April 23, 2016

Вонредно срање

Нема Крапверк. Последниве десетина денови, Бобо завршува со работа, го затвора лаптопот и оди да го искаже својот револт кон криминалната фашизоидна "античка" империја. Ми прекурчи. Ми прекурчи уште лани. Но, не бев доволно испровоциран да ја извалкам тастатурата со вакви теми, особено не на место кое го користам како прибежиште од реалноста. Не можeме да си муабетиме за трејлерот на Rogue One, додека некој таму нè магарчи и пробува да го ебе лешот на нешто кое што со години го убивал систематски.
 
Бев од оние што "не се замараат со политика". Никогаш немам излезено на гласање до сега, деновите кога одеа за овие или оние, јас си читав стрипови во комфортната зона под капуљачата. Зошто би се замарал, нели? Си заработуваш, си гледаш серии и филмови, го оправаш Азерот, госпоѓицата ќе ти принесе кафе и ќе ти ја измасира простатата, сè е кул, нели? 


Има кој да се замара, така? Тој што гласал има одговорност, така Џорџ Карлин? Еден ден се будиш во сопствениот унаказен град и држава каде што воздухот е густ како да сме Готам. Чувствуваш како некаква фиктивна дистопија се преточува во нешто што го осеќаш и на своја кожа. Дел си од системот, без разлика колку тврдоглаво си посакувал да не бидеш. Братот веќе не ти е тука, испишува нови страници во некоја европска престолнина и ти е само слика и звук од електронски уред.  Додека не си здувал и ти некаде позападно, ќе го покажеш средниот прст. Шарена револуција пред да се случи комплетен тоталитарен мрак. Веќе е доволно грозно.

Изборот е тој. Ќе седиш дома и ќе се преправаш дека ништо не се случува, или ќе излезеш на улица. Освен ако не си индоктриниран принуден добиток што мисли (или му праќаат СМС да мисли) дека ХИДРА, СОРОС, наци рептилите од Темната Страна на Месечината или ХААРП сигнали вадат критична маса на улица. Не сум таму со никаква партија и демонски сили, таму сум да го исвиркам бесрамното апашење на моите и твоите пари и обидите за прогледување на тој арамилук. За следниот што ќе дојде да размисли убаво пред да стави рака во нашиот џеб. 

Радо би пишувал за повесели ствари, но прво морав да го расчистам ова. Дури и по цена на тоа овој ескепистички простор да биде "контаминиран". И, жалам ако сме на различна страна од линијата, ама ова е и за тие линии да почнат да бледеат. Ако не разбираш зошто, не се ни труди да прашаш. Нема правда, нема мир!

No comments: