични ги прави и лабавиот наивен тон поради и кој се можеби така допадливи. Двете припаѓаат во различно доба и на поинаква генерација, но нудат сличен тип на забава, нели? Симнав неколку епизоди од Lois & Clark да си ја потврдам теоријата и да ја нахранам носталгијата, меѓутоа одговорот е... не баш.

Мојата генерација растеше со Lois & Clark. Покрај секој зимски распуст, верски или државен празник кога традиционално се прикажуваа старите Супермен филмови со Кристофер Рив, една друга телевизија преку цело лето вртеше серии од 90-ти, меѓу кои и оваа. Тоа за жал прекина во моментот кога на телевизиите им забранија да прикажуваат пиратски филмови и серии, а со тоа добар дел од нас почна да заборава како е да се седи пред телевизор без сам да си ја донесеш содржината на него преку некој друг уред.


Немав гледано Lois & Clark со години. Последен пат беше веројатно на ДВД, во периодот кога почнав да собирам серии, а телевизиската продукција уште не беше започната со раѓање на наслови кои комплетно ја редефинираа, носејќи ги стандардите на едно друго, повисоко ниво. Неколку епизоди од Lois & Clark и тие дваесетина години возраст на серијата веќе почнаа непријатно да се чувствуваат. Да, серијата има остарено многу полошо од што мислев. До тој степен што епизоди што некогаш едвај сум чекал да ги гледам пак некое лето, сега варираат од "океј, онака" до "зошто Бобо губиш време на ова срање, наместо да гледаш како ти расте тревата во двор".

Ситуациите во кои Лоис и Кларк се затекнуваат, а не се поврзани со нивната сексуална тензија која трае цели две сезони, се пресмешни. Не ми е јасно дали се новинари, детективи или форензичари. Се справуваат со ствари како мафија во Метрополис, до клонови што се хранат со жаби. Не само што приказните вриштат 90-ти, туку секој нивен аспект е објаснет преку реплики од ликовите и некогаш е толку лошо, што се осеќаш како криптонец изложен на крупно парче криптонит. Некогаш е скроз мета, па Џими и Пери дискутираат како се само споредни ликови кои се тука за да ја движат приказната на Лоис и Кларк. Тоа можеби е и симпатичен детал.

Продуцентите на серијата исто така сакале свадбата на Лоис и Кларк да се поклопи со таа во стриповите, па затоа сезона и пол има епизоди кога се појавуваат ситуации што ќе ја одложат. Лоис е клон, доаѓа некоја невеста на Кларк од Критон поради која он ќе развие чуден морал и ќе почне да го третира бракот како најсветата институција во вселената. "Брак, брак, Лоис во брак сум, ова е страшно, едвај можам да те бацам зошто сум во брак со некоја што не ја сакам". Кларк, собери се брату, во ред е.

Дин Кејн е лош Супермен и лош Кларк Кент, и тоа не е само поради сомнителниот избор на 90-ти спандекс. Се однесува исто кога е двајцата, единствената разлика е што има наочари. Нема смотан Кларк и авторитетен Супермен. Се чудев зошто никаде го нема после серијава, а сега конечно во 2016 ми е јасно. Не знае да глуми, толку било едноставно. Зошто не можев да видам претходно? За разлика од Тери Хачер, на пример, која е веројатно најдобрата "жива" Лоис Лејн.

Но, да не бидам толку строг. Кога сфатив дека нема шанси да го гледам ова осми пат по ред, одбрав десетина епизоди што ги памтев како добри. Или што воопшто ги памтев, сеедно. Епизодите со Х. Џ. Велс и Темпус се супер. Патување низ време или паралелни димензии? Одлично! Каде да се потпишам за такви епизоди? Има и една кога првпат ќе се појави криптонит во серијата, кога Лоис и Кларк се на некој фестивал за пченка во Смолвил. Џонатан и Марта Кент се феноменални секогаш, без разлика на тоа што во стриповите имаат друга судбина. Единствените Кентови што до ден денес ги признавам во било која адаптација.

Издржав некаде до крајот на трета сезона и почетокот на четврта. Со Нов Криптон. Ова го памтев како напнат ивент што се протегаше низ неколку епизоди. Доаѓаат лоши Криптонци и го освојуваат Смолвил, Кларк има црн костим со плаво "С", забавно нели? Не. Не е воопшто забавно. Забавно е колку што Sliders е забавно во 2016. Сеќавањата ти се забавни. Да не зборам за тоа што Нов Криптон изгледа како некој правлив пластичен сет, заборавен во некое студио од Star Trek: TOS. 90-ти се, не знам како успевала серијата да изгледа како нешто триесет години старо.

July 27, 2016

Непотребен аранжман во Азерот

Некогаш ќе се разбудиш многу рано сабајле и најдобрата идеја што ти доаѓа на ум е да си уплатиш два месеци World of Warcraft. Воопшто не ни планирав да играм летово на официјален сервер, особено не откако Blizzard ми го одземаа приватниот дом, но ете, додека се расонам вчера веќе почнала да ми тече претплатата. Третото кафе го пиев логиран со мојот засекогаш омилен ворлок Zearth, после година и пол

Пред некој ден, Blizzard пуштија pre-patch за Legion, па се затекнав во така малку непозната територија. Талентите ми се ресетирани, магиите изменети, а за чувството да биде уште попочетничко, ниту еден од ад-оните што ги користев претходно не ми работеше. Не се ни обидов да разберам што прават новите валути и зошто веќе не постојат honor points, туку решив да видам што можам да направам сега со овој изменет ворлок. Пак го намалиле магискиот арсенал, па со тие малку копчиња за кликање го оставив кучето да рејда Hellfire Citadel.


Hellfire Citadel всушност е и единствената нова содржина што ме интересира и што ја пуштија откако сфатив дека Warlords of Draenor е најлошата експанзија во историјата на играта. Сега сум среќен што ги фатив само првите и последните месеци од оваа грозота. Едвај чекам да заврши, зошто не можам ни минута да издржам во ебаниот гарнизон во кој неприкинато ми врне снег. Па, уште го "збогатиле" и со бродови кои можеш да ги праќаш на мисии. Да сакав да го правам ова ќе играв игрици на Фејсбук со тетка ми. Како ќе го решат овој проблем кога ќе излезе Legion, не ми е јасно. Ќе треба за десет левели пак да градам инстанцирано село во мртва зона? 

Сега ги трчам WoD рејдовите со Zearth, тоа ми е единственото забавно во моментот. Имам неколку мали карактери што не можам да ги пркнам зошто физички ме боли кога ќе помислам на левелирањето од 90 до 100. А, алтернативата на квестањето за левели ќе ми здосади пред да речеш "Алијанса". Дури и PvP содржината "паузира" без награди до излегувањето на Legion. Ебате играта што не ми дозволува да ја сакам како порано.


Штета што во среде Дренор има таков тумор како гарнизонот. Да беше опционално, немаше да сум вака огорчен. Зоните се преубаво дизајнирани, еве сега уште поубаво ги осетив, зошто додека чекам да се соберат луѓе за LFR се шетам и разгледувам. Немам квестови за правење, не планирам да ги собирам тие срањата за летање во нешто што практично ќе биде безкорисно за еден месец, па затоа само си ги јавам ретките маунтови додека играта ме пушти да го тепам Манорот и во исто време да му објаснувам на Бојчо на чет дека WoW е супер и дека тотално треба да се врати.

Овој период во очи на експанзија е забавен, така што можеби и џабе кењам. Опуштено е. Моменталните рејдови ќе се актуелни уште еден месец, а тие играчи што не се на одмор веќе ја знаат механиката и стратегијата, па брзо се проаѓаат. Не сум хардкор рејдер, никогаш не сум ни бил, сакам само да видам како изгледаат одвнатре, да умирам со уште 24 луѓе со саати во фрустрации и агонија и да си ја збогатам опремата на ворлокот со некое парче што ќе ми ја скрпи душевната неисполнетост што некогаш ја чувствувам во вистинскиот живот. 


Legion излегува на 30-ти август. Јас ќе сум со претплата скоро до крајот на септември. Не планирам да ја купам на денот на изглеување, веројатно ќе почекам другариве да ја пробаат и да ме осигураат дека нема да биде само на почетокот добра како што беше Warlords of Draenor. Освен тоа, сите ќе бидат демон хантери, а последното нешто што ми треба е таква гужва од играчи во зона каде што знам дека апсолутно нема да има потреба од соработка со други. Тој дел од играта е одамна непостоечки во отворениот Азерот. Фала што ја уништивте заедницата, Blizzard.

Види такоѓе: 

July 25, 2016

Околу Justice League филмот

Чичковците ангажирани за третманот на филмските адаптации на DC Comics изгледа конечно си ја научија лекцијата откако Batman v Superman: Dawn of Justice ја подели публиката и фановите на Marvel им се изнасмеаа во лице. Јас никогаш немав некој сериозен проблем со мрачниот тон и отсуството на хумор во последните DC филмови. Проблемите беа поинакви и веќе сум преморен за да ги дискутирам пак. Но, судејќи според трејлерот за Wonder Woman филмот и краткиот тизер со сцени од Justice League, очигледно e дека стварите се движат во нешто поинаква насока каде што се осеќаат траги од стапките на филмскиот универзум на Marvel.

Видеото е така скроено, да одлично ја прикажува динамиката и карактеристиките на ликовите. Особено оние кои првпат се вака на филм. Marvel тоа го градеа постепено, филм по филм, па ги собраа сите на куп, ама некако имам верба дека и овој тазе ансамбл тука ќе биде поеднакво функционален. Ја мразам споредбава, меѓутоа е толку ни е врежана во перцепцијата како публика што не можам да ја заобиколам.


Добро е да се види полабав Бетмен. Бетмен што ќе испорача хумор, без разлика на тоа колку е циничен. Секаде каде што е Брус Вејн во видеото, може да се види дека Бен Афлек е уште поудобен во улогата. Дури има и една искрена насмевка кога Бери ќе го потврди учеството во Џастис Лиг како Флеш. Тоа не значи дека нема да ги скрши забите ако му застанеш на патот, Бетмен е, ама фино е некогаш да го видиш така искулиран. Веројатно и правецот на филмот го диктира тоа. Ако во BvS беше гневен и на крволочна одмазда за смртта на Робин, тука делува како да сака да се искупи со тоа што ќе го спасува светот од закана пореална од Супермен.

Бери Ален е исто кул. Дури има и мало скривалиште со монитори на кои меѓу другото, си гледа и Рики Морти. Кастингот ми е сосема океј и покрај тоа што толку многу го засакав Грент Гастин и мислев дека нема да можам да гледам друг Флеш. Костимот е малку чуден, повеќе е како оклоп, но додека е црвен и со жолт гром на градите, немам проблем. Повеќе имам проблем со тоа што кога ја користи моќта, светкавицата е плава. Можеби ќе го средат во пост-продукција, а можеби беше само во оваа сцена таква. Или зошто повторно филмот е со ограничена палета на темни бои, им изгледало чудно да биде жолто-црвено, еве не знам.


Аквамен е најзаебаниот дел во видеово. И, најмрачниот. Потемен е дури и од самиот Бетмен. Аквамен. Истиот Аквамен на кој му се смеат сите, тука изгледа како да му е прекурчено. Пие, импулсивен е, и веројатно нема да има проблем да ти тресне празна флаша од глава ако пробаш да се заебаваш со него. Бев малку скептичен за тоа како ќе се вклопи Џејсон Момоа во улогата, ама сега мислам дека сум убеден. Едвај чекам да видам како ќе се справат и со неговиот самостоен филм. 

Сајборг ми е најчудниот член на Џастис Лиг. Иако ги исчистав скоро сите Justice League броеви од Новите 52, никогаш не успеав да се поврзам со ликот на ниво на кое ќе ми биде гајле за него. Затоа само ќе се воздржам од коментари и ќе оставам филмот да ме изненади. Грин Лантерн воопшто го нема. Не сум во тек што се случува на таа тема. Можно е да го откачија скроз за филмов? На првата официјална фотка тимот е без него, а во Batman vs Superman го немаше на фајловите за мета-луѓе, ако добро се сеќавам. Можеби и паметна одлука. Со него филмот би бил пренатрупан.

Од Супермен исто така нема трага во видеото, но сосема е разбирливо зошто нели умре и веројатно ќе се врати некаде во втората половина од филмот. Претпоставувам откако Бетмен ќе го собере цел Џастис Лиг, па Супермен ќе стане од гробот кога најмногу ќе им затреба. Се надевам дека овојпат и Супермен ќе го погодат како што треба. Трета шанса е DC, ајде, можете вие. Ептен сум возбуден за ова, и сакам да верувам дека нема да оплескаат. Ноември 2017 изгледа толку многу далеку...

July 24, 2016

Batgirl: The Killing Joke (2016)

Знаеш, некогаш го контам Алан Мур. Јасно ми е дека нестабилна егоцентрична будала, веројатно добар дел од талентот го храни со тоа, ама некогаш е во право кога сере по DC и она што го прават со адаптациите на неговите дела. Ете, дури и се оградува, никаде на таквите адаптации на негови стрипови не сака да биде потпишан. Не му го разбирав гневот, иако ми беше јасно дека само строго си ја брани сопствената уметност. Сепак, годинава дефинитивно не е пријатно да си Алан Мур во војна со DC.

Прво, му ги трупнаа Watchmеn во DC Rebirth, некаде каде што тотално не мислам дека припаѓаат тие ликови. Сега им успеа да ја посерат и адаптацијата на еден од неговите најпознати наслови, Batman: The Killing Joke. Да. Го гледав и не ми се веруваше што гледам. Верувам дека и Алан Мур скришно ги гледања срањава и му паѓа по едно влакно од сивата шаманска брада за секоја минута. Среќа што Batman: The Killing Joke не трае толку долго, нели Алан?


Приказната од стрипот е кратка. Толку кратка што можеби е тешко да ја замислиш во анимиран филм што трае саат и кусур. Среќа што е доволно прецизна, па можеш да ја развлечеш за да ја собере, така? Епа, очигледно не. Некој му кажал на Брајан Азарело (се сомневам дека ова е само негова одлука) приказната од стрипот да ја пополни за се добие на должина. Друго објаснување за тоа што пола филм е Бетгрл - нема. Погоди што? Бетгрл како Бетгрл воопшто ја нема во стрипот, туку само како Барбара Гордон.

Но, ајде. Поголемата публика можеби нема да ја види толку лесно поврзаноста. Кога разбрав дека ќе ја има и Бетгрл, тоа и си го помислив. Тука е само поради тоа, на кратко публиката да се запознае со ликот. Не. Бетгрл не само што добива повеќе време отколку што е потребно, туку ја третираат како да е лик од тинејџерска серија наменета за женска популација. Оди на јога, има геј пријател на кој му ги раскажува проблемите, никој не ја сфаќа сериозно поради полот и има секс со Бетмен за кој се кае. 

Секојдневни работи што ги прават девојчиња, така? Секоја чест, еј. На кој му текнало дека ова е начинот да ја доближиш приказната до женска публика? Тоа е поентата на Бетгрл тука, нели? Не можам да видам ништо друго освен тоа. Разбирам дека треба да се има диверзитет во 2016, меѓутоа не вака. Не. Исто така, првиот пола саат не можев да видам дека е адаптација на The Killing Joke, па кога почна да се поклопува приказната со стрипот веќе ми беше сеедно. Супер е тој дел од филмот, ама доаѓа многу касно.

Не ми е јасно. Да сакале да пополнат минутажа, можеле комотно да влечат други делови од стрипот. Тоа и го прават на некои моменти. Ова со Бетгрл е намерно тука. Со умисла. Крајот, кој во стрипот е еден од најдискутираните краеви во историјата на стрипови е исто чудно изведен. Ништо конкретно не зборува. А, за да биде уште полошо, има сцена mid-credits каде што ја гледаш Барбара како станува Оракл. Да си легнеш и да си умреш е. Штета. Мислев дека ова ќе е најдобрата адаптација на DC до сега.

Види такоѓе:

July 23, 2016

Почетокот на втората сезона на Mr. Robot

Чудна е вторава сезона на Mr. Robot. Барем овие три епизоди што излегоа до сега. Како што движи приказната напред низ нив, се прашувам дали воопшто нè интересираше што ќе се случува после крајот на прва. Од бизнис перспектива, секако дека има смисла. Серијата е толку популарна, а верувам дека ќе остане и понатаму, па нема да ме зачудат уште неколку сезони. Но, нешто тука не ми штима асално. Верувам дека е уште рано за сериозни заклучоци, меѓутоа дефинитивно има некаква празнина после сите разврски минатиот пат која не можам во целост да ја прифатам.


Моментално, сезоната се занимава со голем дел од последиците од претходната. Се насетува и друга голема слика, меѓутоа темпото е некако забавено. Има многу флешбеци кон минатото, но вниманието сега е на насочено кон соочувањето со големиот хак што ги симна гаќите на Америка, со менталната ситуација на Елиот и големото откритие за Мр. Робот. Можеби тензијата отсуствува, но серијата дефинитивно почна да гази некои по помрачни и потесни сокаци. Елиот сега е изолиран од електронски уреди постепено тоне во сопственото лудило, позаебано од било кога.

Единствениот баланс, ако воопшто може да се нарече така, е Мр. Робот, но овој пат динамиката е поинаква. Елиот знае за Мр. Робот и тоа најмногу ме интересираше како ќе го изведат. Засега, клаустрофобијата од двајцата нив во една глава е можеби најсилниот аспект од сезоната. Реално, надвор од капуљачата на Елиот и не се случува многу. Но, сцените каде што се обидува да се оддели од хакерската персона и да се смести на некое покомфортно место, се апсолутно брилијантни. Братот се надминува со глумата.

Очигледно е дека наскоро доаѓа моментот кога Елиот ќе ја прифати сопствената природа и приказната ќе почне малку поинтензивно да се поместува нанапред и да понуди нешто што чие демаскирање ќе ме остави нем на крајот. Тешко е да се повтори двапати со истиот жар, но барем Есмаил сè уште јако удрира со она што му е на располагање, колку и тоа да изгледа количински помалку овојпат. Останува да видиме.

July 21, 2016

Добро е ова Stranger Things

Осум епизоди, Netflix продукција, оргинален материјал. Зошто да не, така? Пред да почнам со првата епизода, немав апсолутно никаква претстава што гледам, зошто освен насловот се потрудив да не дознаам ништо. Видов неколку добри зборови наоколу, но не беа воопшто важни. Непостоечките очекувања ми овозможија многу пријатни моменти и изненадувања, а таквите демнат од (буквално) секое ќоше на Stranger Things

Серијата е научно-фантастичен хорор чие дејство е сместено во мало гратче близу Индијана во осумдесеттите години, елемент од кој толку совршено црпи еден посебен ретро шарм. За едноставната приказната која се обидува да ја раскаже, браќата Дафер не можеле да одберат подобар амбиент. Такви мали рурални места се перфектниот клаустрофобичен сетинг за жонглирање со чудовишта, тајни владини проекти и језиви теории на заговор.


Во една таква спокојна жабокречина каде што последниот сериозен инцидент се случил толку одамна што едвај го памтат и повозрасните жители, мистериозно исчезнува дете. Додека градот трага по него, почнуваат да се случуваат низа други заебанции, еквивалентни на она што би се одвивало за време на оргија помеѓу Стивен Кинг, Спилберг, Џ.Џ. Абрамс, Молдер и Скали со Alien пуштен на телевизор во позадина. Влијанијата, иако очигледни, сепак се само омаж, но некогаш Stranger Things воопшто не се обидува да сокрие од каде доаѓа. И, тоа не е никако лошо.

Пресвртите, тензијата и интензивното темпо се присутни во Stranger Things уште од самиот почеток. Тоа го движи наративот заедно со отмената режија и фотографија, мајсторски користејќи ја секоја минута. Но, серијата вистински блеска со ликовите и актерите на кои им се доделени улогите. Главното светло е насочено кон групата деца, пријатели на исчезнатото момче. Одамна не сум видел толку добро уиграна, а толку млада екипа. Секоја чест. Брилијантноста и талентот се на ниво на оние од Stand By Me. На моменти дури и ги засенуваат повозрасните колеги, без оглед на тоа што Винона Рајдер ја можеби улогата на нејзиниот живот.

Не би откривал детали. Задоволството е поголемо кога ќе си го доживееш сам. Не е премногу долго, а напнатоста е умерена за биде вистинско уживање. Не ни мора да си некој голем хорор фан за ти го задржи вниманието. А, носталгијата по осумдесеттите, бројните референци кон тогашната поп култура само дополнително го зајакнуваат сето она кое е Stranger Things. Така благо и суптилно, а сепак доволно за да се создаде природна кохезија со целата атмосфера.

Серијата засега ми е најголемото изненадување од оваа година. Популарноста расте секојдневно колку што можам да забележам, а веќе е најавена и втора сезона. Како што ги догледував последните епизоди со овој факт веќе познат, мислев дека ќе следат некаков антологиски формат. Меѓутоа, имајќи го самиот крај во предвид, јасно е дека приказната тера понатаму ваква каква што е. Едвај чекам.

Види такоѓе:

July 19, 2016

Кажи им дека е зима

Како почна годинава со музика, еј. Не сопре од тогаш. По експлозивниот Blackstar, ми се изнаредија еден куп добри ствари во уредиве од кои ми свири звук. Aesop Rock создаде генијално парче изолиран во тоа шумата во рурален Орегон, Moderat ја заокружија трилогијата, Owsey и Ocean Wisdom дебитираа со фантастични долгосвиречки албуми, а неколку драм ен бејз шизици како Keeno, Logistics и Technimatic со овогодинешните изданија само си ја зацврстија позицијата како газди на сцената. Но, она што го чекав нетрпеливо и за кое буквално ги броев деновите до денот на издавање е новиот албум на Edward Scissortongue во соработка со Lamplighter, насловен Tell Them It's Winter.

Имав година и нешто да уживам во уметноста што ја создаваат двајцата, да ги разберам зборовите и идеите кои ја градат поезијата на Ed Scissor и да се восхитувам на тоа колку природно се лепи на езотеричните мелодии што ги компонира неговото другарче продуцент Lamplighter. Ако ја пуштиш скромната дискографија на Ed отпочеток, лесно ќе насетиш како прогресира како артист. Но, оди во насока каде што е малку посурово и постудено. Конечната дестинација можеби и не е местото на кое што сакаш да се најдеш затекнат, меѓутоа патувањето е толку добро што на крајот ќе сакаш да си поседиш таму некое време. 


Ќе знаеш дека е сосема во ред да наоѓаш спокој и убавина во таков мрак. Ако еднаш мислев дека Ed Scissor звучи како сивата боја, после целодневно вртење на Tell Them It's Winter, можам да заклучам дека нештата во неговиот свет почнале да губат и од таа нијанса, заменувајќи ја со следната потемна. Албумот ја истражува точката каде што се допираат љубовта, страста и општо животот, како универзален концепт кој ги поврзува сите луѓе и нивните рептилски стремежи, но од перспектива каде што болката и страдањето се доминантни. Ed се обидува да одговори на прашањето како е можно нешто толку прекрасно да нанесува толкава штета. 

Материјалот е концепиран на ниво кое е далеку од класичните елементи на љубовни песни. Апстракцијата и вокабуларот кои братот ги користи не дозволуваат ни да се приближи до површина која ти е целосно позната. Го чувствуваш идеите и мотивите, но не секогаш успеваш да се поврзеш со настаните кои довеле до трулите слики кои толку добро ги претставува со зборови. Во исто време си пресечен и прифатен од емотивната празнина која ја доловува. Некогаш чувствата што ги предизвикува Tell Them It's Winter се толку страни, а нивната интензивност прави да не знаеш дали воопшто ги имаш во себе или само сочуствуваш. 

Необјаснивоста и збунувачките емоции на Ed Scissor никогаш нема да ги чуеш да ги пуштат клуб или раперски микстејп. Нема да го редефинира хип-хопот, веројатно засекогаш ќе остане маргинализиран. И, тоа е апсолутно океј. Оној елемент од жанрот каде што треба да ги изрази своите лингвистички способности, го користи толку уникатно што треба да биде горд ако е сам на врвот. Толку единствено звучи што не верувам дека има воопшто причина за конкурентност. Баш тоа го прави недопирлив.

Препорачувам да си го купиш Tell Them It's Winter ако ти се бендисува, мене ми е омилениот албум од оваа година. Дигиталната верзија чини две-три пива. Има четири спотови од албумот до сега, "TTIW", "Many Made One" "Hyperballad" и "Week". Плус едно лајв парче од песна која на албумот е 11 минути, се вика "Detours". Текстовите не се објавени, но лично Ed нуди водич низ она што може да го очекуваш. Преслушај. На само. Непријатно е ако сте повеќе луѓе.

July 14, 2016

Аction Соmics #959 и иднината на Супермен во DC Rebirth

За Action Comics #959 се возбудив уште кога ја видов насловната страна. Супермен држи повреден или мртов Кларк Кент во раце. Колку е заебано, нели? Приказната уште се отплектува бавно. Толку бавно што повторно се искористени елементи од The Death of Superman, но со оглед на тоа дека целата поента на "Path of Doom" аркот е да се донесе "покласична" верзија на Супермен во Rebirth универзумот, текот е некако природен. Супермен се бори со Думсдеј пред сè, а размерот на целиот хаос дозволува вакви финти без да изгледаат исфорсирано.


Најинтригантниот момент во целиот арк е другиот Кларк Кент кој ги нема моќите на нашиот Кларк Кент, но ги има сеќавањата. Отприлика. Јасно ми е веќе дека неговото присуство е тука само за да го врати тој таен идентитет на Супермен и да го расчисти оној заеб на Лоис од 52 универзумот каде што го открила пред цел свет. Сега кога новиот свет во исто време гледа и Супермен и Кларк Кент, лесно е да се претпостави што ќе се случи. "Натрапникот" Кларк умира веројатно уште во следниот број и нашиот си го враќа тајниот идентитет како трапав новинар во Дејли Планет.

Мистеријата од каде е дојден тој Кларк можеби и не е толку важна. Неговата улога е веќе доволно голема исто како предизвикот кој го носи. А, Џургенс засега успева феноменално да се справи со сè што му доаѓа на патот. Ме интересира само што ќе се случи со Лутор. Не ми е убедлив неговиот хероизам. Кој верува во ова? Никој. Ако Супермен се сомнева во неговите намери, што сме ние попаметни? Затоа чекам да го откачат и Лутор некако или барем некој да му го откорне металниот Супермен костим со кој толку многу сака да парадира низ Метрополис.

Останува уште Лоис да ја решат некако и да работите да се вратат во некаков "нормален" тек, барем онолку колку што возможно после сите настани. Justice League Rebirth #1 го вклучи и Супермен, па динамиката со останатите членови станува сè позанимлива. Ќе го следам и овој наслов, во главно поради Супермен, зошто Бетмен никако не успева да ме придобие. Аркот со Готам кој оди моментално е досаден. Го ставам тоа на пауза додека не си присоберат повеќе броеви. Чекам All-Star Batman, тоа барем изгледа интересно. Дадов шанса и на Wonder Woman, првиот број беше сосема океј, особено за нова публика како мене. Flash исто ветува многу, но за тоа во некоја следна прилика.

July 13, 2016

Што се случи со RTS жанрот?

Пред некој ден заврши летниот попуст на Стим. Прв попуст на кој не купував манијакално игри што улетуваа на flash sale, зошто воопшто немаше ништо такво. Од прв до последен ден цените беа исти, со некоја минимална промена кон поевтино ако издавачот решил да пушти душа. Rise of the Tomb Raider пак беше со цена што нема шанси да ја платам. Глупости. Како да си влегол во продавница и сè што ти се свиѓа да не ти е точно. На излегување ќе купиш нешто колку да не си одиш дома со празни раце и тоа е тоа. 

Си ја купив само Age of Empires II HD. Пуста носталгија. Верзијата е обновена да вози подобро на нови машини, но комплетно го задржува духот и сè она што е оргиналот. Разликата е само позадинска. А, тој диск со оргиналната верзија уште ми е некаде дома низ фиоки. Лани така ја купив Rise of Nations: Extended Edition, таму имаше и ситни подобрувања на графиката. И, секогаш кога ќе дојдам во контакт со real-time стратегија од тоа време, се прашувам што се случи со жанрот? Како StarCraft II е единствената традиционална RTS игра во последниве десет години?


Можам да зборам бесконечно за Dune 2000, Red Alert II, Tiberian Sun, Generals и општо цел Command & Conquer серијал, за тоа како сум трчал од школо до дома за да играм Warcraft III, како не сум спиел со ноќи за да правам мапи за Age of Empires II, или како со Миле сме се бркале со армиите на округлата мапа на The Battle for Middle-Earth. Што направи Grey Goo погрешно за да ме задржи само пола саат? Разбирам дека го немам истото слободно време како порано за да можам да кликам по цел ден, меѓутоа играта не успеа да ме убеди дека треба да ја пуштам втор пат.

До толку ли стратегиите еволуираа во MOBA? Дали се смени публиката и начинот на кој следната генерација играше игри или MMORPG се наметна како нов тренд кога излезе World of Warcraft? Разбирам дека партија MOBA трае пократко од целовечерно градење војска и база со кутија цигари за на изгрејсонце некој да ти ја срамни со земја, ама како опадна побарувачката за RTS игри до тој степен, не ми е јасно. Очајно ми фали нова ваква игра. Microsoft се откажаа од Age of Empires серијалот, Blizzard се фокусирани на други жанрови, а Westwood се историја.

Носталгија или не, жанрот ми е еден од омилените. Само тоа и играв со години. Многу беше популарно. Сите играа. Луѓе буквално живеаа во зачадени играчници да играат вакви стратегии. Чудно е како почна да станува спомен кратко откако ги доживеа најголемите наслови. Толку време пројде што веќе се сомневам дека некогаш real-time стратегиите ќе направат некаков достоен камбек.

July 12, 2016

Superman: Secret Origin на Џеф Џонс и Гери Френк

Некои суперхерои постојат толку долго што некогаш нивната историја ќе се затрупа во историјата на универзумот и континуитетот во кој егзистираат. Некогаш како последица на раскажана приказна, а некогаш едноставно потребата на ликот да биде во тек со "нашето време". Издавачките куќи се свесни за ова, па оттаму, биографијата на некои ликови или тек на одредени настани, ретроактивно се освежуваат. Еден таков случај е и Superman: Secret Origin на Џеф Џонс и Гери Френк од 2009, кој преку шест броеви ја раскажува "конечната" приказна за настанокот на Супермен. 

Secret Origin ги користи сите класични елементи кои ја градат сликата за Последниот син на Криптон. Не само што е квалитетен како обновен вовед, туку е едно од оние изданија што ги препорачуваш на некој што првпат сака да прочита Супермен стрип. Почнува во Смолвил, со мал Кларк Кент кој штотуку ги открил моќите кои го прават поинаков. Приморан да ги држи во тајност, си наметнува изолација во околината со другите деца каде што првпат се соочува со општествено неприфаќање. Во Смолвил првпат ги среќава Лана, Лутор како и една група деца-суперхерои  дојдени од иднината кои знаат за легендата која Кларк ќе стане подоцна. 


Тоа со "Легијата на Суперхерои" што го посетува Кларк секое читање ме одвлекува од приказната. Можеби дека не се дел од Супермен "мејнстримот", иако во Secret Origin нивното појавување има некаква солидна поента (Кларк не е сам со Кентови), но останатото тече толку фино што ова делува вишок. Веројатно единствената замерка што ја имам за Secret Origin е баш ова. И, тоа што Гери Френк и малиот Кларк Кент го црта како Кристофер Рив. Возрасен Супермен нацртан како Кристофер Рив ми е најкул детал во Супермен стриповите, меѓутоа овде како дете се граничи со Бенџамин Батон ниво на језиво. До мене е ова сепак, не сум чул друг да се пожали. 

Кога приказната се сели во Метрополис и Кларк почнува да работи во Дејли Планет, Secret Origin се враќа на познатата митологија. Џеф Џонс со само неколку страници успева да ја воспостави врската помеѓу Кларк и новите колеги, особено онаа која ја има со Лоис. Некогаш му се потребни и две реченици да создаде цврста основа за нив двајца и да природно да грди врз тоа. Повеќе уживам во Лоис и Кларк, отколку во Супермен овде. А, успешно го доловува и идентитетот на сите тие ликови, некогаш играјќи си со нотите од старите филмови со Кристофер Рив, само за познатата територија да биде уште попријатна за чекорење. 


Secret Origin ја објаснува и врската помеѓу Супермен и Лутор и од каде доаѓа таа омраза на Лутор. Лутор, кој иако на некој начин владее со Метрополис и има доверба кај народот, сепак граѓаните не се чувствуваат безбедно. Пред Супермен на крајот да се избори како симбол на градот и надежта, има еден многу симпатичен момент. Кога Кларк првпат доаѓа во Метрополис случајно се судира со една бабичка која мисли дека ќе ѝ ја украде ташната. На самиот крај од приказната, рендом дечко што првпат доаѓа во градот се судира со истата бабичка, ама овојпат таа не се плаши зошто на небото над Метрополис има нов чувар. Ништо спектакуларно, но таа ситница детал убаво долувува што навистина е Супермен. Затоа го сакам Џеф Џонс, зошто секогаш прописно ги третира ликовите кои ги пишува. 

Можеби Secret Origin не е најдобрата Супермен приказна што постои. Верувам дека не е ни "дефинитивната". Долго време е пројдено од ова мало преработување на ликот, па нема да е чудно доколку повторно добиеме нешто слично наскоро. Но, како етаблирање на генералниот Супермен фолклор, функционира речиси беспрекорно. Кратко е, само шест броеви. Го препорачувам на сите оние што планираат првпат да се запознаат со Кал-Ел на хартија. Мене ми е многу подобро од Superman: Earth One.

Види такоѓе:

July 11, 2016

Пола сезона Outcast и еве, не знам...

Ги изгледав тие пет епизоди што до сега се излезени од првата сезона на Outcast и имам проблем со формирање на јасен став. Првата епизода е феноменална. Со оглед на тоа што Киркмен го имал концептот за серијата уште пред да биде објавен стрипот, не ни очекував нешто поинакво. Почетокот го доловува амбиентот на стрипот и перфектно пулсира во истиот тон. Приказната е иста, дијалозите се поклопуваат, па дури и самата фотографија се обидува да ги долови боите на Елизабет Брајтвајзер, барем онолку колку што дозволува медиумот. 

Темпото на серијата го следи она од стриповите, не се ни надевав дека ќе гледам нешто што постајно ќе ме држи на работ од креветот. Меѓутоа на моменти сите ланци кои ја движат Outcast често знаат да завршат заплеткани и да ти притреба свештеник и крстена вода за да ти ја извади досадата што те опседнала. Дали дека ми е позната приказната по чија паралела серијата се движи толку фино, не знам, ама кога почнувам да проверувам уште колку има до крај на епизодата, јасно ми е дека нешто не е во ред. Прво е забавно да препознаваш каде се поклопува со тоа што си го читал, после ќе си подремеш малку додека заврши. 


И, не. Ова не е истиот проблем што го имам со The Walking Dead серијата. Во изворниот материјал видов премногу работи што ме направија различен човек, а серијата ги разводенува до степен да ми биде нула интересно. Барем така беше во првата сезона, понатаму не се ни потрудив да видам што се случува. Со Outcast е поинаква ситуацијата. Секако дека се движи некаде, се движи заедно со стрипот. Но, да го немав читано и да не знаев што да очекувам, тоа немаше да го дознаам од серијата. Очигледно е дека има некаква голема мистерија, ни ништо не ми помага да го јавнам бранот и да бидам заинтересиран. Премногу е бледо за ти остави некаква трага.
 
Кастингот е океј. Патрик Фјугит е одличен избор за Кајл Барнс и има супер динамика со Филип Гленистер кој го глуми свештеникот Андерсон. Добри се двајца. Дури и врската што ја имаат, серијата некогаш уште поубаво ја изразува од стриповите. Но, остатокот од главните ликови никако не може да ме убеди дека е на вистинското место. Брент Спајнер треба да биде негативецот кој ги влече конците во позадина. Брутален и безмилосен можеби, но воздржан пред околината. Кога го гледам тука, сè што гледам е остарен Дата како едвај се крпи со улога која тотално не му прилега. Дејвид Денман е исто сомнителен избор. Марк Холтер го доживувам како заебано џандарско ѓубре, а Денман засега со ништо не го постигнува тоа.

Можеби ќе се оправи понатаму. Ќе ме убеди дека не си го потрошив залудно времето. Има уште пет епизоди до крај, полека доаѓа до таму каде што е стигнат стрипот, па би било интересно да се види тој ветен пресврт во приказната и на двете места. А, доколку серијата сепак некако го најавува и тоа, очигледно е. Има една... хм, разлика... помеѓу некои детали кои се поинаку претставени во серијата кои можеби наговестуваат некоја друга насока. Ќе видиме.

July 10, 2016

Outcast на Роберт Киркмен

На денови кога сакам да одморам од суперхеројски стрипови, го разгледувам каталогот на Image Comics. Последниве години е убаво место за такви екскурзии, зошто речиси и да нема наслов што ќе го фатиш, а да не е забавен. Напорен можеби, но никако нема да ти падне таблетот на чело од досада. Outcast го собрав поради тоа што има и серија во тек, а зошто барам нешто свежо, ми личеше како занимлив избор. Па, пред да дадам шанса на првата епизода, решив да ја проверам приказната на хартија. 

Теми со демонско опседнување одамна не функционираат за мене. Некогаш одамна жанрот ми беше привлечен, меѓутоа после години сфаќаш дека некако просторот за иновативност е лимитиран. Како сè да е дериват на The Exorcist, нели? Знам дека звучи како да кажеш дека после Ромеро сè е исто во зомби жанрот, но реално, тука грубите правила се помалку. Скоро секогаш е присутен религискиот тон, а претежно варираат жртвите и мотивите. Или едноставно мојата згасната наклонетост кон жанрот е причината вака површно да гледам на работите, не знам. Сеедно. 


Но, причината што овој пат Роберт Киркмен (The Walking Dead) е потпишан на ваква егзорцистичка тема, беше доволна за да ја прочитам колекцијата која ги собира првите шест броја, A Darkness Surrounds Him. Мало гратче, луѓето се опседнати од демони, а главниот лик Кајл Барнс, кој уште од детството бил напатен од ваква натприродна неприлика, има необјаснета моќ да ги "лекува". Здружен со локалниот свештеник, навечер се бори со нешто што ниту он, ниту ти како читател, не го разбира во целост. Тензијата е присутна уште од самиот почеток, а тоа што Киркмен споро ги расплетува конците, само дополнително го отежнува навлегувањето во големата слика. 

Што е сосема во ред, нели. Сакам детален развој на ликови, а Кајл е доволно комплексен и обвиен во мистерија за да биде привлечен. Но, во A Darkness Surrounds Him не се случува многу. Минатото на Кајл е присутно, знаеш дека има нешто кое го има направено ваков каков што е, меѓутоа настаните кои се одвиваат едвај чепкаат под површината. Затоа и некако останав рамнодушен и без некоја голема желба да читам понатаму. Но, ја имав и втората колекција при рака, A Vast and Unending Ruin, па продолжив да следам за да видам како ќе се развие. 

Следна сцена, гледам на сајтот кога излегува следниот број (#19) зошто не само што се забрза темпото, туку сконтав дека ова и не е баш генеречкиот пристап кон жанрот како што изгледаше на почетокот. Дури и Киркмен вели дека во #20-тиот број ќе се случи нешто што ќе ја однесе приказната во сосема друга насока. Се разбира, останува на хорор територијата, но претпоставувам со заебан пресврт? А, како што течат броевите, може да се осети дека се спрема нешто поголемо, единствено што треба да направиш е да си малку трпелив и фокусиран.

Листањето на страниците е посебно уживање, зошто Азасета и Брајтвајзер прават чуда со цртањето и боите. Амбиентот кој го создаваат има неколку тонови, а функционира толку добро. Тимот што Киркмен го има собрано за проектот е млад и лесно можеш да препознаеш како се труди да направи име за себе. А, сега, да ја проверам серијата.

Види такоѓе:

July 6, 2016

Дали сега e појасен Batman v Superman?

Да. Мислам, види. Ако едноставно не си уживал во филмот со сите негови маани, веројатно новата Ultimate Edition верзија нема да ги направи нештата многу поразлични. Има триесетина минути додатни сцени низ цел филм кои го зајакнуваат наративот и го прават пологичен, меѓутоа тука се и деталите што само алкохол и временска машина ќе ги скрпи. Но, ако потајно си мислиш дека Batman v Superman: Dawn of Justice е добар филм и покрај сè, а за да не бидеш гледан попреку од мнозинството хејтери си преќутел, ова е веројатно верзијата што ќе ти помогне да се смириш со сопствените ставови. Мене ми се свиѓаше филмот и првиот пат. Бев два пати во кино и цврсто стојам зад тоа непопуларно мислење дека е супер.


Оваа нова верзија само што ми го направи подобар. Уште од самиот почеток имаш впечаток дека гледаш многу покохеретен филм. На пример, сцената во тоа афричката вукојебина кога гинат луѓе и одговорноста се префрла на Супермен е многу подолга и појасна. Во оргиналната верзија никогаш не е спомнато дека фотографот со Лоис што испаѓа дека е агент е Џими Олсен. Една од поситните критики за филмот беше дека не го ни претставиле Џими пред да го убијат. Епа, тука барем добива шанса да се претстави. Сцената исто така има и материјал кој се обидува да направи смисла за тоа како Супермен е намесетен за жртвите, нешто што во оргиналната верзија можеше само да го погодуваш или па да ја започнеш страсната омраза кон следните два саати.

Темпото е поправено. Филмот сега тече многу поприродно. Сè уште ги има кратките брзи сцени што некогаш го прават филмот да изгледа како долг трејлер, но се значително намалени и збогатени со некоја секунда плус што некогаш прави разлика. Има сцени кои го прикажуваат Кларк како го слуша мислењето на луѓето за него кое му го зголемува товарот што го носи како херојот кој се обидува да е, го гледаш како оди во Готам и бидува новинар, нели тоа и треба да е. Дури и Лоис конечно прави некои новинарски ствари. Конечно гледаш што точно се случува и со криминалците што Бетмен ги жигосува. Не дека е којзнае колку битно, но супер се вклопува во духот на овој Бетмен што филмот сака да го прикаже. 

Самото тоа што гледаш работи кои ликовите ги прават, на самиот крај ги осеќаш поблиски. Не верувам дека е само од прегледувањето. Првпат ги осетив Лоис и Кларк како такви во моментот пред смртта на Супермен. Првпат да речам "еј, види Лоис и Кларк", а Кларк да не е Кристофер Рив или Дин Кејн. Чувствата што смртта на Супермен ги предизвикува на крајот се зајакнати баш од овој ситен детал. Новите сцени се прекратки и има еден куп други работи што одмогнуваат за добивање на асални Лоис и Кларк, но супер е што и ова малку придонесе кон нешто што комплетно отсуствува во Man of Steel, на пример. 

Последната сцена со Лутор е малку различна од оргинлната. Лутор тука го знае идентитетот на Бетмен и треба да биде префрлен во Аркам. Занимлив сетап. Можеби и нема да го искористат за следните филмови, но ете, Зек Снајдер сакал и таа карта да ја има во рака. Уште ми е нејасно зошто студиото не му дозволило да оди во кино со оваа верзија, туку го терале да касапи за да не трае три саати. Верувам дека Batman v Superman ќе добиеше многу повеќе љубов доколку ова беше тоа што пошироката публика ќе го доживееше првиот пат.

July 4, 2016

Уште гледам Флеш

Шансата што ја дадов на The Flash испадна едно од најфините мали задоволства што можев да си ги пружам на себе последниве месеци. Дури и кога цената е голтање на сопствените зборови. Ќе си ги земеш, ќе си ги напикаш во грло и ќе се потапшаш по рамо. Не е страшно. Мојата новородена љубов кон The Flash после "Out of Time" епизодата од првата сезона, направи оваа да не трепнам. Од "како може да го гледате ова срање" дојдов до "ова е најдобрата суперхеројска серија што не е на Netflix". Се сè случи толку брзо.

Втората сезона не сопре ни момент. Не застана здив да земе. Да успори малце со рацете на колена, да подише. Не сум некој читател на Флеш стриповите, сум прошол само неколку "важни" наслови, но сум доволно запознаен со фолклорот. Знам кој е Риврс-Флеш, Зум ми е познат како негативец, знам за Џеј Герик, Флеш од паралелна Земја, кул сум со Воли Вест. Во моментот кога шлемот на Џеј Герик заврши во универузмот кај што се случува The Flash, се осетив како некој да ми го гушна познавањето на стрипови. Фан сервис или не, супер вовед во целата сезона.


Втората сезона си поигра со сите тие ликови и создаде огромен арк полн со пресврти кои се протегаа дури и низ мултиверзумот на DC. Можеби серијата е слаба со сценариото, меѓутоа тие што ги пишуваат приказните имаат толку добри идеи што доколку бев поголем Флеш фан, веројатно ова ќе ми беше омилената серија. Секој ден ќе пишував долги љубовни писма до CW. Некој таму сепак има муда да биде креативен и покрај тоа што серијата нема намера да "заплива во длабокото".

Цела сезона без филер епизоди. Дури и кога имаше некои послаби со негативец кој никако не ја придвижуваше приказната од аркот, се случуваа ствари што не ми дозволуваа да преминам на следната епизода ако сум ја заспал таа што ја гледам моментално. Форматот на "цртан филм" сè уште е присутен, но ликовите созреваат побрзо од првата сезона. Барем онолку колку што сценаристите успеваат да ги мрднат работите, без да биде ненамерно смешно. 


Некогаш ништо не прави смисла, како тоа што триесет пати во епизода ќе кажат дека "мораат да го сопрат Зум, заедно", а тоа упорно не се случува. Дали е мрзливо пишување или идејата е серијата да биде модерната Lois & Clark: The New Adventures of Superman, не успевам да сконтам. Но, некогаш Бери ќе биде доведен на работ на разумот како во финалето или епизодата на Кевин Смит и ќе предизвика настани кои ќе ја разгалуваат публиката со приказната од Flashpoint на Џеф Џонс следната сезона. 

Со ова темпо, The Flash ќе има убава иднина. Не очекувам третата сезона да го следи Flashpoint во целост, еј дури не очекувам ни да е слична приказната со стрипот и ликови кои не се "редовен" дел од Флеш на хартија, ама сигурен сум дека ќе биде позабавно од било што до сега. Имаат доволно Флешови за поместување на границите, Бери, Воли и Џеј, па со оглед на тоа како се справуваа со наративот последниве епизоди, од октомври ќе е јако и без да го видиме Томас Вејн.